У.бр.224/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 14 октомври 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 192 ставови 1 и 2 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 29/2014, 33/2015, 193/2015 и 71/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 101/2019 и 14/2020).

2. Дејан Павловски од Кратово, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се оспорува член 48 став 1 точки 1 и 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 14/2020), но со оглед дека со членот 48 од тој закон се менува членот 192 од интегралниот текст на Законот, Судот оцени дека како оспорен ќе го цени член 192 ставови 1 и 2 од интегралниот текст на Законот.

Според подносителот на иницијативата, оспорените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 1, членот 9, член 32 став 3 и членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

Со оспорените законски одредби не била опфатена категоријата професионални војници кои се дел од активниот воен персонал на служба во Армијата и вработени во Министерството за одбрана, кои имаат засновано работен однос со договор за работа на определено време од 3 (три), односно 4 (четири) години, односно истите биле условени правото за исплата на надоместок на трошоци за станбено обезбедување да го користат откако ќе остварат работен стаж повеќе од 4 (четири) години, со што биле доведени во нерамноправна положба во однос на другиот воен и цивилен персонал, кои имале засновано работен однос на неопределено време или на определено време но со остварен стаж подолг од 4 (четири) години.

Со примената на оспорените одредби, поголемиот дел од активниот воен и цивилен персонал на служба во Армијата биле ставени во привилегирана положба, на начин што за исти права и обврски на служба во Армијата определени со закон, им се исплаќал месечен надоместок по основ на трошоци за станбено обезбедување во висина на надоместокот за одвоен живот, коишто надоместоци меѓусебно се исклучувале.

Одредбите на Законот за служба во Армијата, јасно укажувале на еднаквиот статус кој го имаат сите вработени од активниот воен и цивилен персонал на служба во Армијата кои потпишале договор за работа и засновале работен однос во Министерството за одбрана на Република Северна Македонија.

Од правен аспект единствена разлика предвидена и со Законот за работни односи, постоела во видот на склучување на договор за работа при засновање на работниот однос во сите правни субјекти, па и во Министерството за одбрана, каде активниот воен и цивилен персонал на служба во Армијата на овој начин засновал работен однос.

Притоа, се укажува дека пред донесувањето на оспорената одредба, односно согласно претходно важечкиот член 192 од Законот за служба во Армијата, можел да се утврди фактот дека активниот воен и цивилен персонал за време на вршење на служба во Армијата, подеднакво можеле да го остварат правото на решавање на станбеното обезбедување, без ограничувачки одредби и условувања на ваквото право, со неуставно категоризирање на професионалните војници кои се дел од активниот воен и цивилен персонал на служба во Армијата, вработени во Министерството за одбрана.

Неуставноста на оспорената законска одредба се состоела во неправедното подвојување и категоризирање на дел од професионалните војници во однос на останатиот активен воен и цивилен персонал на служба во Армијата, на кои не им се исплаќал месечен надоместок по основ на трошоци за станбено обезбедување поради неисполнување на вака воведените неуставни дискриминирачки услови со оспорената ограничувачка одредба од Законот. Со тоа на класичен начин се повредувале уставно загарантираните права на еднаквост на оваа категорија професионални војници на служба во Армијата, кои се во функција на заштита на Уставот и истите се еднакви пред Уставот и законите, а чии права, обврски и одговорности уредени со Законот, не се разликувале од правата, обврските и одговорностите на останатиот активен воен и цивилен персонал на служба во Армијата.

Вака донесените и применети одредби од оспорениот член од Законот, биле контрадикторни, неразбирливи и нелогични, во услови на непостоење правна гаранција за наведената категорија професионални војници на служба во Армијата, чиј работен однос завршувал по истекот на времетраењето од 3 (три), односно 4 (четири) години, определено со потпишаниот договор за работа на определено време.

Со противуставната одредба и ограничувачките услови содржани во оспорената законска одредба, на оваа категорија професионални војници, свесно им било ускратено остварувањето на определено право со закон, а кое право во исто време го остварувале останатите вработени од активниот воен и цивилен персонал на служба во Армијата.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд, по спроведената постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби, одредбата од член 192 став 2 од Законот за служба во Армијата, во делот: „по навршување на четири години служба во Армијата“ да ја поништи или укине како неуставна, на кој начин ќе се овозможело да се оствари уставно загарантираната еднаквост на вработените од активниот воен и цивилен персонал на служба во Армијата, при остварувањето на законски утврденото право на исплата на наведениот месечен надоместок, подеднакво за сите вработени како граѓани на Република Северна Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 192 став 1 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, на активен воен и цивилен персонал кој има засновано работен однос на неопределено време во Армијата, му се исплатува надоместок на трошоци за станбено обезбедување.

Според ставот 2 на истиот член, активен воен персонал кој има засновано работен однос на определено време во Армијата, правото од ставот (1) на овој член, може да го оствари по навршување на четири години служба во Армијата.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во согласност со член 9 ставови 1 и 2 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви

Според член 32 став 3 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија се уредуваат статусот, правата, обврските, должностите и одговорностите на персоналот на служба во Армијата на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Армијата), како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата (член 1).

Според членот 3 од Законот, служба во Армијата врши воен и цивилен персонал.

1. Воен персонал, во смисла на овој закон, е:
а) активен воен персонал
– воен старешина-офицер и подофицер и
– професионален војник;
б) воен персонал на стручно оспособување, односно обука
– војник на доброволно служење на воениот рок,
– лице на стручно оспособување и усовршување за офицер, односно подофицер и
– питомец на Воената академија и
в) припадници на резервните сили поставени на должност согласно со актот за формација на Армијата и тоа:
– припадници на активната резерва и
– припадници на општата резерва.
2. Цивилен персонал, во смисла на овој закон, е:
– цивилно лице поставено на должност согласно со актот за формација на Армијата.

Во согласност со членот 4 од Законот:

(1) Воениот персонал врши служба во Армијата со засновање на работен однос со Министерството за одбрана, со школување на Воената академија, односно стручно оспособување и усовршување за офицер, односно подофицер, со договорен однос и со доброволно служење на воениот рок.
(2) Служба во Армијата, со засновање работен однос со Министерството за одбрана, вршат воени старешини офицери, односно подофицери и професионални војници.
(3) Служба во Армијата со школување, односно стручно оспособување и усовршување за офицери, односно подофицери, вршат питомци на Воената академија и лица на стручно оспособување и усовршување за офицери, односно подофицери.
(4) Служба во Армијата вршат војниците на доброволно служење на воениот рок.
(5) Служба во Армијата со договорен однос врши активната резерва.
(6) Цивилен персонал врши служба во Армијата со засновање работен однос со Министерството за одбрана.

Според член 6 од Законот, воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата е должен службата да ја врши совесно, стручно, ефикасно, уредно, навремено и одговорно во согласност со Уставот, закон и ратификуваните меѓународни договори кои Република Северна Македонија ги склучила или им пристапила (став 1). Воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата е должен секогаш и на секое место, без оглед дали се во униформа или не, да води сметка за своите постапки, да ја претставува Армијата и да го чуваат својот углед и достоинство и угледот на Армијата (став 2).

Според член 30 став 1 од Законот, работен однос со Министерството за одбрана како активен воен и цивилен персонал на служба во Армијата, се заснова со склучување на договор за вработување во писмена форма.

Согласно член 40 став 1 од Законот, воените старешини и цивилниот персонал склучуваат договор за вработување на неопределено време. Според ставот 2, професионалните војници склучуваат договор за работа на определено време со времетраење на договорот од четири години, а според ставот 3, во зависност од покажаните резултати и потребите на соодветниот род, односно служба, договорот за работа со професионалните војници може да се продолжи повеќе пати, но најмногу до навршување на 45 години возраст.

Од наведената законска регулатива произлегува дека во Законот за служба се уредени статусот, правата, должностите и одговорностите на воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата, како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата.

Служба во Армијата, како воен персонал, со засновање работен однос со Министерството за одбрана, вршат воени старешини – офицери и подофицери, како и професионални војници. Воените старешини склучуваат договор за вработување на неопределено време. Професионалните војници склучуваат договор за работа на определено време со времетраење на договорот од четири години, а во зависност од покажаните резултати и потребите на соодветниот род, односно служба, договорот за работа со професионалните војници може да се продолжи повеќе пати, но најмногу до навршување на 45 години возраст.

Главата XIV од Законот носи наслов: СТАНБЕНО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ и содржи еден член – членот 192, според кој:

„(1) На активен воен и цивилен персонал кој има засновано работен однос на неопределено време во Армијата, му се исплатува надоместок на трошоци за станбено обезбедување.
(2) Активен воен персонал кој има засновано работен однос на определено време во Армијата, правото од ставот (1) на овој член, може да го оствари по навршување на четири години служба во Армијата.
(3) Висината на надоместок на трошоци за станбено обезбедување е во висина на трошоците за одвоен живот.
(4) По исклучок на ставот (1) на овој член, лицата кои веќе имаат обезбедено станбено прашање со станови кои потекнуваат од станбениот фонд на поранешната ЈНА, не остваруваат право на надоместок на трошоци за станбено обезбедување.
(5) Надоместокот на трошоци за одвоен живот и надоместокот на трошоци за станбено обезбедување меѓусебно се исклучуваат.“

Членот 192 од Законот својата актуелна содржина ја добива со членот 48 Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 14/2020), според кој членот 192 се менува и гласи во цитираната содржина.

Од анализата на членот 192 од Законот, произлегува дека со истиот законодавецот го уредил прашањето на станбеното обезбедување на активниот воен и цивилен персонал на служба во Армијата, преку исплата на надоместок на трошоци за станбено обезбедување, во висина на трошоците за одвоен живот. Притоа, законодавецот прави дистинкција помеѓу активниот воен и цивилен персонал кој има засновано работен однос во Армијата на неопределено време и активниот воен персонал кој има засновано работен однос во Армијата на определено време. За првата категорија лица, со работен однос на неопределено време, не се пропишани дополнителни услови за остварување на правото, а за втората категорија лица, со работен однос на определено време, се пропишува дека правото можат да го остварат по навршување на четири години служба во Армијата. Со оглед дека само професионалните војници се активен воен персонал кој склучува договор за работа на определено време од 4 години, со можност за негово продолжување, произлегува дека наведеното условување за потребни години работен стаж во Армијата, се однесува само за оваа категорија воени лица.

5. Уставниот суд веќе расправал за прашањето за станбено обезбедување на активниот воен персонал на служба во Армијата, условено од начинот на заснованиот работен однос – на неопределено или на определено време, уредено со Законот за служба во Армијата, пред најновите законски измени.

Во оваа смисла, со Решението У.бр.60/2010 од 30 јуни 2010 година, Уставниот суд не повел постапка за оценување на уставноста на член 194 став 2 во делот: „по продолжување на првиот договор за работа…“ од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија„ бр.36/2010).

Оспорениот член 194 ставови 1 и 2 од Законот, гласеле:

„(1) Вработените во Армијата кои засновале работен однос на неопределено време, а не им е обезбедено користење на службен стан, имаат право на надоместок на трошоци за закупнина на стан.
(2) Вработените во Армијата кои засновале работен однос на определено време, а не им е обезбедено користење на службен стан, имаат право на надоместок на трошоци за закупнина на стан по продолжување на првиот договор за работа.“

Законската одредба била оспорена од подносителот бидејќи за вработените во Армијата на неопределено и определено време, не требало да има разлика во однос на правото на надоместок за закупнина на стан и ова право требало и на вработените на определено време да им се признае веднаш без определениот услов дека правото ќе го стекнеле „по продолжување на првиот договор за работа“.

Во своето решение, Уставниот суд оценил дека: „не постојат уставни пречки за предметното законско решение, бидејќи за сите вработени во Армијата кои засновале работен однос на определено време се однесува еднакво законската норма дека по продолжување на првиот договор за работа, имаат право на надоместок на трошоци за закупнина на стан доколку не им е обезбедено користење на службен стан. Имено, вработените во Армијата кои засновале работен однос на определено време и оние кои во Армијата засновале работен однос на неопределено време се разликуваат во правата и обврските, бидејќи се разликуваат во видот на заснованиот работен однос и не може да се прифати како основан наводот во иницијативата дека со оспорената одредба се вршело дискриминирање, односно различно правно третирање на вработените, кои всушност имаат зановано различен вид на работен однос. Од овие причини Судот оцени дека за оспорениот член 194 став 2 од Законот не може да се постави прашањето на согласноста со Уставот.“

Исто така, Уставниот суд, со Решение У.бр.236/2011 од 24.10.2012 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 194 ставови 1 и 2 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012 и 77/2012).

Судот утврдил дека согласно член 194 став 1 и став 2 од Законот, вработените во Армијата кои засновале работен однос на неопределено време, а кои на територијата на Република Македонија немаат стан во лична сопственост или во сопственост на член од нивното потесно семејство (брачен другар, деца родени во брак или вон брак, посиноци, посвоени деца и деца земени на издржување и родители), со кои живеат во заедничко домаќинство, а не им е обезбедено користење на службен стан, имаат право на надоместок на трошоци за закупнина на стан. Вработените во Армијата кои засновале работен однос на определено време, правото од ставот 1 на овој член можат да го остварат по три години служба во Армијата.

Во своето решение Уставниот суд оценил: „По однос на оспорениот член 194 став 2 според кој вработените во Армијата кои засновале работен однос на определено време, правото од ставот 1 на овој член можат да го остварат по три години служба во Армијата и член 192 став 5 според кој при остварување на правото на закупнина на стан, особено се земаат предвид местото на службување, годините на работен стаж, чинот, семејната состојба, користење на стан под закуп и слично, сметаме дека не постојат уставни пречки за предметното законско решение, бидејќи за сите вработени во Армијата кои засновале работен однос на определено време се однесува еднакво законската норма дека имаат право на надоместок на трошоци за закупнина на стан доколку не им е обезбедено користење на службен стан. Имено, вработените во Армијата кои засновале работен однос на определено време и оние кои во Армијата засновале работен однос на неопределено време се разликуваат во правата и обврските, бидејќи се разликуваат во видот на заснованиот работен однос и не може да се прифати како основан наводот во иницијативата дека со оспорената одредба се вршело дискриминирање, односно различно правно третирање на вработените и ограничување на остварување на правото на еднаквост бидејќи овие припадници на Армијата всушност имаат зановано различен вид на работен однос.

Имено, за повреда на принципот на еднаквост станува збор само кога се во прашање различни права и обврски за граѓани кои се наоѓаат во еднаква правна положба, што не е случај со цивилните и воените лица на служба во Армијата на Република Македонија, меѓу кои не може да се стави знак на еднаквост во однос на остварување на правата по кој било основ. За повреда на принципот на еднаквост не станува збор и во случај кога законодавецот за две различни права на иста категорија граѓани утврдил различни услови за нивно остварување.

Оттука, по однос на наводите во иницијативата за несогласност на оспорениот член од Законот со уставното начело во членот 8 став 1 алинеја 8, според кое хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, како и со уставната определба за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, согласно членот 9 од Уставот и со уставната определба дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, согласно членот 51 од Уставот, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за несогласност со овие уставни норми.“

6. И со сега доставената иницијатива со која се оспоруваат одредби на членот 192 од Законот за служба во Армијата, во неговата актуелна содржина, подносителот на истата смета дека одредбите произведувале нееднаквост на вработените од активниот воен и цивилен персонал на служба во Армијата, кои биле рамноправни граѓани на Република Северна Македонија и биле еднакви пред Уставот и законите, поради што смета дека одредбите биле неуставни.

Судот оцени дека ваквите наводи во иницијативата се неосновани и дека образложенијата што Уставниот суд веќе ги искажал по однос на прашањето за уставноста на начинот на станбено обезбедување на припадниците на Армијата, врзано за видот на работниот однос на истите, во целост се однесуваат и на сега важечките одредби од Законот.

Имено, законодавецот пропишал дека лицата на служба во Армијата засноваат работен однос на неопределено и на определено време, од што зависат и нивните права, обврски и одговорности.

Во однос на правото за станбено обезбедување, законодавецот пропишал дека истото им припаѓа на сите припадници на активниот воен и цивилен персонал на служба во Армијата, но за активниот воен персонал кој склучува договор за работа на определено време, пропишал посебни услови – правото да може да се остварува по навршување на четири години служба во Армијата, а за припадниците на Армијата кои засновале работен однос на неопределено време, не се предвидени слични условувања.

Вработените во Армијата кои засновале работен однос на определено време и оние кои во Армијата засновале работен однос на неопределено време се разликуваат во правата и обврските, бидејќи се разликуваат во видот на заснованиот работен однос и не може да се прифати како основан наводот во иницијативата дека со оспорените одредби се вршело дискриминирање, односно различно правно третирање на вработените и ограничување на остварување на правото на еднаквост бидејќи овие припадници на Армијата всушност имаат зановано различен вид на работен однос.

За повреда на принципот на еднаквост станува збор само кога се во прашање различни права и обврски за граѓани кои се наоѓаат во еднаква правна положба, што не е случај со цивилните и воените лица на служба во Армијата на Република Македонија кои засновале работен однос на неопределено, односно на определено време. Меѓу нив не може да се стави знак на еднаквост во однос на остварување на сите права од работен однос. За повреда на принципот на еднаквост не станува збор и во случај кога законодавецот за две различни права на иста категорија граѓани утврдил различни услови за нивно остварување.

Оттука, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 192 ставови 1 и 2 од Законот за служба во Армијата со член 8 став 1 алинеја 1, членот 9, член 32 став 3 и членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

7. Барањето на крајот од иницијативата, Уставниот суд да го поништи или укине членот 192 став 2 во делот: „по навршување на четири години служба во Армијата“ од Законот, всушност би значело Уставниот суд да ја преземе улогата на законодавец и да пропише нови услови за станбено обезбедување на припадниците на Армијата, што уставно не е дозволено.

Ова затоа што согласно уставно утврдените надлежности на Уставниот суд, тој нема надлежност да нормира и регулира односи, туку само да цени дали постојните законски решенија се во согласност со Уставот.

8. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.224/2020
14 октомври 2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати