У.бр.263/2020-1

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 24.06.2021 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 5 ставови 3 и 4 од Правилникот за составот на испитната комисија, начинот на полагање на стручниот испит, начинот на проверката на стручните знаења и вештини и обрасците на уверението за положен стручен испит на здравствените работници со високо образование од областа на стоматологијата, број 02-438/3 од 2 мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.148/ 2020), донесен од Собранието на Стоматолошката комора на Македонија.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објаву­вањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Северна Македонија, со Решение У.бр.263/2020 од 10 февруари 2021 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 5 ставови 3 и 4 од Правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Устав и закон.

4. Судот на седницата утврди дека Правилникот за составот на испитната комисија, начинот на полагање на стручниот испит, начинот на проверката на стручните знаења и вештини и обрасците на уверението за положен стручен испит на здравствените работници со високо образование од областа на стоматологијата, бр. 02-438/3 од 2 мај 2020 година, донесен од Собранието на Стоматолошката комора на Македонија, во делот насловен како „Начин на полагање на стручниот испит и начин на проверка на стручните знаења и вештини“, ги предвидел одредбите од членот 5 којшто ја има следната содржина:

Член 5

Полагањето на стручниот испит се пријавува од страна на докторот на стоматологија кој ја завршил пробната работа (во натамошниот текст: кандидатот), најдоцна во рок од една година од денот на завршувањето на пробната работа, со поднесување на пријава за полагање на стручниот испит со прилог докази:

– уверение и диплома за завршено високо образование од областа на стоматологијата,
– книшка за завршена пробна работа, пополнета согласно планот и програмата за пробна работа и
– потврда за уплатени средства на сметка на Комората.

Доказите од став 1, алинеја 1 на овој член треба да бидат доставени во фотокопија заверена кај нотар, а доказите од став 1, алинеја 2 и 3 на овој член треба да бидат доставени во оригинал.

По исклучок од ставот 1 на овој член, кандидатот може стручниот испит да го полага и по истекот на една година од денот на завршувањето на пробната работа во случаи на подолго отсуство поради болест, повреда, бременост, раѓање и мајчинство, како и повик од надле­жен орган, за што кандидатот, покрај пријава за полагање на стручен испит, треба да достави соодветно писмено барање со соодветен доказ за оправданоста на случајот.

По барањето од став 3 одлучува претседателот на Комората.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно членот 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Со членот 51 од Уставот е утврдено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012, 145/2012, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014, 188/2014, 10/2015, 61/2015, 154/2015, 192/2015, 17/2016, 37/2016, 20/2019, 101/2019, 153/2019, 180/2019 и 275/2019), во членот 1 определил дека предмет на уредување на овој закон се прашањата коишто се однесуваат на системот и организацијата на здравствената заштита и вршењето на здравствената дејност, загарантираните права и утврдените потреби и интереси на државата во обезбедувањето на здравствената заштита, здравствените установи, вработувањето, правата и должностите, одго­ворноста, евалуацијата, престанокот на вработувањето, заштитата и одлу­чувањето за правата и обврските на здравствените работници и здрав­ствените соработници, квалитетот и сигурноста во здравствената дејност, коморите и стручните здруженија, рекламирањето и огласувањето на здрав­ствената дејност, вршењето на здравствената дејност во вонредни услови и надзорот над вршењето на здравствената дејност.

Согласно одредбите од овој закон, здравствената дејност е дејност од јавен интерес (член 12); здравствените работници со високо образование од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата (здравствени работници со високо образование) можат самостојно да вршат здравствени услуги со завршување на пробната работа, положување на стручниот испит и добивање лиценца за работа како и здравствените соработници со средно, вишо и високо стручно образование по завршување на пробната работа и положување на стручниот испит (член 115).

Со членот 121 од овој закон е предвидено:

„(1) По завршување на пробната работа, здравствените работници и здравствените соработници се должни да полагаат стручен испит во рок од една година од денот на завршувањето на планот и програмата за пробна работа, или со исполнување на условите од член 117 став 4 од овој Закон за оптометристите.
(2) Ако здравствените работници и здравствените соработници не полагаат стручен испит во рокот од став (1) на овој член, повторно ја извршуваат пробната работа.
(3) Составот на испитната комисија, начинот на полагање на стручниот испит, начинот на проверката на стручните знаења и вештини и обрасците на уверението за положен стручен испит на здравствените работници со високо образование ги утврдува Лекарската, Стоматолош­ката, односно Фармацевстката комора, со општ акт на кој министерот за здравство дава согласност.
(4) Стручниот испит на здравствените работници со средно, вишо и високо стручно образование и здравствените работници со високо образование се полага пред испитни комисии формирани од министерот за здравство“.

Стоматолошката комора на Македонија, предметниот правилник го донела на седница одржана на 02.05.2020 година, врз основа на член 121 став 3 од Законот за здравствена заштита.

Со овој правилник, во членот 2 е определено дека стручниот испит се полага заради проверка на стручните способности на докторите на стоматологија по завршувањето на пробната работа, според план и програма утврдени со правилник донесен од министерот за здравство. Прашањата за составот на испитната комисија се уредени со членовите 3 и 4 од Правилникот.

Во делот од Правилникот, насловен како „Начин на полагање на стручниот испит и начин на проверка на стручните знаења и вештини, со одредбите од членовите 5 – 19, се посебно уредени прашањата од предметната материја во овој дел.

Со оспорените одредби од ставовите 3 и 4 на членот 5 од овој правилник е уредено дека по исклучок од ставот 1 на овој член кандидатот може стручниот испит да го полага и по истекот на една година од денот на завршувањето на пробната работа во случаи на подолго отсуство поради болест, повреда, бременост, раѓање и мајчинство, како и повик од надлежен орган, за што кандидатот, покрај пријава за полагање на стручен испит, треба да достави соодветно писмено барање со соодветен доказ за оправданоста на случајот. По барањето одлучува претседателот на Комората.

Со оглед на тоа што со одредбите од Законот за здравствена заштита, не е предвиден исклучок каков што е уреден во ставовите 3 и 4 на членот 5 од Правилникот, а со ставот 1 од членот 121 од Законот за здравствена заштита е пропишана императивна норма којашто го дефинира рокот од една година од денот на завршување на пробната работа, да може да се полага стручниот испит, при што е употребен и терминот „должни“ за субјектите на кои се однесува, произлегува дека со оспорените одредби од Правилникот се пропишуваат односи коишто би можеле да бидат уредени со закон, а не со подзаконски акт и со оспорените одредби се излегло надвор од законски пропишаните права и обврски, поради што Судот оцени дека овие одредби од Правилникот се несогласни со наведените одредби од Уставот и Законот за здравствена заштита.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.263/2020
24.06.2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска

Издвоено мислење по предметот У.бр.263/2020