У.бр.60/2020-1

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 47 алинеја 1 и член 71 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 12 јуни 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на член 1 точки 2 и 3 од Одлуката за изменување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, бр.44-2416/9 од 22 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија,“ број 107/2020) донесена од Владата на Република Северна Македонија.

2. Се става вон сила Решението за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на одредбите од Одлуката означени во точката 1 од ова решение.

3. Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Олгица Трајковска од Скопје, со Решение У.бр.60/2020 од 14 мај 2020 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Одлуката наведени во точката 1 од ова решение и го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на одредбите од Одлуката, затоа што пред Судот, со основ се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Во текот на постапката Судот утврди дека доносителот на оспорениот акт до Судот не достави одговор на решението за поведување на постапка, но Судот утврди дека со Одлуката за изменување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, бр.44-2416/12 од 14 мај 2020 година објавена на 15 мај 2020 година во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.125/2020“, Владата ги избришала точките 2 и 3 од членот 1 од Одлуката, со што престанале да важат оспорените одредби за кои беше поведена постапка за оценка на нивната уставност.

5. Согласно член 47 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката законот, другиот пропис или општ акт престанале да важат, а не наоѓа основи за оценување на нивната уставност, односно уставност и законитост во време на важењето.

Во конкретниов случај, имајќи предвид дека во текот на постапката, Владата на Република Северна Македонија донела Одлука за изменување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, бр.44-2416/12 од 14 мај 2020 година, објавена на 15 мај 2020 година во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.125/2020, со која се избришани точките 2 и 3 од членот 1 од Одлуката, за кои беше пред Уставниот суд поведена постапка за оценка на уставноста и со тоа истите престанале да важат односно не се повеќе во правниот поредок, Судот утврди дека се настапени условите од член 47 алинеја 1 од Деловникот за запирање на постапката.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.60/2020
12 јуни 2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати