У.бр.6/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 9 јули 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 23 во делот: „членот 8 став 3 на овој закон” од Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Македонија“ брoj 69/2004, 22/2007, 115/2007, 51/2011, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 156/2015, 193/2015, 53/2016 и 11/2018).

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот член 23 од Законот, се повикувал на норма која не постоела во правниот поредок. Во правниот поредок требало да постојат јасни, прецизни и концизни норми. Кога одредена норма се повикувала на друга норма во рамките на еден закон или се повикувала на норма од друг закон, нормата на која се повикува, морала да егзистира во правниот поредок. Бидејќи оспорениот дел на членот 23 од Законот, не егзистирал во правниот поредок, а се уште бил дел од содржината на членот 23 од Законот, со тоа се повредувал член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, затоа што тоа можело да доведе до забуна во операционализација на оспорениот дел на членот од Законот.

3. Судот на седница утврдил дека во главата VII. Завршни одредби, член 23 од од Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Македонија“ брoj 69/2004, 22/2007, 115/2007, 51/2011, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 156/2015, 193/2015, 53/2016 и 11/2018), Министерството за правда во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе го донесе актот од член 8 став 3 на овој закон.

4.Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Според членот 23 од Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Македонија“ брoj 69/2004, 22/2007, 115/2007, 51/2011, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 156/2015, 193/2015, 53/2016 и 11/2018), Министерството за правда во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе го донесе актот од член 8 став 3 на овој закон.

Уставниот суд со Решение У.бр.65/2017 од 22 мај 2018 година ја отфрли иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 23 во делот: „членот 8 став 3 на овој закон” од Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Македонија“ брoj 69/2004, 22/2007, 115/2007, 51/2011, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 156/2015, 193/2015, 53/2016 и 11/2018). Во образложението на решението е наведено дека: „Во конкретниот случај, барањето со иницијативата, е беспредметно, од следните причини: „Членот 23 кој е завршна одредба на основниот текст од Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Македонија“ брoj 69/2004), уредува рок за извршување на обврска на овластен доносител на акт, опишан во членот 8 став 3 на овој закон. Членот 8 став 3 од Законот за управната инспекција, уредувал дека образецот, формата и содржината на легитимацијата на инспекторот, како и начинот на издавањето и нејзиното одземање, го пропишува министерот за правда. Министерот за правда, уште во 2004 година, го донел актот за кој бил овластен да го пропише, а тоа е Правилникот за образецот, формата и содржината на легитимацијата на управен инспектор, како и начинот на издавањето и нејзиното одземање („Службен весник на Република Македонија” број 88/2004). Со тоа завршната законска одредба од член 23 од основниот текст на Законот, е исцрпена во својата примена…

Од наведеното произлегува дека завршната законска одредба од членот 23 од Законот, која определува рок за донесување на актот од член 8 став 3 на Законот, со самото донесување на актот во 2004 година, е исцрпен во својата примена. Во меѓувреме, со законските измени од 2011 година, членот 23 од Законот станува сосема неприменлив, поради промена на овластениот доносител на актот, кој не е повеќе министерот за правда, туку министерот за информатичко општество и администрација. Оттука, со бришењето на целината на членот 8 од Законот за управната инспекција, престанува и овластувањето на министерот за информатичко општество и администрација да го донесува актот, опишан во членот 8 став 3 од Законот, а прашањето регулирано со бришаниот член од Законот, за сите инспекциски служби сега е уредено со Законот за инспекциски надзор.Оттука, завршната законска одредба од членот 23 од основниот текст на Законот, по повеќе основи, е исцрпена во својата примена и правно дејствување “.

Со поднесената иницијатива повторно се оспорува уставноста на членот 23 во делот: „членот 8 став 3 на овој закон” од Законот за управната инспекција, по кои Уставниот суд со погоренаведеното решение веќе се произнел, поради што, Судот утврди дека од наводите во иницијативата не произлегуваат основи за поинакво одлучување, со што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.6/2018
9.07.2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски