У.бр.20/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 04.05.2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА ПОСТАПКА за оценување на уставноста на делот: „член 30“ од член 31, делот: „Министерство за стопанство“ од член 59 и член 72 ставови 1 и 2 од од Законот за заштита од експлозивни материи („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр.4/1978, 10/1978-исправка, 51/1988 и 36/1990; „Службен весник на Република Македонија“ бр.12/1993, 66/2007, 84/2008, 135/2011 и 148/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.294/2021).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на делот: „20, 55“ од член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита од експлозивни материи („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/1993).

3. Игорче Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите и делови од одредбите од Законот за заштита од експлозивни материи означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата во членовите 20 и 55 од Законот (основен текст заедно со сите измени до 1993 година) не постоеле зборовите: „Републички секретаријат за индустрија и трговија“ (постоеле зборовите: „Републички секретаријат за внатрешни работи“), па со оспорениот член 8 од Законот донесен во 1993 година да можела да се предвиди замена на овие зборови со зборовите: „Министерство за стопанство“. Оттаму, со оспорениот дел се вршела измена на делови кои воопшто не постоеле што доведувало до правна несигурност и правна забуна во примената што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

По однос на оспорениот дел од членот 31 од Законот се наведува дека во оваа одредба се упатувало на примена на членот 30 од Законот, која пак одредба била избришана согласно член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита од експлозивни материи („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2008). Повикувањето на одредба која сметано од 18.07.2008 година повеќе не е дел од правниот поредок не било во согласност со владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Ова од причина што упатувањето на примена на друга одредба подразби-рало истата да постои во правниот промет со цел формирање на правно-функционална логична целина. Во спротивно доаѓало до забуна во примената спротивно на посочената уставна одредба.

Од содржината на членовите 55 и 59 и член 72 став 1 од Законот произлегувало дека истите содржат одредени надлежности за Министерството за стопанство, но ова министерство согласно член 62 алинеја 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа заедно со Министерството за трговија било обединето во Министерство за економија. Оттаму, произлегувало дека присуството на Министерството за стопанство во одредбите упатувало на надлежност на непостоечко министерство, односно орган, што создавало правна несигурност и правна забуна, спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Ова било став на Судот изразен во постапката по предметот У.бр.66/2017.

Исто така, во член 72 став 1 од Законот било предвидено овластување за Министерството за стопанство во согласност со Министерството за внатрешни работи да донесе поблиски прописи за градежно-техничките и технолошките услови за заштита од експлозија и пожар при изградба, адаптација и користење на објектите, просторот, уредите, техничката опрема и средствата, како и инсталациите во објектите во кои се произведуваат или складираат експлозивни материи. Во ставот 2 од истата одредба од Законот било предвидено да можат да се определуваат прекршоци и за тие прекршоци да се пропишуваат казни.

Според Амандман XX став 1 од Уставот, за прекршоците определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Но, од оспорениот став 2 од членот 72 од Законот неспорно произлегувало дека се давало овластување со подзаконски пропис да се определуваат прекршоци кое нешто не било во согласност со означениот амандман.

Поради сето наведено подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од одредбите, како и на оспорените одредби од Законот и истите да ги укине.

3. Судот на седницата, утврди дека во оспорениот член 31 став 1 од Законот за заштита од експлозивни материи е предвидено дека нa правното лице кое употребува експлозивни материи во вршењето на својата редовна дејност може да му се издаде одобрение за повеќекратен превоз на овие материи од магацин за сместување на експлозивни материи до местото на употребата. Рокот на важењето на ова одобрение не може да биде подолг од три месеци.

Одобрението од ставот 1 на овој член се издава и во електронски облик (став 2).
Според ставот 3 од членот 31 од Законот, ако при издавањето на одобрението од став 1 на овој член испраќачот не располага со сите неопходни податоци, коишто се потребни за секој единечен превоз на експлозивните материи, испраќачот е должен најмалку два часа пред почетокот на секој единечен превоз на погоден начин да го извести органот кој му го издал одобрението за почетокот на превозот со сите податоци од член 30 на овој закон, кои- што органот треба да ги внесе во копието на одобрението. Истите податоци ги внесува и испраќачот во својот примерок на одобрението за превоз што му го предава на возачот.
Одобрение за производство на контејнери како типски објекти за складирање на експлозивни материи, според оспорениот член 59 од Законот, издава Министерството за стопанство во постапка пропишана со член 55 на овој закон.
Во оспорениот член 72 став 1 од Законот, се овластува Министерството за стопанство во согласност со Министерството за внатрешни работи да донесе поблиски прописи за градежно-техничките и технолошките услови за заштита од експлозија и пожар при изградба, адаптација и користење на објектите, просторот, уредите, техничката опрема и средствата, како и инсталациите во објектите во кои се произведуваат или складираат експлозивни материи.
Co прописите од став 1 на овој член можат да се определуваат прекршоци и за тие прекршоци да се пропишуваат казни (став 2).

Според оспорениот член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита од експлозивни материи („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/1993) во членовите 20, 55 и 59 и член 72 став 1 зборовите: „Републички секретаријат за индустрија и трговија“ се заменуваат со зборовите: „Министерство за стопанство“.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е определено како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Со Амандман XX на Уставот се дополнува цитираниот член 13 од Уставот. Според овој амандман на Уставот, за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон.

Во конкретниот случај со иницијативата се оспоруваат делови од одредби и одредби од Законот за заштита од експлозивни материи кој, како правен акт, егзистира во правниот поредок сметано од 1978 година и во текот на овие четириесетина години претрпел повеќе измени и дополнувања. Па, така во членот 30 од Законот биле пропишани посебните податоци (осум на број) кои требало да ги содржи одобрението за превоз на експлозивни материи. Но, со член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита од експлозивни материи („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2008 година, објавен на 11 јули 2008 година, влегол во сила на 19 јули истата година) е предвидено бришење на членот 30 од Законот. Сметано од 19 јули 2008 година до денес членот 30 од Законот не добил нова содржина.

Оттаму, повикувањето на примена на член 30 од Законот во оспорениот член 31 став 3, односно предвидената законска должност за испраќачот најмалку два часа пред почетокот на секој единечен превоз на погоден начин да го извести органот кој му го издал одобрението за почетокот на превозот со сите податоци од член 30 на овој закон (избришана одредба) претставува предви-дување на обврска за доставување на податоци од непостоечка одредба. Според Судот, ваквиот недостаток може да создаде правна забуна во примената на одредбата како за органот кој го издава одобрение така и за лицето кое бара вакво одобрение што води кон сомнение за согласноста на оспорениот дел од одредбата со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Подносителот на иницијативата по однос на член 59 и член 72 став 1 од Законот наведува дека содржеле одредени надлежности за Министерството за стопанство, но ова министерство согласно член 62 алинеја 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа заедно со Министерството за трговија било обединето во Министерство за економија од каде присуството на зборовите: „Министерството за стопанство“ упатувало на надлежност на непостоечко министерство, односно орган што создавало правна несигурност и правна забуна, спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Тргнувајќи од анализата на член 62 алинеја 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000) произлегува дека Министерството за стопанство и Министерството за трговија се обединуваат во Министерство за економија и продолжуваат со работа како Министерство за економија со надлежности утврдени со овој закон сметано од 21 јули 2000 година, односно со денот на влегување во сила на овој закон (член 73 – со денот на објавувањето).

Оттаму, Министерството за стопанство после 21 јули 2000 година, како правно непостоечки орган, ги изгубило и своите надлежности и овластувања предвидени во Законот за заштита од експлозивни материи. Сметано од наведениот датум неговите ингеренции преминале во надлежност на Министерството за економија, но иако изминал период од скоро 22 години измени и усогласувања на Законот за заштита на експлозивни материи во оваа насока не се направени.

Судот, имајќи предвид дека во оспорените одредби (член 59 и член 72 став 1) се содржани надлежности и овластувања за непостоечко министерство, смета дека во правниот поредок на Република Северна Македонија може да дојде до правна несигурност, нејаснотии и забуни во практикувањето на правото за субјектите кои се засегнати со конкретната правна проблематика, како и за органите кои го применуваат овој закон. Оттаму овие одредби можат да се стават под сомнение по однос на нивната согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и владеењето на правото кое како темелна вредност бара во правниот поредок да егзистираат јасни и прецизни норми кои нема да создаваат забуна во примената.

Впрочем, ваков став Судот имал и во постапката по предметот У.бр.66/2017.

Аманданот XX од Уставот, предвидува за прекршоците определени со закон, санкција да може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Но во оспорениот став 2 од членот 72 од Законот е дадено овластување со подзаконски пропис, а не со закон, како што бара цитираниот амандман, да се определуваат прекршоци и за тие прекршоци од страна на Министерството за економија и Министерството за внатрешни работи да се пропишуваат казни со поблиски прописи. Ваквата законска определба ја доведува под сомнение согласноста на оспорениот член 72 став 2 од Законот по однос на наведениот амандман кој определил само со закон, но не и со други поблиски прописи да се предвидуваат прекршоци и соодветни санкции.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Во иницијативата се оспоруваат и деловите: „20 и 55“ од членот 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита од експлозивни материи („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/1993).

Според содржината на член 20 став 1 од Законот („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр. 4/1978, 10/1978-исправка и 51/1988) подносителот на барањето за издавање решение за изградба на објекти наменети за производство на експлозивни материи е должен да обезбеди изработка и на посебен проект за заштита од пожар и експлозија едновремено со изработката на останатите проекти за овие објекти. Решение за изградба на објекти од став 1 на овој член издава Републичкиот секретаријат за индустрија и трговија (став 2). Решение за изградба на објекти од став 2 на овој член може да се издаде откако претходно се прибави согласност на посебниот проект за заштита од пожар и експлозија од Републичкиот секретаријат за внатрешни работи дека предвидените решенија и мерки се доволни за заштита од пожар и експлозија и дека се во согласност со соодветните технички нормативи и техничката пракса за тие објекти (став 3).

Според содржината на членот 55 од Законот, со горенаведените службени гласила, решение за изградба на магацин за складирање на експлозивни материи издава Републичкиот секретаријат за индустрија и трговија, по претходно прибавено мислење од Републичкиот секретаријат за внатрешни работи во поглед на техничкото решение и предвидените мерки за заштита од пожар и експлозија во инвестиционо-техничката документација.

Со член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита од експлозивни материи („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр.36/1990) членот 20 се менува и гласи:

„Согласност на решенијата и мерките за заштита од пожари и експлозија и нивна усогласеност со соодветните технички нормативи во проектот за заштита од експлозија, што е составен дел на техничката документација за изградба на објекти наменети за производство на експлозивни материи, дава Републичкиот секретаријат за внатрешни работи.“

Со членот 2 од истиот закон направена е измена на членот 55 од Законот, која гласи:

„Согласност во поглед на техничкото решение и предвидените мерки за заштита од пожари и експлозија во проектот за заштита од експлозија за изградба на магацин за складирање на експлозивни материи дава Републичкиот секретаријат за внатрешни работи.“

Со членот 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита од експлозивни материи („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/1993), е предвидено дека во членовите 20, 55 и 59 и член 72 став 1 зборовите: „Републички секретаријат за индустрија и трговија“ се заменуваат со зборовите: „Министерство за стопанство“.

Од анализата на цитираните одредби од основниот текст на Законот и неговите измени и дополнувања, наспрема оспорениот член 8 од измената на Законот од 1993 година произлегува дека во членовите 20 и 55 не биле содржани зборовите „Републички секретаријат за индустрија и трговија“ од каде не можела да се направи нивна замена со зборовите: „Министерство за стопанство“. Но, исто така, јасно произлегува дека членовите 20 и 55 биле претходно изменети (1990) на начин што соодветните согласности ги дава Републичкиот секретаријат за внатрешни работи, сега Министерство за внатрешни работи (со член 15 од измената од 1993 година зборовите: „Републичкиот секретаријат за внатрешни работи“ во целиот текст на Законот се заменети со зборовите: „Министер-ството за внатрешни работи“). Оттаму, Судот оцени дека пропустот на кој се укажува во иницијативата е пропуст од технички карактер, а не од суштински карактер, бидејќи претходно направените содржински интервенции јасно го определуваат надлежниот орган за давање на согласност, а определбата да се заменуваат одредени непостоечки зборови со повикување на членовите 20 и 55 во оспорената одредба, се должи на сторен технички пропуст, чие исправање не спаѓа во надлежност на Уставниот суд.

Според тоа, Судот оцени дека за оваа одредба се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.20/2022
04.05.2022 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска