У.бр.237/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 21.01.2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на устав-носта на делот: „или преку постапка за интерен оглас“ од член 9 став 3; делот: „во рокот од ставот 2 на овој член не одговори, ќе се смета дека согласноста е дадена“ од член 22 став 3 и член 42 став 1 од Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2014, 33/2015, 98/2015, 6/2016, 198/2018 и 248/2018).

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на делови од одредби и одредби од Законот за судска служба означени во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата цитира повеќе одредби од Законот за судска служба (член 7 ставови 1 и 2, член 9 став 3, член 16, член 20 ставови 1 и 2 и член 39 ставови 5 и 6) со цел да ја прикаже поставеноста на судската служба, категориите на судски службеници и нивните нивоа.

Според него од содржината на член 39 став 5 алинеја 2 од Законот произлегувало дека предвидувал две состојби на пополнување на работно место преку унапредување, кои состојби биле дадени алтернативно: судскиот службеник да е на работно место на пониско ниво или судскиот службеник да е на работно место во рамките на истата категорија.

Ако се имала предвид целината на членот 9, со оспорениот дел: „или преку постапка за интерен оглас“ од член 9 став 3 од Законот, се давало можност за пополнување на работното место преку интерен оглас со преминување во повисока категорија на судски службеник кое нешто не го пропишувал како можност членот 39 од Законот, ниту Законот како целина. Не можело да се смета ни како преминување во повисоко „звање“ затоа што, доколку се имале предвид одредбите за пополнување на работното место преку мобилност со распоредување или преземање, било потребно да станува збор за „звање“ од иста категорија на судски службеници.

Според тоа со оспорениот дел можело да дојде до забуна во практикувањето на правото што не било во согласност со член 51 алинеја 3 од Уставот, во врска со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Ова од причина што во правниот промет требало да постојат јасни, прецизни и концизни норми, но не и норми коишто во заедница со останатите можат да доведат до заблуда при спроведувањето.

Од друга страна, Законот за судска служба не познавал и признавал институт „интерен конкурс“, туку членот 39 од Законот носел наслов: „интерен оглас“.

Ако се имала предвид содржината на членот 41 од Законот во кој, меѓу другото, се предвидувало во Комисијата за унапредување да биде член и еден судски службеник со исто звање како работното место за кое е распишан интерен оглас, во тој случај доаѓало до дополнителна конфузија при примената. Имено, тоа би значело дека како член на Комисијата за унапредување би требало да се јави и лице кое веќе има звање од категоријата „А“, односно судски администратор, а според Законот тој член бил вработен во судот каде е објавен огласот и тој требало да учествува во постапката за административна селекција и интервју за администратор во истиот суд.

Инаку, во оспорениот дел од членот 9 од Законот не се употребува термин „конкурс“ како што го означува подносителот, туку „оглас“ па како оспорениот дел можеше да се идентификуван од страна на Судот истиот беше анализиран според тоа како е означен во законскиот текст.

Во продолжение на иницијативата се цитираат членот 6 и член 51 став 1 од Законот за буџетите, како и член 22 ставови 2 и 3 со цел да се појасни постапката за донесување на годишен план за вработување. Врз основа на така цитираните одредби се заклучува дека не можело да се прифати дека согласноста е дадена кога Министерството за финансии не постапило во рокот од член 22 став 3 од Законот за судската служба, а при состојба кога Законот за буџетите во наведените одредби предвидел неопходно да се даде позитивно мислење заради вработување.

Во смисла на цитираните одредби од Законот за буџетите оспорениот дел од член 22 став 3 од Законот за судската служба бил спорен од аспект на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, а како судската власт била буџетски корисник.

Подносителот на иницијативата ги цитира член 30 став 1, член 31 став 1 и оспорениот член 42 став 1 од Законот и појаснува што преставуваат мобилноста, вработувањето на јавен оглас, односно вработување со интерен оглас. Според него, цитираните членови 30 и 42 од Законот се однесувале на „кандидат“ за судски службеник при што во двата случаја станувало збор за пополнување на работното место преку пропишување од страна на законодавецот на комисија за селекција. И покрај таквата состојба од недоволно јасни причини, во постапката за пополнување со унапредување било исклучено полагањето на испит за судски службеник. Оттаму, имајќи го предвид членот 9 од Уставот произлегувало дека „кандидатот за пополнување на работното место со унапредување“ се ставал во поповластена положба наспрема „кандидатот за пополнување на работно место преку јавен оглас“ кој покрај административната селекција и интервју било потребно да помине и испит за судски службеник.

Дополнително на ова бил и фактот што при формирањето на Комисијата за селекција при пополнување на работното место со унапредување член на Комисијата било лице со исто звање од иста категорија, односно судски службеник кој веќе имал звање од категоријата „А“-судски администратор, како службеник во судот каде бил објавен интерниот оглас. Тој требало да учествува во постапката за административна селекција и интервју за администратор во истиот суд со што се правела дополнителна конфузија во примената на одредбите од Законот што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Поради наведеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од одредби и одредби од Законот, а потоа истите да ги укине.

3. Судот на седницата, утврди дека според член 9 став 1 од Законот, во рамките на категоријата А се утврдуваат следниве нивоа на работни места на секретар:

А1 – Судски администратор од прво ниво и
А2 – Судски администратор од второ ниво.

Според ставот 2 од истиот член од Законот, судски администратор се избира во Врховниот суд на Република Македонија, Вишиот управен суд, Управниот суд, апелационите судови и основните судови со проширена надлежност.

Во ставот 3 од членот 9 од Законот е предвидено дека, судскиот администратор од ставот 2 на овој член, од редот на судските службеници од категоријата Б во постапка за вработување преку јавен оглас или преку постапка за интерен оглас го избира претседателот на судот и истиот треба да ги исполнува посебните услови за работното место за нивото Б1 на раководни судски службеници.

Членот 9 став 3 од Законот се оспорува во делот: „или преку постапка за интерен оглас“.

Според членот 22 став 3 од Законот, доколку Министерството за финансии во рокот од ставот 2 на овој член не одговори, ќе се смета дека согласноста е дадена.

Одредбата се оспорува во делот: „во рокот од ставот 2 на овој член не одговори, ќе се смета дека согласноста е дадена“.

Според оспорениот член 42 став 1 од Законот, постапката за селекција за унапредување се состои од административна селекција и интервју.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во член 51 од Уставот е предвидено дека, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во конкретниот случај оспорениот дел од член 9 став 3 од Законот („или преку постапка за интерен оглас“) со ваква содржина станал дел од правниот поредок на 09.11.2018 година кога влегол во сила Законот за изменување и дополнување на Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.198/2018). Во членот 1 од овој закон е предвидено дека во член 9 став 3 по зборовите: „јавен оглас“ се додаваат зборовите: „или преку постапка за интерен оглас“. Ваква содржина се утврдува од увидот во наведеното службено гласило. Оттаму, предмет на анализа не е оспорениот дел: „или преку постапка за интерен конкурс“, како што е означен во иницијативата, туку оспорениот дел: „или преку постапка за интерен оглас“ како што е означен во Законот.

Поаѓајќи од анализата на членот 9 од Законот, како целина, заедно со оспорениот дел произлегува дека со него се уредува дека во рамките на категоријата А, односно работните места на секретар постојат: категорија А1-Судски администратор од прво ниво и категорија А2-Судски администратор од второ ниво за кои работни места се врши избор од страна на претседателите на: Врховниот суд на Република Македонија, Вишиот управен суд, Управниот суд, апелационите судови и основните судови со проширена надлежност. Изборот се врши од редот на судските службеници од категоријата Б кои треба да ги исполнува посебните услови за работното место за нивото Б1 на раководни судски службеници и тоа во постапка за вработување преку јавен оглас или преку постапка за интерен оглас. Оваа одредба припаѓа во глава II од Законот со која се врши класификација на работните места на судските службеници, за разлика од членот 39 од Законот со наслов: „интерен оглас“, кој припаѓа во главата VII-Унапредување на судските службеници, која пак одредба не се оспорува.

Имено, според член 39 став 1 од Законот, постапката на унапредување има за цел да им овозможи на судските службеници кариерно напредување, односно преминување од работно место на пониско ниво, односно звање на работно место на повисоко ниво, односно звање.

При постапката на унапредување се почитува начелото за соодветна и правична застапеност (став 2).

За започнување на постапка за унапредување на судскиот службеник, судскиот администратор, односно претседателот на судот во кој не е избран судски администратор, до Судскиот буџетски совет поднесува барање за започнување на постапка за унапредување на судски службеник, во кое го назначува нивото и описот на работно место кое се предлага за пополнување (став 3).

По добиеното известување за обезбедени финансиски средства, интерниот оглас и образец за пријава за унапредување се објавуваат на веб страницата на судот (став 4).

Според ставот 5 од членот 39 од Законот, на интерниот оглас може да се јави судски службеник, вработен во судот кој го објавил интерниот оглас, кој ги исполнува посебните услови за пополнување на работното место пропишани за соодветното ниво во овој закон и во актот за систематизација, како и:
– да е оценет со оцена „особено се истакнува” или „се истакнува“ при последното оценување,
– да е на работно место на непосредно пониско ниво од работното место за кое е објавен интерниот оглас,
– да поминал најмалку две години на работното место на кое е распореден и
– да не му е изречена дисциплинска мерка во последната година пред објавувањето на интерниот оглас.

Интерниот оглас може да се спроведува за пополнување на работни места во сите звања, освен во звањата помлад судски соработник, помлад соработник, помлад судски референт и помлад референт (став 6).

Од направената анализа произлегува дека членот 9 од Законот, заедно со оспорениот дел директно не уредува преминување во повисока категорија на судски службеник или како што вели подносителот добивање на повисоко „звање“, туку тоа е сторено преку целокупното уредување на Законот и тоа на разработени начини и под различни услови за секоја од категориите на судски службеници. Притоа, пополнувањето на работните места преку спроведување на постапка за унапредување со објавување на интерен оглас како што предвидел оспорениот дел од член 9 став 2 од Законот е еден од трите начини за пополнувањето на работните места на судските службеници, покрај спроведување на постапка за вработување преку објавување на јавен оглас и мобилноста преку распоредување или преземање, согласно член 22 став 1 од Законот.

Воедно, составот на Комисијата за унапредување не е тематика ниту на членот 9 од Законот како целина, ниту на оспорениот дел.

По однос на оспорениот дел од член 22 став 3 од Законот подносителот на иницијативата причините за несогласност ги наоѓа во уреденоста на одделни одредби од Законот за буџетите, кој предвидел давање на позитивно мислење заради вработување, а не на согласност од Минстерството за финансии. Покрај околноста што вака изнесените наводи водат кон барање за оцена на неусогласеност на одредби од два различни закони, што не спаѓа во надлежност на овој суд, согласно член 110 од Уставот, Судот најде дека е потребно да се нагласи следново:

Во оспорената одредба станува збор за давање на согласност во постапката за донесување на годишен план за вработување согласно членот 22 од Законот, за разлика од давање на позитивно мислење при секое конкретно вработување, според посочените одредби од Законот за буџетите.

Од содржината на оспорениот член 42 став 1 од Законот произлегува дека со него се предвидува дека постапката за селекција за унапредување се состои од административна селекција и интервју, односно уредува од кои делови се состои постапката за селекција за унапредување. Оттаму, оваа одредба воопшто не се занимава со составот на Комисијата за селекција и унапредување од каде изнесените наводи во иницијативата по однос на начинот на работа на Комисијата, нејзиниот состав и слично не можат да бидат разгледувани од аспект на оваа оспорена одредба.

Според наведеното Судот оцени дека оспорените делови од одредби и оспорените одредби од Законот за судска служба, оценувани од аспектите на иницијативата, се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.237/2020
21.01.2020 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати