У.бр.37/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 28 ноември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 2 точка 4 во делот: „во единица на локалната самоуправа на работи од област на процена на пазарна вредност на недвижен имот за пресметување на данок на имот, во банка или штедилница регистрирана во Република Македонија или во Бирото за судски вештачења”, член 7 точка 2, член 32 став 2 и член 47-а став 1 од Законот за процена („Службен весник на Република Македонија“ број 115/2010, 158/2011, 185/2011, 64/2012, 188/2014, 104/2015, 153/2015, 192/2015 и 30/2016).

2. Милорад Јовчевски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од Решението.

Во иницијативата подносителот ги цитира содржините на оспорените законски одредби кои претходно ги имале, а потоа и законите со кои тие биле изменети и ја добиле актуелната содржина, по што заклучува дека со измените на Законот за процена се довело до состојба, субјектите кои вршеле процена да бидат во нееднаква правна положба на пазарот, на начин што проценувачите и тоа физичко лице-трговец поединец кое е регистрирано согласно со Законот за трговски друштва за вршење на процена и му е издадена лиценца за процена и е запишано во соодветен регистар за овластени проценувачи и друштво за процена регистрирано согласно со Законот за трговски друштва за вршење на процена и има лиценца за процена и е запишано во соодветен регистар за овластени проценувачи, се осигурувале од одговорност согласно членот 25 од Законот за процена и членувале во Комора на проценувачи која се финансирала од годишна членарина на членовите и одговарале дисциплински пред дисциплинска комисија.

Во продолжение подносителот наведува дека од друга страна, физичките лица со положен стручен испит за проценувач, вработени на работи на процена во банките и штедилниците во Република Македонија, во единица на локалната самоуправа и во Бирото за судски вештачења, не биле членови на Комората, не плаќале членарина и не одговарале дисциплински за својата работа. Нивното работење за привилегирани субјекти како што биле банките и штедилниците во Република Македонија, единиците на локална самоуправа и државните органи, оставало простор за сомневање за нивна пристрасност и субјективизам при вршењето на процената.

Подносителот наведува дека во Република Македонија сите облици на сопственост биле еднакви пред законот и никој не можел да ужива поголема заштита или да има привилегирана состојба во однос на другите облици на сопственост.

По цитирање на член 8 став 1 алинеи 3 и 7, членот 51 и членот 55 од Уставот на Република Македонија, подносителот наведува дека владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок, подразбирал законските и подзаконските одредби да бидат јасни, прецизни, разбирливи, недвосмислени, конзистентни и доследни едни со други, како би се обезбедило владеењето на правото и би се елиминирал можниот субјективизам од лицето кое одлучувало применувајќи го правото.

Останатите цитирани одредби од Уставот овозможувале темелната вредност слобода на пазарот и претприемништвото да се остварува со нејзино гарантирање пропишано во Уставот, со обврска на државата да спречи монополска положба и монополско однесување на пазарот и да обезбеди еднаква правна положба и заштита на сите субјекти на пазарот, како и со определување на областите поради кои може да се ограничи таа слобода.

Понатаму се наведува дека Уставот на Република Македонија не содржел норми кои се однесувале на проценителите. Оспорениот акт Законот за процена бил од општ карактер и бил во важност.

Од погоре изнесените причини со иницијативата се бара поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените законски одредби.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 2 точка 4 (значење на изразите) од Законот, „проценувач” е лице кое има положено стручен испит за проценувач и е вработено кај овластен проценувач, во единица на локалната самоуправа на работи од област на процена на пазарна вредност на недвижен имот за пресметување на данок на имот, во банка или штедилница регистрирана во Република Македонија или во Бирото за судски вештачења, а со иницијативата законската одредба се оспорува во делот: „во единица на локалната самоуправа на работи од област на процена на пазарна вредност на недвижен имот за пресметување на данок на имот, во банка или штедилница регистрирана во Република Македонија или во Бирото за судски вештачења”.

Според оспорениот член 7 точка 2 од Законот, процена може да врши физичко лице вработено во банка или штедилница регистрирана во Република Македонија, физичко лице вработено во единица на локалната самоуправа кое врши работи од областа на процена на пазарна вредност на недвижен имот за пресметување на данок на имот и во Бирото за судски вештачења кое врши работи од областа на процена за потребите на органите на државната управа, кое има положено стручен испит за проценувач.

Според оспорениот член 32 став 2 од Законот, по исклучок од ставот 1 на овој член физичките лица со положен стручен испит за проценувач, вработени на работи на процена во банките и штедилниците во Република Македонија, во единиците на локалната самоуправа и во Бирото за судски вештачења, не се членови на Комората.

Според оспорениот член 47-а став 1 од Законот, Бирото за судски вештачења ќе ги врши работите на процена до доделувањето на првата лиценца за процена за проценувач од соодветна област согласно со овој закон, освен за банките и штедилниците во Република Македонија за која било активност или постапка, во кои тие се страна и за единиците на локалната самоуправа при утврдувањето на пазарната вредност на недвижниот имот за пресметување на данок на имот.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Со член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд е определено дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Според оспорениот член 2 точка 4 (значење на изразите) од Законот, „проценувач” е лице кое има положено стручен испит за проценувач и е вработено кај овластен проценувач, во единица на локалната самоуправа на работи од област на процена на пазарна вредност на недвижен имот за пресметување на данок на имот, во банка или штедилница регистрирана во Република Македонија или во Бирото за судски вештачења.

Со иницијативата се оспорува член 2 точка 4 од Законот во делот: „во единица на локалната самоуправа на работи од област на процена на пазарна вредност на недвижен имот за пресметување на данок на имот, во банка или штедилница регистрирана во Република Македонија или во Бирото за судски вештачења”.

Во иницијативата нема наводи од кои причини дефиницијата за употребениот израз „проценувач” во делот во кој се оспорува, не е во согласност со уставните одредби, наведени во иницијативата.

Според оспорениот член 7 точка 2 од Законот, процена може да врши физичко лице вработено во банка или штедилница регистрирана во Република Македонија, физичко лице вработено во единица на локалната самоуправа кое врши работи од областа на процена на пазарна вредност на недвижен имот за пресметување на данок на имот и во Бирото за судски вештачења кое врши работи од областа на процена за потребите на органите на државната управа, кое има положено стручен испит за проценувач.

Во иницијативата нема наводи од кои причини е спротивно на уставните одредби, вработено лице во наведените субјекти да врши процена.

Според оспорениот член 32 став 2 од Законот, по исклучок од ставот 1 на овој член физичките лица со положен стручен испит за проценувач, вработени на работи на процена во банките и штедилниците во Република Македонија, во единиците на локалната самоуправа и во Бирото за судски вештачења, не се членови на Комората.

Во иницијативата нема наводи од кои причини е спротивно на Уставот, вработените лица во наведените субјекти да не бидат членови на Комората на проценувачи на Република Македонија.

Според оспорениот член член 47-а став 1 од Законот, Бирото за судски вештачења ќе ги врши работите на процена до доделувањето на првата лиценца за процена за проценувач од соодветна област согласно со овој закон, освен за банките и штедилниците во Република Македонија за која било активност или постапка, во кои тие се страна и за единиците на локалната самоуправа при утврдувањето на пазарната вредност на недвижниот имот за пресметување на данок на имот.

Во иницијативата, исто така нема наводи за причините на спротивноста на содржината од оспорениот член 47-а став 1 од Законот со одредбите на Уставот.

Имајќи ги предвид наводите за оспорување на законските одредби кои во суштина се состојат во цитирање на нивните актуелно уредени содржини и што тие значеле во контекст на членот 25 од Законот за процена, како и во изразениот сомнеж на подносителот на иницијативата во објективното работење на проценителите кои работите на процена ги вршеле во банките и штедилниците во Република Македонија, единиците на локална самоуправа и државните органи, Судот утврди дека ваквите наводи не се основа за мериторно впуштање по иницијативата, бидејќи за истото е потребно иницијативата да содржи издржани аргументи и образложени причини за несогласноста на конкретно уредените содржини кои ги имаат оспорените законски одредби со одредбите на Уставот.

5. Имајќи предвид дека иницијативата не ги содржи битните елементи, потребни за оспорување на закон или негови одредби, Судот констатира процесни пречки за постапување по иницијативата, од кои причини утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на истата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.37/2018
28 ноември 2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски