У.бр.41/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 9 јули 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 129 став 1 и став 3 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012, 145/2012, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014, 132/2014, 188/2014, 10/2015, 61/2015, 154/2015, 192/2015, 17/2016 и 37/2016) и

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 11 од Правилникот за начинот на издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценца за работа („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006).

3. Александар Петковски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените одредби не билe во согласност со член 9 ставови 1 и 2 од Уставот. Во иницијативата е наведено дека оспорената одредба била противуставна поради следното: „Суштината и целта на создавањето комори во секоја дејност, па така и создавањето на здравствените комори, а со тоа и на стоматолошката е непрофитабилно здружување на здравствените работници со високо образование, одржување на етичко професионалниот кодекс при работата, како и унапредувањето на севкупната стоматолошка струка и професија.“

Во иницијативата е наведено дека оспорените одредби од член 129 став 1 и став 3 од Законот за здравствената заштита се спорни и противуставни поради тоа што „здравствените комори, а со тоа и стоматолошката се ставаат во повластена положба со организирањето и евалуацијата на предавањата преку кои се врши бодирањето, начинот на бодирањето и висината на котизацијата за добивање на бодовите, кои согласно законот претставуваат услов за обновување на лиценцата и на ваков начин им се дава основа за монополска положба и поставеност над сите други правни субјекти во здравствениот сектор“.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека законодавецот со оспoрениот член 129 од овој закон, ја привилегира комората и овозможува комората бодирањето да го наплатува директно преку спроведување семинари, предавања, симпозиуми ако услов за бодирање и без конкуренција да профитира, ставајќи ја во монополска положба, овозможувајќи и за кратко време да стане финансиски силен субјект, со значително високи приходи, да поседува недвижен имот.

Во наводите на иницијативата се укажува дека оспорените одредби од Законот биле во спротивност „со темелните вредности да се обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот, спротивно на гарантираните човекови права и граѓански слободи и основите на економските односи и спротивно на членот 55 од Уставот, со кој се гарантира слобода на пазарот и претприемништвото, дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и дека презема мерка против монополската положба и монополското однесување на пазарот“.

Исто така, според наводите во иницијативата со оспорените одредби директно се крши членот 9 и членот 32 од Уставот. Овие повреди на цитираните членови од Уставот биле сторени „Во вториот дел од став 1 на членот 129 од Законот за здравствена заштита …се стекнал со соодветен број бодови и најмалку 60% од времето на важност на лиценцата за работа работел во дејноста за која стекнал лиценца за работа..“ со кои се вршело директно повластување на работниците и работодавачите во здравствените правни субјекти кои се повозрасни и им се дава можност да ги условуваат помладите здравствени работници кои не се во состојба да основаат сопствени правни субјекти – вршители на дејност, со исплата на минимални плати и други различни форми на уцена и мобинг“. На ваков начин, според подносителот на иницијативата, повозрасните здравствени работници биле во привилегирана положба, помладите здравствени работници биле во потчинета положба на повозрасните колеги сопственици на правни субјекти кои вршат здравствена дејност, а како директна последица на тоа била огромната евазија на млади здравствени работници надвор од границите на Република Македонија.

Во иницијативата се укажува дека поради неуставноста на член 129 став 1 и став 3 се доведува во прашање уставноста и основаноста на член 130, член 131 и член 132 став 2 алинеја 1, 2, 3, 5 и став З од Законот за здравствената заштита.

Во продолжение на иницијативата се наведува дека законското уредување, односно оправдување дека со обновувањето на постоечката лиценца преку наведените едукативни усовршувања бодирани од страна на комората ќе се подобрела здравствената заштита во Република Македонија, биле комплетно неосновани-противуставни во корист на наведената комора и раководната елита, на кои им се обезбедувал монопол на пазарот односно повластена положба.

Според наводите во иницијативата „сeкој здравствен работник со високо образование вработен во здравствена установа приватна или јавна, заради конкурентноста, финансиска добивка, рентабилно работење и успешноста во извршувањето на дејноста има можност и се усовршуваат самостојно преку конгреси, предавања, списанија, стручна литература, журнали издадени од еминентни здравствени образовни институции во Република Македонија и пошироко, кои денес во време на глобализација и технолошки развој, преку интернет по електронски пат му се достапни на секого. Светскиот стоматолошки конгрес за 2016 година, одржан во градот Познан Полска вршел бесплатни презентации – предавања во живо преку интернет“.

Во иницијативата се оспорува членот 11 од Правилникот за начинот на издаање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа на Стоматолошката комора бр. 01-16 од 27.06.2005 година, според кој „ Докоторот на стоматологија по навршување на 55-годишна возраст не поднесува барање за обновување на лиценца за работа се до исполнуање на законските услови за одење во пензија. Со оваа одредба директно се кршел член 9 и член 32 став 1 и 2 од Уставот, бидејќи неосновано се привилегираат докторите на стоматолаогија со навршени 55 години, односно истите спротивно на Уставот се доведувале во поповолна положба во остварувањето на правото на работа, односно се вршела дискриминација во однос на здравствените работници кои се уште не навршиле 55 години.

На крајот од иницијативата се предлага: „да се поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и да се одржи седница, како и јавна расправа и да донесете одлука со која се поништуваат горенаведените законски одредби и одредба од Правилникот, а во насока и значење на заштита на уставноста, остварување на слободите и правата на граѓанинот, ако се има во предвид тежината на повредата и нејзината природа, а особено имајќи во предвид дека од страна на коморите се воспоставени временски рокови за доставување на пријави за продолжување на лиценците, а при тоа Уставниот суд треба да го земе во предвид големиот број на здравствени работници-вршители на дејност кои се членови на соодветните комори и се незадоволни од вака уредениот начин по однос на лиценците за работа како пооднос на делувањето на комората“.

Согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонја, се предлага Уставниот суд „во текот на постапката да донесе решение за запирање на дејствијата што се преземени од страна на Стоматолошката комора на Република Македонија, а врз основа на горенаведените спорни одредби од Законот за здравствената заштита и Правилникот на Стоматолошката комора бидејќи со преземање дејствија на спроведувања од страна на Комората би настанале значителни тешко отсранливи последици и штети, во врска со вршењето на дејноста на здравствените работници-стоматолози“.

4. Судот на седница утврди дека согласно член 129 став 1 од На здравствен работник со високо образование може да му се обнови лиценцата за работа ако во периодот на важноста на лиценцата со континуирано стручно усовршување, преку следење на новините во медицината, стоматологијата, односно фармацијата и унапредување на сопственото знаење, се стекнал со соодветен број бодови и најмалку 60% од времето на важноста на лиценцата за работа работел во дејноста за која стекнал лиценца за работа. По исклучок од ставот 1 на овој член на здравствен работник со високо образование избран или именуван на јавна функција времето поминато во вршење на функцијата не му се засметува во времето на важноста на лиценцата за работа утврдено во ставот 1 на овој член (став 2). Облиците на континуирано стручно усовршување, критериумите за распоредување на облиците, критериумите за избор на спроведувачите на облиците на континуирано стручно усовршување и бодовите од ставот 1 на овој член ги утврдува Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевтската комора со општ акт на кој согласност дава министерот за здравство (оспорен став 3).

5. Согласно член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 34 став од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Согласно член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според член 39 став 1 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, а според став 2 на истиот член, граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, како и од карактерот на Република Македонија како социјална држава што има за цел воспоставување на социјална заштита и правда, Републиката обезбедува здравствена заштита што има основа во темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија , хуманизмот, социјалната правда и солидарност.

Притоа, Уставот утврдува право на социјално осигурување и го гарантира правото на здравствена заштита, а условите, начинот и обемот на правата се уредуваат со закон.

Сo членот 1 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012, 145/2012, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014, 132/2014, 188/2014, 10/2015, 61/2015, 154/2015, 192/2015, 17/2016 и 37/2016) се уредуваат прашањата кои се однесуваат на системот и организацијата на здравствената заштита и вршењето на здравствената дејност, загарантираните права и утврдените потреби и интереси на државата во обезбедувањето на здравствената заштита, здравствените установи,вработувањето, правата и должностите, одговорноста, евалуацијата, престанокот на вработувањето, заштитата и одлучувањето за правата и обврските на здравствените работници и здравствените соработници, квалитетот и сигурноста во здравствената дејност, коморите и стручните здруженија, рекламирањето и огласувањето на здравствената дејност, вршењето на здравствена дејност во вонредни услови и надзорот над вршењето на здравствената дејност.

Според член 15 точка 18 од Законот за здравствената заштита „лиценца за работа“ е јавна исправа која ја докажува стручната обученост на здравствениот работник за вршење на здравствени услуги.

Во член 129 став 1 од Законот, е уредено дека на здравствен работник со високо образование може да му се обнови лиценцата за работа ако во периодот на важноста на лиценцата со континуирано стручно усовршување, преку следење на новините во медицината, стоматологијата, односно фармацијата и унапредување на сопственото знаење, се стекнал со соодветен број бодови и најмалку 60% од времето на важноста на лиценцата за работа работел во дејноста за која стекнал лиценца за работа. По исклучок од ставот 1 на овој член на здравствен работник со високо образование избран или именуван на јавна функција времето поминато во вршење на функцијата не му се засметува во времето на важноста на лиценцата за работа утврдено во ставот 1 на овој член (став 2). Облиците на континуирано стручно усовршување, критериумите за распоредување на облиците, критериумите за избор на спроведувачите на облиците на континуирано стручно усовршување и бодовите од ставот 1 на овој член ги утврдува Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевтската комора со општ акт на кој согласност дава министерот за здравство (став 3).

Според член 130 став 1 од овој закон, на здравствен работник со високо образование кој не ги исполнува условите од членот 129 од овој закон може привремено да му се продолжи лиценцата за работа за наредните шест месеци, под услов во овој период успешно да заврши дополнителна обука и проверка на стручните знаења и способности согласно со програмата за дополнителна обука и проверка на стручните знаења и способности од членот 127 од овој закон. (2) На здравствен работник со високо образование кој не ги исполнува условите од ставот (1) на овој член привремено му се одзема лиценцата за работа.

Согласно член 131 од Законот, здравствен работник со високо образование на кој му е привремено одземена лиценцата за работа може повторно да се стекне со лиценца ако во текот на годината што следи по истекот на роковите на важност утврдени со овој закон помине дополнителна обука согласно со програмата од членот 127 од овој закон и успешно ја заврши дополнителната проверка на стручните знаења и способности пред испитна комисија на соодветната комора.

Во член 132 став 1 е утврдено дека Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевтската комора може привремено или трајно да ја одземе лиценцата за работа на здравствен работник со високо образование. Привремено одземање на лиценцата за работа на здравствен работник со високо образование може да се изврши најмногу за период од седум години, ако здравствениот работник:…Трајно одземање на лиценцата за работа се врши ако со правосилна судска одлука се утврди дека здравствениот работник со високо образование сторил стручен пропуст или грешка при работата со што предизвикал трајно нарушување на здравјето или смрт на болниот (став 6).

Според членот 133 од овој закон, против решението за привремено и трајно одземање на лиценцата за работа, здравствениот работник со високо образование има право на жалба до министерот за здравство во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.

Согласно член 134 став 1 од Законот за здравствената заштита е уредено дека здравствен работник со високо образование од член 132 став 2 од овој закон може повторно да се стекне со лиценца за работа ако во текот на две години по истекот на роковите на важност утврдени со овој закон помине дополнителна обука и успешно ја заврши дополнителната проверка на стручните знаења и способности согласно со програмата од членот 127 од овој закон пред испитна комисија на соодветната комора. Ако здравствен работник со високо образование не се стекне со лиценца за работа во рокот од ставот 1 на овој член може повторно да се стекне со лиценца за работа ако помине дополнителна обука и успешно ја заврши дополнителната посебна проверка на стручните знаења и способности согласно со програмата од членот 127 од овој закон пред испитна комисија на соодветната комора (став 2).

Во член 135 од овој закон е утврдено дека начинот на издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа и формата и содржината на образецот на лиценцата за работа на здравствените работници поблиску ги утврдува Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевтската комора со општ акт на кој согласност дава министерот за здравство.

Оттука произлегува дека правото на здравствена заштита како дел од социјалното осигурување во поширока смисла се уредува со закон и со колективен договор и дека законодавецот има право да создава нормативни претпоставки за остварување на уставно гарантираното право на граѓаните на здравствена заштита. Областа на здравствената заштита за нејзиното значење e како дејност од јавен интерес.

Тргнувајќи од чувствителноста на дејноста што ја извршуваат здравствените работници, а во функција на заштита на здравјето и животот на граѓаните, Законот за здравствената заштита утврдува дека Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевтската комора врши издавање, обновување, продолжување и одземање на лиценца на здравствени работници.

Според членот 15 точка 18 од Законот за здравствената заштита „лиценца за работа“ е јавна исправа која ја докажува стручната обученост на здравствениот работник за вршење на здравствени услуги.

Според член 115 став 1 од Законот, здравствените работници со високо образование од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата (во натамошниот текст: здравствени работници со високо образование) можат самостојно да вршат здравствени услуги со завршување на пробната работа, положување на стручниот испит и добивање лиценца за работа.

Согласно член 123 став 1 од истиот закон, издавањето, обновувањето, продолжувањето и одземањето лиценца за работа на здравствените работници со високо образование го вршат Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевтската комора заради утврдување на стручната оспособеност на здравствените работници за самостојна работа. Според ставот 2 на истиот член, лиценцата за работа се издава за период од седум години.

Според член 261 став 1 од Законот за здравствената заштита, Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевтската комора издаваат, обновуваат, продолжуваат и одземаат лиценца за работа, водат регистар на издадени, обновени, продолжени и одземени лиценци и вршат стручен надзор над работата на здравствените установи и здравствените работници како јавни овластувања и должности.

Со член 262 став 1 од Законот е пропишано дека комората може да добие јавно овластување за извршување на сите или некои од следниве задачи: – издавање, обновување, продолжување и одземање на лиценца на здравствени работници, – водење на регистар на издадени, обновени, продолжени и одземени лиценци и – донесување општи акти согласно со закон, а со согласност на министерот за здравство. секое јавно овластување се доделува на коморите за период од пет години, а јавното овластување го доделува министерот за здравство со решение доколку комората ги исполнува условите од член 263 став 1 од истиот закон. Ако се утврди дека комората престанала да ги исполнува, односно не ги исполнува условите од претходно цитираниот член 263 став 1, министерот за здравство согласно член 264 став 1 од Законот за здравствената заштита со решение го одзема јавното овластување на комората по службена должност.

Согласно член 264 став 1 од Законот, министерот за здравство со решение го одзема јавното овластување на комората по службена должност и во случај на неправилно, незаконско и ненавремено извршување на задачите во рамките на јавното овластување; давање на невистинити изјави, податоци или документи во постапката за добивање на јавното овластување или при проверката на исполнувањето на условите за добивање на јавното овластување и во случај кога не ги отстрани констатираните недостатоци и неправилности по вршењето на надзорот од член 265 став 1 од Законот за здравствената заштита во рокот определен за нивно отстранување.

Имено, согласно член 265 став 1 од Законот, Министерството за здравство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат вршат надзор над законитоста на работата на коморите во вршењето на јавното овластување. Исто така, согласно став 3 од истиот член, Министерството за здравство и Државниот завод за ревизија вршат ревизија на материјално – финансиското работење на коморите.

Различни форми на стручно усовршување на здравствените работници согласно член 266 став 2 од Законот за здравствената заштита, организираат и стручните здруженија, односно Македонското лекарско друштво, Македонското стоматолошко друштво, Македонското фармацевтско друштво и други лекарски, стоматолошки и фармацевтски друштва, преку стручните здруженија и преку други стручни здруженија.

Со член 15 став 1 точка 16 од Законот за здравствената заштита, со кој се определува значењето на одделните поими употребени во Законот, е дефинирано дека „комора“ е здружение на здравствени работници што се основа согласно со овој закон, во кое здравствените работници се здружуваат заради остварување и застапување на заеднички интереси од одделна професија, а според член 250 став 1 од Законот, комората се формира, односно докторите на медицина, докторите на стоматологија и дипломираните фармацевти се здружуваат во Лекарска, Стоматолошка, односно Фармацевтска комора на Македонија „заради заштита и унапредување на стручноста и етичките должности и права, за подобрување на квалитетот на здравствената заштита, заштитата на интересите на својата професија, следење на односот на здравствените работници кон општеството и граѓаните“.

Заради остварување на целите заради кои е формирана комората, како и заради вршење на доделените јавни овластувања, со член 260 од Законот, се пропишани изворите на финансиските средства за работа на Комората, а тоа се членарина, плаќања за услугите кои ги врши комората, донации и други извори. Со истиот член е утврдено дека Комората гарантира за своите обврски со целиот свој имот. Оттука, според Судот комората е „непрофитна“ форма на здружување, во смисла на тоа дека не е основана за да остварува профит заради стекнување на приватна добивка и негова дистрибуција на основачите и членовите, туку е основана заради остварување на друга цел, а утврдена во член 250 став 1 од Законот за здравствена заштита. За остварување на таа примарна цел потребни се финансиски средства за работа. Непрофитните организации исто така мора да работат без долгови со позитивно салдо, ефикасно и ефективно како и секој друг деловен субјект, како би опстанале и продолжиле со остварување на својата примарна цел бидејќи во спротивно би престанале да постојат.

Во функција за признавање на потребата коморите да располагаат со финансиски средства за работа е и член 263 став 1 од Законот за здравствената заштита, според кој јавно овластување на комората може да се додели ако ги исполнува условите меѓу останатите, да има вработено доволен број работници кои согласно со прописите се овластени за водење на управна постапка и други стручни задачи, да има на располагање соодветна опрема за извршување на задачите од јавното овластување со која ќе обезбеди и достапност до податоците и евиденциите и против неа не е покрената стечајна постапка, постапка на присилно порамнување или ликвидација. Коморите мора да ги исполнуваат овие услови во текот на целото времетраење на јавното овластување, како што е наведено во став 2 од истиот член.

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевтската комора со решение донесено од министерот за здравство, со важност за период од пет години, може да добие да врши едно или повеќе од јавните овластувања утврдени со член 262 став 1 од Законот за здравствената заштита (меѓу кои издавање, обновување, продолжување и одземање на лиценца на здравствени работници) доколку се утврди дека комората ги исполнува условите од член 263 став 1 од истиот закон.

Јавното овластување може да биде одземено по службена должност со решение на министерот за здравство во случај на давање на невистинити изјави, податоци или документи во постапката за добивање на јавното овластување или при проверката на исполнувањето на условите за добивање на јавното овластување. Надзор над законитоста на работата на коморите во вршењето на јавното овластување вршат Министерството за здравство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Коморите имаат јавно овластување и за донесување на општи акти согласно со закон, со согласност на министерот за здравство. Оттука. јавно овластување претставува законската обврска за донесување на општ акт пропишана со член 129 став 3 од Законот за здравствената заштита, според кој коморите ги утврдуваат облиците на континуирано стручно усовршување, критериумите за распоредување на облиците, критериумите за избор на спроведувачите на облиците на континуирано стручно усовршување и бодовите.

На овој начин, делегирани се јавните овластувања на државата преку коморите кај здравствените работници (докторите на медицина, докторите на стоматологија и дипломираните фармацевти). Но, бидејќи задачите кои се даваат како јавни овластувања се изворно обврска на државата, законодавецот предвидел услови што треба да се исполнат за јавното овластување да биде доделено, потоа предвидел постапка за донесување на решение за доделување на јавно овластување, утврдил случаи на одземање на јавното овластување и пропишал надзор над законитоста на работата на коморите во вршењето на јавното овластување. Оттука, според Судот не може да стане збор за монополска положба на коморите и нивна поставеност над сите други правни субјекти во здравствениот сектор.

Во однос на тврдењето дека „здравствените комори, а со тоа и стоматолошката се ставаат во повластена положба со организирањето и евалуацијата на предавањата преку кои се врши бодирањето, начинот на бодирањето и висината на котизацијата за добивање на бодовите“ односно дека законодавецот со оспорениот член 129 ја привилегира комората и овозможува комората бодирањето да го наплатува директно преку спроведување семинари, предавања, симпозиуми како услов за бодирање и без конкуренција да профитира, ставајќи ја во монополска положба, овозможувајќи и за кратко време да стане финансиски силен субјект, со значително високи приходи, да поседува недвижен имот“ Судот утврди дека треба да се предочи најнапред дека Законот за здравствената заштита дава законско овластување за донесување на подзаконски акт, односно правилник со следниот предмет на уредување: облици на континуирано стручно усовршување, критериумите за распоредување на облиците, критериумите за избор на спроведувачите на облиците на континуирано стручно усовршување и бодови, како и дека Законот пропишува дека во постапката на изготвување и донесување на предметниот подзаконски акт учествуваат коморите и министерот за здравство.

Од цитираните законски одредби не произлегува дека коморите ги организираат и евалуираат предавањата, ниту дека ја утврдуваат висината на котизацијата за добивање на бодовите, ниту дека „комората бодирањето го наплатува директно преку спроведување семинари, предавања, симпозиуми како услов за бодирање“, како што тврди подносителот на иницијативата. Потоа, комората по добивање на конкретно барање од организатор на облиците на континуирано стручно усовршување, утврдува дали во конкретниот случај се исполнети условите утврдени во подзаконскиот општ акт (т.н. акредитација, односно издаваат одобрение и категоризација на обликот на стручно усовршување).

Но, Комората нема овластување да организира, ниту да спроведува било каков облик на континуирано стручно усовршување, ниту да утврдува или наплатува надоместоци (т.н. котизација) за организација, односно спроведување на обука. Такво законско овластување, утврдено со член 260 став 2 од Законот за здравствената заштита, имаат стручните здруженија во Република Македонија кои се јавуваат во улога на организатори на сите облици на континуирано стручно усовршување. Согласно, донесен подзаконски акт, обуката во странство е исто така облик на континуирано стручно усовршување за кој се добиваат бодови потребни за обновување на лиценцата за работа. Секој здравствен работник избира во кои облици на континуирано стручно усовршување ќе учествува за да го добие потребниот број бодови на годишно ниво, односно за периодот на важност на лиценцата.

Судот на седница утврди дека со упатна уставна норма го овластува законодавецот да ги уреди прашањата во врска со воведувањето, добивањето и начинот на издавањето на основната лиценца за работа за здравствените работници со високо образование од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата и затоа Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на член 129 од Законот за здравствената заштита со тоа што ги утврдува условите што треба да ги исполнува здравствениот работник со високо образование од областа на медицината, стоматологијата и фармација кој се стекнал со лиценца за работа. Односно, Судот утврди дека има оправдување како мерка која законодавецот ја пропишал со цел контрола на здравствените работници како вршители на самостојна дејност при укажувањето на здравствените услуги, заради обезбедување и унапредување на квалитетот на здравствената заштита на пациентите, што е во насока на заштита на јавниот интерес и во поткрепа на начелото на владеењето на правото.

Имајќи предвид дека ограничувањето на важењето на лиценците за работа, со можност за обновување, како и нивното времено или трајно одземање се однесува за сите здравствени работници со високо образование подеднакво и под исти услови утврдени со закон, Судот оцени дека оспорените одредби од Законот не создаваат нееднаквост меѓу здравствените работници ниту пак го ограничуваат нивното право на работа и слободниот избор на вработување. Со уредувањето на прашањата околу обновувањето на лиценците за работа па и за нивното времено или трајно одземање, законодавецот воспоставил норми за контрола на здравствените работници како вршители на самостојна дејност при укажувањето на здравствените услуги, со цел да се унапреди квалитетот на здравствената заштита на пациентите, заштитата на пациентите од здравствените работници кои лошо ја извршуваат својата должност, но, исто така, и за стимулирање на здравствените работници кои покажуваат висок степен на квалитет во својата работа. Поради наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби на член 129 став 1 и став 3 од Законот за здравствената заштита во однос на член 9, член 32 и член 55 на Уставот.

Во однос на посебното барање во иницијативата каде се предлага согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонја „во текот на постапката Судот да донесе решение за запирање на дејствијата што се преземени од страна на Стоматолошката комора на Република Македонија, Судот утврди дека не се исполнети условите со оглед на тоа дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби во однос на наведените уставни одредби.

5. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Министерот за здравство, донел Правилник за начинот на издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа и формата и содржината на образецот на лиценцата за работа на здравствените работници од областа на стоматологијата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2017 од 29 мај 2017 година), со кој во членот 18 утврдил дека со денот на влегувањето во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за најнискиот износ за надоместок за концесија за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 13/2006).

Со оглед на тоа што со влегувањето во сила на Правилникот за начинот на издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа и формата и содржината на образецот на лиценцата за работа на здравствените работници од областа на стоматологијата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2017 од 29 мај 2017 година), престанал да важи Правилникот кој се оспорува со предметната иницијатива и тој веќе не е во правниот поредок, па со тоа престана да важи и одредбата од членот 11 од истиот правилник, според кој „докторот на стоматологија по навршување на 55 годишна возраст не поднесува барање за обновување на лиценцата за работа се до исполнување на законските услови за одење во пензија“ која е оспорена од подносителот на иницијативата, Судот оцени дека се исполнети условите утврдени во член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.41/2017
9.07.2018 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски