У.бр.62/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 12 октомври 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за Детален урбанистички план за станбена заедница број 4 и 2 Реонски Центар Запад, Блок 1 – Општина Битола, донесена од Советот на Општина Битола под број 09-135/5 од 08.10.2018 година.

2. Борис Сидоровски и Дине Кочов, двајцата од Битола, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителите на иницијативата наведуваат дека оспорениот акт донесен од Советот на Општина Битола не е во согласност со членовите 8, 24, 25, 26, 30, 33 и 110 од Уставот, како и со член 26 од Законот за сопственост и други стварни права, членовите 35, 38, 42 и 47 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и членовите 6 и 14 од Законот за животна средина.

Во доставените поднесоци кои се поднесени по барање на Судот, подносителите не ги наведоа причините за оспорување, туку само во истите ги цитираат одредбите од Уставот и законите наведени во поднесокот.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 1 од Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за станбена заедница број 4 и 2 Реонски Центар Запад, Блок 1 (изменување и дополнување) – Општина Битола е предвидено дека се донесува Одлука за донесување на Детален урбанистички план за станбена заедница број 4 и 2 Реонски Центар Запад, Блок 1 (изменување и дополнување) – Општина Битола.

Според член 2 од Одлуката, границите на планскиот опфат се: на север осовина на улица „Борис Кидрич“, на исток осовина на дел од улица „Михајло Андоновски“, на југ осовина на планирани улици и пешачки пристапи во Реонскиот Центар до пресек со осовината на улица „Васко Карангелески“ и на запад осовина на дел од улица „Васко Карангелески“.

Површината на планскиот опфат на ДУП за станбена заедница бр. 4 и 2, Реонски Центар Запад, Блок 1, Општина Битола (изменување и дополнување) изнесува 4,33ха.

Во член 3 од оспорената одлука се предвидува дека Детален урбанистички план за Станбена заедница 4 и 2 Реонски Центар Запад Блок 1 (изменување и дополнување) – Општина Битола, се состои од текстуален и графички дел кои се составен дел на оваа одлука.

Членот 4 од Одлуката предвидува дека Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Битола“.

4. Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите, како што е прецизирано во член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот.

Во член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд е предвидено дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

По извршениот увид во доставените поднесоци Судот оцени дека во конкретниот случај не се исполнети условите и не постојат процесни претпоставки Судот мериторно да се впушти во уставно-судска анализа на оспорениот акт.

Имено, ова од причини што и покрај укажувањата и барањето за прецизирање на поднесената иницијатива, истата не ги содржи потребните елементи и основи предвидени во член 15 од Деловникот. Доставените поднесоци го содржат само означувањето на општиот акт кој се оспорува, одредбите од Уставот кои според нивна оцена не се во согласност, како и одредбите од одделни закони цитирани во поднесокот, но и покрај укажувањето и барањето за прецизирање подносителите на иницијативата не наведоа образложени причини за оспорување поради што, според Судот, во конкретниот случај постојат процесни пречки да може Судот да се впушти во мериторна уставно-судска анализа.

Од овие причини Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.62/2022
12.10.2022 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска