У.бр.87/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 20 декември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 91 став 2 од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2006, 126/2006, 84/2007, 47/2011, 79/2013, 164/2013, 29/2014, 98/2015 и 192/2015).

2. Бобан Богдановски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека оспорената одредба е во спротивност со член 50 од Уставот бидејќи со условувањето, односно со давањето на гаранција од страна на доверителот во висина од 1/5 од вредноста на побарувањето (спорот) се губи смислата на концептот на судска заштита и на владеење на правото. Со оспорената одредба се создава обврска граѓанинот да даде гаранција од 1/5 од оспореното побарување од вредноста на спорот, за да може да го оствари правото на судска заштита во ситуација кога доверителот поднел тужба во стечајната постапка и ќе биде одговорен за штетата ако тужбеното барање е одбиено како неосновано и со тоа се остава простор за неконтролирано постапување на стечајните управници при составувањето на шемата на пријавени, утврдени и оспорени побарувања.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека со оспорената одредба се доведуваат во нерамноправна положба граѓаните и им е повредено правото на еднаков пристап пред судот и притоа граѓаните се доведени во ситуација да се откажат од заштитата на нивните права во стечајната постапка. Оттука, оваа законска одредба е во спротивност и со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 50 и член 51 од Уставот.

Во иницијативата е наведено дека стечајниот управник согласно член 33 став 3 од Законот за стечај има статус на службено лице и врши јавни овластувања утврдени со закон и во конкретниот случај, со оспорените одредби, има дискреционо право да признае побарувања коишто престанале да постојат. Исто така, одлуките на стечајниот управник кои ги носи при составување на табелите на пријавени, утврдени и оспорени побарувања, не се предмет на преоцена од страна на стечајниот судија. Со оспорената одредба се создаваат услови граѓаните да се откажат од заштитата на нивните права во стечајната постапка, сẻ со цел да се остави поголем простор за незаконско дејствување на стечајните управници и да има помалку контрола врз нивното работење. Ако граѓанинот треба да даде гаранција во висина од 1/5 од вредноста на побарувањето за да оспори побарување коешто не постои и одговара за штетата ако не успее во спорот, со тоа што ја губи дадената гаранција, тогаш кој е балансот од спротивната страна, ако со правосилната судска одлука се утврди дека стечајниот управник признал побарување на друг доверител, коешто престанало да постои и во овој случај стечајниот управник нема никаква одговорност, а трошоците на постапката паѓаат на товар на стечајната маса.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека оспорените одредби од Законот за стечај се во колизија со законите (не се наведува кои) бидејќи е неправично трошоците на постапката да паднат на товар на стечајната маса, доколку доверителот кој ја поднел тужбата успее во спорот. Во постапката за оспорување на побарувањето на друг доверител како тужен се јавува доверителот чие побарување се оспорува. Согласно член 7 од Законот за стечај, на стечајната постапка соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка и се цитира член 148 од овој закон. Имено, според наводите во иницијативата неправично е со пресуда да се утврди дека побарувањето на доверителот (тужениот) престанало да постои, трошоците на постапката да паднат на товар на стечајната маса, а не на тужениот и на тој начин се оштетуваат другите стечајни доверители кои треба да ги намират своите побарувања од стечајната маса.

Исто така, во иницијативата се наведува дека аргумент со кој се потврдува апсурдноста на ваквата одредба е поведувањето постапка за оспорување на разлачно право коешто по правило е обезбедено со недвижност и се поставува прашањето, каква штета ќе му биде причинета на доверителот со признато разлачно право, кога неговото побарување веќе е обезбедено со недвижност. Односно, евентуалниот успех во постапката за оспорување на разлачното право ќе резултира со ослободување на недвижноста.

Според наводите во иницијативата поднесувањето на тужба по правило не мора да значи дека на спротивната страна ќе и биде причинета штета. Ако е така, тогаш обврската за обезбедување треба да постои за сите видови на спорови, бидејќи во секоја постапка се причинува нематеријална штета. Поради овие причини подносителот на иницијативата бара да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба и да се донесе одлука со која ќе се укине оспорената одредба од Законот.

3. Судот на седница утврди дека согласно член 91 од Законот за стечај „Доверител кој оспорил побарување на друг доверител чие побарување е признато од стечајниот управник се упатува на парница. Доверителот кој е упатен на парница е одговорен за штетата што може да биде предизвикана со водењето на парницата ако тужбеното барање биде одбиено како неосновано. Доверителот кој го оспорува побарувањето е должен заедно со тужбата да достави и доказ за обезбедување на надоместок на штета најмалку во износ од една петтина од висината на оспореното побарување. Ако не достави доказ за обезбедувањето, заедно со тужбата, се смета дека доверителот се откажал од оспорување на побарувањето. Ако тужбеното барање на доверителот биде усвоено во парницата трошоците на постапката паѓаат на товар на стечајната маса”.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска претставуваат темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 50 од Уставот секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд во постапка заснована врз начелото на приоритет и итност.

Со член 1 од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 34/2006, 126/2006, 84/2007, 47/2011, 79/2013, 164/2013, 29/2014, 98/2015 и 192/2015) се уредуваат целите и условите за отворање на стечајната постапка, органите на стечајната постапка, управувањето и располагањето со имотот што влегува во стечајната маса, намирувањето на побарувањата на доверителите во стечајната постапка, правните последици од отворањето на стечајната постапка, планот за реорганизација, личното управување, ослободувањето од другите обврски, посебните видови стечајни постапки за поединци со статус на трговец, стечајни постапки со странски елемент и други прашања во врска со стечајот.

Со предметната иницијатива се оспорува член 91 став 2 од Законот за стечај во делот „ Доверителот кој е упатен на парница е одговорен за штетата што може да биде предизвикана со водењето на парницата ако тужбеното барање биде одбиено како неосновано“.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби Судот утврди дека не се основани наводите во иницијативата поради следното:

Неспорно е дека во Законот за стечај е пропишано дека доверителот кој го оспорува побарувањето е должен заедно со тужбата да достави и доказ за обезбедување на надоместок на штета, најмалку во износ од една петтина од висината на оспореното побарување. Ваквата одредба се однесува на оние ситуации каде што стечајниот управник го признал побарувањето на доверителoт, но друг доверител го оспорил ваквото побарување и против истиот е поведена парнична постапка. Имајќи предвид дека законската претпоставка е дека стечајниот управник во испитувањето на побарувањата во стечајната постапка ќе биде совесен и одговорен, со оглед дека Законот за стечај пропиша постапување со внимание на уреден и совесен трговец, според член 2 став 1 точка 3 од Законот за стечај. Исто така, законодавецот пропишал механизам за заштита на доверителот од неосновано оспорување на побарување од друг доверител бидејќи токму постоењето на ваков механизам за авансирање на трошоците, овозможува почитување на начелото на итност на постапката и претставува заштита од непотребно одолговлекување на стечајната постапка, на која поведените парници за оспорување на побарување имаат влијание.

Оттука, Судот оцени дека во случај на непостоење на ваков механизам, постои ризик, доверителот чие побарување било неосновано оспорено, да се доведе во ситуација и над него да биде отворена стечајна постапка, поради тоа што неоснованото парничење би го довело во состојба на неликвидност. Од таа причина, Судот смета дека законодавецот пропишал обврска за доверителот кој оспорува побарување на доверител чие побарување е признаено, со тужбата да достави гаранција во висина од 1/5 од вредноста на побарувањето и од таа причина Судот смета дека неосновани се наводите во однос на тоа дека ваквата обврска го доведува во неповолна положба доверителот кој оспорува признаено побарување на друг доверител, бидејќи истата има за цел да ги заштити доверителите од неосновано водење на постапки кои би резултирале со штета, тоа би довело и до неосновано одолговлекување на стечајната постапка.

Воедно, Судот оцени дека законодавецот за заштитата на правата на доврителот во стечајната постапка има уредено правила и принципи, меѓу кои најважно е начелото на итност, кое и дава одредени специфичности на самата постапка и во тој контекст треба да се има предвид и анализата на останатите законски одредби во целината на Законот за стечај. Исто така, оваа специфичност на стечајната постапка претпоставува и соодветно законско решение во функција на исполнување на начелата на оваа постапка, како што е колективното намирување на доверителите, заштитата на правата и интересите на доверителите и итноста на постапката. Според Судот, тоа што е значајно во конкретниот случај е фактот што спецификата на оспорената законска одредба се однесува на тоа дека доверителот одговара за штетата, доколку биде одбиено тужбеното барање, и тоа не претставува повреда на член 50 од Уставот на Република Северна Македонија. Ова од причина што заштитата на правото пред судовите, согласно оваа уставна одредба, во конкретниот случај, тужителот може да го оствари тоа право, но притоа истото е условено на начин, како што е уредено со конкретната оспорена законска одредба од Законот за стечај.

Понатаму, Зaконот за стечај не е единствен закон којшто пропишал полагање на гаранција за водење на постапки. Согласно член 153 од Законот за меѓународно приватно право е пропишано обезбедување на трошоците на постапката во ситуација, ако станува збор за постапка поведена од лице без државјанство, физичко лице кое не е државјанин на Република Северна Македонија, или странско правно лице.

Имено, според Судот, обврска за авансирање на трошоци на постапката е предвидена и согласно Законот за парничната постапка (од член 145 до член 168 во делот насловен „Парнични трошоци“) во повеќе ситуации и тоа никако не значи повреда на начелото на еднаквост на граѓаните, ниту на начелото на владеење на правото, како што е наведено во иницијативата. Обврската за полагање на гаранција/аванс има за цел да одврати од неосновано водење на парнични постапки, кои несомнено резултираат со трошоци на постапката за странката која е тужена, а за кои постои основана причина дека истиот нема да може лесно да ги намири истите од страната која неосновано ја повела постапката, а не како што неосновано е наведено од подносителот на иницијативата, да ги спречи граѓаните да се откажат од заштита на нивните права во стечајната постапка. Оттука, според Судот, произлегува дека неосновани се наводите во иницијативата за несогласност на оспорената законска одредба со член 8 алинеи 1 и 3, член 9, член 50 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

По однос на наводите истакнати во иницијативата дека со ваквата одредба се остава простор за неконтролирано постапување на стечајните управници, Судот утврди дека наводите се неосновани, со оглед на тоа дека стечајниот управник постапува во предметите како своевиден повереник на судот, па од таа причина постојат механизми за контрола на неговата работа, согласно Законот за стечај. Овластувањето на стечајниот управник за признавање, оспорување на побарување е ограничено и истиот не смее да го злоупотреби правото на оспорување, ниту правото на утврдување. Правилата поврзани со заштита на доверителите околу признавањето на непостоечко побарување на доверител, иако изречно не се наведени како такви, сепак се нормирани со правилата кои се однесуваат на разрешување на стечајниот управник од должноста поради повластување на доверител. Исто така, за дејствијата на стечајниот управник е законски уредена и негова кривична одговорност.

Од таа причина, според Судот неосновани се наводите дека оспорената законска одредба доведува до непостоење на одговорност на стечајниот управник при неговото постапување. Имено, неоснованото признавање на побарување, кое подоцна ќе биде утврдено со правосилна судска одлука, секако претставува основа за разрешување на стечајниот управник, според член 36 став 1 точка 3 од Законот за стечај и можност за поведување постапка за надомест на штетата која истиот ја причинил при постапувањето.

Исто така, Судот смета дека целта во стечајната постапка е колективно и итно намирување на доверителите и од тие причини законодавецот пропишал во случај кога ќе се утврди дека стечајниот управник постапил погрешно, односно кога признал побарување над доверител, а истото во постапка, основано било оспорено од друг доверител, трошоците да се наплатат како трошоци на стечајната маса, а со цел да му се даде предност на овој доверител во намирување на неговите трошоци, што е поповолно за него, бидејќи согласно Законот за стечај, пропишано е првенствено намирување на трошоците на стечајната маса. Ваквата одредба, според Судот, не исклучува поведување на постапка за надомест на штета против стечајниот управник, ако се утврди дека истиот постапил спротивно на Законот за стечај и неосновано признал побарување кое не смеел да го признае.

Оттука, според Судот во случај на разрешување на стечајниот управник поради несовесно постапување, не се исклучува негова одговорност за надомест на штетата и негова кривична одговорност. Дополнително, доколку стечајниот судија го разреши стечајниот управник поради повреда на неговите должности согласно Законот за стечај, постои можност со заклучок да му наложи на новиот стечаен управник да ја преиспита постапката на утврдување и оспорување на побарувањата на доверителите од претходниот стечаен управник.

Тргнувајќи од анализата на наводите во иницијативата во однос на оспорените законски одредби, ова подразбира постоење на одредени права и обврски при постапувањето, а кои подлежат на контрола и согласно со Законот за стечај и со Кривичниот законик. Од таа причина, Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата, односно дека со оспорените одредби се доведува доверителот во понеповолна положба во однос на стечајниот управник и дека со тоа доверителот е спречен да се повика на судска заштита на слободите и правата пред судовите во Република Северна Македонија.

Постоењето на посебни услови за поведување на постапки на ниту еден начин не го спречува, ниту го лишува доверителот во текот на стечајната постапка да поведе постапка против друг доверител и Судот цени дека граѓаните не се доведуваат во нерамноправна и нееднаква положба со оглед на тоа дека им било повредено правото на еднаков пристап пред судот, со цел да им се овозможи заштита на нивните права и притоа граѓаните можат да бидат доведени до тоа да се откажат од заштитата на нивните права во стечајната постапка.

Од наведената уставно-судска анализа, Судот оцени дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот за стечај со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ- Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.87/2021
20.12.2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска