У.бр.72/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 15 декември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Јован Вранишковски од Битола за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот по член 110 алинеја 3 од Уставот, поради неизвршување на правосилна пресуда на Европскиот суд за човекови права бр.3532/07, која повреда била сторена од страна на Основниот граѓански суд Скопје со донесување на Решение РСВЗРГ бр.7/20 од 14.01.2021 година.

2. Барањето е поднесено поради неизвршување на правосилна пресуда на Европскиот суд за човекови права бр.3532/07 со која е утврдена повреда на член 11 и член 9 од Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи. Со самото неизвршување на Пресудата се придонесувало за продолжено кршење на загарантираната со Устав слобода на уверување на совеста, мислата и јавното изразување, како и здружување и дејствување.

Основниот граѓански суд Скопје донел Решение РСВЗРГ бр.7/20 од 14.01.2021 година, со кое предлогот за повторување на постапката поднесен од страна на основачите на „Грко-Православната Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија“ од Битола, се отфрла како ненавремен, кое решение е потврдено со Решение на Апелациониот суд Скопје ГЖ бр.880/21 од 18.03.2021 година.

Со самото носење на наведеното решение, според подносителот на барањето, погрешно бил применет важечки закон. Имено, Решението било донесено согласно Законот за парничната постапка, додека за спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права бил применлив Законот за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права.

По исто такво барање, во друга постапка, Апелациониот суд Скопје донел поинакво решение (Решение ГЖ-3951/19 од 02.10.2019 година) и утврдил дека при поднесено барање за спроведување на одлука од Стразбур не се бара повторување на постапката, туку се поднесува барање за извршување, односно спроведување на правосилна одлука на Европскиот суд за човекови права.

Причините поради кои се бара заштита се однесувале на фактот што Основниот граѓански суд Скопје не спровел правосилна одлука и применил погрешен закон, при што во континуитет се повредувале и негирале основните со Устав загарантирани човекови права и слободи.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да го стави вон сила Решението на Основниот граѓански суд Скопје, РСВЗРГ бр.7/20 и да му наложи на Судот да ја спроведе Пресудата 3532/07 на Европскиот суд за човекови права.

Со оглед на тоа што од извршувањето на оспорените поединечни акти или дејствија можело да настанат неотстранливи или тешко отстранливи последици и да се продолжи со повредата на основните човекови права, којашто била констатирана во правосилната пресуда на Европскиот суд за човекови права со нејзино неспроведување и неизвршување, се предлага Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на оспореното решение на Основниот граѓански суд Скопје, до донесување на конечна одлука.

3. Судот на седницата, врз основа на наводите во барањето и доставената документација, ја утврди следната фактичка состојба:

Европскиот суд за човекови права, постапувајќи по жалбата бр.3532/07 на „Православната охридска архиепископија (Грко-православна охридска архиепископија на пеќката патријаршија)“ против Република Македонија, со пресуда од 16 ноември 2017 година, утврдил дека е сторена повреда на член 11 толкуван во смисла на член 9 од Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи, поради тоа што домашните органи не го регистрирале здружението – апликант во регистарот на цркви, религиозни групи и верски заедници, а причините поради одбивање на барањето не биле „доволни и релевантни“ и дека таквото постапување на домашните органи не можело да се прифати како потребно во едно демократско општество, а воедно утврдил дека нема потреба да се разгледуваат одделно жалбените наводи во контекст на одредбата од член 14 од Конвенцијата и одредбата од член 1 на Протокол бр.12 кон Конвенцијата, како и определил обврска за државата, да му исплати на жалителот, во рок од три месеци од датумот на кој пресудата ќе стане конечна, износи конвертирани во националната валута на тужената држава по стапка применлива на денот на исплатата, и тоа: 4.500 евра, плус какви било такси кои можат да бидат наплатени во однос на нематеријалната штета и 5.000 евра плус која било такса која може да биде наплатена на жалителот, по однос на трошоци.

Наведената пресуда станала конечна (правосилна) на 09.04.2018 година.

На 18.06.2018 година, основачите на „Грко-православна охридска архиепископија на пеќката патријаршија“ од Битола имаат поднесено до Основниот граѓански суд Скопје како надлежен за водење на Единствениот судски регистар на црквите, верските заедници и религиозните групи, поднесок насловен: „барање за извршување на пресудата на Европскиот суд за човекови права“.

Основниот граѓански суд Скопје, со Решение РСВЗРГ- 8/18 од 03.03.2020 година го одбил наведеното барање за извршување на правосилна судска пресуда на Европскиот суд за човекови права (жалба број 3532/07) во постапката по предметот Рег.бр.12/09, заведена под РСВЗРГ 8/18, со образложение дека го одбива барањето за запишување во единствениот судски регистар со оглед на тоа дека здружението апликант не одговорило на експлицитните барања на Судот за почитување на позитивното законодавство и во таа смисла достава на свежа и комплетна документација согласно одредбите од член 2, член 9, член 10 и член 13 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група кои биле упатени до здружението апликант во неколку наврати со разумни рокови за постапување и прибирање на потребна документација.

Апелациониот суд Скопје, одлучувајќи по жалбата на предлагачот-барателот изјавена против Решението на Основниот граѓански суд Скопје РСВЗР – 8/18 од 03.03.2020 година, на 06.11.2020 година донел Решение ГЖ-1691/20 со кое жалбата се уважува и Решението на Основниот граѓански суд Скопје РСВЗР – 8/18 од 03.03.2020 година се укинува и предметот се враќа на првостепениот суд на повторно одлучување, со напатствие при повторното одлучување, првостепениот суд да постапи по забелешките дадени од овој суд, на начин што ќе утврди со сигурност кога пресудата на Европскиот суд за човекови права (жалба бр. 3532/07) станала конечна, па оттука да цени и дали барањето за повторување на постапката од 18.06.2018 година е поднесено во рок од 30 дена од конечноста на пресудата на Европскиот суд за човекови права и соодветно да ги примени одредбите на член 400 став 2 од Законот за парничната постапка за повторување на постапката, по што ќе биде во можност да донесе правилна и на закон заснована одлука.

При повторување на постапката, Основниот граѓански суд Скопје со Решение РСВЗРГ бр.7/20 од 14.01.2021 година, на „барањето за извршување на правосилна судска пресуда на Европскиот суд за човекови права“, низ призма на дозволените правни средства во домашниот правен систем во случај на утврдена повреда на некоја од одредбите на Европската конвенција за заштита на човековите права која е сторена со одлука на суд, му дава третман на предлог за повторување на постапката, во смисла на член 400 од Законот за парничната постапка. Во таа смисла, предлогот за повторување на постапката поднесен од страна на основачите на „Грко-православна охридска архиепископија на пеќката патријаршија“ од Битола, го отфрла како ненавремен. Имено, пресудата на Европскиот суд за човекови права од 16.11.2017 година станала конечна (правосилна) на 09.04.2018 година, што е видливо од забелешката на конечност/правосилност (final) содржана на првата страна на примерокот од пресудата доставен од страна на Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права, а барањето од страна на подносителот е поднесено на 18.06.2018 година, што е видливо од приемниот печат на судот чиј отисок е содржан на позадината од првата страна на примерокот од барањето приложен кон списите на предметот РСВЗРГ бр.7/20, односно по истекот на законски определениот рок од 30 дена за поднесување на ваков вид на барање, кој рок започнува да тече сметано од денот на конечноста на пресудата на Европскиот суд за човекови права со која е утврдена повреда на некоја одредба од Конвенцијата.

Со Решение на Апелациониот суд Скопје, бр. ГЖ-880/21 од 18.03.2021 година, Решението на Основниот граѓански суд Скопје РСВЗРГ бр.7/20 од 14.01.2021 година, се потврдува. (Видно од доставницата. Решението е примено од адвокатот Марија Келепуровска од Ресен на 31.03.2021 година).

Јован Вранишковски од Битола, на 28.05.2021 година достави до Уставниот суд Барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, поради неизвршување на правосилна пресуда на Европскиот суд за човекови права бр.3532/07. Самото неизвршување на пресудата со утврдена повреда, придонесувало за продолжено кршење на загарантираната со Устав слобода на уверување на совеста, мислата и јавното изразување, како и здружување и дејствување. Повредата била сторена со Решението на Основниот граѓански суд Скопје РСВЗРГ бр.7/20, затоа што со носењето на Решението погрешно бил применет важечкиот закон. Имено, Решението било донесено согласно Законот за парничната постапка, додека за спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права применлив бил Законот за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права. Во поткрепа на ваквиот став, се наведува дека во друга постапка, по исто такво барање, Апелациониот суд Скопје донел поинакво решение и утврдил дека при поднесено барање за спроведување на одлука од Стразбур не се бара повторување на постапката, туку е поднесено барање за извршување, односно спроведување на правосилна одлука на Европскиот суд за човекови права (Решение ГЖ-3951/19 од 02.10.2019 година). Во претходната постапка, Уставниот суд утврди дека со ова решение на Апелациониот суд Скопје, Решението на Основниот граѓански суд се укинува и предметот се враќа пред првостепениот суд на повторно разгледување и одлучување. Притоа, со допис на Основниот граѓански суд Скопје, РСВЗРГ-7/20 од 10.11.2021 година, Уставниот суд е информиран дека во овој предмет Основниот граѓански суд има донесено ново Решение РСВЗРГ-8/19 од 22.10.2019 година со правосилност од 30.12.2019 година, со кое барањето за извршување на правосилна пресуда од Европскиот суд за човекови права (Жалба бр.52849/09) се одбива. Според образложението на Решението, и при повторувањето на постапката, Судот останал на ставот дека благовремено поднесен предлог за повторување на спорната домашна постапка претставува единствена индивидуална мерка за целите на извршување на пресудата, со која би можел да се постигне ефектот на индивидуалните мерки за извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, односно оштетената страна или нерегистрираното верско здружение во случајот да биде доведено во најголема можна мера во состојба во која оштетената страна била пред повредата на Европската конвенција за човекови права, имајќи предвид дека согласно со член 13 став 3 од Законот за судовите судската одлука може да ја менува или укинува само надлежен суд во постапка пропишана со закон, а евентуалното дозволување за повторување на постапката согласно со член 398 од Законот за парничната постапка резултира со укинување на одлуките донесени во поранешната постапка, а повторената постапка би требало согласно член 46 од Европската конвенција за човекови права и препораките на Меѓуресорската комисија при повторното одлучување да се земат предвид ставовите на Европскиот суд за човекови права изнесени во пресудата на Европскиот суд за човекови права и да се отстранат констатираните повреди на Европската конвенција за човекови права.

Поради наведеното, со барањето се предлага Уставниот суд да го стави вон сила Решението на Основниот граѓански суд Скопје, РСВЗРГ бр.7/20 и да му наложи на Судот да ја спроведе Пресудата 3532/07 на Европскиот суд за човекови права.

4. Согласно член 50 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Според Амандманот XXV на Уставот, со кој се заменува членот 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни (став 1). Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот (став 2).

Според член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, како и ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

5. Со член 46 од Европската конвенција за заштита на човековите права, која е ратификувана од страна на Република Северна Македонија, се пропишува задолжителност и извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права. Во таа смисла се пропишува дека високите страни договорнички се обврзуваат да се придржуваат кон конечните пресуди на Судот во споровите во коишто тие се странка. Конечната пресуда на Судот му се доставува на Комитетот на министрите којшто го надгледува нејзиното извршување (ставови 1 и 2).

6. Со Законот за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права („Службен весник на Република Македонија“, бр.67/2009 и 43/2014), се уредува постапката за извршувањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права, донесени по предметите против Република Македонија, како и други прашања кои се однесуваат на извршувањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права (во натамошниот текст: Судот) (член 1).

Според членот 2 на овој закон, извршувањето на одлуките на Судот се обезбедува со исплата на досудените средства на жалителите како правична отштета и усвојување и преземање на поединечни и општи мерки, заради отстранување на повредата и последиците кои настанале од истата, како и на причините што довеле до поднесување на жалби пред Судот и соодветно спречување исти или слични повреди.

Во согласност со членот 6, за следење на извршувањето на одлуките на Судот се формира Меѓуресорска комисија за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права (во натамошнот текст: Меѓуресорската комисија).

Според членот 7, стручните и административните работи на Меѓуресорската комисија ги врши Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права (во натамошниот текст: Бирото).

Согласно членот 11:

Меѓуресорската комисија ги врши работите кои се однесуваат на:
1) анализа на пресудите на Судот донесени против Република Македонија за утврдување на причините кои довеле до повредата;
2) препорачување на поединечни и општи мерки на надлежните државни органи за отстранување на повредата утврдена од Судот и за отстранување на последиците од истата;
3) давање на предлози за подобрување на законската регулатива за заштита на човековите права;
4) следење на извршувањето на одлуките на Судот;
5) обезбедување и размена на информации и податоци во областа на извршување на одлуките на Судот;
6) следење на постојниот систем за извршување на одлуките и предлагање на мерки за негово подобрување и
7) други работи утврдени со закон.

Според член 16 став 1 од Законот, рокот од три месеци за исплата на правичната отштета утврдена во одлуката започнува да тече од приемот на известието за конечност на одлуката од страна на Судот.

Во главата 4, Извршување на одлуката на Судот, потточка II. Поединечни и општи мерки (членови 22-27), е пропишано:

Член 22

(1) Бирото во рок од два месеца по доставувањето на известието за конечност на одлуката на Судот со која е утврдена повреда на правата загарантирани со Конвенцијата, ги известува Врховниот суд на Република Македонија, Вишиот управен суд, Управниот суд на Република Македонија, сите апелациони судови, основниот суд и сите други институции или субјекти кои биле директно вклучени во конкретниот предмет, за кој е донесена пресудата.
(2) Со известување за доставената пресуда до субјектите од ставот (1) на овој член се доставува и превод на пресудата на македонски јазик и неговото кирилско писмо.

Член 23

Бирото веднаш, а најдоцна во рок од три месеца по доставувањето на известието за конечност на одлуката на Судот ја известува Меѓуресорската комисија за донесената одлука, за утврдените повреди и предлага можни општи и поединечни мерки за отстранување на повредите утврдени со одлуката.

Член 24

(1) Меѓуресорската комисија ја анализира одлуката на Судот, ги разгледува мерките од членот 23 на овој закон и изготвува препорака до надлежните државни органи, единиците на локалната самоуправа, судството и јавното обвинителство за преземање на соодветни општи и поединечни мерки за можно отстранување на повредата утврдена од Судот и спречување на настанување исти или слични повреди.
(2) Органите од ставот (1) на овој член ќе ја известат Комисијата за постапувањето по препораките согласно со закон.

Член 25

(1) Поединечни мерки се преземаат од страна на субјектите од членот 24 став (1) на овој закон за отстранување на повредата и последиците кои настанале од повредата.
(2) Поединечната мерка се препорачува во зависност од утврдената повреда и состојбата на жалителот во времето на сторувањето на повредата.

Член 26

Ако со одлука на Судот се констатира дека утврдената повреда произлегува од закон, друг пропис или практика на субјектите од членот 24 став (1) на овој закон, им се препорачува преземање на општи мерки за надминување на недостатокот, што довел до поднесување на жалба пред Судот и соодветно спречување исти или слични повреди утврдени од Судот.

Член 27

Општи мерки во смисла на членот 26 од овој закон се:
1) измени и дополнувања на законите и другите прописи поради кои настанала утврдената повреда и следење на нивната примена;
2) измени во постапувањето на надлежните субјекти во согласност со закон;
3) обезбедување правна експертиза на законските проекти;
4) стручно оспособување и усовршување на судиите, јавните обвинители, адвокатите, вработените во органите на државната управа, вработените во миграционите служби и други категории на вработени чија работа е поврзана со извршување на законите и другите прописи, а со цел за соодветна примена на Конвенцијата и судската пракса востановена од Судот и
5) други мерки определени во согласност со одлуката на Судот за спречување на повреди на Конвенцијата со цел за отстранување на недостатоците од системски карактер и обезбедување на обесштетување за последиците од повредите, а под надзор на Комитетот на министри на Советот на Европа.

7. Членот 400 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/05, бр.110/08, бр.83/09 , бр.116/10 и бр.124/15), носи наслов: Повторување на постапка по повод конечна пресуда на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Наведениот член гласи:

(1) Кога Европскиот суд за човекови права ќе утврди повреда на некое човеково право или на основните слободи предвидени во Европската конвенција за заштита на основните човекови права и слободи и во Дополнителните протоколи на Конвенцијата, кои Република Македонија ги ратификувала, странката може во рок од 30 дена од конечноста на пресудата на Европскиот суд за човекови права да поднесе барање до судот во Република Македонија кој судел во прв степен во постапката во која е донесена одлуката со која е повредено некое од човековите права или основните слободи за измена на одлуката со која тоа право или основна слобода е повредена.
(2) Во постапката од ставот (1) на овој член соодветно се применуваат одредбите за повторување на постапката.
(3) Во повторувањето на постапката судовите се должни да ги почитуваат правните ставови изразени во конечната пресуда на Европскиот суд за човекови права со која е утврдена повреда на основните човекови права и слободи.

8. Од наведената уставна и законска регулатива, произлегува дека заштита на човековите слободи и права во Република Северна Македонија е издигната на уставно ниво, на начин што секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Постои јасна и прецизна законска регулатива за тоа како се извршуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права донесени во предмети против Република Северна Македонија. Во таа смисла, донесен е посебен закон за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права, со кој е формирана Меѓуресорска комисија за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права, со пропишан состав и надлежности, пропишан е рокот и постапката за исплата на правичната отштета утврдена со одлуката на Судот, пропишани се општи и поединечни мерки за можно отстранување на повредата утврдена од Судот и соодветно спречување на настанување исти или слични повреди.

Исто така, во Законот за парничната постапка, постои посебна одредба (член 400) во која е пропишана можност за повторување на постапката по повод конечна пресуда на Европскиот суд за човекови права, како вонреден правен лек. Имено, кога Европскиот суд за човекови права ќе утврди повреда на некое човеково право или на основните слободи предвидени во Европската конвенција за заштита на основните човекови права и слободи и во Дополнителните протоколи на Конвенцијата, кои Република Македонија ги ратификувала, странката може во рок од 30 дена од конечноста на пресудата на Европскиот суд за човекови права да поднесе барање до судот во Република Македонија кој судел во прв степен во постапката во која е донесена одлуката со која е повредено некое од човековите права или основните слободи за измена на одлуката со која тоа право или основна слобода е повредена. Во оваа постапка соодветно се применуваат одредбите за повторување на постапката.

Наведената законска регулатива со која е пропишана можност за повторување на постапката по повод конечна пресуда на Европскиот суд за човекови права, кога повредата на правото е сторена со одлука на суд, со што е дадена можност за измена на одлуката со која тоа право или основна слобода е повредена, во согласност со правните ставови изразени во конечната пресуда на Европскиот суд за човекови права, претставува поединечна мерка за отстранување на повредата и последиците кои настанале од повредата, која е оценета како ефикасен правен лек во сферата на извршувањето на тие пресуди.

9. Во конкретниот случај, кога станува збор за извршување на пресудата на Европскиот суд за човекови права бр.3532/07 од 16 ноември 2017 година, Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права, кое ги врши стручните и административните работи за Меѓуресорската комисија за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права, го извести Уставниот суд за следното:

Согласно член 16 од Законот за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права, извршена е исплата на досудените парични средства согласно Пресудата, односно на 9 јули 2018 година се исплатени 4.500 евра за нематеријална штета и 5.000 евра за судски трошоци.

Исто така, согласно член 22 од Законот за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права, Бирото за донесената пресуда ги има известено сите институции кои биле директно вклучени во постапката за регистрација, а согласно член 23 од истиот закон, случајот бил предмет на разгледување на четири седници на Меѓуресорската комисија за извршување на одлуките на ЕСЧП, одржани на 20.09.2018 година, 26.09.2019 година, 08.07.2020 година и 20.05.2021 година.

Согласно член 46 од истиот закон, Бирото до Комитетот на министри преку Одделот за извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права при надлежниот Генерален директорат на Советот на Европа, како стручно тело на Комитетот на министри, има доставено повеќе поднесоци во врска со извршувањето на предметната пресуда, кои се јавно достапни во соодветниот интернет простор на Советот на Европа. Имено, иницијалниот акционен план бил доставен на 21.12.2018 година, а потоа биле доставувани ажурирани акциони планови, и тоа на: 25.02.2019 година, 13.11.2019 година и 27.03.2020 година во кои биле презентирани информации со кои Бирото располагало до моментот на поднесување на ажурираните акциони планови. Во моментот во подготовка е нов поднесок до Комитетот на министри, односно до Одделот за извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права кој треба да информира за развојот на настаните во меѓувреме, вклучително и за барањето за заштита на слободите и правата поднесено пред Уставниот суд, по кое е оформен овој предмет.

Притоа, се укажува дека Комитетот на министри решил за целите на надзор над извршувањето на пресудите, последователно да ги спои сите пресуди против државата, со кои се констатирани слични повреди на Европскиот суд за човекови права, а кои се донесени и станале правосилни по пресудата во конкретниот случај. Притоа, извршувањето на конкретната пресуда А.бр.3532/07 било разгледувано од Комитетот на министри на состаноците во март 2019 година и во јуни 2020 година. Во прилог на ова известување, до Уставниот суд се доставени сите одлуки на Комитетот на министри донесени за процесот на извршување на споменатите пресуди на Европскиот суд за човекови права, како и белешките од состаноците на Комитетот на министри на кои било разговарано меѓу другото, и за извршување на пресудата А.бр.3532/07, на англиски јазик.

Имајќи предвид дека постапката на надзор над извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права е контрадикторна, здружението апликант во предметот А.бр.3532/07 доставило поднесок до Комитетот на министри во август 2021 година. На овој поднесок Бирото ќе рефлектира во поднесокот што сега се подготвува до Комитетот на министри, по што се очекува нова одлука на Комитетот на министри за процесот на извршување на предметната пресуда. Бирото ќе биде во обврска да го извести Комитетот на министри за одлуката на Уставниот суд поднесена по ова барање за заштита на слободи и права поднесено од Јован Вранишковски, која во тој случај би се земала предвид за целите на оценка на Комитетот на министри за извршувањето на пресудата на Европскиот суд за човекови права.

10. Надлежностите на Уставниот суд се пропишани со член 110 од Уставот.

Според овој член од Уставот, Уставниот суд:
– одлучува за согласноста на законите со Уставот;
– одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите;
– ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност;
– решава за судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт;
– решава за судирот на надлежностите меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа;
– одлучува за одговорноста на претседателот на Републиката;
– одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните и
– одлучува и за други прашања утврдени со Уставот.

Видно од наведената уставна регулатива, Уставниот суд нема надлежност во сферата на извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, поради што нема надлежност да одлучува по барања за извршување на таков вид пресуди.

Наводите во поднесеното барање за заштита на слободите и правата повредени со неизвршување на пресудата на Европскиот суд за човекови права, со барање Уставниот суд да го стави вон сила Решението на Основниот граѓански суд Скопје, РСВЗРГ бр.7/20, поради тоа што било засновано на одредба од Законот за парничната постапка а не на Законот за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права и да му наложи на Судот да ја спроведе Пресудата 3532/07 на Европскиот суд за човекови права, всушност претставуваат барање за оцена на законитоста на решенијата на Основниот граѓански суд Скопје и на Апелациониот суд Скопје, во смисла дали правилно ја примениле законската регулатива при одлучувањето.

Наводите дека по исто такво барање, во друга постапка, Апелациониот суд Скопје донел поинакво решение (Решение ГЖ-3951/19 од 02.10.2019 година) и утврдил дека при поднесено барање за спроведување на одлука од Стразбур не се бара повторување на постапката, туку се поднесува барање за извршување, односно спроведување на правосилна одлука на Европскиот суд за човекови права, претставуваат барање Уставниот суд да се впушти во оцена по прашања поврзани со единство во примената на законите од страна на судовите.

Меѓутоа, согласно членот 110 од Уставот, Уставниот суд нема надлежност да разгледува прашања во врска со работата на судовите, примената на законите и судската практика, поради што нема надлежност да одлучува по вакви барања.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, доставеното барање за заштита на слободи и права да биде отфрлено, поради ненадлежност на Уставниот суд.

11. Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека не се исполнети условите од членот 27 на Деловникот на Уставниот суд, да се прифати барањето, до донесување на конечна одлука, Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на оспореното решение на Основниот граѓански суд Скопје.

12. Поради наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

13. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.72/2021
15 декември 2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска