У.бр.78/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 31 октомври 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

– Одлуката за распишување на референдум на локално ниво, бр.09-626/1, донесена од Советот на Општина Гевгелија на 15 март 2017 година („Службен гласник на Општина Гевгелија“ бр.3/2017) и
– Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за распишување на референдум на локално ниво, бр.09-784/1, донесена од Советот на Општина Гевгелија на 6 април 2017 година („Службен гласник на Општина Гевгелија“ бр.5/2017).

2. Правното лице РЕЗЕРВОАР МИНЕРАЛС МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје, преку полномошникот Адвокатско друштво Јоанидис од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуките означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се наведува дека правното лице Резервоар Минералс Македонија ДООЕЛ Скопје е имател на концесија за детални геолошки истражувања – металични минерални суровини на локалитетот с.Коњско, Општина Гевгелија и Општина Кавадарци, како добро од општ интерес на Република Македонија, врз основа на Договор бр.24-4110/1 од 04.07.2013 година и 24-4110/4 од 05.12.2014 година склучени помеѓу Владата на Република Македонија и ДПТУ Резервоар Минералс Македонија ДООЕЛ Скопје.

Понатаму се наведува дека оспорените две одлуки не биле во согласност со член 2 став 2, член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 9, член 51, член 56 ставови 1 и 3, член 88 и Амандман XVII на Уставот на Република Македонија, потоа со членовите 22, 25, 28 и 36 од Законот за локална самоуправа, одредбите од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните и Законот за минерални суровини, како и со членот 4 од Европската повелба за локална самоуправа. Имено, прашањето за експлоатација на минерални суровини како добра од општ интерес на Републиката, според Уставот и Законот за минерални суровини, било во надлежност на органите на државната власт односно Владата на Република Македонија и надлежното министерство, не на органите на локалната самоуправа без оглед каде се наоѓале минералните суровини, па распишувањето на референдум за прашање за кое не е надлежна да одлучува единицата на локална самоуправа било неуставно и незаконито. Поради тоа, се предлага поништување на двете оспорени одлуки.

3. Судот на седницата утврди дека со Одлуката за распишување на референдум на локално ниво донесена на 15 март 2017 година се определува дека „Советот на општина Гевгелија распишува референдум за подрачјето на општина Гевгелија заради изјаснување на граѓаните за отворање на рудници за металични минерални суровини во општина Гевгелија“ и дека „Советот на општина Гевгелија распишува референдум од претходниот став по сопствена иницијатива, според претходно добиеното мислење од Одделението за локален економски развој на општина Гевгелија“ (член 1).

Според член 2, „на референдумот на локално ниво граѓаните на општина Гевгелија ќе одговорат на следното прашање:„Дали се согласувате со отворање на рудници за металични минерални суровини на територијата на општина Гевгелија?“ и дека „граѓанинот на референдумот се изјаснува така што на гласачкото ливче го заокружува зборот „ЗА“ или „ПРОТИВ“ “.

Во членот 3 од Одлуката се предвидува дека „изјаснувањето по референдумското прашање од член 2 од оваа одлука се спроведува со цел граѓаните од подрачјето на општина Гевгелија да одлучат дали ќе дозволат да се отворат рудници од отворен тип на експлоатација на металични минерални суровини на компаниите кои што на територијата на општина Гевгелија вршат или ќе вршат детални геолошки истражувања.“

Членот 4 пропишува дека „одлуката на референдумот ќе се смета за донесена доколку за неа гласале мнозинството од вкупниот број кои што гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список на општина Гевгелија“ (став 1) и „одлуката донесена на референдумот е задолжителна“ (став 2).

Според член 5 од Одлуката, „доколку на референдумот се донесе негативна одлука на прашањето за отворање на рудници за металични минерални суровини на територијата на општина Гевгелија, Советот на општина Гевгелија ќе ги извести надлежните државни органи за поништување на веќе започнатите и идните постапки за добивање концесија за експлоатација на металични минерални суровини на територијата на општина Гевгелија.“

Во членот 6 се определува дека „референдумот на локално ниво ќе се одржи најдоцна во рок од 40 дена од денот на објавувањето на Одлуката за распишување на Референдумот во службеното гласило и во другите средства за објавување во општина Гевгелија, а гласањето ќе се спроведе во периодот од 07 до 19 часот.“

Членовите 7 и 8 од Одлуката пропишуваат дека референдумот на локално ниво ќе го спроведе Општинската изборна комисија на Општина Гевгелија и општинските избирачки одбори, а средствата за спроведување на референдумот ќе се обезбедат со Ребаланс на Буџетот на Општина Гевгелија за 2017 година.

Според член 9, „оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во Службен гласник на општина Гевгелија, а ќе биде објавена во средствата за јавно информирање, на огласната табла во општина Гевгелија, како и на веб страницата на општина Гевгелија.“

Судот понатаму утврди дека со Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за распишување на референдум на локално ниво донесена на 6 април 2017 година, во членот 1 се определува дека „во член 2 став 1 од Одлуката се врши корекција на прашањето за референдум на локално ниво, коешто треба да гласи:„Дали сте ЗА или ПРОТИВ отворање на рудници за металични минерални суровини на територијата на општина Гевгелија?“ (алинеја 1) и „во член 6 од Одлуката се бришат зборовите „најдоцна во рок од 40 дена од денот на објавувањето на Одлуката за распишување на Референдумот во службеното гласило и во другите средства за објавување во општина Гевгелија“ и на нивно место се додаваат зборовите:„на ден 23 април 2017 година“ (алинеја 2).

Во членовите 2 и 3 од оваа одлука се пропишува дека останатите одредби од Одлуката остануваат непроменети и еден примерок од оваа одлука да се достави до Државната изборна комисија во Скопје за навремено доставување на Упатство за подготовка, организирање и спроведување референдум на локално ниво во Општина Гевгелија.

Според член 4, „оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на општина Гевгелија“, средствата за јавно информирање, на огласната табла во општина Гевгелија, како и на веб страница на општина Гевгелија.“

4.1.а) Според член 2 став 2 од Уставот, „граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.“

Во член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 9 од Уставот се определува дека основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, „во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон“ (став 1). „Секој е должен да ги почитува Уставот и законите“ (став 2).

Членот 56 од Уставот определува дека сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита (став 1). „Со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење“ (став 3).

Во членот 57 од Уставот се пропишува дека „Републиката го поттикнува економскиот напредок и се грижи за порамномерен просторен и регионален развој, како и за побрз развој на стопански недоволно развиените подрачја“.

Според член 88 од Уставот, „Владата на Република Македонија е носител на извршната власт“ (став 1). „Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите“ (став 2).

Амандман XVII точка 1 на Уставот определува дека „во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.“

б) Надлежноста на општините е уредена со Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002), кој во членот 20 определува дека општините, во рамките на законот, во согласност со начелото на супсидијарност, имаат право на своето подрачје да ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт.

Во членот 22 од Законот за локална самоуправа е утврдена листата на надлежностите на општината. Тука спаѓаат:

„1. Урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште;
2. Заштитата на животната средина и природата – мерки за заштита и спречување од загадување на водата, воздухот, земјиштето, заштита на природата, заштита од бучавата и нејонизирачкото зрачење;
3. Локалниот економски развој – планирање на локалниот економски развој; утврдување на развојните и структурните приоритети; водење на локална економска политика; поддршка на развојот на малите и средните претпријатија и на претприемништвото на локално ниво и во тој контекст, учество во воспоставувањето и развојот на локалната мрежа на институции и агенции и промовирање на партнерство;
4. Комуналните дејности – снабдувањето со вода за пиење; испораката на технолошката вода; одведувањето и пречистувањето на отпадните води; јавното осветлување; одведувањето и третманот на атмосферските води; одржувањето на јавна чистота; собирање, транспортирање и постапување со комуналниот цврст и технолошки отпад; уредувањето и организирањето на јавниот локален превоз на патници; снабдувањето со природен гас и топлинска енергија; одржувањето на гробовите, гробиштата, крематориумите и давањето погребални услуги; изградбата, одржувањето, реконструкцијата и заштитата на локалните патишта, улици и други инфраструктурни објекти; регулирање на режимот на сообраќајот; изградбата и одржувањето на уличната сообраќајна сигнализација; изградбата и одржувањето на јавниот простор за паркирање; отстранувањето на непрописно паркираните возила; отстранување на хаварисаните возила од јавните површини; изградбата и одржувањето на пазарите; чистењето на оџаците; одржувањето и користењето на парковите, зеленилото, парк-шумите и рекреативните површини; регулацијата, одржувањето и користењето на речните корита во урбанизираните делови; определувањето на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти;
5. Културата – институционалната и финансиската поддршка на културните установи и проекти; негувањето на фолклорот, обичаите, старите занаети и слични културни вредности; организирањето културни манифестации; поттикнувањето на разновидни специфични форми на творештво;
6. Спортот и рекреацијата – развојот на масовниот спорт и рекреативните активности; организирањето на спортски приредби и манифестации; одржувањето и изградбата на објекти за спорт; поддршка на спортски сојузи;
7. Социјалната заштита и заштита на децата – детски градинки и домови за стари (сопственост, финансирање, инвестиции и одржување); остварување на социјална грижа за инвалидните лица; децата без родители и родителска грижа; деца со воспитно-социјални проблеми; деца со посебни потреби; децата од еднородителски семејства; децата на улица; лицата изложени на социјален ризик; лицата засегнати со злоупотреба на дрога и алкохол; подигање на свеста на населението; домување на лица со социјален ризик; остварување на право и воспитување на децата од предучилишна возраст. Вршењето на овие надлежности се во согласност со Националната програма за развој на социјалната заштита;
8. Образование – основање, финансирање и администрирање на основни и средни училишта, во соработка со централната власт, во согласност со закон, организирање на превоз и исхрана на ученици и нивно сместување во ученички домови;
9. Здравствената заштита – управување со мрежата на јавни здравствени организации и објекти од примарна здравствена заштита кои треба да вклучат застапеност на локалната самоуправа во сите одбори на сите здравствени организации во јавна сопственост, здравственото воспитување; унапредување на здравјето; превентивни активности; заштита на здравјето на работниците и заштита при работа; здравствен надзор над животната средина; надзор над заразните болести; помош на пациенти со специјални потреби (на пример, ментално здравје, злоупотреба на деца итн.) и други области кои ќе бидат утврдени со закон;
10. Спроведување на подготовки и преземање мерки за заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра од воени разурнувања, природни непогоди и други несреќи и од последиците предизвикани од нив;
11. Противпожарна заштита што ја вршат територијалните противпожарни единици;
12. Надзор над вршењето на работите од нејзина надлежност и
13. Други работи определени со закон.“

Непосредното учество на граѓаните во одлучувањето во општините е уредено со повеќе одредби од Законот за локалната самоуправа во кои се уредени облиците на учество на граѓаните.

Според член 25 од Законот, граѓаните непосредно учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење преку граѓанска иницијатива, собири на граѓаните и референдум, на начин и постапка утврдени со закон.

Според член 28 од Законот за локалната самоуправа, граѓаните преку референдум можат да одлучуваат за прашањата од надлежност на општината, како и за други прашања од локално значење. Според ставот 3 на овој член, советот може да распише референдум за прашања од негова надлежност, по сопствена иницијатива. Одлуката донесена на референдумот е задолжителна за советот (став 4).

Надлежностите на советот се утврдени во членот 36 од Законот, според кој советот: „1. Го донесува статутот на општината и други прописи; 2. Донесува буџет на општината и годишна сметка на општината; 3. Ја утврдува висината на сопствените извори на приходи за финансирање на општината, во рамките утврдени со закон; 4. Основа јавни служби во рамките на надлежноста на општината и врши надзор над нивната работа; 5. Именува членови во управните одбори на јавните служби, кои ги основа; 6. Усвојува програми за работа и финансиски планови за финансирање на јавните служби, кои ги основала општината; 7. Ги усвојува извештаите за извршување на буџетот и годишната сметка на општината; 8. Одлучува за давање дозвола за вршење дејност од јавен интерес од локално значење, во согласност со закон; 9. Ги усвојува извештаите за работата и годишните сметки на јавните служби, кои ги основала општината; 10. Одлучува за начинот на располагање со сопственоста на општината; 11. Одлучува за начинот на вршење на финансиска контрола на буџетот на општината, во согласност со закон; 12. Го избира лицето кое раководи со подрачната единица на Министерството за внатрешни работи во општината, во согласност со закон; 13. Го разгледува и усвојува годишниот извештај за јавната безбедност на подрачјето на општината, кој го доставува до министерот за внатрешни работи и народниот правобранител; 14. Може да дава препораки на раководното лице на подрачната единица на Министерството за внатрешни работи од областа на јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот и 15. Врши и други работи утврдени со закон.“

в) Референдумот како облик на учество на граѓаните во одлучувањето е уреден и со Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните („Службен весник на Република Македонија” бр. 81/2005).

Според член 2 од наведениот закон, „референдумот е облик на непосредно изјаснување на граѓаните во одлучувањето за одделни прашања од надлежност на Собранието на Република Македонија, за прашања од надлежност на општините, на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје, како и за други прашања од локално значење.“

Референдумот на локално ниво е уреден со посебни одредби од Законот (членови 36 – 44):

Според членот 36 од Законот, „референдум на локално ниво распишува советот на општината, на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје (во натамошниот текст: советот), по сопствена иницијатива и на предлог од најмалку 20% од граѓаните од општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје“. Според ставот 2 на овој член, Советот може да распише референдум на локално ниво за прашања од негова надлежност за кои со закон е овластен да одлучува.
Согласно член 37 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, „одлуката за распишување на референдум на локално ниво се објавува во службеното гласило на општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје и преку средствата за јавно информирање на начин утврден со статутот. Од денот на објавувањето на одлуката за распишување на референдум во службеното гласило на општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје до денот на одржувањето на референдумот на локално ниво не можат да поминат помалку од 25 ниту повеќе од 40 дена.“

Во членот 38 од Законот е определено дека „референдум на локално ниво може да се распише за донесување пропис, за прашања што треба да се уредат во општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје (претходен референдум) или за преоценување на пропис што претходно е донесен (дополнителен референдум).“

Во членот 40 од Законот се определени прашањата за кои не може да се распише референдум. Така според ставот 1 на овој член од Законот, „референдум на локално ниво не може да се распише за прашања што се однесуваат на буџетот и завршната сметка на буџетот на општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје и за организацијата на општинската администрација“. Согласно ставот 2 на истиот член од Законот, „референдум на локално ниво не може да се распише за прашања за кои советот одлучува со мнозинство гласови од присутните членови на советот при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинско население во општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје.“

г) Минералните суровини се предмет на уредување на Законот за минералните суровини („Службен весник на Република Македонија“ бр. 136/2012, 25/2013, 93/2013, 44/2014, 160/2014, 129/2015, 192/2015, 39/2016, 53/2016, 120/2016, 189/2016).
Според член 4 од Законот, „минералните суровини се добра од општ интерес, сопственост на Република Македонија, без оглед на сопственоста на земјиштето на кое се наоѓаат.“

Согласно ставот 3 на овој член, „од јавен интерес е:
– вршењето на детални геолошки истражувања и експлоатација на енергетските металични, техногените минерални суровини и термоминералните и термалните води и
– кога експлоатацијата на минералната суровина е од стратешко значење и е неопходна за реализација на проекти од јавен интерес утврден со друг закон.“ Минералните суровини од став 3 алинеја 2 на овој член ги определува Владата на Република Македонија.

Во членот 5 од Законот за минерални суровини е определено дека за остварување на целите и насоките за усогласено вршење на геолошките истражувања, експлоатацијата и одржливото искористување на минералните суровини, Владата на Република Македонија (во натамошниот текст: Владата) на предлог на министерот за економија донесува стратегија за геолошки истражувања, одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини (во натамошниот текст: стратегијата) за период од 20 години. Со стратегијата се определува обемот и начинот на реализација на основните геолошки истражувања, одржливото искористување и потребите за експлоатацијата на минералните суровини кои се од битно значење за развојот на стопанството на Република Македонија.

Согласно членот 36 од Законот за минералните суровини, право за вршење на експлоатација на минерални суровини се стекнува со добивање на концесија за експлоатација на минерални суровини. Концесија за експлоатација на минерални суровини доделува Владата на Република Македонија (во натамошниот текст: концедент). Право за добивање на концесија за експлоатација има секое правно лице, вклучувајќи ги и странските правни лица со подружница запишана во Централниот регистар на Република Македонија, а кои ги исполнуваат условите пропишани со овој или со друг закон.

Одредбата од членот 36 понатаму е разработена во членот 45 од Законот, согласно кој одлука за доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини ја донесува Владата на предлог на органот на државната управа надлежен за работите од областа на минералните суровини.

Во членот 46 од Законот за минерални суровини е определено дека врз основа на одлуката за доделување на концесијата за експлоатација на минерални суровини, концедентот и концесионерот склучуваат договор за концесија за експлоатација на минерални суровини. Во име на концедентот, договорот за концесија за експлоатација на минерални суровини го склучува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на минералните суровини во рок од 15 дена, сметано од денот на влегувањето во сила на одлуката за доделување на концесијата.

Согласно членот 50 од Законот за минерални суровини, во случаите на престанок на важење на концесијата за експлоатација (поради истек на рокот за кој била дадена концесијата, како и во случај на стечај или ликвидација на концесионерот) Владата на предлог на органот на државната управа надлежен за работите од областа на минералните суровини донесува одлука за престанок на важење на концесијата за експлоатација.

Владата исто така, одлучува за еднострано раскинување на договорот за експлоатација на минерални суровини согласно членот 51 од Законот.

Според член 53 од Законот, со експлоатација на минерални суровини и изведување на рударски работи може да се започне откако концесионерот ќе добие дозвола за експлоатација на минерални суровини. Дозволата од ставот 1 на овој член ја издава органот на државната управа надлежен за работите од областа на минералните суровини.

Во сите постапки уредени со Законот за минерални суровини, определено учество имаат и единиците на локалната самоуправа и тоа учество се состои во давање мислење до органот на државната управа надлежен за работите од областа на минералните суровини, кој согласно законот, е должен пред донесување на конечната одлука задолжително да побара мислење и од единицата на локалната самоуправа на чија територија се наоѓаат минералните суровини. Таква обврска е предвидена во член 14 став 4 (Постапка за доделување на концесија за вршење на детални геолошки истражувања), член 19 став 12 (Проширување на концесија за вршење детални геолошки истражувања), член 26 став 8 (Постапка за издавање на дозвола за вршење на детални геолошки истражувања), член 41 став 4 (Доделување на концесија за експлоатација по пат на јавен повик), член 42 (Доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини по барање од заинтересирано лице), член 43 став 9 (Доделување на концесија за експлоатација на песок и чакал) итн.

д) Во однос на надлежностите на локалните власти vis-a-vis централната власт, релевантна е одредбата од членот 4 на Европска повелба за локалната самоуправа, според која локалните власти во рамките на законот, имаат целосна слобода да ја остваруваат својата иницијатива во поглед на работите кои не се исклучени од нивната надлежност и кои не се дадени во надлежност на некоја друга власт.

4.2. Од наведените одредби на Уставот на Република Македонија произлегува дека референдумот е еден од облиците на остварување на власта на граѓаните и дека локалната самоуправа е темелна вредност на уставниот поредок. Уставната положба на локалната самоуправа понатаму е уредена со Амандманот XVII на Уставот, кој ги утврдува областите за кои е надлежна локалната самоуправа, дефинирајќи претходно дека станува збор за прашања од локално значење за кои граѓаните можат да одлучуваат непосредно и преку претставници.

Уставните надлежности на локалната власт понатаму се разработени во Законот за локалната самоуправа кој јасно го утврдува принципот на супсидијарност, определувајќи дека општините ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт. Поаѓајќи од оваа општа определба дека општините се надлежни за прашања од локално значење, а не и за оние за кои е надлежна централната власт, и одредбите од Законот за локална самоуправа и Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, произлегува дека правото на граѓаните да одлучуваат преку референдум е лимитирано на прашања од надлежност на општината, односно на прашања од локално значење за кои советот на општината е овластен да одлучува.

Во однос на прашањето за експлоатација на минерални суровини, од наведените одредби од Уставот и Законот за минерални суровини произлегува дека минералните суровини како природно богатство претставуваат добра од општ интерес за Републиката кои се во сопственост на Републиката, без оглед на сопственоста на земјиштето на кое се наоѓаат. Значи независно од фактот што минералните суровини се наоѓаат на земјиште што се наоѓа на територијата на единицата на локалната самоуправа, тие се во сопственост на државата, односно Републиката. Токму од тие причини, имајќи го предвид фактот што одделни минерални суровини можат да имаат и стратешко значење за развојот на стопанството, за нивната експлоатација согласно наведените одредби од Законот за минералните суровини, одлучува Републиката односно органите на државната власт, а не органите на локалната самоуправа. Владата е таа која ги определува минералните суровини што се од стратешко значење, таа донесува стратегија за геолошки истражувања и за искористување и експлоатација на минерални суровини, доделува концесија за нивно искористување, дава дозвола за експлоатација на минерални суровини и одлучува за раскинување на договорот за концесија.

Во конкретниот случај Советот на Општина Гевгелија со оспорените одлуки, донесени по сопствена иницијатива, распишал референдум за подрачјето на Општината заради изјаснување на граѓаните по прашањето за отворање на рудници за металични минерални суровини на територијата на Општина Гевгелија.

Иако во двете одлуки како правен основ за нивното донесување се наведени одредбите од членовите 25 и 28 од Законот за локалната самоуправа и членовите 6 и 36 од Законот за референдум и други облици на непосредно одлучување на граѓаните, од наведените одредби од двата закони неспорно произлегува дека локален референдум може да се распише само за прашања од надлежност на општината, односно за прашања од локално значење. Притоа прашањето за експлоатација на минерални суровини согласно постојната законска регулатива не спаѓа во прашања за кои е надлежна општината, туку за тоа одлучуваат органите на централната власт односно Владата и надлежното министерство за прашања од областа на минералните суровини.

Уставот го гарантира правото на граѓаните на локална самоуправа, издигајќи го на ниво на темелна вредност на уставниот поредок. Меѓутоа, правото на граѓаните на локална самоуправа, односно правото на граѓаните да ја остваруваат власта на локално ниво преку форми на непосредно одлучување како што е референдумот не е неограничено по својот предмет, односно тоа може да се однесува само на прашања што се од надлежност на општината, во коишто не спаѓа одлучувањето за експлоатација на минералните суровини. Законското решение за овие прашања да одлучува Владата, односно надлежното министерство, е оправдано ако се има предвид дека минералните суровини независно од тоа каде се наоѓаат се во сопственост на државата односно Републиката и тие имаат стратешко значење за нејзиниот развиток. Иако конечното одлучување по овие прашања е во надлежност на централната власт, постојната законска регулатива од областа на минералните суровини дава можност во целата постапка за доделување на концесии за геолошки истражувања и за експлоатација на минерални суровини да биде вклучена, односно консултирана и општината која дава мислење на барање на надлежното министерство. Во мислењето што според Законот општините се должни да го дадат, тие можат да ги изнесат своите ставови имајќи ги предвид мислењата и интересите на локалната заедница односно локалното население.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека со оспорените одлуки, Советот на Општина Гевгелија, спротивно на наведените закони, распишал референдум на локално ниво за прашање што не е во негова надлежност, односно за прашање за кое тој не е овластен со закон да одлучува, со што постапил спротивно на Амандман XVII од Уставот, како и спротивно на членовите 20, 28 и 36 од Законот за локалната самоуправа и на членовите 2, 36 и 38 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните. Поради тоа, пред Судот основано се постави прашањето за уставноста и законитоста на оспорените одлуки.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.78/2018
31 октомври 2018 г.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски