У.бр.73/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.73/2023
Скопје, 12 октомври 2023 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 12 октомври 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за случаите во кои се спроведува PIC постапката и содржината на барањето за спроведување на постапката бр. 15-3263/1 од 16.06.2011 година („Службен весник на Република Македо­нија“ бр.82/2011 од 20.06.2011 година) и Правилникот за начинот на кој се врши процената на безбедноста на хемикалијата и содржината на извештајот на безбедноста на хемикалијата бр. 15-3264/1 од 16.06.2011 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2011 од 20.06.2011 година).

Образложение

I

Подносителот Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за случаите во кои се спроведува PIC постапката и содржината на барањето за спроведување на постапката бр.15-3263/1 од 16.06.2011 година и Правилникот за начинот на кој се врши процената на безбедноста на хемикалијата и содржината на извештајот на безбедноста на хемикалијата бр. 15-3264/1 од 16.06.2011 година.

Според наводите во иницијативата, оспорените правилници не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија.

Оспорените правилници биле спротивни на наведените уставни одредби, бидејќи во времето на донесувањето не постоеле овластувања на министерот за здравство да ги донесе истите, а тоа право го стекнува со членот 15 од Законот за измени и дополнувања на Законот за хемикалии („Службен весник на Република Македонија“ бр.116/2015), каде во целиот текст од Законот зборовите „Агенција за лекови“ се заменуваат со зборовите „Министерство за здравство“, а зборовите „директор на Агенцијата за лекови“ се заменуваат со зборовите „министерот за здравство“, а кој закон влегува во сила осмиот ден од објавување во „Службен весник на Република Македонија“, односно на ден 17.07.2015 година.

Според подносителот на иницијативата, подоцна доделените овластувања на министерот за здравство со измената на Законот не е основ, а ни причина да се смета дека истите имаат правна важност и дека треба да произведуваат правно дејство во правниот промет бидејќи во времето кога биле донесени и објавени во „Службен весник на Република Македонија“ се донесени од неовластен доносител.

II

На седницата Судот утврди дека оспорените правилници се донесени од министерот за здравство.

Со Правилникот за случаите во кои се спроведува PIC постапката и содржината на барањето за спроведување на постапката се врши усогласување со Регулативата (ЕC) бр.689/2008 на Европскиот парламент и Советот од 17 јуни 2008 година за увоз и извоз на опасни хемикалии CELEX бр. 32008R0689. Со Правилникот се пропишуваат случаите во кои се спроведува PIC постапката и содржината на барањето за спроведување на постапката. Правилникот се состои од 5 члена, а составен дел на Правилникот се прилози.

Во одредбите на Правилникот за начинот на кој се врши процената на безбедноста на хемикалијата и содржината на извештајот на безбедноста на хемикалијата е утврдено дека се врши усогласување со Регулативата (Е3) бр. 1907/2006 на Европскиот парламент и Советот од 18 декември 2006 година за регистрација, оценување, одобрување и ограничување на хемиски супстанции CELEX бр. 32006Ri907. Со Правилникот се пропишува начинот на процената на безбедноста на хемикалијата и содржината на извештајот на безбедноста на хемикалијата. Правилникот се состои од 35 члена, а составен дел на Правилникот е прилог.

III

Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е воспоставување на владеењето на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок во Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.

Согласно член 95 став 1 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон, а организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон. Органите на државната управа, согласно член 96 од Уставот, работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа е предвидено дека министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон. Според ставот 2, директорот на самостојниот орган на државната управа, односно управната организација донесува правилници, решенија, наредби, упатства, планови, програми и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Со член 56 став 1 од истиот закон е определено дека со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на зако­ните и други прописи заради нивно извршување.

Во член 7 од Законот за хемикалии објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.145/10 и 53/11, кој важел во времето на донесување на правилниците, се предвидува дека сите управни и стручни работи во врска со хемикалиите ги врши Агенцијата за лекови. Член 8 став 1 точка 1 од истиот закон, ги утврдува надлежностите на Агенцијата за лекови каде, меѓу другото, е предвидено дека подзаконските акти за спроведување на овој закон ги донесува Агенцијата за лекови.

Во овој закон, во член 146 глава XIX.Преодни и завршни одредби, во ставот 1 е предвидено дека подзаконските акти предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од 18 месеци од денот на влегување во сила, односно осмиот ден од денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“. Во ставот 3 е предвидено дека до започнување со работа на Агенцијата за лекови, работите од надлежност на Агенцијата за лекови утврдени со овој закон ќе ги врши Бирото за лекови.

Со уставните одредби е пропишано дека државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон, а нивната организација и работа се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Од содржината на Законот за организација и работа на органите на државната управа кој важел во времето на донесување на оспорените правилници произлегува дека органите на државната управа, можат да се основаат како министерства, други органи на државната управа и управни организации. Притоа, другите органи на државната управа според видот на организацијата и степенот на самостојноста можат да се основаат како самостојни органи на државната управа или како органи во состав на министерствата.

Согласно член 157 глава VII. Преодни и завршни одредби од Законот за лековите и медицинските помагала („Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2007 и 88/2010), Агенцијата за лекови ќе отпочне со работа од 1 јануари 2010 година. До отпочнување со работа на Агенцијата за лекови, Бирото за лекови продолжува да ги врши работите од надлежност на Агенцијата за лекови утврдени со овој закон.

Со член 1 од Законот за дополнување на Законот за лековите и медицин­с­ките помагала објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2011, во Законот за лековите и медицинските помагала, по член 157 се додава нов член 157-а, кој гласи „Со денот на именувањето на директорот на Агенцијата за лекови престанува да постои Бирото за лекови. Агенцијата за лекови ги презема надлежностите, правата, обврските, имотот, вработените, архивата и документацијата од Бирото за лекови“. Со измена на Законот за лековите и медицинските помагала објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2012 отпочнувањето на работа на Агенцијата за лекови е пролонгирана до 1 јануари 2014 година.

Од анализата на наведените законски одредби, Судот утврди дека законодавецот предвидел, односно го уредил прашањето за надлежностите за донесување на подзаконските акти. Имено, во времето на донесувањето на Законот за хемикалии, Агенцијата за лекови како самостоен орган на државната управа со својство на правно лице сè уште не била основана, па обврската за донесување на подзаконските акти е на Бирото за лекови во состав на Министерството за здравство. Оттука, Судот оцени дека донесувањето на подзаконските акти од страна на министерот за здравство, во случајот, не значи и повреда на владеењето на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок.

Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот оцени дека неосновано е тврдењето во иницијативата дека министерот при пропишувањето на оспорените акти излегол надвор од своите овластувања.

Од погоре цитираните уставни и законски одредби, произлегува дека министерот има право да донесува подзаконски акти заради разработување на одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување, кога за тоа е овластен со закон.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека оспорените правилници не се во спротивност со одредбите од Уставот на Република Северна Македонија на кои се повикува подносителот на иницијативата.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска