У.бр.59/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 20.12.2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на член 16 од Условите за каско осигурување на моторни и шински возила, донесени од Акционерското друштво за осигурување ЕУРОЛИНК – Скопје.

2. Бобан Богдановски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбата означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и членовите 953, 956, 957, 958, 968, 970 и 981 од Законот за облигационите односи за што се изнесени детални наводи и примери од судската пракса.

Посебно, оспорениот член 16 од Условите е спротивен на членовите 970 и 981 од Законот за облигационите односи, бидејќи ја зголемува премијата за осигурување поради зголемен ризик, без претходно на осигуреникот да му се предложи измена на договорот со нова стапка на премија. Последното е пропишано со член 970 ставови 2-6 од Законот со што се менувал суштествен елемент од договорот за осигурување (премијата), а на тој начин е повреден и член 981 став 6 од истиот закон, според кој за секој осигуран случај од ист период на осигурување мора да се исплатува надомест во целост без намалување.

3. Судот на седницата утврди дека Условите за каско осигурување каско осигурување на моторни и шински возила се донесени од Одборот на директори на АД за осигурување ЕУРОЛИНК – Скопје, на 51-та редовна седница одржана на ден 26.02.2009 година со Одлуката бр. 0202-1557/9, со примена од 01.03.2009 година, и измените и дополнувањата донесени на 86-та редовна седница одржана на ден 28.11.2012 година со Одлуката бр.0202-9917/11, со примена од 29.11.2012 година; 100-та редовна седница одржана на ден 28.03.2014 година со Одлуката бр.0202-2305/17 со важност од 01.04.2014 година; 3-та редовна седница на Управниот одбор одржана на ден 06.10.2014 година со Одлуката бр.0202-8732/3 со важност од 06.10.2014 година; 5-та редовна седница на Управниот одбор одржана на ден 12.11.2014 година со Одлуката бр.0202-10250/4 со важност 12.11.2014 година.

Оспорениот член 16 од Условите е насловен „Зголемување на премијата (малус)“ и содржи два става. Во став 1 е предвидено дека ако возилото без прекин било потполно каско осигурено најмалку една година и ако во тоа време се пријавени две или повеќе штети, на договарачот на осигурувањето му се пресметува доплаток на премија (малус), и тоа: кај втора штета – 5%; кај трета штета – 10%; кај четврта штета – 20% и кај петта и секоја натамошна штета – 40%, од износот на надоместокот за претрпената штета. Според став 2 од овој член, овој доплаток се пресметува од висината на штетата, а се наплатува при исплатата на истата.

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Член 3 став 1 од Законот за супервизија на осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2002, 98/2002, 79/2007, 88/2008, 67/2010, 44/2011, 112/2011, 188/2013, 30/2014, 43/2014, 112/2014, 153/2015, 192/2015, 23/2016, 83/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019 и 31/2020), предвидува дека друштво за осигурување се основа како акционерско друштво со седиште во Република Северна Македонија, под условите утврдени со овој закон и со Законот за трговските друштва.

Член 39 став 1 точка 1 од наведениот закон, определува дека акти на деловната политика на друштвото за осигурување се општи и посебни услови за осигурување по класи на осигурување.

Имајќи го предвид утврдениот законски статус на субјектот кој врши дејност осигурување – трговско друштво регистрирано како акционерско друштво за осигурување со седиште во Републиката и законски пропишаниот статус на актите со кои се уредуваат општите и посебните услови за осигурување како акти на деловната политика на конкретното друштво за осигурување, произлегува дека актот во кој е содржана оспорената одредба – Условите за каско осигурување на моторни и шински возила, донесени од АД за осигурување ЕУРОЛИНК – Скопје, не е пропис и како таков не е подобен за уставно-судска оцена, поради што Судот одлучи иницијативата да се отфрли согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ- Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.59/2020
20.12.2022 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска