У.бр.23/2022-1

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија, член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 5 април 2023 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт 3 04 блок 04.05. – Општина Карпош, број 09-1656/3 од 3 март 2022 година, донесена на петтата вонредна седница на Советот на Општина Карпош и објавена во „Службен гласник на Општина Карпош“ број 4/2022.

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на актот означен во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

4. Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод иницијативата на Наташа Шурбановска од Скопје, со Решението У.бр.23/2022 од 11 јануари 2023 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт 3 04 блок 04.05. – Општина Карпош, број 09-1656/3 од 3 март 2022 година, донесена на петтата вонредна седница на Советот на Општина Карпош и објавена во „Службен гласник на Општина Карпош“ број 4/2022, бидејќи основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

5. Судот на седница утврди дека Советот на Општина Карпош, на седницата одржана на 3 март 2022 година, донесе Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт 3 04 блок 04.05. Општина Карпош – Скопје, број 09-1656/5 од 3 март 2022 година.

Во член 1 од Одлуката се наведува дека е донесен погоре наведениот Детален урбанистички план и актите според кои тој е изработен.

Co член 2 од Одлуката се дефинира просторот за кој се однесува предметниот план, а исто така е наведено дека површината на урбаниот опфат изнесува 6,313 ха, односно 4,88 ха.

Во член 3 од Одлуката, се наведени: намените содржани во опфатот на Деталниот урбанистички план, класите и намените на земјиштето предвидени во рамките на планот, максималните висини на предвидените градежни парцели, обликот и големината на градежната парцела, регулациона линија, градежна линија која го дефинира просторот во кој може да се гради, максимална површина за градба во која може да се развие основата на објектот, процент на изграденост, максимална развиена површина на објектот, процент на искористеност, намена на објектот, максимална висина на објектот и паркирање-гаражирање на возилата во рамките на парцелите.

Согласно член 4 од Одлуката, се определува дека составен дел на Одлуката се: текстуален дел, графички прилози, основни параметри за уредување на просторот и табеларен приказ на урбанистичките параметри.

Согласно член 5 и член 6 од Одлуката, се уредува заверката и потпишувањето на Деталниот урбанистички план, место на неговото чување и се определува дека Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Карпош“.

6. Во текот на претходната постапка Судот, заради утврдување на правната и фактичката состојба, побара од страна на Општина Карпош да биде доставена потребната документација како што е: Согласност бр.21-486/4 од 16 февруари 2022 година, издадена од Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија – Сектор за уредување на просторот, како следи: Мислење од Дирекцијата за заштита и спасување, број 09-35/2 од 09.02.2022 година; Мислење од АД НЕР Скопје, број 03-627/2 од 19.02.2021 година; Мислење од БЕГ дооел Скопје, број 03-110 од 21.03.2021 година; Мислење од БЕГ дооел Скопје, број 03-574 од 11.03.2021 година; Анкетен лист од БЕГ дооел Скопје, број 03-2113 од 23.07.2021 година; Мислење од БЕГ дооел Скопје, број 03-588 од 12.03.2021 година; Мислење од утврдена состојба од Агенцијата за катастар на недвижности, број 0903-13753/2 од 05.10.2021 година; Мислење од аспект на заштита на водите од Министерството за животна средина и просторно планирање-Сектор води, бр.11-2936/4 од 05.07.2021 година; Записник за констатација согласно член 17 став 6 од Правилникот за урбанистичко планирање во врска со неиздадени мислења во рамки на законски утврдениот рок, бр.45-328/5 од 15.02.2022 година; Одлука за утврдување на Нацрт-план, број 09-5017/7 од 15.07.2021 година, донесена од Советот на Општината, согласно член 27 став 4 од Законот; Нацрт-план – Детален урбанистички план за градска четврт З 04 блок 04.05, Општина Карпош, со плански период (2020-2025), површина на опфатот (6.313 ха), изработен од „Билд Урбан“ дооел Скопје, тех.број 0801-322/20 од март 2021 година; Извештај од Стручна ревизија по нацрт-план изработена од „ИН-ПУМА“, со тех.број 20/2021 од март 2021 година; Извештај од Стручна ревизија по нацрт-план изработена од „ИН-ПУМА“, со тех.број 20/2021 од април 2021 година; Извештај од Стручна ревизија по Нацрт-план изработена од „ИН-ПУМА“, со тех.број 20/2021 од јули 2021 година; Забелешки од Комисија за урбанизам, бр.45-2504/1 од 09.04.2021 година; Мислење по Нацрт ДУП од Комисијата за урбанизам, бр.45-2504/2 од 02.07.2021 година; Мислење по Нацрт ДУП од Комисијата за урбанизам, бр.45-2504/3 од 12.07.2021 година; Мислење од БЕГ ДООЕЛ Скопје, бр.03-2592 од 21.09.2021 година; Мислење од Електродистрибуција дооел Скопје, број 10-55/2-330 од 29.07.2021 година; Мислење од Електродистрибуција дооел Скопје, број 10-1671/2-353 од 02.11.2020 година; Мислење од Електродистрибуција дооел Скопје, број 10-54/3-247 од 21.09.2021 година; Мислење од ГА-МА АД Скопје, број 0803-1346/2 од 04.12.2020 година; Мислење од Македонски Телеком АД-Скопје, број 31975 од 12.11.2020 година; Мислење од Македонски Телеком АД-Скопје, број 31975 од 11.01.2021 година; Мислење од Македонски Телеком АД-Скопје, број 31975 од 22.07.2021 година; Мислење од АЦВ, бр.12-8/006 од 11.01.2021 година; Анкетен лист без забелешки од Агенцијата за цивилно воздухопловство, број 12-8/343 од 21.07.2021 година; Мислење од АД МЕПСО и мислење од ЈП за Државни патишта, број 10-7636/2 од 04.08.2021 година; Мислење од АЕК, број 1404-2839/2 од 02.11.2020 година; Мислење од АЕК, број 1404-146/2 од 15.01.2021 година; Мислење од ЈП Водовод и канализација-Скопје, број 1304-44/2 од 01.02.2021 годинa; Мислење од Министерството за култура-Управа за заштита на културното наследство, број 17-1570/2 од 22.07.2021 година.

Исто така, како составен дел од документацијата е доставено и Мислење од Град Скопје, број 13-484/2 од 01.02.2021 година; Мислење од Град Скопје, број 13-1969/2 од 11.03.2021 година; Мислење од Град Скопје, број 13-9175/2 од 04.10.2021 година; Мислење од Град Скопје, број 13-9477/1 од 19.10.2021 година; Мислење од Град Скопје, број 13-10688/2 од 12.01.2021 година; Мислење од утврдена состојба од Агенцијата за катастар на недвижности, број 0939-385/2 од 25.01.2021 година; Ревидиран Нацрт план-Детален урбанистички план за градска четврт З 04 блок 04.05, Општина Карпош, со плански период (2022-2025), површина на опфат (6.313ха), изработен од „Билд Урбан“ дооел Скопје, тех.број 0801-322/20 од април 2021 година; Записник од одржана прва седница на Партиципативно тело на Oпштина Карпош од областа на урбанизмот, број 11-3745/3 од 17.06.2021 година; Решение за формирање Комисија за урбанизам, број 11-1012/1 од 09.02.2021 година; Решение за формирање Комисија за изготвување извештај од јавна презентација и јавна анкета, 11-2504/7 од 20.07.2021 година; Одлука за организирање на јавна анкета и јавна презентација, број 11-2504/4 од 20.07.2021 година; Јавен повик за одржување на јавна презентација и јавна анкета, број 45-2504/6 од 20.07.2021 година; Соопштение за организирање на јавна презентација и јавна анкета, број 11-2504/5 од 20.07.2021 година,… 05.08.2021-06.09.2021 год. ЈП 20.08.2021 година; Потврда за објава на Јавен повик за одржување на јавна презентација и јавна анкета во две јавни гласила, на огласна табла, на веб-страна и плакати на неколку локации, во системот е-урбанизам – 15 дена, Записник од спроведена јавна презентација и јавна анкета, број 45-2504/11 од 21.09.2021 година; Извештај од спроведена јавна презентација по планот, број 45-2504/12 од 21.09.2021 година и Извештај од Стручна ревизија по нацрт-план изработена од „ИН-ПУМА“, со тех.број 20/2021 од февруари 2022 година, Предлог Детален урбанистички план за градска четврт З 04 блок 04.05, Општина Карпош, со плански период (2020-2025), површина на опфатот (6.313 ха), изработен од „Билд Урбан“ дооел Скопје, тех.број 0801-322/20 од февруари 2022 година, доставници до сите учесници во јавната анкета кои поднеле анкетни листови дека примиле известување за содржината на Извештајот од јавната анкета, со прифаќање и неприфаќање на забелешките, Одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијанието врз животната средина, број 11-2504/9 од 15.09.2021 година, Известување од Министерството за животна средина и просторно планирање – Сектор за просторно планирање, број 15-1372/2021 од 21.09.2021 година, за прифаќање на Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена за влијанието врз животната средина.

Согласноста од Министерството за транспорт и врски е издадена врз основа на вкупно 57 мислења од институции, врз основа на барањата бр.0801-322/20 од 28.10.2020 година; бр.0801-322/20 од 08.01.2021 и бр.0801-322/20 од 04.03.2021 година.

Воедно, доставена е и следната документација: Програма за изменување и дополнување на Програмата за урбанистичко планирање за 2021 година, број 09-5017/5 од 15.07.2021 година; Програма за урбанистичко планирање за 2022 година, број 09-8585/8 од 29.12.2021 година; Геодетски елаборат за ажурирана геодетска подлога изработена од „ГЕОФОТО-ЗЕНИТ“ доо Скопје, дел.број 0806-615/1 од 03.07.2020 година, заверена од Агенцијата за катастар на недвижности, број 1110-383/2020 од 03.07.2020 годинa; Предлог за одобрување на Планска програма, број 45-5633/2 од 25.09.2020 година; Планска програма со тех.број 0801-322/20 од јули 2020 година; Потврда за заверка на Планска програма, бр.45-5633/3 од 25.09.2020 година и Решение за исправка на техничка грешка донесено од страна на градоначалникот, бр.45-328/2 од 09.02.2022 година (зборот Потврда се заменува со решение).

Прибавени се податоци и информации како што се: Потврда од АД ГА-МА, бр.0308-1032/2 од 07.10.2020 година; Податоци од Дирекцијата за заштита и спасување – ПО Карпош, број 09-241/2 од 05.10.2020 година; Мислење од Град Скопје, број 13-8878/2 од 27.11.2020 година; Известување од Електродистрибуција дооел Скопје, број 10-1671/2-310 од 05.10.2020 година; Известување од Македонски телеком АД Скопје, број 31877 од 29.10.2020 година; Одговор од Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија-Скопје, бр.2001-4386/2 од 15.10.2020 година; Одговор од АЕК, број 1404-2652/2 од 06.10.2020 година; Податоци од АД МЕПСО, број 11-6187/1 од 02.10.2020 година; Одговор од НЕР АД Скопје, број 03-2238/2 од 05.10.2020 година; Податоци од ЈП Водовод и канализација-Скопје, бр.1302-3283/2 од 05.10.2020 година; Потврда од БЕГ, број 03-2446 од 08.10.2020 година; Податоци од Министерство за култура – Управа за заштита на културно наследство, број 17-2895/2 од 08.10.2020 година и Работна верзија на Детален урбанистички план за градска четврт З 04, блок 04.05, Општина Карпош, со плански период (2020-2025), површина на опфатот (6.313 ха), изработен од „Билд Урбан“ дооел Скопје, тех.број 0801-322/20 од октомври 2020 година.

При изработката и усвојувањето на Деталниот урбанистички план на планскиот опфат според мислењето на доносителот на актот се вградени податоците дадени од ГА-МА АД Скопје со дадено позитивно мислење, прифатена е Одлуката за неспроведување стратегиска оцена за влијание на животната средина со позитивно мислење; правилно се нанесени трасите на Балкан Енерџи Дооел Скопје со дадено позитивно мислење; во планската документација се вградени мерките за заштита од аспект на водите, запазени се мерките во однос на активности и дејности кои се забранети во трета заштитна зона на заштита на бунарско подрачје, испочитувани се одредбите за утврдување на границите на заштитени зони на бунарско подрачје Нерези-Лепенец, критериумите за заштита и спречување од оштетување на водостопански објекти и постројки биле запазени и потпишана е геодетска подлога за плански опфат и Деталниот урбанистички план е изработен во согласност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје (2012-2022).

7. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 43 од Уставот е утврдено дека секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Републиката, во која смисла законодавецот со Законот за просторно и урбанистичко планирање пропишал прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Во член 1 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2020), се уредува системската и хиерархиската уреденост на урбанистичкото планирање во системот на просторното и урбанистичкото планирање, целите и начелата на урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот, видовите и содржината на урбанистичките планови, условите за вршење на работите од областа на урбанистичкото планирање, постапките за изработување, донесување и спроведување на урбанистичките планови, надзорот над спроведувањето на одредбите на овој закон, како и други работи од областа на урбанистичкото планирање.

Според член 4 став 1 од овој закон се утврдува дека плановите од системот на просторно и урбанистичко планирање се хиерархиски и хоризонтално усогласени. Согласно ставот 2 од овој член се уредува дека просторниот план на Република Северна Македонија, заедно со просторните планови на региони, просторните планови на подрачја од посебен интерес и просторните планови на општините и Градот Скопје се планови од повисоко ниво на планирање од деталните урбанистичките планови. Во ставот 3 од овој член е уредено дека деталните урбанистички планови се планови од пониско ниво на планирање од генералните урбанистички планови и треба да се во согласност со генералните урбанистички планови. Со ставот 4 од истиот член се уредува дека соседните планови се планови од исто ниво на планирање, кои мора да се меѓусебно хоризонтално усогласени. Според член 4 став 5 од истиот закон е утврдено дека во постапката на изработка и усвојување на предметниот Детален урбанистички план, видно од цитираните акти кои претходат на неговото усвојување. Од формална гледна точка Општина Карпош и сите надлежни институции ги почитувале одредбите од Законот за урбанистичко планирање, Генералниот урбанистички план за Град Скопје, Правилникот за урбанистичко планирање, како и сите потребни позитивни законски прописи.

Врз основа на член 24 став 4 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.32/2020), министерот за транспорт и врски донесе Правилник за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 225/2020 и 219/2021). Согласно одредбата од член 1 се утврдува дека со овој правилник се пропишуваат стандардите и нормативите за урбанистичко планирање и се дефинираат принципите, начелата и методите за рационално планирање на одржливи населби и градби за уредување и користење на просторот, методите и техниките на урбанистичкото планирање, правното дејство на планските одредби, системот на класи на намени, како и сите заштитни или генеративни стандарди што го обезбедуваат исполнувањето на целите и начелата на урбанистичкото планирање.

Согласно член 155 став 5 од Правилникот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 225/2022), при диспозиција на придружни услужни објекти на уличната мрежа на населени места, како што се бензински пумпни станици, за градски магистрални улици е 80,00 м, оттаму планираната градежна парцела за бензинска со Детален урбанистички план градска четврт З 04 блок 04.05, Општина Карпош, Скопје, мерено од крстосницата до влезно-излезна лента ги исполнувала условите, а видно од синтезниот приказ каде истите се прикажани со нивелацијата. Дополнително, согласно овој правилник јасно стои дека учеството на класата на намена Е2 во основната класа на намена се утврдува во урбанистичкиот план.

Тргнувајќи од анализата на наведените уставни и законски одредби, Судот на седница утврди дека Стратегиска оцена за влијание на животната средина не е направена од две причини. Првата причина е што во член 68 став 9 од Законот за животна средина („Службен весник на Република Македонија“ бр. 53/2005, 81/2005, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 48/2010, 124/2010, 51/2011, 123/2012, 93/2013, 183/2013, 42/2014, 44/2015, 129/2015, 192/2015, 39/2016 и 42/2016), се наведува дека во случај кога стратегиска оцена се спроведува на плански документ кој произлегува од друг повисок плански документ за кој претходно била спроведена стратегиска оцена, органот кој го подготвува планскиот документ треба да ги земе предвид релевантните располжливи информации за ефектот на повисокиот плански документ врз животната средина кои биле добиени при донесувањето на тој плански документ. Имено, при донесувањето на Генералниот урбанистички план на Град Скопје направена е Стратегиска оцена за животна средина на територија на целиот плански опфат на Град Скопје. Втората причина е што Општина Карпош се обратила до Министерството за животна средина и просторно планирање, од каде е добиен одговор бр.15-1372/2021 од 21.09.2021 година дека не е потребно да се изработи Стратегиска оцена за влијание на животната средина.

Од формално-правна гледна точка, Советот на Општина Карпош постапил во смисла на цитираните одредби од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.32/2020). Меѓутоа, во конкретниот случај Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија предвидени во член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 10 од Уставот, а кои се однесуваат на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните, како и на принципот на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Видно од анализата на наводите на иницијативата каде се цитира член 4 став 3 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2020), е дека деталните урбанистички планови се планови од пониско ниво на планирање од генералните урбанистички планови и треба да се во согласност со генералните урбанистички планови. Предметниот урбанистички план не е донесен во согласност на Генералниот урбанстички план за Град Скопје поради тоа што просторот од градската четврт каде е предвидено да се гради бензинска пумпа е планиран за зеленило и изградба на објекти со класа на намена А и Б – односно објекти за домување и деловно комерцијални објекти, а во Генералниот урбанистички план не е предвидена изградба на објекти со класа на намена Е – кои означуваат инфраструктура каде спаѓаат бензински пумпи. Врз основа на изложеното, Судот оцени дека оспорената одлука не е донесена во согласност со Законот за урбанистичко планирање.

Имено, од утврдената фактичка состојба Судот утврди дека просторот каде се планира изградба на бензинска пумпа е означен како коридор низ кој минува топловодна, гасоводна, фекална и водоводна инфраструктура при што посебно ги ценеше и одредбите од член 71 од Генералниот урбанистички план за Град Скопје. Меѓутоа, во конкретниот случај овие одредби не овозможуваат да се предвиди изградба на бензинска пумпа поради причините кои се погоре наведени.

Имајќи го предвид погоре изнесеното, Советот на Општина Карпош, го донел предметниот оспорен урбанистички план со кој е дефиниран плански опфат за кој од приложената документација произлегува дека не се однесува за намена на градежно земјиште дефинирана со Генералниот урбанистички план на Град Скопје (2012- 2022) и на тој начин ги руши темелните вредности на кои се заснова уставниот поредок и дека донесената одлука за оспорениот детален урбанистички план мора да биде во согласност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје (2012-2022). Во конкретниот случај, просторот од градската четврт каде е предвидено да се гради бензинска пумпа е планиран за зеленило и изградба на објекти со класа на намена А и Б, а тоа се објекти за домување и делумно комерцијални објекти, но не се и објекти со класа на намена Е, како што е инфраструктура во која спаѓаат бензински пумпи.

Имено, согласно член 4 став 3 од Законот за урбанистичко планирање, деталните урбанистички планови се планови од пониско ниво на планирање од генералните урбанистички планови и со означен коридор низ кој минува топловодна и гасоводна фекална и водоводна инфраструктура на Градот Скопје. Оттука, Судот утврди дека процентот на изграденост на комунална супструктура за намена на објекти од категоријата Е е 0%, според посебните услови за градски четврти за кои постојат нумерички показатели од Гeнералниот урбанистички план за Град Скопје за градска четврт З 04. Тоа значи дека не се предвидени никакви градби на објекти со класа на намена Е2 згради и комплекси на инфраструктурните системи во кои спаѓаат и објектите со класа на намена Е2.1 згради и комплекси на патниот сообраќај, автобуска станица и шпедиции и постои опасност лошо да се влијае врз здравјето на луѓето и животната средина.

Оттука, Судот оцени дека оспорената одлука е донесена спротивно на принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок, со што се нарушува правната сигурност на граѓаните на Република Северна Македонија, и според Судот, со вака донесената одлука се доведува во прашање начелото на владеење на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата. Поради тоа, Судот оцени дека наведената одлука не е во согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот, како и со одредбите од член 4 став 3 од Законот за урбанистичко планирање со кои е утврдена постапката за донесување на урбанистички план.

8. Со донесувањето на оваа одлука Судот одлучи да го стави вон сила Решението У.бр. 23/2022 од 11 јануари 2023 година за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на донесениот детален урбанистички план.

9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од Одлуката.

10. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васик-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.23/2022
05.04.2023 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска