У.бр.57/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и („Службен весник на Република Северна Македонија“) бр.202/2019) на седницата одржана на 04.03.2020 година, донесe

Р Е Ш Е Н И Е

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 7 став 2 во делот „односно – албанскиот јазик и неговото писмо“ од Статутот на Општина Струга, донесен на седница на Советот на Општина Струга на  27.02.2018 година, („Службен гласник на Општина Струга“ бр.2/18).

2.Ален Деребан и Дејан Пауновски од Струга, до Уставниот суд на Република Северна Македонија доставија иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 7 став 2 во делот „односно – албанскиот јазик и неговото писмо“ од Статутот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителите на иницијативата оспорениот  член од Статутот на Општината не бил во согласност со Амандман V од Уставот на Република Македонија, како и со членовите 89 и 90 од Законот за локалната самоуправа.

Подносителите на иницијативата ја цитираат содржината на оспорениот член 7 став 2 од Статутот во кој било пропишано дека: „ Во општината службен јазик покрај македонскиот и неговото кирилско писмо е и јазикот и писмото кои го користат најмалку 20% од жителите на општината, односно албанскиот јазик и неговото писмо“, при што наведуваат дека оспорената одредба, односно, делот од крајот на реченицата каде е наведено „односно – албанскиот јазик и неговото писмо“   е спротивен на Амандман V од Уставот на Република Македонија и на член 90 став 1 од Законот за локалната самоуправа и истите ги цитираат.

Понатаму, според подносителите со член 7 став 2 од Статутот на Општина Струга , покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, албанскиот јазик и неговото писмо стануваат официјален службен јазик и писмо во Општината Струга  и се изедначуваат со македонскиот јазик и неговото кирилско писмо  што е спротивно на членот 7 од Уставот на Република Македонија  и на членовите 89 и 90 од Законот за локалната самоуправа. Покрај тоа  што е спротивен на наведените уставни и законски одредби  со оспорениот член се врши и директна дискриминација  по основ на националната  припадност на жителите на Општина Струга кои се припадници на другите националности, освен Македонците и Албанците, затоа што со оваа одредба им се ускратува уставното и законското право и можност на сите други националности кои живеат во Општина Струга, доколку во иднина бидат застапени со над 20% од вкупниот број жители во Општината да може нивниот јазик и писмо да станат службен јазик и писмо во Општина Струга.

Според подносителите на иницијативата значајно било да се напомене дека дури и во случај во иднина да се донесе и да стапи во сила Законот за употреба на јазиците, во општините ќе се применува Законот  за локалната самоуправа, затоа што за општините тој е специјален закон  и неговите одредби ги дерогираат, односно исклучуваат од употреба одредбите од другите закони.

Поради изнесеното подносителите предлагаат Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста  на член 7 став 2 од Статутот на Општина Струга и по спроведена постапка  да го поништи или укине делот на крајот на оспорената одредба  каде е предвидено односно – албанскиот јазик и неговото писмо.

Судот на седницата утврди дека на 27.02.2018 година, Советот на Општина Струга врз основа на член 36 став 1 точка 1 од Законот за локална самоуправа го донел Статутот на Општина Струга.

Според член 7 од наведениот статут, во општината службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Во општината службен јазик покрај македонскиот и неговото кирилско писмо е и јазикот и писмото  кој го користат најмалку 20% од жителите на општината, односно албанскиот јазик и неговото писмо.

За употреба на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од жителите на општината, одлучува советот на општината.

4.Според член 8 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно Амандман V точка 1 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија на целата територија на Република Северна  Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Согласно ставот 2 на точката 1 од овој амандман друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните е исто така службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член.

Во ставот 6 на оваа точка се уредува дека во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа.

Од наведените амандмански одредби произлегува дека Уставот начелно предвидува на целата територија на Република Северна  Македонија  и во нејзините меѓународни односи, службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Меѓутоа, како службен јазик, покрај македонскиот, Уставот предвидува и друг јазик под услов истиот да го зборуваат најмалку 20% од граѓаните.

Тргнувајќи од содржината на цитираните одредби од Амандманот V на  Уставот произлегува дека во Република Северна Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и тоа на целата територија на Република Северна Македонија и во нејзините меѓународни односи. Уставот познава и друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, кој  што исто така е службен јазик заедно со неговото писмо, кој се употребува на начин разработен во Амандманот V на Уставот, другите уставни одредби и соодветните закони.  Воедно, Уставот се темели на владеењето на правото, како една од темелните вредности на уставниот поредок и на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, како еден од основните негови принципи.

5.Во главата XIV од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002 ) насловена како “Службени јазици во општината” односно во членот 89  е предвидено дека:

Во општините службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Според член 90 од Законот, поднасловот „Службени јазици во општината“ е предвидено дека:

(1) Во општините службен јазик покрај македонскиот и неговото кирилско писмо е и јазикот и писмото кои го користат најмалку 20% од жителите на општината.

(2) За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од жителите на општината одлучува советот на општината.

Оваа законска одредба суштински се совпаѓа со одредбата од Амандман V точка 1 став 2 од Уставот според која, во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмата што ги користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Тргнувајќи од наведените одредби од Законот за локалната самоуправа, произлегува дека како службен јазик, покрај македонскиот јазик, предвидува и друг јазик под услов истиот да го зборуваат најмалку 20% од граѓаните.

6.Во член 2 став 2 од Законот за употреба на македонскиот јазик („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/1998, 89/2008,116/2010, 187/2013,152/2015,192/2015 и 193/2017), употребата на македонскиот јазик, како службен јазик е право и должност на граѓаните на Републиката.

Во членот 4 од наведениот закон, е предвидено дека  „Со овој закон не се ограничува правото на припадниците на националностите на службена употреба на јазикот и писмото на националностите во единиците на локалната самоуправа, согласно со Уставот на Република Македонија и закон“.

7.Во врска со наведениот предмет, Судот го имаше во предвид и фактот дека во време на поднесување на иницијативата прашањето на употреба на јазиците на граѓаните во општините кои се најмалку 20% или под 20% од населението во тие општини беше уредено со Законот за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.101/2008 и 100/2011).

Според тогаш важечкиот закон  во членот 41 беше предвидено дека во општините службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Во општините службен јазик покрај македонскиот и неговото кирилско писмо е и јазикот и писмото кој го користат најмалку 20% од жителите на општината.

За употреба на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од жителите на општината одлучува советот на општината.

Со донесување на Законот за употреба на јазиците („ Службен весник на Република Северна Македонија“бр.7/2019) престана да важи Законот за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 101/08 и 100/11 (член 24).

Во член 1 ставови 2 и 4 од  Законот за употреба на јазиците е предвидено дека:

(2) Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон.

(4) Во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа.

Имајќи го предвид наведеното, јасно и недвосмислено произлегува дека, уредувањето на прашањата за употребата на јазиците во работата и функционирањето на општините, а во конкретниот случај Општина  Струга не се повредува суштината на Амандманот V точка 6 од Уставот на Република Македонија во поглед на нивото и легитимноста за уредување на ова прашање, од кои причини Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од Статутот на Општина Струга  со Уставот на Република Северна Македонија како и со наведените закони кои што го уредуваат прашањето на можноста за употребата  на други службени јазици на граѓаните во Република Северна Македонија кои  го зборуваат односно користат најмалку 20% од граѓаните.

8.Во однос на наводите од иницијативата дека со оспорениот член се врши и директна дискриминација по основ на национална  припадност на другите националности (освен Македонците и Албанците), затоа што со оваа одредба не би го имале уставното и законското право да го употребуваат својот јазик, како службен, и во случај кога би биле повеќе од 20%, Судот оцени дека се неосновани. Правото на употреба на својот јазик во одредбите од Статутот е одраз на реалната застапеност на припадниците на заедниците. Доколку во иднина во Општината, според променетата фактичка состојба  се утврди дека има и друго население  кое треба да го користи својот јазик како службен, заради застапеност од повеќе од 20% (Турци, Власи, Срби или други) тоа би довело до нужна промена на статутарните одредби, но во овој момент таква потреба нема.

9.Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

10.Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.57/2018
04.03.2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати