У.бр.163/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членовите 28 алинеи 1 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 23.09.2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Борко Симоски од Скопје за заштита од дискриминација по основ на социјална припадност, како и иницијативата за оцена на уставноста на одделни делови од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија и уставноста и законитоста на Статутот на Независниот синдикат на одбраната.

2. Панчев Сашко, адвокат од Скопје, како полномошник на Борко Симоски од Скопје на 18.10.2019 година, со поднесок се обрати до Уставниот суд, во кој се наведува дека се бара заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот по член 110 алинеја 3 од Уставот, а во врска со: членот 10, членот 11, членот 16, членот 25, член 32 став 2 и членот 50 од Уставот.

Повредата на слободите и правата била сторена со непочитување на судски одлуки и изработување на наредби, со умисла, од страна на министерот за одбрана во периодот од 10.10.2015 година до доставување на овој поднесок до Судот. Во продолжение на поднесокот следува листинг на седум акти донесени од различни органи и тоа: Основниот суд Скопје II-Скопје, министерот за одбрана, Државната комисија за одлучување во управна постапка и други. Според подносителот постоело и непочитување на судската заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и другите институции што вршат јавни овластувања, што било сторено со означени други три пресуди на Основниот суд Скопје II-Скопје, од кои едната била поништена како незаконита и за неа се чекало одговор од повисокиот суд.

Заштитата на слободите и правата (се мисли на повредата) се манифестирала, сметано од 09.10.2015 година како појава на психичко малтретирање од претпоставените со цел Борко Симоски да биде деградиран, иако имал завршено највисоко воено образование, му се нанесувала штета на физичкото, менталното и социјалното здравје и професионалната иднина. Спрема него се постапувало на начин што не бил фер, бил изложен на психичка тортура и се наметнувало сценарио за негово пензионирање, иако не исполнувал услови за тоа, а со цел да не биде избран за воен претставник во Република Турција. Тој, според насоки на лицето Климе Стојаноски, бил присилно испратен на користење на годишниот одмор за 2016 и 2017 година, иако неговото решение за престанок на работниот однос не било конечно.

Во продолжение се елаборираат одредени постапки на вработените во Министерството за одбрана што воделе кон негово преместување на пониско работно место и кои, според подносителот, претставувале дискриминација, хоризонтален, вертикален и страте-гиски мобинг.

Според подносителот, тој бил различно третиран во периодот од 09.10.2019 година по однос на други лица само затоа што како претседател на комисија за проверка на физичката способност во 2006 година се до 2015 година на одредени лица им пишувал негативни оцени по однос на физичкото воспитание, а како истите не ги исполнувале НАТО стандардите за проверка.

Оттаму постоела суштествена повреда на одредбите од парничната постапка согласно членот 343 став 1 од Законот за парничната постапка, бидејќи судот (не се означува кој) не применил односно неправилно применил одредби од наведениот закон, а со тоа влијаел врз донесување на законита и правилна одлука, од која ефектот бил нарушување на слободите и правата на полковникот Борко Симоски. Потоа се елаборираат можни повреди на член 319 (пресуда поради неподнесување на одговор на тужба), член 320 (пресуда поради изостанок), член 324 (донесување и објавување на пресуда), член 235 (вештачење) и други одредби од ЗПП. Се посочува на погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба во однос на примената на Законот за парничната постапка, Законот за одбрана, Законот за служба во Армијата, Законот за работните односи, Законот за заштита од вознемирување на работното место и Законот за безбедност и класифицирани информации.

Во контекст на последно означениот закон се наведува дека подносителот му укажувал на Судот и докажал дека одредено лице воопшто не поседува безбедносен сертификат и воопшто не можело да биде поставено на формациско место за кое не ги исполнува условите, но тоа од Судот не било прифатено.

Следува елаборација по однос на водената постапка за заштита од вознемирување на работното место од која подносителот, исто така е незадоволен, а како не се водело сметка за појавата на вертикален мобинг. Притоа во поднесокот, во овој дел, не се означуваат конкретните акти според специфичната ознака и доносител, туку актите се елаборира во општа конотација со цел да се покаже незаконитост во постапувањето и погрешна примена на материјалното право. Се посочува и тоа дека Апелациониот суд во Пресудата РОЖ.бр.1361/2019 од 11.07.2019 година воопшто не дал можност за правен лек до Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Подносителот смета дека му се повредените правата и слободите на суптилен начин со донесување на незаконски наредби да се отстрани вреден, коректен, транспарентен старешина од составот на ГШ на АРМ со цел да се спречи развојна кариера, да се уништат неговиот физички и морален интегритет кој бил неприкосновен. Со погрешната законска процедура потешко биле повредени одделни подзаконски акти, како и конкретни акти (решенија, наредби и слично) се со цел да се наштети на неговите слободи и права и неговиот живот. Со донесување на решенијата за прекин на работниот однос, непостапување по истите, неодговарање на претставки, вознемирување на работното место, со дописи за имање или немање на место во ГШ на АРМ или во Министерството за одбрана, со принуда да се бара заштита на слободите и правата во правниот систем, се вршело влијание врз неговото уверување, совест и мисла, на неговото достоинство и углед пред останатите вработени.

Непочитувањето на слободите и правата настанало со донесување на пресудата РО-131/18 од 15.02.2019 година на Основниот суд Скопје II-Скопје и пресудата на Апелациониот суд Скопје РОЖ-1361/19 од 11.07.2019 година со повреда на материја-лното право и законите во Република Северна Македонија.

Во поднесокот е содржан посебен предлог со кој се бара: укинување на одделни делови од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, да се наложи, произнесување на Министерството за одбрана со материјални докази за избор на воен претставник во Република Турција, да се наложи пресметка и исплата на парични средства по основ на испуштена корист, да се укаже на примената на законите, да биде поставен на посоченото работно место, да се укине решението ОУ бр.04-2/453 од 11.07.2018 година, да се укине членот 6 од Статутот на независниот синдикат во одбра-ната, да се применат две конкретно означени решенија и писмено да се укаже дека пензионер не може да биде член на синдикат. Исто така се бара Судот да донесе решение за можност за правен лек – ревизија против пресудата РО-131/18 од 15.02.2019 година на Основниот суд Скопје II–Скопје и пресудата на Апелациониот суд Скопје РОЖ-1361/19 од 11.07.2019 година.

Се означува дека поднесокот содржи 31 поединечен акт (пресуди: првостепени и второстепени, решенија, прегледи, известу-вања, одговори на барања и слично, претставки, правилници) сите означени според специфичната ознака и доносителот и уште четири други акти, означени како докази.

Ваквиот поднесок во Судот е заведен под Р.бр.50/2019, па со допис под овој број од 06.12.2019 година од подносителот е побарано да се прецизира кои од слободите и правата се повредени, акот или дејствието со кое е сторена повредата, да се дадат причините поради кои се бара заштита и да се предложат факти и докази за сторената повреда.

Во поднесокот примен во Судот на 20.12.2019 година насловен како допрецизирање на барањето за заштита на слободите и правата се појаснува дека станува збор за дискриминација по основ на социјална припадност сторена со незаконито донесено решение за прекин на работниот однос и други акти со што се повредиле истите уставни одредби како од претходниот поднесок. Потоа се посочува дека постоело непочитување на судски одлуки од страна на министерот за одбрана. Се означуваат неколку судски одлуки, решенија на органот и Државната комисија за одлучување во управна постапка од работен однос во втор степен со кои потешко бил дискриминиран. Со ваквото постапување бил дискриминиран од страна на Министерството за одбрана и независниот синдикат за одбрана и повторно се посочува дека конкретно лице во даден временски период немало потребен безбедносен сертификат.

Постоела и дискриминација по основ на социјална припадност по основ на непочитување на Статутот на независниот синдикат во одбраната, а како Борко Симоски не бил примен за негов член.
Сето наведено имало последици по однос на неговата здравствена состојба и влијаело на неговата семејна состојба.

Од содржината на приложените докази подносителот заклучува дека сметано од 09.10.2015 година па наваму, бил деградиран, професионално попречуван, омаловажуван, дискрими-ниран и слично поради што се бара Уставниот суд да донесе одлука со која ќе го прогласи Статутот на Независниот синдикат како неуставен заедно со сите акти кои ги потпишал пензионерот-претседател на наведениот синдикат.

3. Врз основа на содржината на двата поднесоци и приложената обемна документација Судот на седницата утврди дека Борко Симоски води долготрајни и бројни постапки за остварување на правата од работен однос против Министерството за одбрана, но и против други органи и лица. Заради карактерот на наводите во двата поднесоци Судот не можеше со прецизност да ја утврди фактичката состојба по предметот.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, се определени слободите и правата на човекот и граѓанинот чија заштита се остварува пред Уставниот суд и тие се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на закон, односно негови одделни одредби, како и уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт, треба да содржи причини за нивното оспорување, одредби од Уставот, односно закон што се повредуваат со оспорените одредби и друго.

Во член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот, е определено дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по барањето.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, според член 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Од анализата на цитираните уставни и деловнички одредби произлегува дека постапката за оценување на уставност и законитост и постапката за заштита на слободите и правата се две одделни постапки и за покренување на нивниот механизам е потребно исполнување на одделни услови.

Во конкретниот случај од содржината на двата поднесоци Судот оцени дека станува збор за барање за заштита на слободите и правата со примеси на иницијатива за оцена на уставност и законитост, но од наводи на поднесоците не може да произлезе покренување на ниту една од наведените постапки. Ова од причина што станува збор за непрецизни наводи од кои не може со сигурност да се утврди што се бара од Уставниот суд, да постапува по барање за заштита на слободите и правата или по барање за оцена на уставност и законитост? Притоа, за двете постапки постојат одредени недостатоци.

По однос на деловите што имаат карактер на барање на заштита на слободите и правата не може да се утврди со сигурност со кој акт, од страна на кој орган (првостепен суд, апелационен суд, министер за одбрана, Министерство за одбрана, Синдикат, Комисија и други) или пак точно со кое дејствие, точно во кој временски период на подносителот му била сторена повредата. Исто така, не е јасно дали подносителот се откажува од барањето на заштита на слободите и правата и преминува кон иницијатива за оцена на уставноста и законитоста кога во завршницата на вториот поднесок бара прогласување на Статутот и другите акти како неуставни или тоа не е случај.

Што се однесува до барањето за прогласување на одредени акти како неуставни или да се навлезе во оцена на нивната уставност и законитост (Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија или Статутот на Независниот синдикат) недостасуваат елементите коишто ќе посочат кои тоа законски или уставни одредби се повредуваат и поради кои причини за да овие акти, бидат евентуално проблематизирани и покасно отстранети од правниот поредок.

Во поднесоците се содржани и наводи за кои Уставниот суд, согласно член 110 од Уставот, нема надлежност да постапува како што се: барањето за оцена на правилната примена на материјалното право од страна на судовите, барањето да се наложи на Министерството за одбрана да се произнесе за конкретна проблематика, да се наложи пресметка и исплата на парични средства по основ на испуштена корист, да биде поставен на посоченото работно место, да се применат конкретни решенија, писмено да се укаже дека пензионер не може да биде член на синдикат и да му се обезбеди можност за вложување на правен лек-ревизија против пресудата РО-131/18 од 15.02.2019 година на Основниот суд Скопје II–Скопје и пресудата на Апелациониот суд Скопје РОЖ-1361/19 од 11.07.2019 година. За сите наведени посебни барања надлежни се да постапуваат други органи.

Поради сето наведено Судот оцени дека во конкретниот случај не се исполнети процесните претпоставки од членовите 15 и 52 од Деловникот за впуштање во мериторно постапување и одлучување по барањето за заштита на слободите и правата и по иницијативата за оцена на уставноста и законитоста. Исто така, по однос на одделни сегменти од поднесоците Судот нема надлежност за постапување. Оттаму исполнети се условите од член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот, за отфрлање на барањето и иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.163/2019
23.09.2020 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати