У.бр.47/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 21.09.2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 22 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2013).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 22 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата наведува дека во член 117 став 4 од Законот за работните односи е предвидено дека: „Работодавачот е должен да води посебна евиденција за прекувремена работа и часовите за прекувремена работа посебно да ги наведе во месечната пресметка на платата на работникот“.

Во оспорениот член 22 став 1 од Законот се предвидува дека во член 117 став 4 од Законот по зборовите: „кај истиот работодавач“ се додаваат зборовите: „во кои не се засметуваат деновите на искористен годишен одмор“.

Имајќи ја предвид вака изнесената содржина на одредбите, според подносителот на иницијативата, во периодот кога бил креиран оспорениот член 22 став 1 од Законот, во член 117 став 4 од целината на Законот не постоеле зборовите: „кај истиот работодавач“. Оттука, произлегува дека со оспорената одредба се надополнува содржината на член 117 став 4 која, ниту суштински ниту содржински, не ги содржи зборовите на кои се повикува. Сето ова, нагласува подносителот на иницијативата е целосно спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот кој подразбира во правниот поредок да постојат јасни, прецизни и концизни норми. Заради наведеното предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата, а потоа истата да ја укине.

3. Судот на седницата, утврди дека во оспорениот член 22 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2013) е предвидено во член 117 став 4 по зборовите: „кај истиот работодавач” да се додадат зборовите: „во кои не се засметуваат деновите на искористен годишен одмор”.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Тргнувајќи од анализата на член 117 ставови 3 и 4 според основниот текст на Законот и двете измени и дополнувања што следуваат („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008 и 161/2008) одредбите ја имале следнава содржина:

Ставот 3 на членот 117 од Законот предвидува дека работникот кој работел над 150 часа подолго од полното работно време, а не отсуствувал од работа повеќе од 21 ден во текот на годината кај ист работодавач, работодавачот е должен да му исплати покрај додатокот на плата и бонус во висина од една просечна плата во Републиката.

Работодавачот, според ставот 4 од истиот член од Законот, е должен да води посебна евиденција за прекувремената работа и часовите за прекувремена работа посебно да ги наведе во месечната пресметка на платата на работникот.

Според тоа по однос на ставот 4 од членот 117 од Законот станува збор за содржина на одредбата како што се прикажува во поднесената иницијатива.

Со членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.130/2009) направени се неколку интервенции во член 117 меѓу кои, по ставот 2 се додава нов став 3, а ставовите 3, 4 и 5 стануваат ставови 4, 5 и 6.

Од направената анализа произлегува дека поранешниот став 3 на членот 117 од Законот нумерички, бил подреден како став 4 од Законот и во него се содржани зборовите: „кај ист работодавач“ и тоа пред да влезе во сила Законот во кој е содржана оспорената одредба, така што спротивните тврдења во иницијативата се неосновани.

Според тоа произлегува дека подносителот на иницијативата ја нема предвид вака настанатата нумеричка измена на ставовите во член 117 од Законот од каде одредбата од аспект на изнесените наводи во иницијативата не е уставно проблематична и не го повредува член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.47/2022
21.09.2022 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска