У.бр.159/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 9 јули 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето за заштита на правото на еднаквост и недискриминација врз основа на имотна и социјална положба во уживање на правото на здравствена заштита и правото на социјална сигурност.

2. Петранка Андреевска – Нацевска од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на правата од член 110 алинеја 3 до Уставниот суд во кои ги оспорува Пресуда на Вишиот управен суд УЖ-2. бр.231/2017 од 26 мај 2017 година во врска со: Решение на Фонд за здравствено осигурување – Подрачна служба Скопје УП-1. бр.1604/1-3745/13/2 од 3 декември 2013 година; Решение на министерот за здравство УП. II. бр.14-69 од 20 мај 2015 година и Пресуда на Управен суд У-4бр.783/2015 од 18 февруари 2016 година.

Подносителката на барањето смета дека со наведените акти е повреден принципот на забрана на дискриминација врз основа на имотна и социјална положба, во врска со уживањето на правото на здравствена заштита и правото на социјална заштита и социјална сигурност.

Во барањето понатаму се наведува дека истата поднела барање за надомест на трошоци за извршени здравствени услуги во ПЗУ „Аџибадем Систина“ Скопје до Фондот за здравствено осигурување на Македонија, кое барање било одбиено со решение УП-1. бр.1604/1-3745/13/2 од 3 декември 2013 година, како неосновано, со дадено образложение дека барателката за лекување во наведената здравствена установа немала упат и дека истата здравствена установа немала склучено договор со Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

Оспореното решение било потврдено и во второстепената постапка од страна на министерот за здравство кој со Решение УП. II. бр.14-69 од 20 мај 2015 година ја одбил како неоснована поднесената жалба на барателката и го потврдил Решението УП-1.бр.1604/1-3745/13/2 од 3 декември 2013 година на Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Против ова решение барателката поднела тужба која била одбиена како неоснована со Пресуда на Вишиот управен суд УЖ-2. бр.231/2017 од 26 мај 2017 година.

Подносителката на барањето се повикува на Одлуката на Уставниот суд У.бр.45/2006 од 11 јули 2007 година и ги интерпретира наводите од истата и смета дека Вишиот управен суд при одлучувањето постапувал спротивно на образложение дадено во наведената одлука на Уставниот суд.

Подносителката исто така се повикува на Одлуката на Уставниот суд У.бр.185/2009 од 27 јануари 2010 година, во која била потврдена претходно наведената уставно-судска практика во поглед на неуставноста на одредбите со кои правото на здравствена заштита било условено со склучување на договор меѓу Фондот за здравствено осигурување на Македонија и здравствената установа. На тој начин по втор пат во иста пресуда Вишиот управен суд се повикувал на укинати и неуставни законски одредби со што директно ги прекршувал правата на барателот преку непочитување на одлуките на Уставниот суд.

Поради наведените причини во барањето се бара Судот да утврди повреда на принципот на недискриминација врз основа на имотна и социјална положба во уживање на правото на здравствена заштита и социјална сигурност на барателката.

Во дополнението на барањето, подносителката достави фотокопија од оспорените акти односно пресуди и решенија.

3. Судот на седница утврди дека подносителката на барањето за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, кое е поднесено во определениот субјективен рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт видно од доставница Уп.бр 783/15 и Уж.бр.231/17 од 24 10.2017 година, претходно поднела барање за надомест на трошоци за извршени здравствени услуги во ПЗУ „Аџибадем Систина“ Скопје до Фондот за здравствено осигурување на Македонија, кое барање било одбиено со Решение УП-1. бр.1604/1-3745/13/2 од 3 декември 2013 година, како неосновано, со дадено образложение дека барателката за лекување во наведената здравствена установа немала упат и дека споменатата здравствена установа немала склучено договор со Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

Министерот за здравство со Решение УПП.II. бр.14-69 од 20 мај 2015 година ја одбил како неоснована поднесената жалба на барателката и го потврдил Решението УП-1.бр.1604/1-3745/13/2 од 3 декември 2013 година на Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

Против ова решение барателката поднела тужба до Управниот суд кој со Пресуда У-4бр.783/2015 од 18 февруари 2016 година ја одбил како неоснована, со образложение дека тужителот како осигуреник редовно ги плаќа придонесите од здравствено осигурување и согласно член 8, член 9, член 10, член 29, член 54 став 1 точка 5 и 9, член 68-а и член 70 од Законот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000-188/2014 година), од Законот за здравственото осигурување имал право на основни здравствени услуги како и право на избор на здравствена установа каде ќе се лечи, но не најде основа за поинаква одлука.

Со Пресуда на Вишиот управен суд УЖ-2. бр.231/2017 од 26 мај 2017 година тужбата на тужителката била одбиена како неоснована, а Пресуда У-4бр.783/2015 од 18 февруари 2016 година на Управниот суд била потврдена.

4. Во член 110 алинеја 3 од Уставот е утврдено дека Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на ол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според членот 9 од Уставот, кој се однесува на граѓанските и политичките слободи и права, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во членот 34 од Уставот е уредено дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Согласно членот 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно начелото на социјална праведност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосислен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Со оглед на тоа што од оспорените пресуди и решенија не произлегува дека истите се засноваат на дискриминација на подносителката на барањето по основ на нејзинта социјална припадност, туку врз основа на фактот дека не постои договор меѓу Фондот за здравствено осигурување на Македонија и ПЗУ „Аџибадем Систина“ Скопје за пружање на здравствени услуги на осигурениците на товар на Фондот, како и врз основа на член 8, член 9, член 10, член 29, член 54 став 1 точка 5 и 9, член 68-а и член 70 од Законот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“бр.25/2000 -188/2014 година), Судот утврди дека подносителката на барањето ги интерпретира пресудите и решенијата како дискриминација по основ на социјална припадност со цел да извлече инстанциона надлежност на Уставниот суд на Република Македонија иако тоа не е делокруг на Судот според член 110 од Уставот на Република Македонија.

Од означените уставни одредби произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за примената на законите и другите прописи од страна на судовите и другите органи, а во таа смисла ниту има надлежност на инстанционо повисок суд да ја оценува законитоста на постапката и одлуките донесени од овие судови и органи по конкретни предмети на граѓаните.

Што се однесува до наводите за дискриминација дадени во барањето Судот оцени дека истите содржат само начелно повикување на забраната на дискриминација но не и конкретни наводи ниту пак факти.

Поради сето изнесено, Судот утврди дека во конкретниов случај подносителката бара од Уставниот суд уставносудска заштита на права и интереси по конкретен предмет во надлежност на судовите, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува поради што Судот оцени дека барањето треба да се отфрли согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.159/2017
9.07.2018 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски