У.бр.93/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.93/2024
Скопје,23.04.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 23 април 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 57 став 2 во делот „член 10 став 3 на“ од Законот за одбрана („Службен весник на Република Македонија“ бр.42/2001, 5/2003 и 58/2006, 110/2009, 51/2011, 185/2011, 215/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020).

Образложение

I

До Уставниот суд на Република Северна Македонија Игорчо Точев од Скопје поднесе иницијатива за оценување на уставноста на делот од членот на Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, во член 57 став 2 од Законот за одбрана е предвидено дека против решението од став 1 на овој член, регрут има право на жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението, до второстепената комисија од член 10 став 3 на овој закон.

Согласно член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за одбрана („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006) членовите 8, 9 и 10 се бришат, а во член 59 од истиот закон е предвидено Законот да влезе во сила осмиот ден од денот на објавување во наведеното службено гласило. Поточно Законот влегол во сила на 19.05.2006 година.

Сметано од наведениот датум оспорениот дел „член 10 став 3 на“ од член 57 став 2 од Законот упатува на примена на одредба која не е дел од правниот поредок што не е во согласност со начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Ова од причина што ова начело подразбира во правниот поредок да постојат јасни и прецизни норми, а кога истите упатуваат на примена на друга норма меѓу нив треба да постои хармонија, односно меѓусебно да се надополнуваат и да формираат една логична, правно функционална целина. Но тоа не било случај со оспорениот дел од одредбата бидејќи упатува на примена на одредба која веќе не е дел од правниот поредок.

II

На седницата Судот утврди дека во член 57 став 2 од Законот за одбрана („Службен весник на Република Македонија“ бр.42/2001, 5/2003 и 58/2006) беше предвидено дека против решението од став 1 на овој член, регрут има право на жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението, до второстепената комисија од член 10 став 3 на овој закон.

Одредбата се оспорува во делот „ член 10 став 3 на“.

III

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, точно е тврдењето во иницијативата дека, меѓу другите, со член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за одбрана („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006) член 10 е избришан од Законот како и тоа дека во член 59 од истиот закон е предвидено истиот да влезе во сила осмиот ден од денот на објавување во наведеното службено гласило или на 19.05.2006 година. Оттаму, неспорно, членот 10 сметано од овој датум не е повеќе дел од содржината на Законот за одбрана.

Но, подносителот на иницијативата го нема во вид фактот дека со член 18 од истиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006) е определено бришење и на членовите 51 – 61 од главата В „а) Регрутна обврска“. Поточно на истиот датум или 19.05.2006 година, меѓу другите и членот 57, чиј дел се оспорува, престанал да биде дел од содржината на Законот за одбрана како целина.
Според тоа во предметната иницијатива се бара оцена на уставност не само на дел, туку и на одредба во која е содржан оспорениот дел (член 57) кои не постојат во правниот поредок, што согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот претставува процесна пречка за постапување на Судот.

Воедно, Судот го имаше во вид и фактот дека член 57 од Законот во измените и дополнувањата кои следат („Службен весник на Република Македонија“ бр. 110/2008, 51/2011, 151/2011 и 215/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020) не бил предмет на ново уредување.

Од направената уставно-судска анализа Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети условите за отфлање на иницијативата согласно со член 28 алинеја 3 од Деловникот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска