У.бр.132/2003

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 26 ноември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 149 точката 2 со насловот “работно искуство”, точката 4 став 2 со насловот ” вид и значење на работното место”, точката 5 со насловот “работен стаж” и членот 150 став 2 од Колективниот договор за уредување односно доуредување на правата, обврските и одговорностите од работен однос во Јавното претпријатие “Службен весник на Република Македонија” ц.о. Скопје бр.0101-1852 од 10 јуни 2003 година.

2. Марија Лељохин од Скопје, лично и во името на група потписници на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Колективниот договор на ниво на работодавец означени во точка 1 од ова решение.

Во иницијативата и дополнувањето на иницијативата се наведува дека според содржината на оспорената точка 2 со наслов “работно искуство” од членот 149 на Договорот на ниво на работодавец, работното искуство требало да се сфати како општа категорија, а не како специфицирано работно искуство во конретното претпријатие.
По однос на оспорената точка 4 став 2 со наслов “вид и значење на работното место” од истата одредба, во иницијативата и дополнувањето на иницијативата се наведува дека бил предвиден критериум кој не постоел како таков во Гранковиот колективен договор, а овој нов критериум бил во зависност од работното место на кое работникот работел претходните 5 години.

Заедничко за сите оспорени точки, вкучувајќи ја и точката 5 на наведената одредба со наслов “работен стаж”, било тоа што трите критериуми ги ставале во поповолна состојба работниците кои работеле подолг временски период во истото претпријатие, наспроти работниците кои работеле пократко или пак претходно оставариле работен стаж и кај друг работодавец. На тој начин, работниците со подолг работен стаж кај ист работодавец, при бодирањето за нивното прогласување за технолошки вишок, добивале двапати поголем број на бодови по однос на останатите работници, што претставувало повреда на членот 9 став 2 и членот 32 став 2 од Уставот.

Повреди на истите уставни одредби биле направени и со оспорениот член 150 од Колективниот договор на ниво на работодавец, а на начин што не било направено бодирање на работниците, кои работеле на работни места со предвиден само еден извршител и кое работно место било укинато. Бидејќи, за сите вработени важеле истите законски одредби и услови смета дека се повредени уставните принципи за еднаквост на граѓаните и достапност на секое работно место на секого под еднакви услови.

Во дополнувањето на иницијативата посебно се нагласува дека оспорените одредби не се во директна спротивност со одредбите од Законот за работните односи, туку истите биле во директна спротивност со наведените уставни одредби.

Врз основа на изнесените наводи, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и нивно поништување. Воедно се предлага Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на Одлуката бр.0202-2085 од 27 јуни 2003 година за прогласување н а работници за технолошки вишок, донесена од Управниот одбор на Претпријатието, како и на сите поединечни решенија за престанок на работниот однос, донесени врз основа на Одлуката. Посебниот предлог се заснова на можноста од настанување на егзистенциални проблеми за работниците и нивните семејства.

3. Судот на седницата утврди дека според содржината на членот 149 став 1 од Колективниот договор за уредување односно доуредување на правата, обврските и одговорностите од работен однос во Јавното претпријатие “Службен весник на Република Македонија” ц.о. Скопје, бројот и структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени се утврдува врз основа на осум критериуми разработени во посебни точки. Во иницијативата се оспоруваат точката 2, точката 4 став 2 и точката 5 од оваа одредба.

Во оспорената точката 2 со наслов “работно искуство” е предвидено овој критериум да се вреднува според бројот на годините поминати на работа во јавното претпријатие и тоа за секоја година работен стаж по 1 бод.
Точката 4 е со наслов “вид и значење на работното место”. Во оспорениот став 2 од оваа точка е предвидено дека во зависност од работното место на кое работникот работел во Јавното претпријатие претходните 5 години, на работникот му следуваат 5 бода за работа на исто или слично работно место, односно 2 бода за работа на друго работно место.

Според содржината на точката 5 со наслов “работен стаж” овој критериум се вреднува според бројот на годините утврдени како вкупен стаж и тоа за секоја година по 1 бод.

Во членот 150 став 1 од Колективниот договорот е определено дека работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени му престанува на оној работник кој има најмалку бодови во секторот.

4. Согласно член 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 став 2 и 5 од Уставот секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, а остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во член 129 став 1 Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 53/1997, 59/1997, 21/1998, 25/2000, 34/2000, 3/2001, 50/2001, 25/2003 и 40/2003) е определено дека структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени се утврдува врз основа на критериумите утврдени со колективниот договор на ниво на работодавец, односно со колективен договор на ниво на гранка, доколку работодавецот има потпишано таков договор.

Според член 77 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност (“Службен весник на Р.М. бр.39/1994, 47/2000 и 73/2001) бројот и структурата на работниците на кои им престанува работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени се утврдува врз основа на критериумите: стручна подготовка и квалификација, работно искуство, успешност на работењето, вид и значење на работното место, работен стаж, возраст, здравствена состојба и економско-социјалната состојба. Иста содржина има и членот 110 од Колективнит договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија (“Службен весник на Р.М. бр.53/1995 и 11/1998).

Во член 79 од Општиот колективен договор е определено дека со колективен договор на ниво на гранка, односно на ниво на работодавец, се утврдуваат и други критериуми и нивно вреднување со бодови, преку кои се утврдува приоритет за задржување на работното место на работниците од член 77.

Според член 112 од Гранковиот колективен договор со колективен договор на ниво на работодавец, се утврдуваат и други критериуми и нивно вреднување со бодови, преку кои се утврдува приоритетот за задржување на работното место на работниците од член 110.

5. Во конкретниот случај, од наводите во иницијативата и нејзиното прецизирање произлегува дека не се доведува во прашање законитоста на оспорените одредби, туку нивната уставност. Ова од причина што во дополнувањето и појаснувањето на иницијативата децидно се наведува дека оспорените одредби немаат директна спротивност со одредбите од Законот за работните односи.

Заеднички навод за сите оспорени одредби од Колективниот договор е дека трите критериуми предвидени во точка 2, точка 4 став 2 и точка 5 од членот 149 ги ставале во поповолна положба работниците кои работеле подолг временски период во истото претпријатие, наспроти работниците кои работеле пократко или пак претходно оставариле работен стаж и кај друг работодавец. На тој начин се повредувале членот 9 став 2 и членот 32 став 2 од Уставот.

Според оценка на Судот, оспорените одредби од Колективниот договорот не би можеле да се доведат под сомнение по однос на нивната согласност со уставните одредби.

Прашањата за престанок на работниот однос поради економски, технолошки, структурални и слични промени се уредуваат со Законот за работните односи и со колективните договори, а во тие рамки, покрај наведените критериуми утврдени со Закон, може да се утврдат и вреднуваат и други критериуми во зависност од природата и карактерот на работата кај конкретниот работодавец, преку кои критериуми ќе се определи приоритетот за задржување на работниците на работното место.

Работодавецот може да определи и други критериуми што не се предвидени, а според овластувањето од членот 79 од Општиот колективен договор за нестопанската дејност и членот 112 од Колективниот договор на ниво на гранка.

Предвидувањето на определени односи со колективен договор, како и обемот на правата на учесниците во колективното договарање зависат од волјата на учесниците, при што колективниот договор не може да пропише помали права, ниту пак, да ги менува односите утврдени со закон, но може да разработува односи точно определени со закон, како и да уредува права што воопшто не се предмет на законско регулирање. Работниот однос по својата правна природа претставува договорен однос помеѓу работникот и работодавецот. Оттука, не би можело да се прифати дека предвидувањето нов критериум во точката 4 став 2 од Договорот не е во согласност со уставните одредби.

Имено, според членот 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, а материјата на трудовото право општо се регулира со Законот за работните односи, кој пак остава можност правата, обврските и одговорностите на работниците и на работодавците да се доуредат со колективните договори на трите нивоа.
Во Уставот е содржано овластување за регулирање на условите за престанок на работниот однос на работникот со закон и со колективните договори (член 32 став 5) и имајќи предвид дека тие услови во Колективниот договор се уредени во согласност со природата и карактерот на работата кај работодавевот, пред Судот не се постави парашањето за согласноста на оспорените одредби со членот 32 став 2 и 5 од Уставот.

6. Според Судот, оспорениот член 150 став 1 од Колективниот договорот не би можел да се доведе под сомнение по однос на неговата согласност со членот 9 став 2 од Уставот, а врз основа на наводот за нееднаква положба на вработените, бидејќи токму оваа одредба претставува опрерационализација на овластувањето на работодавецот да го утврди објективниот критериум за престанок на работниот однос на работникот. Престанок на работниот однос по овој основ, врз основа на оспорената одредба, ќе му биде изречен на оној работник кој добил најмалку бодови во спроведената постапка за прогласување за технолошки вишок.

7. Од наводите на иницијативата и нејзиното дополнување, произлегува дека несогласноста на членот 149 точка 2 од Договорот со уставните одредби се состоела и во тоа што работодавецот под критериумот работно искуство подразбирал специфицирано работно искуство во конкретното претпријатие, а овој критериум можело единствено да се цени како општа категорија. Како причина за оспорување на членот 150 од Договорот се наведува и тоа дека не е во согласност со уставните одредби бидејќи работодавецот не направил бодирање за работа на работно место со предвиден само еден извршител.

Според Судот, вака изнесените наводи претставуваат барање за толкување на правилната примена на предвидените критериуми за престанок на работниот однос во конкретното претпријатие, што не е надлежност на Уставниот суд согласно член 110 од Уставот.

8. Врз основа на изнесеното, судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите:   д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.132/2003
26 ноември 2003 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова