У.бр.307/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 7 јули 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценка на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт СЗ 20, Општина Ѓорче Петров, бр.08-3187/3 од 01.10.2019 година, донесена од Советот на Општина Ѓорче Петров („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.11 од 01.10.2019 година).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за усвојување на Техничка исправка на ДУП за градска четврт СЗ 20, за ГП 1.2, ГП 2.1, ГП 2.85, ГП 4.108, ГП 4.109, ГП 4.110, Општина Ѓорче Петров-Скопје, бр.08-220/4 од 30.01.2020 година („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.1/2020) и Одлуката за донесување на Техничка исправка ГП 2.71, ГП 2.72, ГП 2.73, ГП 2.74, ГП 6.35 и ГП 6.36, ДУП за градска четврт СЗ 20, Општина Ѓорче Петров-Скопје (Одлука бр.08-3187/3 од 01.10.2019 год.), бр.08-1392/29 од 31.08.2020 година („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.7/2020).

3. Аница Пупиноска и Марјан Тренески од Скопје, преку адвокат Кристина Качела од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актите, означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените одлуки не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 10, членот 43 и членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со членовите 15-а, 24 и 28 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и член 65 став 11 од Законот за животната средина.

Во иницијативата се наведува дека Општината Ѓорче Петров, при изготвувањето на оспорениот детален урбанистички план, не ги почитувала наведените уставни и законски одредби и дека бил направен пропуст во постапката за донесување на наведениот план, на начин што Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена за влијание на животната средина и формуларот не биле објавени на веб-страната на Општината Ѓорче Петров, како обврска што била предвидена согласно Законот за животната средина.

Со необјавувањето на Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена за влијание на животната средина, на подносителите им било оневозможено правото на жалба по таа одлука, а кое им припаѓало согласно член 65 став 11 од Законот за животната средина.

Понатаму, се наведува дека при изготвувањето на оспорениот ДУП, општината не ги почитувала предвидените законски одредби во поглед на постапката односно не била спроведена јавна презентација и јавна анкета.

Според наводите во иницијативата, Советот на Општината пред да ја донесе оспорената одлука, до субјектите од член 24 став 4 од Законот за урбанистичко и просторно планирање немала доставено писмено известување за организирање на спроведување на јавна презентација и јавна анкета со што подносителот на иницијативата (Аница Пупиноска) како заинтересирано физичко лице, немала можност да достави забелешки и предлози на планското решение, иако со новодонесената Одлука за ДУП имало значајни промени на границата на урбанистичкиот опфат, промена на регулационите линии како и промена во катноста (од постојната П+2+Пк во новоопределена П+3+Пк).

Поради наведените причини, со иницијативата се бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одлуки и истите да ги поништи или укине, како и Судот да донесе решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одлуки согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорената Одлука за донесување на ДУП за градска четврт С30 20, Општина Ѓорче Петров – Скопје, донесена од Советот на Општина Ѓорче Петров, бр.08-3187/3 од 01.10.2019 година („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.11 од 01.10.2019 година), во членот 1 се утврдува дека се донесува Детален урбанистички план за градска четврт СЗ 20, Општина Ѓорче Петров –Скопје, согласно со Генералниот урбанистички план на Град Скопје (2012 – 2022) донесен со Одлука бр.07-5068/1 од 03.12.2012 година, Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015 – две измени, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018) и правилниците коишто се определени во овој член.

Во членот 2 од оваа одлука е определена површината на планскиот опфат која изнесува 50,6 ха.

Со членот 3 од одлуката е утврдено дека конечниот Детален урбанистички план за градска четврт СЗ 20, Општина Ѓорче Петров – Скопје е изработен од Иванов Инжењеринг, Скопје, со технички број 0801-03-11/2017 од септември 2019 година и дадена е содржината на Деталниот урбанистички план: насловна страна со податоци за изработувачот, документациона основа (текстуален и нумерички дел) и планска документација (текстуален, нумерички и графички дел), коишто се детално наведени.

Во членот 4 е утврдено дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“.

5. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Судот со Решение У.бр.145/2019 од 6 мај 2020 година, не повел постапка за оценка на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт СЗ 20, Општина Ѓорче Петров, бр.08-3187/3 од 01.10.2019 година, донесена од Советот на Општина Ѓорче Петров („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.11 од 01.10. 2019 година), којашто одлука сега повторно е оспорена со предметната иницијатива.

Во постапката по предметот У.бр.145/2019, Судот од утврдената фактичка состојба оценил дека постапката за донесување на предметниот урбанистички план од страна на Советот на Општина Ѓорче Петров била водена во согласност со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Реублика Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016 и 64/2018). Во постапката по овој предмет било утврдено, покрај другото и следново:

– Целата постапка за донесување на планот била водена електронски преку инфорацискиот систем е – урбанизам
– Објавено е соопштение за организирање на јавна анкета и јавна презентација и истите биле одржани.
– Објавена е Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена на веб-страната на општината и истата била доставена до Министерството за животна средина и просторно планирање заедно со формуларите, при што одлуката била прифатена од страна на министерството.
– На конечниот предлог ДУП била извршена Стручна ревизија.

Во однос на предметната иницијатива од доставената документација, како и од одговорот на Советот на Општина Ѓорче Петров, Судот утврди дека во постапката за изработка до конечно донесување на ДУП за Градска четврт С3 20 Општина Ѓорче Петров, биле спроведени две јавни анкети: првата во периодот од 16.04.2018 до 27.04.2018 со јавна презентација на планот на 19.04.2018 година и втората во периодот од 13.08.2018 до 24.08. 2018 со јавната презентација на планот на 20.08.2018 година. Оттука произлегува дека, преку овие спроведени јавни анкети и јавни презентации, јавноста била запознаена со планските решенија, вклучително и подносителите на иницијативата. Истата фактичка состојба Судот ја утврди и во предметот У.бр.145/2019.

Во одговорот на оштината се наведува и дека по спроведената јавна анкета не биле извршени значајни промени, односно не биле извршени промени на границата на урбанистичкиот опфат, на регулационите линии и не се вршени промени на намената на земјиштето. Оттаму и Комисијата за урбанизам во Извештајот по јавната анкета и јавната презентација за предметниот ДУП, на двапати потврдила дека понатамошните извршени измени биле од технички карактер и дека немало потреба за организирање на повторна (трета) јавна анкета и јавна презентација (Заклучок од Извештајот од повторена јавна анкета и јавна презентација бр.25-300/19 од 03.09.2018, како и со Заклучок бр.25-5/22 од 17.04.2019 година.

Во однос на градежната парцела ГП 6.18 за која приговараат подносителите на иницијативата, во одговорот од Советот на Општина Ѓорче Петров се наведува дека решението за оваа градежна парцела од планот кој бил презентиран пред јавноста на повторната јавна анкета во периодот од 13.08.2018 до 24.08.2018 (со јавна презентација на планот на 20.08.2018 година) било целосно идентично со решението на донесениот план што може да се согледа од доставените графички прикази во одговорот од општината, односно немало измени.

Оттука, тргнувајќи од фактот што Уставниот суд веќе се произнел за уставноста и законитоста на оспорената одлука за донесување на ДУП за градска четврт С3 20, Општина Ѓорче Петров бр.08-3187/3 од 01.10.2019 година, во поглед на истите причини поради кои и сега се оспорува истата одлука, а во предметната иницијатива не се содржани наводи коишто по својот карактер би претставувале основ за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.

6. Судот на седницата утврди дека во оспорената Одлука за усвојување на Техничка исправка на ДУП за градска четврт С30 20 за ГП 1.2, ГП 2.1, ГП 2.85, ГП 4.108, ГП 4.109, ГП 4.110, Општина Ѓорче Петров – Скопје, бр.08-220/4 од 30.01.2020 година („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.1 од 30.01.2020 година), во членот 1 е уредено дека со оваа одлука се усвојува Техничката исправка за ДУП за градска четврт С30 20 за ГП 1.2, ГП 2.1, ГП 2.85, ГП 4.108, ГП 4.109, ГП 4.110 усвоен со Одлука бр.08-3187/3 од 01.10.2019 година („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.11 од 01.10.2019 година). Наведено е на кои делови се однесува техничката исправка и дека Техничката исправка бр.0801-03-11-1/17 од 12/2019 година е изработена од ДПТУ ИВАНОВ ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ Битола, за која е добиена согласност од Министерството за транспорт и врски со бр.24-10785/2 од 27.12.2019 година.

Согласно членот 2 од оваа одлука, техничката исправка е составен дел на Деталниот урбанистички план за градска четврт С30 20, Општина Ѓорче Петров – Скопје, а согласно членот 3, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“.

Судот на седницата утврди дека во оспорената Одлука за донесување на Техничка исправка ГП 2.71, ГП 2.72, ГП 2.73, ГП 2.74, ГП 6.35 и ГП 6.36, ДУП за градска четврт С3 20, Општина Ѓорче Петров – Скопје, бр.08-1392/29 од 31.08.2020 година („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.7 од 31.08.2020 година), во членот 1 е уредено дека со оваа одлука се врши Техничка исправка ГП 2.71, ГП 2.72, ГП 2.73, ГП 2.74, ГП 6.35 и ГП 6.36, ДУП за градска четврт СЗ 20, Општина Ѓорче Петров-Скопје (Одлука бр.08-3187/3 од 01.10.2019 год.), со технички број 0801-03-11-2/17 од 08/2020 изработена од ИВАНОВ ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ Битола, по добиеното позитивно мислење со бр.26-127/12 од 21.08.2020 година од Комисијата за урбанизам, формирана врз основа на одредбите на членот 38 од Законот за урбанистичко планирање со Решение за формирање на Комисијата за урбанизам, донесено од градоначалникот на Општина Ѓорче Петров со бр.09-1326 од 06.08.2020 година.

Во членот 2 од оспорената одлука се наведува дека наведената техничка исправка е составен дел на Деталниот урбанистички план за градска четврт С30 20, Општина Ѓорче Петров – Скопје (Одлука бр.08-3187/3 од 01.10.2019 год.), а во членот 3 е утврдено дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“.

7. Во поглед на оспорените одлуки за извршените технички исправки на предметниот ДУП, од одговорот на Општина Ѓорче Петров, Судот утврди дека со овие технички исправки на деталниот урбанистички план биле извршени само корекции на технички грешки во бројки при констатирани неусогласености на параметрите во графичкиот приказ, текстуалниот и нумеричкиот дел на урбанистичкиот план, во постапки кои биле во согласност со одредбата на членот 83 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Предмет на корекции биле параметри од градежните парцели 1.2, 2.1, 2.85, 4.108, 4.109, 4.11 (со техничка исправка донесена со Одлука на Советот на Општина Ѓорче Петров бр.08-220/4 од 30.01.2020), како и од градежните парцели 2.71, 2.72, 2.73, 2.74, 6.32 и 6.36 (со техничка исправка донесена со одлука на Советот на Општина Ѓорче Петров бр.08-1392/29 од 31.08.2020), при што во сите случаи се вршело ускладување на параметрите коишто во различни делови од планот биле прикажани на различен начин, преку евидентни технички грешки.

Според тоа, со оспорените одлуки за техничка исправка не се направиле суштински измени на планското решение, односно на наведениот детален урбанистички план, туку преку нив се извршиле единствено корекции на евидентни грешки. Од увидот во доставената документација, како и од одговорот на Советот на Општината, Судот утврди дека во однос на предметната Г.П 6.18, истата не била предмет на корекција со изработените и донесени технички исправки, а во параметрите за истата Г.П не се евидентирани технички грешки во планот.

Кон одговорот од општината, до Судот се доставени и два графички прикази со споредба на планското решение коешто било презентирано на повторната јавна анкета и јавна презентација со планското решение од донесениот план, како и извод за предметната градежна парцела 6.18 од ДУП за градска четврт С3 20, Општина Ѓорче Петров.

Од увидот во доставените графички прикази на планските решенија на предметната Г.П 6.18 коишто биле презентирани на јавната анкета во август 2018 година и на планското решение од донесениот ДУП за градска четврт С3 20 донесен во октомври 2019 година, Судот утврди дека нема промена на катноста како што наведуваат подносителите на иницијативата, односно катноста е непроменета П+3+Пк.

8. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 43 од Уставот, секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Согласно членот 83 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014, 44/ 2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018):

„(1) На донесен урбанистички план може да се изврши техничка исправка.
(2) Техничка исправка може да се врши само поради техничка грешка на бројки и/или неусогласеност на параметри во графичкиот приказ, текстуалниот дел и нумеричкиот дел на урбанистичкиот план.
(3) Изработувачот на урбанистичкиот план, изготвува предлог за техничка исправка и доставува барање до комисијата за урбанизам од член 23 на овој закон на надлежниот орган кој го донел урбанистичкиот план, во електронска форма преку информациски систем е-урбанизам.
(4) Комисијата за урбанизам е должна во рок од пет работни дена од прием на барањето да даде позитивно мислење за техничка исправка или да го одбие барањето за техничка исправка, во електронска форма преку информациски систем е-урбанизам.
(5) По добиено позитивно мислење на предлогот за техничка исправка од страна на комисијата за урбанизам, надлежниот орган кој го донел урбанистичкиот план, го доставува предлогот за техничка исправка до органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот заради добивање на согласност, во електронска форма преку информациски систем е-урбанизам.
(6) Органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот е должен во рок од пет работни дена да даде согласност за техничка исправка или да го одбие барањето за техничка исправка, во електронска форма преку информациски систем е-урбанизам.
(7) По добиена согласност од страна на органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, техничката исправка во рок од 15 работни дена ја донесува Советот на општината, општината во градот Скопје односно градот Скопје, кој го донел урбанистичкиот план за кој се однесува техничката исправка.
(8) Техничката исправка е составен дел на урбанистичкиот план и истата може да се применува по исполнување на условите од ставовите (5), (6) и (7) на овој член. “

Во новиот Закон за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2020), постапката за техничка исправка на урбанистички план е регулирана во членот 36 кој гласи:

„(1) На донесен урбанистички план може да се изврши техничка исправка.
(2) Техничка исправка може да се врши само поради грешка што настанала во процесот на изработување и донесување на планот, грешка во техничкото исцртување, испишување и опремување на планот, која предизвикува неусогласеност, двосмисленост или меѓусебна спротивставеност на параметри во графичкиот приказ, текстуалниот дел и нумеричкиот дел на урбанистичкиот план или неконсеквентно изостанување на податоци за поединечни градежни парцели што се уредени за сите други, односно што се согласни со задолжителната содржина на урбанистичките планови, како и други проблеми во спроведувањето на планот.
(3) Постапката за техничка исправка на урбанистички план започнува со доставување на известување за забележана техничка грешка до комисијата за урбанизам надлежна за предметниот план, од страна на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам на Република Северна Македонија или од страна на заинтересирани странки.
(4) Доколку комисијата за урбанизам од членот 38 од овој закон утврди дека се работи за техничка грешка, го известува изработувачот на урбанистичкиот план да изготви предлог за техничка исправка, а доколку правното лице кое било изработувач на урбанистичкиот план веќе не постои или на друг начин е попречен да ја изврши работата, предлогот за техничка исправка може да го изврши друго правно лице со лиценца за изработување на урбанистички планови.
(5) Предлогот за техничка исправка се доставува до комисијата за урбанизам од надлежниот орган кое го донел урбанистичкиот план, за добивање на позитивно мислење.
(6) По добиеното позитивно мислење, предлагачот на планот техничката исправка му ја предлага за донесување на советот на општината, општината во градот Скопје и градот Скопје, односно Владата на Република Северна Македонија, кој го донел урбанистичкиот план за кој се однесува техничката исправка.“

Од аспект на наводите во иницијативата во однос на оспорените одлуки коишто се однесуваат на технички исправки на деталниот урбанистички план, со оглед на тоа што со нив не се вршат суштински измени и дополнувања на донесениот детален урбанистички план, ниту пак се предвидува каква било измена за предметната парцела наведена во иницијативата, Судот оцени дека по однос на овие наводи во иницијативата нема основ за поведување на постапка за оценка на уставноста и законитоста на оспорените одлуки.

Воедно, Судот оцени дека не се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за донесување на времена мерка, односно за донесување на решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на спорените одлуки.

9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.307/2020
07.07.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска