У.бр.147/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.147/2023
Скопје,18.10.2023 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 18.10.2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Правилата за постапување по приговори и за разрешување на спорови („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.132 од 26.06.2023 година), број 01-1328/1 од 12 јуни 2023 година, донесени од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија.

Образложение

I

Кренар Лога, до Уставниот суд на Република Северна Македонија достави иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Правилата, означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот акт не е во согласност со член 52 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во однос на несогласноста на оспорениот акт со член 52 од Уставот, во иницијативата се наведува дека овој пропис бил донесен и заведен под број 01-1328/1 на 12.06.2023 година, истиот бил објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.132 од 26.06. 2023 година, во кој период биле поминати повеќе од седум дена, односно бил пробиен уставно пропишаниот рок за објавување во службен весник, поради што се бара поведување постапка за оценување на уставноста на оспорениот акт како спротивен на член 52 од Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека оспорениот акт е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. бр.132 од 26 јуни 2023 година и истиот е систематизиран во 4 глави и 34 члена.

Во главата I. Општи одредби (членови 1 и 2) се пропишува што е предмет на овие правила, приговори и спорови во постапка.

Главата II носи наслов „Одлучување по приговори“ и содржи 14 члена (од член 3 до член 16) во кои се пропишуваат начела на постапката, странка во постапката за одлучување по приговори, приговори, содржина на приговорот, поднесување на приговорот, комисија за постапување по приговорот, постапување по приговорот, постапување по ненавремен, недопуштен и нецелосен приговор, седница на комисијата, усна расправа, вештаци, трошоци во постапката, порамнување, како и донесување на решение по приговор.

Во главата III од Правилата, насловена „Постапување по спорови“ има 14 члена, (од член 17 до член 31) во кои се пропишува поведување на постапка, поднесување на барање, работа на Комисијата, одлучување за надлежност по спор, доставување на барањето до страната против која се поведува спорот, постапување со барањето и негово надополнување, авансно плаќање на трошоците, изведување на докази, усна расправа, вештаци и порамнување, завршување на постапката, трошоци во постапката, донесување на решение по спорот, форма, содржина и доставување на решение по спор како и исправка на решение по спор.

Во главата IV, насловена како „Преодни и завршни одредби“ (членови 32, 33 и 34) се пропишани преодните и завршните одредби.

III

Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според став 2 од истиот член, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Објавувањето на законите и другите прописи е во функција на обезбедување на владеење на правото и остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот, како претпоставка за правната сигурност на граѓаните и другите правни субјекти.

Самото објавување на законите и другите прописи претставува чин на обнародување на тие акти и нивно ставање на увид на јавноста. Имено законот, а во конкретниот случај, прописот со негово донесување, промулгирање (потпишување) и со објавување во службено гласило од јавен интерес, станува применлив акт.

Имајќи го предвид карактерот и значењето на објавувањето на законите и другите прописи, Уставот на Република Северна Македонија утврдил обврска, но и рок тие да се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија” како службено гласило на Републиката.

Одредбата за објавувањето на законите и другите прописи во Уставот е предвидена во главата за основните слободи и права на човекот и граѓанинот и тоа во делот за гаранциите на основните слободи и права. Овој факт укажува дека Уставот, на објавувањето на законите и другите прописи не приоѓа како на техничко прашање, туку на прашање кое длабоко навлегува во уставните гаранции на основните слободи и права на човекот и граѓанинот.

Уставната гаранција за објавувањето на законите и другите прописи се афирмира токму преку одредување на временска рамка заради интензивирање на самата постапка на објавувањето.

Оспорените правила, кои се предмет на уставно-судска оцена, донесени од страна на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, се заведени под број 01-1328/1 на ден 12 јуни 2023 година, што како дејствие секогаш следи и е условено со претходно донесување на прописот.

Согласно Законот за објавување на законите и другите прописи и акти („Службен весник на Република Македонија” бр.56/1999, 43/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.21/2021) актот е објавен како во електронското така и во печатеното издание на „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.132 од 26 јуни 2023 година.

При таква фактичка состојба, Судот утврди дека е пречекорен уставниот рок за објавување, односно поминати се повеќе од седум дена за објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“, поради што основано се постави прашањето за уставноста на овие правила, односно нивната согласност со член 52 став 2 од Уставот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска