У.бр.69/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 13 март 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 101 став 1 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ број 79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 101 став 2 од Законот означен во точката 1 на ова решение.

3. Влатко Илиевски, адвокат од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 101 ставови 1 и 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Поточно со иницијативата одредбата се означува како член 16 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.116/2010) што за Судот е недоволно прецизно означување од каде предмет на анализа е член 101 ставови 1 и 2 од целината на Законот.

Во иницијативата се цитираат: оспорената одредба и член 98 ставови: 3, 4, 5 и 8 од Законот за парничната постапка, како и: член 8 став 1 алинеја 3, членот 9 и член 50 став 2 од Уставот.

Според подносителот на иницијативата, со оспорениот член 101 став 1 од Законот се пропишувала обврска за судот да ги отфрли поднесоците поднесени од полномошник кои не ги содржеле податоците од член 98 ставови: 3, 4, 5 и 8 од Законот за парничната постапка иако станувало збор за податоци од техничка природа, односно не навлегувале во суштината на барањето поради кое полномошникот се обраќал до судот. Со ваквата одредба на судот не му се оставал избор освен да ги отфрли поднесоците дури и кога станувало збор за ненамерен пропуст или ноторен факт (на пример тековна сметка од Централен регистар којашто судот можел и сам да ја обезбеди). Со давање на дополнителен рок пропустот би можел да се коригира, но со одредбата се ставало на преден план исполнувањето на формално-правни услови и реално се попречувал граѓанинот, преку неговиот полномошник да го оствари своето право на судска заштита, бидејќи додека се создаделе услови за повторно поднесување на нов поднесок, роковите за оспорување веќе биле истечени.

Судската практика покажувала дека поднесоците биле отфрлани и за најмал недостаток, а вложувањето на жалба против решението за отфрлање било залудно и неефикасно бидејќи апелационите судови ги одбивале како неосновани ваквите жалби. Заради тоа граѓаните биле оневозможени да го остварат загарантираното право од член 50 став 2 од Уставот, доколку поднесокот имал и најмал недостаток.

Доколку судовите овозможеле дополнителен рок за отстранување на недостатоците би се остварил ефикасен пристап до судовите, пристап до правдата, но и контрола на законитото работење на институциите, заради што отфрлањето на неуредните поднесоци врз основа на оспорената одредба значело повреда на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Отфрлањето на поднесоците, без да се предвиди дополнителен рок за коригирање преставувало воедно и неможност да се стави на тест отчетноста и одговорноста на институциите во одговорноста на носење на поединечните акти, со што се повредувало владеењето на правото, разгледувано од перспектива на Европската конвенција за човекови права, бидејќи ова водело до отсуство на ефикасен правен лек.

Оспорената одредба предвидувала различен правен третман на граѓанин кој доставил до суд поднесок со недостатоци (член 98 ставови 3, 4, 5 и 8 од ЗПП) и полномошник кој доставил до суд поднесок со недостатоци, бидејќи за лице без полномошник, согласно член 101 став 2 од Законот, поднесокот се враќал на исправка и дополнение, но тоа не било случај за полномошниците. Различното третирање било повреда на член 9 став 2 од Уставот, бидејќи поднесоците се поднесувале во име и за сметка на граѓаните, па било недозволиво граѓаните со полномошник да бидат во понеповолна состојба.

Врз основа на наведеното се предлага Судот да ја прифати иницијативата и да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба.

4. Судот на седницата, утврди дека според оспорениот член 101 став 1 од Законот за парничната постапка, поднесоците кои се поднесени од полномошник, а кои се неразбирливи или не ги содржат податоците од член 98 ставовите 3, 4, 5 и 8 на овој закон или не се поднесени во доволен број примероци кога тие се поднесени во писмена форма, судот ќе ги отфрли.

Според член 101 став 2 од Законот, ако поднесокот е неразбирлив или не го содржи сето она што е потребно за да може да се постапи по него, судот ќе му укаже на подносителот кој нема полномошник, да го исправи поднесокот.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на Уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 9 од Уставот е уредено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 50 од Уставот секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд во постапка заснована врз начелото на приоритет и итност.

Од увидот во Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка (јуни 2010) произлегува дека целите што треба да се постигнат со новите измени и дополнувања на Законот за парничната постапка се создавање на законски претпоставки за побрза и поефикасна парнична постапка, како и на натамошно имплементирање на современите решенија во областа. На тој начин би се обезбедило натамошно нормативно-правно осовременување на домашното граѓанско процесно законодавство, што е во функција на континуираното спроведување на судските реформи во оваа област.

Донесувањето на овие измени, според Предлог-законот е во функција на воспоставување на посоодветни законски механизми со кои ќе се обезбеди побрзо и поефикасно постапување на судовите во споровите за основните права и обврски на човекот и граѓанинот, за личните, семејните, работните, имотните и другите граѓанско-правни односи, а со цел да се постигне правосилно разрешување на спорните односи помеѓу правните субјекти во што е можно пократок временски период, со што би се обезбедиле правни претпоставки за почитување на начелото на судење во разумен рок и поголема правна сигурност. Според законодавецот ваквите одредби (измените на членот 101 од Законот) имаат за цел да се надмине проблемот со одолговлекување на постапката и неможноста да се постапува по поднесок заради недоволен број на примероци, како и да се обезбеди посериозен пристап од страна на странките и нивните полномошници уште при поднесувањето на поднесоци до судовите.

Оспорениот член 101 ставови 1 и 2 од Законот, со сегашното нормативно уредување, станал дел од правниот поредок како резултат на пошироки измени и дополнувања на Законот што се направени во текот на 2010 година. Според прибавеното мислење на Владата на Република Македонија бр.44-6673/1 од 24.07.2018 година за така направените измени и дополнувања, меѓу другите, биле консултирани и адвокатите. Измените и дополнувањата се со цел да се обезбеди намалување на бројот на долги и неефикасни постапки, посериозен пристап на странките и полномошниците при поднесување на поднесоците до судовите, а во согласност со начелото на процесна економија и забраната за злоупотреба на процесните овластувања (член 10 став 1 од Законот) и начелото на концентрација на постапката (член 297 став 2 од Законот).

Инаку, во член 297 став 2 од Законот е предвидена должност на претседателот на советот, односно судијата поединец да се грижи преметот на спорот сестрано да се претресе, но постапката поради тоа да не се одолжува, така што расправата по можност да се доврши на едно рочиште.

Од анализата на содржината на оспорениот член 101 ставови 1 и 2 од Законот за парничната постапка произлегува дека со него се уредува како постапуваат судовите со поднесок што е неразбирлив или не го содржи сето она што е потребно за да може да се постапи по него. Поточно, поднесоците составени од полномошник треба да ги содржат податоците од член 98 ставови 3, 4, 5 и 8 од Законот, а поднесоците составени од подносител без полномошник треба да ги содржат податоци од член 98 ставови 3, 4, 5, 6 и 8 од Законот. Останатите ставови од членот 98 не содржат уредување по однос на потребни податоци на поднесоците.

Во член 98 став 1 од Законот за парничната постапка, пак е предвидено дека, тужбата, одговорот на тужбата, правните лекови и другите изјави, предлози и соопштенија што се даваат надвор од расправата се поднесуваат писмено, или по електронски пат до приемното одделение на надлежниот суд (поднесоци).

Поднесоците задолжително треба да содржат адвокатски печат, освен оние кои се составени од страна на полномошници определени во член 81 став 1 алинеи 2 и 3 од овој закон (став 2).

Според ставот 3 од членот 98 од Законот, поднесоците мораат да бидат разбирливи и мораат да го содржат сето она што е потребно за да може да се постапи по нив. Тие особено треба да содржат: означување на судот, име и презиме поткрепени со доказ за лична идентификација, живеалиште, односно престојувалиште на странките, односно фирмата и седиштето на правното лице запишани во Централниот регистар на Република Македонија или друг регистар поткрепени со доказ од соодветниот регистар, нивните законски застапници и полномошници, ако ги имаат, предмет на спорот, вредноста на спорот, содржина на изјавата и потпис на подносителот, односно електронски потпис, е-меил адреса и контакт телефон.

Поднесоците поднесени од адвокати, државен орган односно орган на државна управа, единици на локална самоуправа, правни лица и лица кои вршат јавни овластувања покрај податоците од ставот 3 на овој член треба да содржат и податоци за електронско сандаче за достава на писмената регистрирано согласно со закон (став 4).

Странката во поднесокот е должна да го наведе својот единствен матичен број на граѓанинот, односно единствен матичен број на субјектот на уписот (ЕМБС) за правните лица (став 5).

Ако изјавата содржи некое барање, странката треба во поднесокот да ги наведе фактите врз кои се заснова барањето, како и докази кога е тоа потребно (став 6).

Изјавата што се дава со поднесокот може, наместо со поднесок, да се даде усно на записник кај парничниот суд (став 7).

Според ставот 8 од членот 98 од Законот за парничната постапка, поднесокот од адвокат задолжително содржи печат, односно електронски потпис од адвокатот и адвокатска маркичка предвидена со посебен закон, во спротивно поднесокот се смета за неуреден и судот ќе го отфрли. До донесување на посебен закон со кој се уредува адвокатската маркичка, поднесокот од адвокат задолжително треба да содржи печат, односно електронски потпис.

При анализата се имаше предвид дека Судот во предметите У.бр.197/2011, У.бр.109/2011 и У.бр.216/2011 ја оценувал согласноста на член 98 ставови 3, 4, 5 и 8 од Законот за парничната постапка со Уставот (одредба на која упатува сега оспорениот член 101 ставови 1 и 2 од Законот) и нашол дека истиот е во согласност со Уставот.

Притоа во постапката по предметот У.бр.216/2011 по повод анализата на таму оспорениот член 98 став 8 од Законот, Судот поаѓајќи од карактерот на адвокатурата како носител на права, обврски и овластувања како јавна служба да обезбедува правна помош, застанал на гледиште дека таа мора да ги почитува законските решенија. Според Судот оспорената одредба од Законот, воедно обезбедува одредени стандарди во постапувањето на адвокатите, како услов поднесокот да се смета за уреден. На тие стандарди и барање за квалитет на поднесоците упатени до судот, во својство на полномошници на странките, е и одредбата од членот 101 став (1) од Законот (изменет и дополнет со членот 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка, („Службен весник на Република Македонија“ бр.116/2010). Со оглед на тоа што станува збор за квалификувано лице за застапување пред суд, законот е категоричен во своето барање за поднесоците да одговорат на законските барања, а на тоа треба во прв ред да внимаваат полномошниците кои истите ги поднеле. Притоа, еднаков третман имаат сите видови на полномошници опфатени со член 81 став (1) од законот.

Инаку, во член 81 став 1 од Законот, е определено дека полномошник на странката може да биде:
– адвокат,
– лице дипломиран правник кое со странката е во работен однос и
– роднина по крв во права линија, брат, сестра или брачен другар, доколку е потполно деловно способен.

Оттаму, Законот за парничната постапка под поимот полномошник не подразбира само лице со правни квалификации, туку секое лице кое презема дејствија во постапката во име и за сметка на странката врз основа на дадените овластувања од полномошното.

Во пошироката анализа Судот имаше предвид дека Законот за парничната постапка го уредил и прашањата како постапуваат судовите кога се прибавува исправа која странката не може самата да ја прибави, па треба посредство на судот (членови 217 и 217-а од Законот), што е еден од начините да не дојде до отфрлање на нецелосниот поднесок или пак неуреден поднесок заради недостапност на некоја исправа потребна за правилно водење на постапката.

Имајќи ја предвид направената анализа наспрема наводите од иницијативата дека оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, членот 9 и членот 50 од Уставот, Судот оцени дека вака изнесените наводи се неосновани, а поради следново:

Законодавецот, на јасен начин предвидел различен начин на постапување со поднесоците коишто имаат недостатоци поврзани со членот 98 од Законот во зависност од околноста дали поднесокот е поднесен од полномошник или пак од лице без полномошник, токму поради различната правна положба на учесниците во постапката, од каде одредбата не може да се оценува од аспект на нејзината согласност со членот 9 од Уставот. Ова од причина што принципот на еднаквост се однесува на лица кои се наоѓаат во еднаква правна положба, што овде не е случај. Полномошникот е најчесто лице со соодветни правни квалификации (адвокат, дипломиран правник во правно лице) или пак лице со конкретни овластувања врз основа на уредно полномошно. За разлика од нив лицето без полномошник најчесто не располага со соодветни квалификации за застапување на сопствените интереси во постапката. Впрочем определбата на законодавецот на подносителот без полномошник да му се остави дополнителен рок за отстранување на недостатоците во поднесокот од страна на овој Суд во постапката по предметот У.бр.197/2011 е прифатена како заштита во парничната постапка на странките кои се определиле своите барања пред судот да ги остваруваат без полномошник, поради што Судот оценил дека не станува збор за одредба којашто значи повреда на владеењето на правото и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите.

Наспроти ова во постапката по предметот У.бр.216/2011 Судот тргнал од карактерот на адвокатурата како носител на права, обврски и овластувања како јавна служба да обезбедува правна помош, и застанал на гледиште дека таа мора да ги почитува законските решенија, да обезбедува одредени стандарди и квалитет во постапувањето пред судовите како квалификувани лица за застапување пред суд при што законодавецот им дава еднаков третман на сите видови на полномошници опфатени со член 81 став 1 од Законот.

Според Судот законско уредување во оспорената одредба во крајна линија води кон побрзо и поефикасно постапување на судовите во делењето на правдата и завршување на расправите по можност на едно рочиште.

При состојба кога законодавецот воспоставил јасни правила што треба да содржат поднесоците за да бидат разбирливи и целосни, како и околноста што овој суд не го проблематизирал од уставен аспект членот 98 ставови 3, 4, 5 и 6 од Законот на кој упатува оспорениот член 101 ставови 1 и 2 од Законот, и кога произлегува дека подносител полномошник и подносител без полномошник не се наоѓаат во иста правна положба произлегува дека оспорената одредба е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, членот 9 и членот 50 од Уставот.

По однос на наводите за опасност од истекување на роковите за оспорување поради неможноста да се корегира поднесокот кој имал недостатоци Судот оцени дека станува збор за фактичко прашање, бидејќи опасноста од пропуштање на роковите е идна, неизвесна околност, која може да се појави во секој индивидуален случај и не секогаш зависи од неуредноста или уредноста на поднесоците, туку и од процената на предметниот судија, невнимателното засметување на роковите, но најчесто од доброто познавање на правните правила како од страна на полномошниците, така и од страна на странките без полномошници.

Од друга страна наводите од иницијативата со кои се бара предвидување на дополнителен рок во оспорениот член 101 став 1 од Законот за корекција на поднесоците составени од полномошниците водат кон потребата за поинакво нормативно уредување на одредбата што не е надлежност на Уставниот суд.

6. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во конкретниот случај Судот со решение У.бр.197/2011 од 10 октомври и 14 ноември 2012 година не повел постапка за оценување на уставноста на член 101 став 2 од Законот за парничната постапка.

Во таа постапка Судот изразил став дека со одредбата се остварува заштита во парничната постапка на странките кои се определиле своите барања пред судот да ги остваруваат без полномошник, поради што Судот оценил дека не станува збор за одредба која значи повреда на владеењето на правото и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, како што се наведува во иницијативата.

Оттаму, имајќи предвид дека Судот за истата работа веќе одлучувал, а во предметната иницијатива не се посочуваат основи за поинакво одлучување, исполнети се условите за отфрлање на иницијативата во овој дел согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.69/2018
13 март 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски