У.бр.126/1998

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 декември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на ставот 4 на член 121 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/98).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбата од Колективниот договор означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорената одредба од Колективниот договор не била во согласност со член 101 и член 138 став 1 и 2 од Законот за работните односи затоа што работникот, имајќи ги предвид означените законски одредби, немал правен интерес да бара поништување на конечната одлука на работодавецот за постоење на штетата која работникот по своја вина ќе ја направи на работодавецот во работата, односно во врска со работата, како и да бара заштита на своите права пред надлежен суд. Ова и од причини што постпката за надомест на штетата се водела по службена должност од работодавецот а не по барање на работникот и конечното решение за надомест на штета не се извршувало се додека работодавецот не добиел правосилна судска одлука во смисла на член 101 од Законот за работните односи. Според тоа, во случајов не биле во прашање заштита на свои права на работникот предвидени со член 138 ставовите 1 и 2 од Законот за работните односи, туку само за утврдување на постоењето на штетата и околности под кои таа настанала, нејзината висина и кој ја причинил штетата.

Исто така, подносителот смета дека не било опортуно истовремено да се водат две постапки пред надлежниот суд за ист предмет, односно за надомест на штета – едната по барање на работникот за заштита на своите права, како што било предвидено со оспорената одредба и втората по службена должност од работодавецот согласно член 101 од Законот за работните односи и членот 122 од Колективниот договор.

3. Судот на седницата утврди дека според член 121 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи против одлуката за надомест на штетата работникот има право на приговор до министерот во рок од 8 дена од денот на приемот на одлуката.

Министерот со решение одлучува по поднесениот приговор.

Решението на Министерот е конечно, а според оспорениот став 4, работникот кој не е задоволен од конечното решение, има право во рок од 15 дена од денот на приемот на решението да бара заштита на своите права пред надлежниот суд.

4. Во ставот 5 на член 32 од Уставот на Република Македонија е предвидено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колекитвни договори.

Според член 98 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94, 14/95, 53/97 и 21/98), работникот кој по своја вина ќе направи штета на работодавецот во работата, односно во врска со работата, должен е да ја надомести штетата.

Ако штетата ја предизвикаат повеќе работници, секој работник е одговорен за делот од штетата што ја предизвикал, а според ставот 3 на овој член, ако за секој работник не може да се утврди делот од штетата што ја предизвикал, се смета дека сите работници се подеднакво одговорни и штетата ја надоместуваат во еднакви делови. И според ставот 4 од овој член, ако повеќе работници предизвикале штета со кривично дело со умисла, за штетата одговараат солидарно.

Во членот 99 од Законот е предвидено дека работоводниот орган или органот што тој ќе го определи покренува постапка за утврдување и наплата на штетата. Според ставот 2 на овој член, постоењето на штетата и околностите под кои таа настанала, нејзината висина и кој ја причинил штетата, ги утврдува стручна комисија на работодавецот, која ја именува работодавецот или органот што тој ќе го определи, ако штетата не може да се утврди според ценовникот на работодавецот. Одлука за надомест на штетата, според член 100 од Законот, донесува работодавецот односно органот што тој ќе го определи, а според ставот 2 на овој член, против одлуката за надомест на штета работникот има право на приговор до органот утврден со колективен договор во рок од 8 дена од денот на доставувањето на одлуката.

Според член 101 од Законот ако работникот во рок од три месеци од конечноста на одлуката не ја надомести штетата утврдена со одлуката на работодавецот, работодавецот поведува постапка пред надлежниот суд, а според член 102, работодавецот може поради оправдани причини да го ослободи работникот од плаќање надомест на штетата во целина или делумно, под условите, случаите и критериумите утврдени со колективниот договор на работодавецот.

Согласно член 103 од Законот работодавецот одговара за штетата која работникот ќе ја предизвика на поединци или правни лица во работата или во врска со работата. Според ставот 2 на овој член, работодавецот има право да бара од работникот надомест на извршената исплата, ако работникот штетата ја направил намерно или со крајно невнимание.

И на крајот, според член 104 од Законот, ако работникот претрпи штета на работа или во врска со работата работодавецот е должен да му ја надомести штетата според општите начела за одговорност за штетата, а во ставот 2 на овој член е предвидено дека ако во рок од 15 дена од конечноста на одлуката работодавецот и работникот не се спогодат за надоместок на штетата, работникот има право да бара надомест на штета пред надлежниот суд.

Од наведените законски одредби произлегува дека законодавецот ги утврдил основите за одговорност за направената штета (работникот да направил штета во работата или во врска со работата, работникот штетата да ја направил по своја вина, штетата да е предизвикана на работодавецот и да постои причинска врска помеѓу дејството на работникот и настанатата штета). При тоа очигледно е дека основите за одговорност за причинетата штета соодветствуваат со основите за одговорност утврдени со Законот за облигационите односи што значи дека и за штетата направена во работата или во врска со работата се применуваат правилата за надомест на штета од граѓанското право. Понатаму, Законот обезбедува правна заштита преку право на приговор на работникот против одлуката за надомест на штетата во рок од 8 дена од приемот на одлуката до органот утврден со колективен договор. Со приговорот работникот може да ги оспорува или докажува постоењето или непостоењето на штетата односно дали штетата ја сторил само тој или со други работници, дека штетата не ја сторил, износот на штетата како и околностите под кои е сторена.

Исто така, Законот дава можност работодавецот да поведе постапка пред надлежен суд доколку работникот во рок од три месеци од конечноста на одлуката не ја надомести штетата (член 101). Потоа, Законот го уредил прашањето за одговорноста на работодавецот за штетата која работникот ќе ја предизвика на поединци или правни лица (трети лица) во работата или во врска со работата, како и обврска за работодавецот ако работникот претрпи штета да му ја надомести штетата по општите начела за одговорност и во случај ако работникот и работодавецот не се спогодат за надоместокот на штета во рок од 15 дена од конечноста на одлуката, работникот има право да бара надомест на штета пред надлежен суд.

Од аспект на наводите во иницијативата Судот при одлучувањето го имаше предвид и законското решение содржано во членот 100 од Законот за работните односи, според кое одлука за надомест на штета донесува работодавецот, односно органот што тој ќе го определи и дека против одлуката работникот има право на приговор до органот утврден со колективен договор. Во оваа смисла со Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи е уредено и прашањето за органите надлежни за поведување постапка и за утврдување на материјалната одговорност (комисија) и за правните средства преку кои се обезбедува правна заштита. Така во член 121 од Колективниот договор, меѓу другото, со оспорената одредба е предвидено дека работникот кој не е задоволен од конечното решение (тоа е решението на министерот донесено по приговорот) има право во рок од 15 дена од денот на приемот на решението да бара заштита на своите права пред надлежниот суд. Ако оваа одредба се гледа од аспект на нејзината законитост, односно нејзината согласност со член 101 од Законот за работните односи тогаш според мислењето на Судот не може да се постави прашањето затоа што во случајов работодавецот поведува постапка пред надлежниот суд односно преку поведувањето постапка пред надлежниот суд тој остварува правен интерес, а не работникот. Со други зборови оспорената одредба на член 121 од Колективниот договор утврдува право на работникот кој не е задоволен од конечното решение (донесено од Министерот) да бара заштита на своите права пред надлежен суд и тоа во сите случаи кога не е задоволен од конечното решение, а не само во случај кога работникот претрпи штета и кога работодавецот и работникот не се спогодат за надоместокот на штетата што значи дека со Колективниот договор во поглед на материјалната одговорност на работникот му се обезбедува поголема судска заштита отколку што е предвидена со означените законски одредби.

Исто така, Судот смета дека оспорената одредба има своја основа и во член 138 од Законот за работните односи. Имено, и покрај тоа што одредбите за материјалната одговорност и за правната заштита за надомесокот на направената штета се поместени во посебна глава од Законот за работните односи, несомнено дека овој вид штета произлегува од работата и во врска со работата. Поаѓајќи од тоа дека во остварувањето на поединечните права од работниот однос работникот има право да бара заштита и пред надлежен суд, според мислењето на Судот и оспорената одредба од Колективниот договор е во функција на остварувањето на ова право, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста и со член 138 од Законот за работните односи.

5. Во поглед на наводите во иницијативата дали со примената на оспорената одредба се воделе паралелно две постапки – една по барање на работникот, друга по барање на работодавецот во смисла на член 101 од Законот, Судот смета дека ова прашање е надвор од надлежноста на Уставниот суд.

Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 126/98)