У.бр.188/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 13 октомври 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 16, во целина, и посебно ставовите 3 и 4 од Законот за земјоделското земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.135/2007, 18/2011, 148/2011, 95/2012, 79/2013, 87/2013, 106/2013, 164/2013, 39/2014, 130/2014, 166/2014, 72/2015, 98/2015, 154/2015, 215/2015, 7/2016 и 39/2016 и “Службен весник на Република Северна Македонија” бр.161/2019).

2. Јана Наумовска од Битола, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот член 16 од Законот за земјоделското земјиште бил во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3, 6, 7 и 10, членовите 9, 30, 32, 43, 51, 55, 57 и 58 од Уставот. Подносителот на иницијативата смета дека оспорениот член 16 од Законот не бил конзистентен со членот 16-б од истиот закон од причина што утврдените услови за размена на земјоделско земјиште во член 16 ставови 3 и 4, односно условите и постапката за размена на земјоделското земјиште не биле идентични со оние услови утврдени во членот 16-б од истиот закон со кои се уредуваат условите и постапката за консолидација на земјоделското земјиште.

Подносителот на иницијативата преку конкретен личен случај наведувајќи дека неоправдано било одбиено нејзиното барање за размена на конкретно земјоделско земјиште кое и било вратено во процесот на денационализација, цени дека условите и постапката предвидени во членот 16 од Законот го повредувале правото на сопственост, како и правото на еднаквост на граѓаните независно од нивната имотна и општествена положба и дека непоседувањето на земјиште кое граничи со земјиштето во државна сопственост предмет на размена, претставувало ограничување на правото на сопственост и другите права коишто произлегуваат од него согласно член 30 од Уставот.

Според наводите во иницијативата со овозможување на размената без утврдените услови во оспорениот член од Законот подносителот на иницијативата би можел да се регистрира како вршител на земјоделска дејност и да се занимава со органско земјоделско производство што би било во насока и од корист за заштита и зачувување на животната средина како една од темелните вредности на уставниот поредок.

Подносителот на иницијативата смета дека членот 16 и членот 16-б од Законот не биле усогласени во смисла што условот предвиден во членот 16 од Законот според кој размена може да се врши само доколку земјоделското земјиште кое подносителот на барањето го отстапува за размена е во негова сопственост и граничи со земјоделско земјиште во државна сопственост не бил утврден како услов и постапката за консолидација на земјоделското земјиште која била уредена со членот 16-б од Законот за земјоделското земјиште.

Во иницијативата посебен осврт дава подносителката на нејзин конкретен предмет и случај кој има завршница со одбивање на барањето од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 16 од Законот за земјоделското земјиште предвидува:

“Заради окрупнување на земјоделските парцели, земјоделското земјиште во државна сопственост може да се размени со земјоделско земјиште во приватна сопственост.

При размената не смее да дојде до раситнување на земјоделското земјиште во државна сопственост, кое претставува блокови со природни граници.

Размената може да се врши само доколку земјоделското земјиште кое подносителот на барањето го отстапува за размена е во негова сопственост и граничи со земјоделско земјиште во државна сопственост, а истовремено поседува и земјоделско земјиште во негова сопственост, кое граничи со земјоделско земјиште во државна сопственост на местото каде што се бара размената, освен во случаите утврдени во ставот 4 на овој член и член 16-б став 2 од овој закон.

По исклучок од ставот 3 на овој член, во случај кога предмет на размена се земјоделски земјишта во иста катастарска општина, при правосилно решение за денационализација, размена се врши и доколку не се исполнети условите од ставовите 2 и 3 на овој член.

Постапката за размена на земјоделско земјиште ја спроведува Министерството по барање на заинтересирано лице или по службена должност.

Формата и содржината на образецот на барањето од ставот 5 на овој член и потребната документација ги пропишува министерот.

Процената на вредноста на земјоделското земјиште кое е предмет на размена ја врши физичко лице – трговец поединец кое е регистрирано согласно со Законот за трговски друштва за вршење на процена и му е издадена лиценца за процена и е запишано во соодветен регистар за овластени проценувачи како и друштво за процена регистрирано согласно со Законот за трговските друштва за вршење на процена и има лиценца за процена и е запишано во соодветен регистар за овластени проценувачи.

На постапката за размена на земјоделското земјиште од ставот 1 на овој член соодветно се применуваат одредбите од Законот за општа управна постапка и Законот за облигациони односи, доколку со овој закон поинаку не е уредено.

Трошоците на постапката за размена на земјоделското земјиште од ставот 1 на овој член се на товар на предлагачот на размената.

Договорот за размена на земјоделско земјиште, по позитивно мислење на Државното правобранителство на Република Македонија и претходна согласност на Владата на Република Македонија, во име на Република Македонија го потпишува министерот.

Договорот од ставот 10 на овој член министерот го потпишува во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на одлуката на Владата на Република Македонија за давање на согласност за склучување на договор за размена од ставот 10 на овој член.

Доколку министерот не го потпише договорот за размена во рокот од ставот 11 на овој член, подносителот на барањето за размена во рок од три дена писмено го известува министерот.

Министерот е должен во рок од осум дена од приемот на известувањето од ставот 12 на овој член да го потпише договорот за размена.

Агенцијата за катастар на недвижности е должна во рок од 30 дена од приемот на договорот за размена и геодетскиот елаборат врз основа на кој е изработен договорот, да изврши промена на податоците за катастарските парцели согласно со договорот.”

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.

Според член 8 став 1 алинеи 3, 6, 7 и 10 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, слободата на пазарот и претприемништвото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување (став 1). Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата (став 2). Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 3). Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност (став 4).

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност.
Според членот 43 од Уставот, секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото (став 1), Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот (став 2), како и слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето (став 3).

Според член 58 став 1 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.

Согласно членот 1 од Законот за земјоделското земјиште кој го утврдува предметот на уредување, со овој закон се уредуваат користењето, располагањето, заштитата и пренамената на земјоделското земјиште.

Според членот 2 од истиот закон, целите на овој закон се рационално користење на земјоделското земјиште како ограничен природен ресурс, заштита на земјоделското земјиште и обезбедување правна сигурност на сопствениците и корисниците на земјоделското земјиште.

Членот 3 од овој закон ја уредува посебната заштита на овој ресурс, односно земјоделското земјиште како добро од општ интерес на Републиката ужива посебна заштита и се користи под услови и на начин утврден со овој закон.

Оспорениот член 16 од Законот, предвидува дека заради окрупнување на земјоделските парцели, земјоделското земјиште во државна сопственост може да се размени со земјоделско земјиште во приватна сопственост.

При размената не смее да дојде до раситнување на земјоделското земјиште во државна сопственост, кое претставува блокови со природни граници.

Размената може да се врши само доколку земјоделското земјиште кое подносителот на барањето го отстапува за размена е во негова сопственост и граничи со земјоделско земјиште во државна сопственост, а истовремено поседува и земјоделско земјиште во негова сопственост, кое граничи со земјоделско земјиште во државна сопственост на местото каде што се бара размената, освен во случаите утврдени во ставот 4 на овој член и член 16-б став 2 од овој закон.

По исклучок од ставот 3 на овој член, во случај кога предмет на размена се земјоделски земјишта во иста катастарска општина, при правосилно решение за денационализација, размена се врши и доколку не се исполнети условите од ставовите 2 и 3 на овој член.

Постапката за размена на земјоделско земјиште ја спроведува Министерството по барање на заинтересирано лице или по службена должност.

Формата и содржината на образецот на барањето од ставот 5 на овој член и потребната документација ги пропишува министерот.

Процената на вредноста на земјоделското земјиште кое е предмет на размена ја врши физичко лице – трговец поединец кое е регистрирано согласно со Законот за трговски друштва за вршење на процена и му е издадена лиценца за процена и е запишано во соодветен регистар за овластени проценувачи како и друштво за процена регистрирано согласно со Законот за трговските друштва за вршење на процена и има лиценца за процена и е запишано во соодветен регистар за овластени проценувачи.

На постапката за размена на земјоделското земјиште од ставот 1 на овој член соодветно се применуваат одредбите од Законот за општа управна постапка и Законот за облигациони односи, доколку со овој закон поинаку не е уредено.

Трошоците на постапката за размена на земјоделското земјиште од ставот 1 на овој член се на товар на предлагачот на размената.

Договорот за размена на земјоделско земјиште, по позитивно мислење на Државното правобранителство на Република Македонија и претходна согласност на Владата на Република Македонија, во име на Република Македонија го потпишува министерот.

Договорот од ставот 10 на овој член министерот го потпишува во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на одлуката на Владата на Република Македонија за давање на согласност за склучување на договор за размена од ставот 10 на овој член.

Доколку министерот не го потпише договорот за размена во рокот од ставот 11 на овој член, подносителот на барањето за размена во рок од три дена писмено го известува министерот.

Министерот е должен во рок од осум дена од приемот на известувањето од ставот 12 на овој член да го потпише договорот за размена.

Агенцијата за катастар на недвижности е должна во рок од 30 дена од приемот на договорот за размена и геодетскиот елаборат врз основа на кој е изработен договорот, да изврши промена на податоците за катастарските парцели согласно со договорот.

Според членот 16-а од Законот, при размена на земјоделско земјиште заради окрупнување на земјоделските парцели, Министерството по барање на десет или повеќе сопственици на земјоделско земјиште во една или повеќе соседни катастарски општини или по службена должност спроведува постапка за консолидација на земјоделско земјиште.

Постапката за консолидација од ставот 1 на овој член започната по поднесено барање, опфаќа советодавна помош за постигнување правична спогодба за размена на земјоделското земјиште меѓу подносителите на барањето, како и посредување со Агенцијата за катастар на недвижности, единицата на локалната са- моуправа и Управата за јавни приходи.

Доколку постапката за консолидација на земјоделско земјиште се спроведува по службена должност, истата опфаќа советодавна помош за жителите на една или повеќе катастарски општини за оправданоста и потребата од окрупнување на земјоделското земјиште, како и советодавна помош за постигнување правична спогодба за размена на земјоделското земјиште меѓу сопствениците на земјоделско земјиште учесници во постапка за консолидација започната по службена должност и посредување со Агенцијата за катастар на недвижности, единицата на локалната самоуправа и Управата за јавни приходи.

Кон барањето од ставот 1 на овој член се доставува документација за земјоделското земјиште предмет на постапката за консолидација и докази за сопственост и местоположбата на земјоделското земјиште предмет на постапката.

Начинот на давање на советодавната помош и начинот на посредувањето од ставовите 2 и 3 на овој член, формата и содржината на образецот на барањето од ставот 2 на овој член, како и потребната документација ги пропишува министерот.

На постапката по барањата за спроведување на по- стапка за консолидација кои не се поднесени согласно со ставовите 1 и 5 на овој член се применуваат одредбите од Законот за општа управна постапка.

Членот 16-б од Законот кој ја уредува постапката за консолидација на земјоделското земјиште во државна сопственост, предвидува дека доколку во постапката за консолидација спроведе- на согласно со членот 16-а од овој закон, предмет на размена е и земјоделско земјиште во државна сопственост, размената на земјоделското земјиште во државна сопственост со земјоделското земјиште во приватна сопственост се спроведува во постапка согласно со членот 16 од овој закон. Размената на земјоделското земјиште во државна сопственост со земјоделското земјиште во приватна сопственост во постапка спроведена согласно со ставот 1 на овој член може да се изврши и без да биде исполнет условот од членот 16 став 3 од овој закон. Доколку размената на земјоделското земјиште во државна сопственост со земјоделското земјиште во приватна сопственост се спроведува согласно со ставовите 1 и 2 на овој член, Министерството по службена должност утврдува дали размената е произлезена од претходно спроведена постапка за консолидација, согласно со член 16-а од овој закон.

Тргнувајќи од анализата на наведената уставна и законска регулатива, Судот оцени дека наводите содржани во иницијативата не можат да ја доведат под сомнение согласноста на оспорениот член 16, во целина и посебно ставовите 3 и 4 од Законот за земјоделското земјиште со одрeдбите од Уставот на кои се укажува во иницијативата.

Имено, меѓу наведените цели на овој закон во членот 2, е и рационалното користење на земјоделското земјиште како природен ресурс, како и негова целосна заштита како таков. Оттука, членот 16 од Законот има за цел да го уреди прашањето на размена на земјоделското земјиште во државна сопственост со земјоделско земјиште во приватна сопственост при што во оваа размена не смее да дојде до раситнување на земјоделското земјиште во државна сопственост кое претставува блокови со определени граници.

Од овие причини е утврден и условот во ставот 5 на овој член од Законот, оваа размена да се врши само доколку земјоделското земјиште кое подносителот на барањето го отстапува за размена да е во негова сопственост и истовремено да граничи со земјоделското земјиште во државна сопственост. Вака поставениот услов, според Судот, е неопходно потребен со цел Републиката да ја оствари својата уставна обврска – заштита на земјоделското земјиште како природен ресурс со цел да го спречи нејзиното раситнување и истовремено да го зачува земјоделското земјиште како добро од општ интерес за Републиката кое ужива посебна заштита.

Токму со оспорениот член 16 од Законот, Судот оцени дека законодавецот утврдил услов којшто е неопходен со цел при размената на приватното со државното земјоделско земјиште да не настане раситнување на земјоделското земјиште во државна сопственост бидејќи само окрупнето земјиште овозможува поквалитетна и поефикасна обработка и искористување на истото.

Наводите во иницијативата кои упатуваат на конкретен предмет со елаборирање на конкретно прашање за конкретно земјоделско земјиште, кој подносителот на иницијативата го водел пред Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, според Судот, не може да биде предмет на уставно-судска анализа и оцена од причина што по одбивањето на барањето подносителот има право на користење на други соодветни правни лекови пред повисоките органи.

Исто така, упатувањето во иницијативата дека размената предвидена во членот 16 од Законот била против- уставна и утврдениот услов граничењето на земјоделското земјиште во приватна и државна сопственост кои се предмет на размената бил во спротивност со членот 16-б каде таков услов не бил предвиден, според Судот е неосновано од причина што членот 16-б од Законот за земјоделското земјиште во целост е надвор од правниот поредок од причина што со членот 45 од Законот за консолидација на земјоделското земјиште истиот престанал да важи и е вон правниот промет.

Имено, според членот 45 од Законот за консолидација на земјоделското земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.187/2013, 61/2016 и 83/2018), со денот на влегувањето во сила на овој закон престануваат да важат членовите 16-а и 16-б од Законот за земјоделското земјиште (“Службен весник на Република Македонија” број 135/2007, 18/11, 148/11, 95/12, 79/13, 87/13 и 106/13).

Оттука, според Судот, неосновани се сите наводи во иницијативата, а особено оние кои ставаат акцент на неконзистентноста на оспорениот член 16 со членот 16-б од Законот за земјоделското земјиште. Ова, дотолку повеќе што со предвидените услови во оспорениот член 16 од Законот кој ја уредува размената на земјоделското земјиште, а во смисла на располагање со земјоделското земјиште, овозможуваат водење на соодветна земјоделска политика и политика на окрупнување на земјоделското земјиште согласно неговата класа во соодветна катастарска општина. На овој начин, со предвидувањето на условите во членот 16 од Законот, според Судот, се постигнува основната цел на овој закон, а тоа е рационалното користење на земјоделското земјиште како природен ресурс и добро од општ интерес, како и правилното користење, располагање и пренамена на земјоделското земјиште од страна на Републиката.

Од наведените причини, Судот оцени дека оспорениот член 16, во целина, и посебно ставовите 3 и 4 од Законот за земјоделското земјиште не може да се доведе под сомнение по однос на член 8 став 1 алинеи 3, 6, 7 и 10, членовите 9, 30, 32, 43, 51, 55, 57 и 58 од Уставот на Република Северна Македонија, на кои се укажува во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.188/2020
13.10.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска