У.бр.86/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 28 октомври 2020 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето, поднесено од Ана Бобинкова Мијаковска, Ристо Мијаковски, Владимир Кавадарков, Петре Жежовски, Ѓорѓи Николовски, Драги Николовски и Славе Дамјаноски, сите од Скопје, за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот определени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

3. Ана Бобинкова Мијаковска, Ристо Мијаковски, Владимир Кавадарков, Петре Жежовски, Ѓорѓи Николовски, Драги Николовски и Славе Дамјаноски, сите од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот определени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во барањето се наведува следното: „Со рушењето на уредно пријавената народно творечка блокада, со мирни и мирољубиви протестни собири и дебати, прекршено е демократското право на граѓаните демократски, слободно, непопречувано од кој и да било и од самата полиција да го изразат своето мислење за недозволените противуставни и незаконски велепредавнички дејства, одлуки, спогодби, акти, а во одбрана на националните и државните интереси. Со овој акт/извршено дејствие во целост е прекршен членот 110 алинеја 3 од Уставот на РМ.“

Во продолжение се наведува дека: „Со оглед на причините поради кои протестираме и сме „на улица“ пред Собранието на Република Македонија и поради тоа што се исполнети сите услови за изразување на сите легитимни начини на oтпор и народна/граѓанска непослушност, најмногу поради узурпацијата на власта и државните институции од страна на нелегитимната антимакедонска власт како окупаторска диктатура, а со тоа и на државата во која, ние носителите на суверенитетот сме суверенот, а не заобиколуваат и нашата народна волја за одбрана и спас на нашата матична држава и единствениот дом на светот, врз нас се извршува потполна дискриминација, како врз припадници и самиот македонски народ и сите наши природни, идентитетски, културни, духовни, верски, национални, социјални, политички, државни права, слободи и припадност. И сето тоа со докази за извршување тотален цивилизациски геноцид врз нас.“

Понатаму, во врска со дејството со кое е сторена повредата, подносителите на барањето наведуваат дека: „Рано утрото, околу 02,00 часот, на 08.07.2018 г. по трет пат, додека бевме на барикадите, од страна на полициски службени лица, ни беше срушена барикадата со блокада на улицата пред Собранието на Република Македонија, уредно пријавена до надлежните органи и полициска станица Центар од 15.06.2018 г. и бесправно ни се одземени сите наши сопствени предмети, кои беа дел од блокадата, за што ја доставивме Пријавата бр.22-57409/1 од 10.07.2018 г. до МВР, против оневозможувањето на мирен народен собир, полициско самоволие и пречекорување на овластувањата на полициските службени лица.“

Потоа се наведува дека: „Поради кршење на демократското право на македонскиот народ и граѓаните, со рушење на најавените народно-творечки барикади со блокади од страна на полицијата (три пати по ред), доставивме барање со предупредување за протестен марш до МВР, кој нема да го реализираме доколку постапат по нашата пријава и ни овозможат да го продолжиме мирното протестирање и барикадите со блокади, а како израз на отпор и народна/граѓанска непослушност и народна осуда за велепредавничкиот, капитулантски, противуставен, незаконски и нелегитимен договор за промена на нашето вековно сопствено и уставно име, со што би се легализирал и легитимирал геноцидот врз македонскиот народ и да ја изгубиме нашата татковина и матична македонска држава, Република Македонија, се до постапување по протестните барања и да ни ги вратат сите наши одземени ствари и предмети од барикадите/блокадата. Причини поради кои се бара заштита: прекршени се член 45, за почитување на основните права на граѓаните, меѓу кои и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, слобода на говорот, јавниот настап, јавното информирање, … правото на мирно собирање, слобода на движење и правото на сопственост и други права гарантирани со Уставот на Република Македонија, и член 46, легитимирање, од Кодексот на полициска етика. Полициските службени лица воопшто не сакаа да комуницираат со нас и со жив sид од полицајци не изолираа меѓусебно сите протестанти кои бевме на барикадите. Истовремено ни рекоа дека не само барикадите, туку и целиот Кампус со шаторите ќе „ви го кренеме“ (срушат), а на ден 23.07.2018 г. во 10 часот наутро, на дежурниот во Кампусот му дошле 2 (две) лица, едно во полициска униформа (со значки) а другото во цивил, без да се легитимираат, и му се заканиле со зборовите „да ве нема од тука“, дека „ако до утре (24.07.2018 г.) до 10,00 часот не ги тргнете шаторите со сите ствари, ние ќе го растуриме Кампот и ќе ви ги одземеме сите ствари како што ви ги одземавме и од барикадите“. Во своја придружба имале околу 15 униформирани полициски лица, кои стоеја 10-15 метри подалеку (кај фонтаната, блиску до споменикот на Президиумот на АСНОМ).“

Подносителите на барањето предлагаат: „нелегалната, негегитимна, ненародна антимакедонска власт да се откаже од извршување на своите погубни антидржавни геноцидни политики, дејства, одлуки и кривични дела и да не ја злоупотребува македонската полиција против својот народ кој си ја брани државата и својот опстој. А тоа значи, во овој случај, полицијата да не ги попречува и спречува нашите мирни и мирољубиви народни собири, дебати, протести со барикади и блокади. Да постапат согласно Кодексот на полициска етика, во делот кој се однесува на целите на заштитата и почитувањето на основните слободи и права на човекот и на граѓанинот, гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори, да постапат согласно член 41 за воздржување од извршување на незаконски наредби со кои се извршува кривично дело! Да ни бидат вратени неоштетени нашите сопствени предмети и од првото рушење на барикадите на 17.06.2018 г. и од второто на 08.07.2018 г. За сите такви попречувања и злоупотреби на нашите протестни активности, отпорот и граѓанската непослушност, одговорноста да ја сносат тие кои ги предизвикале, оние кои дале наредба и оние кои ги извршиле злоупотребите на истите.“

Покрај тоа, подносителите на Барањето предлагаат „Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на дејствијата на полицијата во делот кој се однесува на целите на заштитата и почитувањето на основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори и да постапат согласно член 41 за воздржување од извршување на незаконски наредби со кои се извршува кривично дело, до донесување на конечна одлука“.

4. Во врска со наводите во барањето за заштита на слободите и правата, Министерството за внатрешни работи до Уставниот суд го достави Известувањето, рег.бр.28-9523/1 од 20.08.2018 година, кое било доставено од МВР до Народниот правобранител во врска со претставка упатена до Правобранителот од Ана Бобинкова Мијаковска. Во ова известување се наведува дека: „На 08/09.07.2018 год. во 02,00 часот на бул.11-ти Октомври од страна на УПС од СВР Скопје во непосредна близина на Собранието на Република Македонија, по претходни добиени поплаки од граѓани за попречување на нормално одвивање на сообраќајот по бул.11-ти Октомври, дека на коловозот се поставени барикади од страна на 5 лица кои протестирале во врска со промената на името на Република Македонија, со што се попречувале и возилата од Итната медицинска помош каде што во непосредна близина се наоѓа Градската општа болница „Наум Охридски“, констатирани се прекршувања на член 2 од Законот за јавни собири и член 12 став 5 од ЗБСП.

По направеното опсервирање на наведената локација и констатирањето дека не се исполнети законските услови согласно член 2 од Законот за јавни собири кој гласи: „Под јавни собири на повеќе од 20 граѓани се сметаат собирања на отворен или затворен простор заради остварување на забавни, културни, верски, хуманитарни, социјални, политички, економски, спортски или слични интереси на граѓаните организирани заради јавно изразување на мислење или протест“, од страна на УПС од ПСОН Центар преземени се сите неопходни законски мерки за спроведување на одредбите од напред наведените законски прописи согласно овластувањата и овозможување на непречен и безбеден сообраќај.

Во однос на забелешките за одземени предмети кои се затекнати на булеварот, со кои всушност го попречувале безбедното одвивање на сообраќајот, затекнатите лица се изјасниле дека не се во нивна сопственост, поради што од страна на УПС на ПСОН Центар постапено е согласно одредбите на Правилникот за пронајдени и одземени предмети и изготвена е соодветна документација.“

5. Од наводите во барањето за заштита на слободите и правата поднесено од граѓаните, од една страна, и известувањето на Министерството за внатрешни работи чии припадници сториле дејствие кое е оспорено, од друга страна, произлегуваат следните истоветни тврдења:

полициски службени лица презеле дејствие на 08/09 јули 2018 година во 02,00 часот на коловозот на ул.„11-ти Октомври“ пред Собранието на Републиката, така што биле тргнати предметите претходно поставени на наведеното место во врска со промените на името на Републиката.

Таквото дејствие подносителите на барањето го сметаат за нивно спречување слободно да го изразат своето уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, со што биле оневозможени во политичкото дејствување и биле дискриминирани по основ на верска, национална и политичка припадност, а Министерството смета дека тоа било направено за да се овозможело нормално одвивање на сообраќајот, како и заради непречено движење на возилата на Итна медицинска помош кон Градска болница „Наум Охридски“.

6. а) Во член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот се определува дека основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, се темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 9 став 1 од Уставот, „граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.“

Член 16 став 1 од Уставот определува дека „се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.“

Според член 21 став 1 од Уставот, „граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола.“

Во член 110 алинеја 3 од Уставот се пропишува дека „Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.“

Од изнесените уставни одредби произлегува дека темелна вредност на уставниот поредок на Републиката се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот (член 8 став 1 алинеја 1), дека во основни слободи и права на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот спаѓаат, меѓу другото, и слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата (член 16 став 1) и правото на граѓаните мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола (член 21 став 1), како и дека граѓаните на Републиката се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (член 9 став 1).

б) Во врска со слободата на мислата и совеста, член 9 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи определува дека секој човек има право на слобода на мислата и совеста (став 1).

Во членот 10 од Конвенцијата се определува дека секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислата и слободата на примање и пренесување на информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите“ (став 1). „Остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството“ (став 2).

Според член 11 од Конвенцијата, „секој човек има право на слобода на мирно собирање и здружување со други, вклучувајќи го и правото да основа синдикати и да им се придружува на синдикатите за заштита на своите интереси“ (став 1). „Остварувањето на овие права може да биде ограничено само со законски мерки што во едно демократско општество се неопходни за националната безбедност, јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на злосторства, заштитата на здравјето или моралот или заштитата на правата и слободите на други“ (став 2).

Во членот 14 од Конвенцијата се определува дека „уживањето на правата и слободите признати со оваа конвенција треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.“

Од изнесените одредби на Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи произлегува дека секој човек има право на слобода на мислата и совеста (член 9 став 1) и право на слобода на изразувањето на мислата, во што е вклучено примањето и пренесувањето на информации или на идеи без мешање на јавната власт и без оглед на границите (член 10 став 1), со тоа што остварувањето на овие слободи, како и на другите слободи, може да се ограничи и санкционира доколку тоа е предвидено со закон и доколку тие ограничувања се неопходни за државата (безбедност на објектите и носителите на државната власт, територијалниот интегритет, неширењето на доверливите информации, чувањето на авторитетот и објективноста на судството) и/или јавноста (безбедноста на луѓето, чувањето на редот, здравјето или моралот на луѓето, чувањето на угледот или правата на другите луѓе) – член 10 став 2. Исто така произлегува дека секој човек има право на слобода на мирно собирање и здружување со други (член 11 став 1), со тоа што остварувањето и на ова право може да се ограничи доколку тоа е предвидено со закон и доколку тие ограничувања се неопходни за државата (безбедноста на нацијата) и/или јавноста (безбедноста на луѓето, чувањето на редот, здравјето или моралот на луѓето, како и за чувањето на правата и слободите на другите луѓе) – член 11 став 2. Уживањето на овие слободи и права, како и на сите други слободи и права предвидени во Конвенцијата, им припаѓаат на сите поединци без оглед на нивната формална припадност на некој потесен колективитет – пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус (член 14).

в) Уставната одредба која се однесува на правото на граѓаните на мирно собирање и изразување на јавен протест, е операционализирана во Законот за јавните собири („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/1995, 19/2006, 66/2007 и 152/2015).

Во членот 1 од Законот се определува дека „Со овој закон се уредуваат начинот на остварување на правото на граѓаните на јавно собирање заради мирно изразување на мислење и јавен протест, како и случаите кога ќе се прекине одржувањето на јавен собир.“
Членот 1-а од Законот, после укинувањето на дел од таа одредба (Одлука У.бр.31/2006 од 1 ноември 2006 година), гласи: „Правото на граѓаните на мирно собирање може да се оствари на начин со кој мирно ќе го изразуваат јавниот протест.“

Во член 2 став 1 од Законот се дефинира поимот „јавен собир“, при што се определува дека „Под јавни собири на повеќе од 20 граѓани, во смисла на овој закон, се сметаат собирање на отворен или затворен простор заради остварување на забавни, културни, верски, хуманитарни, социјални, политички, економски, спортски или слични интереси на граѓаните, организирани заради јавно изразување на мислење или протест.“

Според член 4 став 1 од Законот, „Заради заштита на правата на граѓаните, нормалното одвивање на сообраќајот, снабдувањето на населението со лекови, храна, гориво и слични неодложни потреби, како и заради почитување на обврските од меѓународни договори, организаторот на јавниот собир е должен да го обезбеди одржувањето на редот на јавниот собир и да организира редарска служба.“

Во членот 6 од Законот се утврдени случаите во кои Министерството за внатрешни работи ќе го прекине одржувањето на јавен собир (ако собирот е насочен: кон загрозување на животот, здравјето, безбедноста, личната сигурност и имотот на граѓаните; или кон вршење или поттикнување на вршење кривични дела утврдени со закон или кога е насочен кон загрозување на животната средина). Според ставот 2 на овој член од Законот, „Министерството за внатрешни работи ќе го прекине одржувањето на јавниот собир во случај кога неговото одржување е во спротивност со меѓународните договори со кои е предвидена обврска за непречено одвивање на сообраќајот.“

Според член 9 став 1 од Законот, „Глоба во износ од 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице (организатор) на јавен собир, ако не преземе мерки за одржување на редот на јавниот собир (член 4 став 1)“. Во ставот 2 од истиот член се пропишува дека: „Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице (организатор) ќе му се изрече за прекршокот од ставот 1 на овој член и на одговорното лице во правното лице (организатор).“

Член 10 став 1 од Законот, пак, определува дека: „Глоба во износ од 510 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичко лице (организатор) ако не преземе мерки за одржување на редот на јавниот собир (член 4 став 1).“

Од изнесените законски одредби произлегува дека правото на граѓаните на мирно собирање и изразување на јавен протест се остварува на тој начин што организаторот на јавниот протест има обврска да обезбеди одржување на редот на јавниот собир и да организира редарска служба, со цел да се заштитат правата на граѓаните кои не учествуваат во јавниот протест, како и да се обезбеди нормално одвивање на сообраќајот и снабдување на населението со лекови, храна, гориво и слични неодложни потреби, како и за да се почитуваат обврските од меѓународните договори (член 4 став 1). Доколку организаторот (правно лице и одговорното лице во правното лице или физичко лице) не ги преземе напред наведените мерки, тоа ќе се смета за прекршок за кој е предвидена законски утврдена глоба (членови 9 и 10). Покрај тоа, Законот пропишува и обврска за Министерството за внатрешни работи да го прекине одржувањето на јавниот собир ако собирот е насочен кон загрозување на здравјето на граѓаните (член 6 став 1) и ако одржувањето на собирот е во спротивност со меѓународните договори со кои е предвидена обврска за непречено одвивање на сообраќајот (член 6 став 2).

г) Заедничка определба во изнесените уставни, меѓународно-правни и законски правила, гледани од аспектот инициран од подносителите на барањето, е:
-секој човек има право на слобода на мисла, совест, уверување (член 16 став 1 од Уставот и член 9 став 1 од Европската конвенција …);
-секој човек има право на слобода на изразување (член 16 став 1 од Уставот и член 10 од Конвенцијата);
-секој човек има право на мирно собирање и здружување со други, како и мирно изразување на јавен протест (член 21 став 1 од Уставот, член 11 од Конвенцијата и членови 1 и 1-а од Законот за јавните собири),
-тие (и други) права еднакво им припаѓаат на сите поединци без оглед на нивната припадност на потесен колективитет (член 9 став 1 од Уставот и член 14 од Конвенцијата);
-но, остварувањето на правото на слобода на изразувањето и на правото на мирно собирање и изразување на јавен протест во себе содржи и обврски и одговорности кои се неопходни за државата или за јавноста/другите поединци, меѓу кои спаѓаат и обврските и ограничувањата поврзани со правата на другите поединци, како и со здравјето на другите поединци, а кои се предвидени со закон (член 10 став 2 и член 11 став 2 од Конвенцијата),
-при што Законот за јавните собири („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/1995, 19/2006, 66/2007 и 152/2015), во врска со начинот на остварувањето на правото на мирно собирање и изразување на јавен протест, пропишал обврски и одговорности за организаторот на собирот (одржување на редот на собирот преку редарска служба и санкции за непочитување на тие законски обврски) со цел заштита на правата на граѓаните кои не учествуваат во собирот и нормално одвивање на сообраќајот (член 4 став 1 и членовите 9 и 10), како и обврски за Министерството за внатрешни работи (прекинување на јавниот собир) ако собирот е насочен кон, меѓу другото, загрозување на здравјето на граѓаните кои не учествуваат во собирот или кон непречено одвивање на сообраќајот (член 6 ставови 1 и 2).

7. Имајќи ги предвид изнесените правни правила, Судот оцени дека, во конкретниот случај, рушењето на барикадата со која била блокирана улицата пред Собранието на Републиката извршено од полициски службени лица на 8/9 јули 2018 година во 02,00 часот по полноќ, како што настанот го означуваат подносителите на барањето, односно товарењето на предметите во камион најдени на улица „11-ти Октомври“ пред Собранието на Републиката извршено од полициски службени лица на наведениот ден и време, како што настанот го означува Министерството за внатрешни работи, има основа во член 4 став 1 и во член 6 од Законот за јавните собири со оглед дека организаторот бил должен да обезбеди „нормално одвивање на сообраќајот“, што не го сторил, а Министерството за внатрешни работи било должно да обезбеди „непречено одвивање на сообраќајот“, што го сторило, при што не го прекинало јавниот собир и изразувањето на јавниот протест организиран во врска со промената на името на Републиката со оглед дека и после тој настан имало други дејствија во врска со тој јавен собир, иако имало законска основа и за прекин на изразувањето на јавниот протест.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.86/2018
28 октомври 2020 г.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати