У.бр.27/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 11.05.2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 42 став 2 во делот „и кој не е постар од 60 години“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2018).

2. Гордана Пашоска од Скопје и Соња Костовска од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точка 1 на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека подносителите го оспоруваат член 42 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2018) кој гласи: „За судија поротник може да биде избран полнолетен државјанин на Република Македонија со завршено најмалку средно образование, кој активно го владее македонскиот јазик, ужива углед за вршење на оваа функција и кој не е постар од 60 години” односно акцентот на оспорувањето го ставаат на одредбата „кој не е постар од 60 години.”

Според подносителите на иницијативата, ограничувањето на старосна граница од 60 години на лицатa да бидат судии-поротници било во спротивност на членот 8 од Уставот, во поглед на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и со владеењето на правото како темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија и со членот 9 од Уставот, со кој граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Дискриминацијата што произлегувала од оспорениот член создавала наводна противуставна разлика односно не дозволувала еднаков третман на судиите-поротници во поглед на законскиот лимит на работната способност на сите граѓани во Република Северна Македонија односно 64-годишна возраст според одредбите на Законот за работни односи.

Во понатамошниот дел на иницијативата, подносителите посочуваат дека во Законот за судовите од 2006 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006) во членот 48 старосната граница за вршење на функцијата судија-поротник била 64-годишна возраст, ова законско решение било поповолно за непречено одвивање на судските процеси и егзистирало низ многугодишната судска практика.

Во иницијативата се бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на член 42 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2018) во делот: „и кој не е постар од 60 години” со предлог да се укине оваа законска одредба и истата да се замени со „и кој не е постар од 64 години”.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 42 став 2 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ 96/2019), за судија-поротник може да биде избран полнолетен државјанин на Република Македонија со завршено најмалку средно образование, кој активно го владее македонскиот јазик, ужива углед за вршење на оваа функција и кој не е постар од 60 години.

Согласно член 80 став 1 точка 5 од Законот за судовите, на судијата-поротник му престанува функцијата со навршување на 60 години старост.

4. Според член 8 став 1 али­неи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и вла­де­ењето на правото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Согласно точката 1 на Амандманот XXV на Уставот со кој се заменува членот 98 од Уставот на Република Северна Македонија, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 103 од Уставот, судот суди во совет. Со закон се утврдува кога суди судија поединец. Во судењето учествуваат и судии- поротници кога тоа е утврдено со закон. Судиите-поротници не можат да бидат повикани на одговорност за мислење и одлучување при донесување на судските одлуки.

Според став1 алинеја 1 од Амандманот XXIX на Уставот со кој се заменува членот 105 од Уставот, Судскиот совет на Република Северна Македонија, ги избира и разрешува судиите и судиите-поротници. Согласно ставот 2 на овој амандман, при изборот на судиите, судиите- поротници и претседателите на судовите ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.

Со Законот за судовите и неговите измени и дополнувања, се уредуваат основните начела врз основа на кои судовите ги остваруваат целите и функциите на судството; организацијата и надлежноста на судовите; изборот на судиите, претседателите на судовите и судиите-поротници; нивните права, обврски и имунитет; престанокот и разрешувањето од судиската функција; работите од областа на правосудната управа, судската управа, судскиот информатички систем; се уредува судската служба; средствата за работа на судовите; поставеноста на судската полиција и други прашања поврзани со функционирањето на судовите и судскиот систем во Република Северна Македонија.

Условите за избор на судија-поротник се утврдени со член 42 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018, 198/2018 и („Службен весник на Република Северна Македонија“ 96/2019), според кој судии-поротници избира и разрешува Судскиот совет на Република Северна Македонија под услови и во постапка определена со закон. За судија поротник може да биде избран полнолетен државјанин на Република Македонија со завршено најмалку средно образование, кој активно го владее македонскиот јазик, ужива углед за вршење на оваа функција и не е постар од 60 години. Судијата поротник за судење на малолетници се избира од редот на лица со искуство во воспитанието и образованието на млади. По изборот, судиите поротници задолжително посетуваат специјализирана обука организирана од Академијата за судии и јавни обвинители, за што Академијата им издава потврда за завршена обука. Содржината, времетраењето и спроведувањето на обуката се утврдува во специјализирана програма за обука на судии-поротници од страна на Академијата за судии и јавни обвинители.

Според член 43 од истиот закон, при изборот на судии и судии-поротници не смее да се врши дискриминација во однос на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. При изборот на судии и судии-поротници без да се нарушат критериумите пропишани со закон, ќе се обезбеди соодветна и правична застапеност на граѓаните што припаѓаат на сите заедници. За судија или судија-поротник не може да биде избрано лице кое со судијата или судијата-поротник во истиот суд е во сродство во права линија или во странична линија до трет степен или е негов брачен другар. За судија или судија-поротник не може да биде избрано лице кое со член на Судскиот совет на Република Македонија е во сродство во права линија или во странична линија до трет степен или е негов брачен другар.

Според член 49 од Законот, судија- поротник се избира за време од четири години и може повторно да биде избран.

Пред стапување на должност, судија-поротник, согласно член 50 од овој закон, дава свечена изјава пред претседателот на судот во кој е избран.

Според член 64 став 1 од Законот, судиите-поротници имаат право на надоместок за вршење на работата судија-поротник.

Согласно член 66 од овој закон, судијата-поротник не може да биде повикан на одговорност за искажано мислење и одлучување при донесување на судските одлуки.

Случаите кога на судија-поротник му престанува функцијата, се утврдени со член 80 од Законот: тоа сам го побара; ако трајно ја загуби способноста за вршење на должноста судија-поротник; ако е осуден за кривично дело на казна затвор од најмалку шест месеци; ако неуредно или несовесно ја врши должноста на судија-поротник и со навршување на 60 години старост. Постапката за престанок на функцијата на судијата поротник ја води Судскиот совет на Република Северна Македонија по предлог на претседателот на судот.

Согласно член 81 од истиот закон, кога против судија-поротник се спроведува истрага или е поведена постапка за престанок на функцијата, претседателот на судот нема да го повика да ја врши функцијата судија-поротник.

5. Од основните начела на Уставот и од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот на Република Северна Македонија судската власт ја конституирал како одвоена и независна од законодавната и извршната власт. Судската власт ја вршат судовите.

Тргнувајќи од уставната положба на судовите како посебни, самостојни органи кои судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, несомнено произлегува дека вршењето на судиската функција е условено со поседување на посебни стручни способности од страна на судиите кои учествуваат во судењето, во која смисла, со Законот за судовите, законодавецот ги утврдил условите потребни за вршење на судиската функција.

Имајќи ја предвид уставната определба дека во судењето учествуваат и судии-поротници кога тоа е утврдено со закон, како и фактот дека функцијата судија–поротник има карактер на јавна функција, законодавецот, исто така, има овластување да ги пропише посебните услови кои треба да ги исполни граѓанинот за вршење на оваа функција судија-поротник.

Пропишувањето на ваквите посебни услови е во согласност со одредбата од членот 23 од Уставот, од причина што Уставот не ги пропишува условите за здобивање на јавна функција, од каде произлегува дека ваквата функција може да се добие само под услови пропишани со закон.

Во конкретниот случај, законодавецот како посебни услови за вршење на функцијата судија-поротник, ги утврдил: лицето да е државјанин на Република Македонија, да е полнолетно, да има завршено најмалку средно образование, кој активно да го владее македонскиот јазик, да ужива углед за вршење на оваа функција и да не биде постар од 60 години. Навршувањето на 60 години старост е утврдено како основ за престанок на функцијата.

Во однос на пропишувањето на потребен минимум на образование, најмалку средно образованиие, како услов за извршување на оваа јавна функција, Уставниот суд на Република Северна Македонија веќе утврдил став дека пропишувањето на ваков посебен услов за вршење на оваа функција произлегува од спецификата на функцијата, поради што оценил дека таквиот посебен услов не ја загрозува еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите гарантирана со членот 9 од Уставот.

Во однос на возраста како посебен услов за вршење на јавната функција судија-поротник, законодавецот ја утврдил долната и горната старосна граница на лицата кои можат да ја вршат оваа функција. Имено, услов е лицата да бидат полнолетни, но не постари од 60 години.

Полнолетноста, согласно Законот за семејството („Службен весник на Република Македонија“ број: 80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012, 38/2014,115/2014, 104/2015 и 150/2015), се стекнува со наполнување на 18 години живот, кога полнолетното лице се здобива со деловна способност.

Во однос на прашањето за определување на горната старосна граница како услов за вршење на функцијата судија–поротник, според Судот, треба да се има предвид дека согласно Амандманот XXVI на Уставот со кој се заменува ставот 3 на членот 99 од Уставот, на судијата му престанува судиската функција ако ги исполни условите за старосна пензија.

Со член 104 став 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/05, 106/08, 161/08,114/09, 130/09, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16, 120/18, „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 110/19, 267/20, 151/21, 288/21) утврдено е дека работодавачот го прекинува договорот за вработување на работникот кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години стаж, доколку со друг закон поинаку не е уредено.

Согласно член 18 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 98/12, 166/12, 15/13, 170/13, 43/14, 44/14, 97/14, 113/14, 160/14, 188/14, 20/15, 61/15, 97/15, 129/15, 147/15, 154/15, 173/15, 217/15, 27/16, 120/16, 132/16, 35/18, 220/18 и 245/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 180/19, 275/19, 31/20, 267/20, 67/22), осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби, произлегува дека на судијата му престанува судиската функција со наполнување на 64 години живот, додека пак на судијата-поротник му престанува функцијата со навршување на 60 години живот.

Ваквата разлика во регулативата, според Судот, е резултат на различниот статус, права и обврски на судијата и судијата-поротник при вршењето на судиската функција. Имено, судијата ја врши судиската функција професионално, со заснован работен однос, што подразбира дека истиот има права и обврски од работен однос и право на остварување на старосна пензија.

Функцијата судијата поротник, пак, не се остварува со заснован работен однос, што значи дека вршењето на оваа функција не влијае врз остварувањето на правото на старосна пензија на лицето кое ја врши оваа јавна функција. Имено, тоа лице може да оствари право на старосна пензија под услови утврдени за сите граѓани во системот на пензиското и инвалидското осигурување, односно со навршување на минимален пензиски стаж кој подразбира заснован работен однос и навршена старост од 64 за маж, односно 62 години за жена. За вршењето на функцијата судија-поротник, лицето остварува право на надомест и времето поминато на извршување на оваа функција не се засметува во работен стаж потребен за остварување на старосна пензија

Со оглед дека старосната возраст на луѓето претставува природен и објективен факт од кој зависат работните способности и за кој се врзува траењето на работниот век, Судот оцени дека е право на законодавецот, при пропишувањето на условите за вршење на функцијата судија-поротник, а имајќи ги предвид спецификите и значењето на функцијата, да ја цени старосната возраст како природен и објективен факт од кој зависи успешноста на вршењето на функцијата, па покрај државјанството, образованието, владеењето на македонскиот јазик и угледот за вршење на функцијата, да ја определи и возраста како критериум за вршење на оваа функција.

Оценката за целисходноста на решението во Законот и неговите измени и дополнувања, дали возраста од 60 години, а не некоја друга возраст односно старосна граница е оптимален лимит за вршење на функцијата судија-поротник, не е во надлежност на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

По однос на поднесениот предлог во иницијативата за измена односно интервенција на член 42 став 2 од Законот, во делот: „и кој не е постар од 60 години” и истиот да се замени со: „и кој не е постар од 64 години”, Уставниот суд, нема таква надлежност, поради што предлогот е неоснован.

Со пропишувањето на возраста како услов за вршење на функцијата судија-поротник, Судот оцени дека граѓаните не се доведени во нееднаква положба пред Уставот и законите, како што се наведува во иницијативата. Ова затоа што функцијата судија-поротник има карактер на јавна функција која се врши без засновање на работен однос и законодавецот е овластен да ги пропише посебните услови за вршење на оваа функција, вклучувајќи ја и определената возраст на лицата, а се со цел обезбедување оптимални можности за постигнување поголем квалитет во вршењето на функцијата, како и поголема функционалност на судовите.

Вака пропишаниот услов подеднаково се однесува на сите граѓани и не ја повредува еднаквоста на граѓаните во остварувањето на нивните слободи и права независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, гарантирани со членот 9 од Уставот на Република Северна Македонија. Поради тоа, со ваквата законска регулатива, според Судот не се повредуваат ниту основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, ниту начелото на владеење на правото, како темелни вредности уставниот поредок на Република Северна Македонија утврдени со членот 8 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Северна Македонија, на што се повикуваат подносителите на иницијативата.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со член 8 став 1 алинеи 1 и 3 и член 9 од Уставот на Република Северна Македонија.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.27/2022
11.05.2022 год.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска