У.бр.132/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992,) на седницата одржана на 18 септември 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Сериха Елмазова и други од Битола, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија кои се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на расна и национална припадност, во врска со остварување на правото на образование на учениците Роми во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“- Битола и ООУ „Тодор Ангелевски“ – Битола.

2. Фаредин Елмазов, преку законски застапник Елмазова Сериха, Назар Ајрединов и Алема Ајрединова, преку законски застапник Сабина Ајрединова, Мемедов Абдулрахман и Илми Мемедов, преку законски застапник Ферди Мемедов, Арон Рашид, преку законски застапник Ќамиле Ариф, Рамадан Елмазов, Медина Елмазова и Сонѓул Елмазова, преку законски застапник Нурије Елмазова, Џансел Канановска, преку законски застапник Ерѓун Канановска, Амир Канановски и Арзије Канановска, преку законски застапник Десис Канановски, Таркан Муса, Самоил Муса и Сара Муса, преку законски застапник Асановска Елведина, Муса Сарита, Ганиева Франческа и Муса Музафер, преку законски застапник Муса Ферди и Муса Даут, преку законски застапник Муса Ален сите од Битола, преку полномошник Софија Бојковска, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија коишто се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на расна и национална припадност, во врска со остварување на правото на образование на учениците Роми во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ – Битола и ООУ „Тодор Ангелевски“ – Битола.

Подносителите сметаат дека повредата била сторена со противправно дејствие преземено од директорите на основните училишта ООУ „Ѓорѓи Сугарев“- Битола и ООУ „Тодор Ангелевски“ – Битола, коешто се состои во селективна примена на Законот за основно образование и Одлуката за реонизација на Општина Битола, што имало за последица сегрегација и дискриминација на учениците и родителите Роми.

Според подносителите на барањето, во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола се вршела продолжена дискриминација во пристапот до правото на образование како и видлива сегрегација на учениците Роми поради фактот што неколку години по ред биле формирани чисто етнички паралелки, составени единствено од ученици Роми, со моментална 80% концентрираност на учениците Роми наспроти останатите ученици. Причина за ова било свесно преземеното, повторено противправно дејство на сегрегација и дискриминација на учениците и родители Роми, како резултат на селективно отстапување од примената на Законот за основно образование и Одлуката за реонизација на Општина Битола.

Согласно Одлуката за реонизација на Општина Битола донесена на ден 29.10.2009 година речиси сите деца од населеното место Баир требало да посетуваат настава во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ иако основното училиште „Тодор Ангелевски“ било исто така во непосредна близина (на стотина метри).

Според наводите во барањето родителите Роми ја почитувале Одлуката за реонизација со што редовно и правилно ги запишувале своите деца во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“, што не било случај со родителите Македонци од овој реон, кои неколку години по ред своите деца наместо во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ ги запишувале во ООУ „Тодор Ангелевски“, со цел да спречат блиска интеракција на нивните деца со деца од ромска етничка припадност, притоа злоупотребувајќи ја можноста предвидена во членот 50 од Законот за основно образование. Во тоа помагале самите училишта со тоа што училишните служби во ООУ „Тодор Ангелевски“ редовно давале согласност за запишување на ученици Македонци во ова училиште, иако истите не припаѓале на тој реон согласно Одлуката за реонизација и тоа уште во првиот уписен рок, кога состојбата со слободните места се уште не била финално дефинирана, што било спротивно на членот 46 од Законот.

Од друга страна пак, во случаите кога родителите Роми се обидувале на ист начин како и родителите Македонци да ја изиграат Одлуката за реонизација и побарале согласност нивните деца да следат настава во ООУ „Тодор Ангелевски“ со цел нивните деца да учат во мешана средина, истите биле одбиени под изговор дека тие не припаѓале во реонот на тоа училиште.

Според подносителите, произлегувало дека Одлуката за реонизација и законските одредби се применувале само за ромските ученици и родители, а не за сите, бидејќи согласноста предвидена во законските одредби којашто треба да ја дадат реонските основни училишта не им се давала на сите родители, туку само на македонските родители. Со наведените противправни дејствија, било јасно дека проблемот на сегрегација било последица на ставањето во нееднаква и понеповолна положба на родителите и учениците Роми т.е. нивна директна дискриминација во однос на родителите и учениците Македонци од истиот реон.

Со спорната практика врз учениците Роми, според подносителите, системски се повредувало нивното право на еднаквост и заштитата од дискриминација при остварување на нивното уставно загарантирано право на образование и тоа во етнички мешана училишна средина која кореспондирала со карактерот на македонската држава како татковина на повеќе етникуми. Оваа состојба која била добро позната во локалната средина, долго време била толерирана, а со тоа се допуштало учениците Роми од реонот да останат сегрегирани во едно училиште т.е. ООУ „Ѓорѓи Сугарев“, а уште позагрижувачки било што истите најчесто биле распоредувани во една паралелка без можност за формирање на мешани паралелки.

Во барањето се наведува дека проблемот со сегрегацијата на учениците Роми во Битола бил забележан како од страна на Здруженијата на граѓани кои се занимаваат со заштита на човековите права, како на пример Европскиот центар за правата на Ромите од Будимпешта, Институтот за човекови права од Скопје, така и од страна на Народниот правобранител. Иницијаторите го наведуваат Посебниот извештај на Народниот правобранител насловен како „Информација за состојбата со запишувањето на Ромите во прво одделение и нивното распоредување по паралелки меѓу учениците од друга етничка припадност во учебната 2014/15 година“ издаден од Народниот правобранител во октомври 2015 година. Во извештајот се наведува дека во Општина Битола во училиштето ООУ „Горѓи Сугарев“ имало чисто етнички паралелки формирани поради непочитување на Одлуката за реонизација, а надлежните органи не презеле никакви мерки или активности за спречување на дискриминацијата и сегрегацијата на учениците Роми. Според истражувањето различен бил третманот на надлежните органи на училиштето кон родителите на учениците од ромска и неромска етничка припадност.

Податоците добиени од истражувањето спроведено од страна на Институтот за човекови права и Европскиот центар за правата на Ромите во целост се поклопувале со податоците од истражувањето спроведено од страна на Народниот правобранител, односно ја потврдувале тезата околу недоследната примена на Одлуката за реонизација, што пак придонесувало до појава на дискриминација и сегрегација во ООУ “Ѓорги Сугарев“ во Битола. Според резултатите од ова истражување, во пракса родителите Роми не добивале согласност за запишување на своите деца во други училишта, со образложение дека согласно Одлуката за реонизација истите припаѓаат во ООУ„Ѓорѓи Сугарев“.

Најголем број на ученици од ромско потекло во Општина Битола биле запишани во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ во кое 80% од учениците во ова училиште биле Роми. Во ова основно училиште од 2011 до 2016 година драстично се намалувал бројот на запишани ученици во прво одделение од неромско население, особено во последните две години: во учебната 2015/2016 година биле запишани само 8 ученици кои не биле од ромска националност, а во учебната 2016/2017 година при првиот уписен рок биле запишани 5 ученици кои не биле од ромска националност, кои потоа биле префрлени во друго училиште. Во учебната 2016/2017 година во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ сите запишани првачиња биле Роми, а оваа учебна година 2018/2019 година во училиштето биле запишани единствено 5 првачиња Македонци и сите биле сместени во една паралелка.

Според подносителите на барањето, со ваквиот проблем биле запознаени Министерството за образование и надлежните служби на локалната самоуправа, но се уште не биле преземени соодветни мерки и активности за спречување на појавата на сегрегација со што се повредувало правото на образование на учениците Роми, кои од генерација на генерација биле предмет на продолжена диксриминација и сегрегација. Постапувањето, односно непостапувањето на надлежните органи коишто според закон биле должни да вршат надзор над спроведувањето на законите и другите прописи коишто се донесувале во согласност со Законот за основното образование било спротивно на членот 172-а од Законот за основното образование.

Законските застапници на подносителите на барањето, чии деца во учебната 2018/2019 година навршиле возраст за упис во основно училиште, ги почитувале законските услови за упис на првачиња и во законски предвидениот рок (во месец мај) ги запишале своите малолетни деца во општинските основни училишта, а по завршувањето на уписниот рок надлежните служби во училиштата ги формирале одделенијата и одлучиле за вкупниот број и состав на ученици кои ќе припаѓаат во едно одделение. Во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ биле формирани 4 (четири) етничко сегрегирани паралелки на првачиња составени единствено од 5 ученици Македонци, а сите останати Роми, за што подносителите како родители дознале од своите деца неколку дена по почетокот на школската година (во септември 2018 година). Во ООУ „Тодор Ангелевски“ во учебната 2018/2019 година биле запишани единствено 7 ученици Роми, а сите останати ученици првооделенци биле од македонска припадност.

Во барањето се укажува дека сегрегираното образование било неквалитетно и не водело до успешна инклузија на граѓаните во општеството, туку предизвикувало продлабочена сегрегација и гетоизација, а сегрегираните училишта не давале квалитетно образование еднакво со редовното образование коешто се спроведувало во училиштата во кои се школувало мнозинството. Наставата неретко се изведувала со скратено време, компетентноста на наставниците и квалитетот на ресурсите, како и севкупниот наставен процес биле значително пониски, а во рамките на училиштето, многу често ромските деца биле перцепирани од останатите деца како нееднакви на нив и незаинтересирани за следење на образовниот процес.

Според подносителите на барањето, една од најважните причини за појава на сегрегација во етнички мешани средини било непридржувањето до одредбите за реонизација при запишувањето на учениците. Имено, според Законот за основното образование, со актот за основање на основното училиште се утврдувал и бројот на учениците и реонот односно реоните од кои се опфаќаат учениците (член 19), а според член 46 алинеја 2, основното училиште било должно да ги опфати учениците од својот реон. Според истиот член во основно училиште може да се запишат ученици од друг реон или од друга општина само доколку имало слободни места за запишување. Подносителите сметаат дека токму бројот на слободни места бил еден од клучните точки во легислативата коишто ја овозможувале сегрегацијата, бидејќи бројот на слободни места бил релативна категорија која постојано се менувала, особено ако се имале во предвид демографските промени. Ако се има предвид дека родителот можел да го запише детето во основно училиште од друг реон ако за тоа имал согласност од училиштето во кое се запишува, (регулирано во член 50 алинеја 2) јасно било дека постоеле широки можности за изигрување на одредбата со која се предвидува децата да учат во најблиското училиште, со што се загрозувала заложбата за интегрирано и инклузивно образование и се овозможувало сегрегација на учениците во различни училишта.

Понатаму, во барањето, подносителите ја наведуваат меѓународната и домашната законска регулатива којашто го промовира принципот на недискриминација во воспитно-образовниот систем: Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации од 1948 година (член 7), Конвенцијата против дискриминација во образованието, усвоена од УНЕСКО од 1960 година, Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација (член 7), Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права (член 13), Конвенција за заштита на човековите права и основни слободи и Протоколот бр. 11 заедно со протоколите бр.1, 4, 6, 7, 12 и 13, Европската конвенција за човекови права и слободи усвоена во 1952 година од страна на Советот на Европа, Рамковна конвенција за заштита на правата на националните малцинства (член 6 и член 12), Конвенцијата за правата на децата усвоена во 1989 година (член 26).

Подносителите на барањето ја наведуваат и практиката на Европскиот суд за човекови права во кои сегрегацијата е утврдена како посебен облик на дискриминација преку случаите: Д.Х против Чешка, Сампанис против Грција и Оршус против Хрватска, Хорват и Киш против Унгарија. Од сите овие документи и одредби можело да се заклучи дека меѓународното право наложува сегрегацијата да се третира како особено остра форма на дискриминација, против која е обврзно да се преземат сите неопходни мерки коишто треба да бидат насочени кон нејзино искоренување и во насока на спречување одредени лица или групи да имаат инфериорно образование. Сегрегацијата во образованието претставувала форма на дискриминација бидејќи се манифестирала на начин што припадници на одредени групи или заедници имале ограничен пристап до квалитетно образование и што постоело нееднакво постапување на релевантните фактори во образовниот процес во однос на остварувањето на нивното право на квалитетно образование. Според меѓународното право, сегрегацијата била забранета без оглед дали таа била намерна или била последица од ненамерни процеси и се третирала како особено остра форма на дискриминација.

Подносителите на барањето, исто така, наведуваат дека во Законот за спречување и заштита од дискриминација бил спомнат поимот на дискриминација во член 5 став 3 и дискриминаторско однесување во член 5 став 4, и дека Законот ја забранувал дискриминацијата, но не ја обработувал сегрегацијата и не пропишувал проактивни мерки за нејзино сузбивање. При што, во која насока за недореченоста во легислативата биле и заклучоците на Меѓународната мрежа на независни експерти за основните права според кои „законите за антидискриминација не се ефикасни во справување со сегрегацијата на Ромите, без да се донесат и да се имплементираат позитивни обврски насочени кон десегрегација на Ромите во образованието“.

Во барањето, подносителите нагласуваат дека Народниот правобранител редовно алармирал за појавата на сегрегација во своите извештаи во последните неколку години, пред си, за сегрегацијата на учениците Роми.

Според сето горенаведено, подносителите му предлагаат на Уставниот суд: да го усвои во целост барањето за заштита на правата и слободите на подносителите; да утврди дека Министерството за образование и наука, Општина Битола и ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ и ООУ „Тодор Ангелевски“ од Битола, секој во рамките на своите надлежности, сториле повреда на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на расна и национална припадност и тоа во контекст на правото на образование на учениците Роми загарантирани со Уставот на Република Македонија; да им забрани на Министерството за образование и наука, Општина Битола и ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ и ООУ „Тодор Ангелевски“ од Битола во иднина да преземат мерки коишто доведуваат до директна или индиректна дискриминација на учениците Роми, а со тоа и сегрегација како посебен облик на дискриминација во сферата на образованието и да се задолжат тужените да ги надоместат трошоците на постапката во рок од 8 дена од денот на правосилноста на ова барање.

3. Уставниот суд, врз основа на наводите во барањето за заштита на слободите и правата, доставените одговори од основните училишта ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ и ООУ „Тодор Ангелевски“ од Битола, како и од дополнителните поднесоци од адвокатот – полномошник на подносителите на барањето, во претходна постапка ја утврди следнава фактичка состојба:

Подносителите на барањето се 10 ученици од ромска национална припадност кои живеат во населбата Баир во Битола. Во населбата Баир постојат две основни училишта кои се во близина, ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ и ООУ „Тодор Ангелевски“ се основни училишта коишто работат по редовна наставна програма. Подносителите на барањето живеат на улици кои спаѓаат во реонот на ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ согласно Одлуката за утврдување реонот на основните училишта од кои се запишуваат учениците од подрачјето на Општината Битола. Истите, се редовни ученици во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ од прво до шесто одделение (иако подносителот на барањето – адвокатот наведува дека се ученици кои учат и се запишани во прво и второ одделение).

– ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ се наоѓа во населбата Баир во Битола. Во училиштето учат вкупно 584 ученици од кои 488 Роми, 85 Македонци и 11 ученици од друга националност или процентуално пресметано од вкупниот број ученици 83,56% се Роми, 14,55% се Македонци и 1,88% се од друга националност.

Според добиениот список од МВР за учебната 2018/2019 година според реонизацијата во реонот на ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ имало вкупно 145 деца училишни обврзници од кои 42 биле Македонци и 103 Роми, а од нив во прво одделение се запишале само 5 деца од македонска националност и 63 од ромска националност. Од децата запишани во месец мај, училиштето формирало една мешовита паралелка со 5 деца Македонци и 17 деца Роми, а од преостанатите деца со оглед на тоа што сите биле од ромска националност и биле запишани многу подоцна од предвидениот рок (во јуни – 6 деца Роми, август – 14 деца Роми, септември – 10 деца Роми, октомври – 3 деца Роми, ноември – едно дете Ром и декември – 2 деца Роми), биле формирани 3 паралелки само со деца Роми.

Бројот на ученици по паралелки и етничкиот состав во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ Битола за учебната 2018-2019 година е следен:

Во прво одделение учат вкупно 71 деца од кои 5 се Македонци, 65 Роми и 1 Албанец. Македонците се сите во една паралелка, не се распределени во другите паралелки подеднакво.
Во второ одделение учат вкупно 103 деца од кои 9 се Македонци, а 94 се Роми. И тука Македонците се сите само во една паралелка.
Во трето одделение се вкупно 87 деца од кои 3 Македонци, 83 Роми и 1 Турчин. Македониците и тука се сите во една паралелка.
Во четврто одделение се вкупно 65 деца од кои се 4 Македонци, 60 Роми и 1 Турчин. И тука децата од македонска припадност се сместени само во една паралелка.
Во петто одделение има вкупно 63 деца од кои има 11 Македонци, 49 Роми и 2 Албанци. Македонците и тука се сите во една паралелка.
Во шесто одделение учат вкупно 62 деца, од кои 9 се Македонци, сместени само во една паралелка, 51 Роми, еден Албанец и еден ученик од друга национална припадност (не е наведено која).
Во седмо одделение учат вкупно 50 деца, од кои 12 Македонци, сместени сите само во една паралелка, 37 Роми и 1 Албанец.
Во осмо одделение учат вкупно 45 деца од кои има вкупно 11 Македонци распределени во две паралелки (4 во една, и 7 во друга паралелка), 33 Роми и 1 Албанец.
Во деветто одделение учат вкупно 38 деца од кои има вкупно 21 Македонци распределени во сите четири паралелки (IX-1 – 5 деца, IX-2 – 6 деца, IX -3 – 2 деца и IX -4 – 8 деца), 16 Роми и 1 Турчин.

Сите одделенија се составени од по 4 паралелки.

Во учебните 2016/2017, 2017/2018 и 2018/2019 во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ не биле поднесени барања за упис на ученици од друг реон ниту бил запишан ученик од друг реон.

– Основното училиште „Тодор Ангелевски“, исто така се наоѓа во населбата Баир во Битола, оддалечено на околу 600 метри од ООУ „Ѓорѓи Сугарев“. Во училиштето учат вкупно 589 ученици од кои 560 Македонци, 15 Роми и 13 ученици од друга националност или процентуално пресметано од вкупниот број ученици: 2,54% се Роми, 95,1% се Македонци и 2,2% се од друга националност.

Во ова основно училиште учебната 2018/2019 година, во прво одделение биле запишани 6 ученици Роми кои припаѓале на нивниот реон согласно Одлуката за реонизација и еден ученик Ром кој не припаѓал на тој реон. Од нив, во предвидениот рок биле запишани 3 ученици Роми, а после тој рок биле запишани уште 4 ученици Роми кои биле распределени подеднакво во сите паралелки.

Вкупниот број на ученици кои моментално учат во ова училиште и нивниот етнички состав по одделенија и по паралелки е следен:

Во прво одделение има вкупен број на ученици 79 од кои 74 се Македонци, а 5 се Роми кои се подеднакво распределени во сите три паралелки (I-1 – 2 деца Роми, I-2 – 2 деца Роми, I -3 – еден Ром).
Во второ одделение има вкупно 62 ученици од кои 58 се Македонци, 3 Роми кои се сместени сите во една паралелка и еден Турчин.
Во трето одделение, учат вкупно 77 ученици, од кои 75 се Македонци, еден Ром и еден Турчин.
Во четврто одделение, има вкупно 71 ученици, од кои 64 се Македонци, 2 Роми, 3 Турци, 2 Срби, сите распределени во различни паралелки.
Во петто одделение учат вкупно 62 ученика, од кои 60 се Македонци, 1 Влав и 1 Турчин.
Во шесто одделение има вкупно 52 ученика, од кои 49 се Македонци, 2 Роми во една паралелка и еден Турчин.
Во седмо одделение има вкупно 53 ученика, од кои 51 се Македонци и 2 Роми кои се во една паралелка.
Во осмо одделение има вкупно 66 ученика, сите Македонци.
Во деветто одделение има вкупно 67 ученика, од кои 63 се Македонци и 4 Турци.

Сите одделенија се составени од по 3 паралелки, дополнителни 3 паралелки се формирани во истото училиште коешто се наоѓа во населбите Стрелиште и Оризари.

До ООУ „Тодор Ангелевски“ за упис на ученици од друг реон за последните три години биле поднесени следниве барања:

– во учебната 2016/2017 година, биле поднесени 23 барања од други реони од кои 22 биле Македонци и една Ромка.
– во учебната 2017/2018 година, биле поднесени 15 барања од други реони од кои сите биле Македонци.
– во учебната 2018/2019 година, биле поднесени 20 барања од други реони од кои 18 Македонци и 2 Роми.

Според информацијата добиена од директорот на ООУ „Тодор Ангелевски“ сите барања биле прифатени без разлика на нивната етничка припадност и сите ученици од другите реони биле запишани во вториот уписен рок.

Според добиените информации од ова училиште, до училиштето „Тодор Ангелевски“ ниедно лице од подносителите на барањето не се обратило за упис во ова училиште

Во поднесокот за прецизирање доставен од адвокатот Софија Бојковска во врска со барањето за дополнителни информации испратен од Уставниот суд, се наведува дека подносителите на барањето се лица кои живеат во околината на општинското основно училиште и истите не биле во можност да ги обезбедат сите материјални докази кои би ги искористил Уставниот суд како доказ во постапката по ова барање.

Во прилог на овој поднесок, во кој се наведува дека овие две училишта вршеле селективно запишување и префрлување/отпишување на ученици во текот на учебната година, односно дека често се вршело отпишување на деца кои не се од ромска припадност од ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ во ООУ „Тодор Ангелевски“, се дава поединечно за секој подносител кој се обидел за упис во друго училиште.

Имено, Муса Ален, Сериха Елмазова, Фаредин Елмазов и Денис Канановски се обиделе да ги запишат децата во ООУ „Тодор Анегелевски“, но не добиле исписница со одговор дека не можело да се префрли дете сред школска година, или им било кажано дека не спаѓаат во доменот на реонизација. Истите наведуваат дека нивните соседи не-Роми ги запишале нивните деца во ОУ „Тодор Ангелевски“ и биле примени без проблем.

Меѓутоа, кон барањето не се доставени писмени докази за овие преземени дејствија од страна на законските застапници на подносителите на барањето.

Елмазова Нурије и Канановски Ерѓун, не побарале запишување во друго училиште, разговарале само со директорот на училиштето, но добиле негативен одговор.

Асановска Елведина, Ајрединова Сабина, Муса Ферди, Мемедов Ферди, Ариф Ќамиле не побарале запишување во друго училиште, не разговарале со директорот и не се обратиле во ниту една надлежна институција и не покренале судска постапка освен пред ЕЦПР.

Исто така, во дописот добиен од ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ се наведува дека Сонѓул Елмазов преку законскиот застапник Нурије Елмазова и Муса Даут преку законскиот застапник Муса Ален – не се ученици во ова основно училиште, а во барањето поднесено пред Судот се наведени како ученици во 2-ро и 3-то одделение во тоа училиште.

4. Според член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 44 од Уставот, секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.

Според член 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.

Според членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата, според ставот 4 на овој член, не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Со член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Меѓународен иструмент од особено значење врз основа на кој се заснова правото на образование е Конвенцијата за правата на децата која во членот 28 предвидува дека државите-членки го признаваат правото на детето на образование, и со цел постепено остварување на тоа право на основа на еднакви можности, посебно го прогласуваат основното образование задолжително и бесплатно за сите.

Според членот 29, образованието на детето треба да биде насочено кон: развој на личноста на детето, развој на надареноста, менталните и физичките способности до крајни граници; развој на почитувањето на правата на човекот и основните слободи; развој на почитувањето на родителите на детето, неговиот културен идентитет, јазик и вредности, национални вредности на земјата во која живее и земјата од која потекнува, како и на цивилизациите коишто се различни од неговата; подготовка на детето за одговорен живот во слободно општество, во дух на разбирање, мир, толеранција, еднаквост на половите и пријателство меѓу сите народи, етнички, национални и верски групи и лица со автохтоно потекло и развој на почитувањето на природната средина.

Правото на еднаквост и недискриминација и правото на образование се гарантирани и со Европската конвенција за човекови права и слободи. Имено, во членот 14 (забрана на дискриминација) се наведува: „Уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус“.

Заштитата на правото на образование е формулирано во членот 2 од Протоколот 1 кон Европската конвенција: „Никому не може да му се одземе правото на образование. Во своето дејствување во областа на образованието и наставата, државата ги почитува правата на родителите да обезбедат образование и настава во согласност со своите верски и филозофски убедувања“.

Друг меѓународен инструмент што го гарантира правото на образование е и Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства која покрива повеќе сегменти во поглед на заштитата на националните малцинства, а акцентот е ставен на промовирањето на еднакви можности при пристапот на образование на сите нивоа за припадниците на националните малцинства. Имено, според член 6 став 1 страните ќе го поттикнуваат духот на толеранција и меѓукултурен дијалог, а ќе преземаат и ефикасни мерки за унапредување на заемното почитување и разбирање и соработката меѓу сите лица кои живаеат на нивната територија, без оглед на нивниот етнички, културен, јазичен или верски идентитет, посебно во областа на образованието, културата и медиумите. Во ставот 2 страните се обврзуваат да преземат соодветни мерки за заштита на лицата кои би можеле да бидат жртви на закани или акти на дискриминација, непријателство или насилство поради нивниот етнички, културен, јазичен или верски идентитет.

Според член 12 став 1 страните ќе преземат, доколку е потребно, мерки во образованието и истражувањата, за унапредување на сознанијата за културата, историјата, јазикот и верата на нивните национални малцинства како и на мнозинството. Во ставот 2 е уредено дека страните, меѓу другото, ќе понудат соодветни можности за образование на наставници и пристап до учебниците, а ќе ги олеснат контактите меѓу учениците и наставниците од различните заедници. Страните се обврзуваат да ја унапредуваат еднаквоста на можностите во пристапот до образованието во сите степени за припадниците на националните малцинства (став 3).

Според меѓународното право сегрегацијата е забранета, без оглед дали таа е намерна или последица од ненамерни процеси и се третира како особено остра форма на дискриминација European Roma Rights Centre, (2004) Stigmata: Segregated Schoooling of Roma in Central and Eastern Europe, http://www.errc.org/db/00/04/m00000004.pdf.

Во Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација во членот 3 е нагласено дека: „Државите членки ја осудуваат посебно расната сегрегација и апартхејдот и се обврзуваат на териториите под нивна јурисдикција да спречуваат, забрануваат и укинуваат секоја практика од оваа природа.“

Во Конвенцијата против дискриминација во образованието на УНЕСКО се забранува основање или одржување на посебни образовни системи или институции за лица или групи на лица. Во истата Конвенција е нагласено дека е „забрането кое било лице или група да се ограничува на инфериорно образование“.

Според член 1 од Конвенцијата, изразот „дискриминација“ опфаќа секое разликување, исклучување, ограничување или предност заснована врз раса, боја на кожа, пол, јазик, вера, политичко или секое друго убедување, општествено или национално потекло, економска положба или раѓање, кое има за цел или последица уништување или нарушување на еднаквото постапување во областа на просветатата, а особено:
а) ограничување на пристап на кое било лице или група кон разните типови или степени образование;
б) ограничување на образованието за кое било лице или група на пониско ниво;
ц) воведување или задржување на одвоени просветни системи или установи за поединци или групи со резерва од членот 2 на оваа Конвенција;
д) ставање на кое било лице или група во положба неспоива со достоинството на човекот;

Според член 2 став 1 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 103/2008, 33/2010, 116/ 2010, 156/2010, 18/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 41/2014, 116/2014, 135/2014, 10/2015, 98/2015, 145/2015, 30/2016, 127/2016, 67/ 2017, 64/ 2018) секое дете има право на основно образование. Во ставот 2 на овој член се забранува дискриминација по основ на пол, раса, боја на кожата, национална, социјална, политичка, верска, имотна и општествена припадност во остварување на правата од основното воспитание и образование, утврдени со овој закон.

Според членот 46 од Законот за основното образование децата во прво одделение во основното училиште се запишуваат во месец мај за следната учебна година (став 1). Во ставот 3 е уредено дека основното училиште е должно да ги опфати учениците од својот реон, а основното училиште може да запише ученици од друг реон или од друга општина само доколку има слободни места за запишување (став 4). Основачот го утврдува реонот на основните училишта од кои се запишуваат учениците (став 5).

Според членот 50 од Законот, родителот има право да го запише детето во основното училиште во реонот во кој живее или каде што постојано престојува (став 1). Според ставот 2, родителот може да го запише детето во друго основно училиште во истиот или друг реон ако за тоа има согласност од училиштето во кое се запишува. Согласно ставот 3, списокот на децата од реонот за запишување во основното училиште се добива од надлежните служби во единицата на локалната самоуправа кои водат евиденција на постојаните и привремените жители. Според ставот 5, во текот на школувањето ученикот може да премине во друго основно училиште ако има согласност од училиштето во коешто преминува.

Во член 172-а став 1 од глава XV. „Прекршочни одредби“ е предвидена глоба во износ од 1.200 евра во денарска противвредност да му се изрече за прекршок на основното училиште, ако: во основното училиште се врши дискриминација (член 2 став (2)); организира паралелка со помалку од 24 ученици без добиена согласност од основачот (член 45 став (5)); основното училиште навреме не организира и не изврши запишување на ученици (член 46 став (1)); не ги опфати учениците од својот реон (член 46 став (2)); запише ученици од друг реон или друга општина без да има слободни места (член 46 став (3)).

Во Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019) од 22.05.2019 година, за прв пат во законодавството на Република Северна Македонија се дефинира поимот сегрегација во членот 12 кој гласи:

“Сегрегација е физичко одделување на лице или група лица врз дискриминаторска основа без легитимна или објективно оправдана цел.“

Согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд на Република Северна Македонија во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето на преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од денот на неговото преземање.

Во членот 52 од Деловникот е предвидено дека во барањето од членот 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита на слободите и правата, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите врз кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд.

* * *

Од наведените уставни одредби произлегува дека правото на еднаквост изразено преку гаранцијата дека граѓаните се еднакви независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и дека граѓаните се еднакви пред законите, е едно од најзначајните права и како такво претставува и темелна вредност на уставниот поредок на Републиката и по својата суштина ги негира дискриминацијата, привилегиите, повластувањата од секаков вид и по сите основи. Рамноправноста и еднаквоста, независно од општествената положба е обврска за државата во нормативното уредување на односите во општеството да не допушти дискриминација, ниту привилегии по основ на образование, имотна положба ниту по основ на функција. Принципот „сите се еднакви пред законот“, посебно го обврзува законодавецот со забрана во законите да внесува одредби со кои се прави разлика меѓу луѓето, како и обврска за органите при примената на законите, еднакво да постапуваат со сите граѓани, без дискриминација.

Изразот дискриминација означува изложување на одредено лице на нееднаков, различен или понеповолен третман или положба во споредба со други лица кои се наоѓаат во иста ситуација, односно неоправдано правно или фактичко, непосредно или посредно правење на разлика или нееднакво постапување односно пропуштање (исклучување, ограничување или давање првенство) во однос на лица или групи на лица, кое се заснова на некоја нивна карактеристика (дискриминаторска основа). Според практиката на Европскиот суд за човекови права: „дискриминацијата претставува различно постапување, без објективно и разумно оправдување, спрема лица кои се во релативно слична ситуација“ (пресуда Willis v. United Kingdom, пресуда Bekos and Koutropoulos v. Greece, пресуда D.H. and others v. Czech Republic). Дискриминацијата, меѓу другото, врз етничкото потекло на личноста претставува форма на расна дискриминација. Расната дискриминација е особено навредлив вид на дискриминација и со оглед на своите опасни последици и бара од властите посебна внимателност и енергична реакција. Од овие причини властите мораат да ги искористат сите достапни средства за борба против расизмот, со што би се зајакнала визијата на демократијата за општество во кое на разновидноста не се гледа како на закана туку како на извор за богатство (пресудa Nachova, пресуда Timishev). Судот исто така смета дека никаков различен третман кој е заснован исклучиво или до одлучувачко ниво на потеклото на лицето не може објективно да се оправда во однос на современото демократско општество засновано на принципите на плурализам и почитување на различните култури.

Во конкретниот случај подносителите сметаат дека се жртви на директна дискриминација врз основа на расна односно етничка и национална припадност што ја вршат одговорните лица – директорите на двете училишта, односно директорот на ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ поради формирање на чисто етнички паралелки составени од ученици Роми и директорот на ООУ „Тодор Ангеловски“, кој вршел директна дискриминација со тоа што не запишувал ученици припадници на ромската етничка заеадница, со што овозможувал да се формира етнички чисто македонско училиште.

При анализата на овие и на останатите наводи во иницијативата Судот ги имаше предвид посочените извештаи и анализи направени од домашни и меѓународни организации коишто се занимаваат со прашањето за положбата и правата на припадниците на ромската етничка заедница, како и статистичките податоци што на барање на Уставниот суд, ги доставија двете училишта, а кои се однесуваат на етничкиот состав на учениците. Од анализата на сите овие информации и податоци како неспорен произлезе фактот дека во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ 83,5% од вкупниот број на ученици се Роми, додека во ООУ „Тодор Ангелевски“ 95,1% од вкупниот број на запишани ученици се Македонци, од што може да се заклучи дека децата во населбата Баир посетуваат настава во две училишта кои се етнички поделени. Поаѓајќи од овие податоци, пред Судот се постави прашањето дали статистичките податоци за етничкиот состав на учениците во двете училишта се доволни за да се утврди дискриминација во форма на сегрегација.

Суштествено кај случаите на дискриминација е лицето кое тврди дека му е повредено правото на еднакво постапување со дискриминација, треба да ги изнесе сите факти и докази во поткрепа на своето тврдење односно да докаже дека со дејствието што го оспорува тој бил дискриминиран по една или повеќе дискриминаторски основи, односно треба да покаже релевантни факти и докази дека бил изложен на нееднаков третман во споредба со друго лице во иста ситуација, за да се активира механизмот за заштита од дискриминација.

Од тука произлегува дека за да постои дискриминација, првенствено мора да се утврди постоењето на различен, неповолен третман на едно лице или група на лица во однос на друго лице односно друга група на лица и дека таквиот неповолен третман е поради заштитената карактеристика на лицето. Во конкретното барање, подносителите изнесуваат тврдење дека директорот на ООУ „Тодор Ангеловски“ редовно ги прифаќа барањата за упис на деца од македонска националност, а ги одбива барањата за упис поднесени од родителите Роми, додека пак директорот на ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ не дозволува децата од ромската етничка заедница да се отпишат од тоа училиште и да се запишат во други училишта и дека овој различен третман се заснова на етничката припадност на учениците.

Меѓутоа, во поткрепа на овие тврдења подносителите не доставуваат никакви податоци односно докази, како на пример писмено поднесени барања на некој од подносителите за упис во ОУ „Тодор Ангеловски“ и писмен доказ за тоа дека нивното барање било одбиено. Конкретното барање за заштита на слободите и правата содржи општи и начелни тврдења за селективно и дискриминаторско постапување на одговорните раководни лица на двете училишта, кои не се поткрепени со докази дека некој од подносителите на барањето бил ставен во ситуација да побарал запишување на своето дете, и барањето да му било одбиено. Наместо конкретни факти и докази, акцентот во барањето е ставен на една општа појава и проблем односно сегрегација во образованието, а нема конкретни наводи за повреда на одредено право на точно одредено лице што е наведено како подносител на барањето.

Кога прашањето за дискриминација вклучувајќи ја и сегрегацијата се поставува пред суд, судот има за задача врз основа на фактите и доказите што се доставени односно прибавени да утврди дали на конкретните подносители на барањето им било повредено уставното право на еднаквост и недискриминација. Уставниот суд нема надлежност да го оценува или вреднува општиот општествен контекст поврзан со положбата на Ромите во Република Северна Македонија, туку има задача да оценува конкретни наводи, факти и докази и врз основа на уставно-правна оценка да утврди дали постои дискриминација која води до сегрегација. Или со други зборови кажано, дали во конкретниот случај подносителите на барањето можат да се сметаат дека се жртви на дискриминација односно различен третман врз основа на нивната етничка припадност како Роми.

Од наводите во барањето, произлегува дека сите родители подносители на барањето своите деца ги запишале во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ доброволно и по нивен сопствен избор и дека ниту еден од нив писмено не побарал детето да го запише во ООУ „Тодор Ангеловски“. Адвокатката на подносителите во дополнително поднесениот поднесок до Уставниот суд укажува дека лицата Муса Ален, Сериха Елмазова и Денис Канановски се обиделе да ги запишат своите деца во ОУ „Тодор Ангеловски“ но им рекле дека тоа не е можно бидејќи детето не спаѓало во реонот на тоа училиште. Меѓутоа, овие обиди за упис не се документирани со доставување на формално писмено барање на родителите за упис. Од одговорот на ООУ „Тодор Ангеловски“ произлегува дека ниту еден од подносителите на барањето не се обратил до училиштето за да побара упис на детето во тоа училиште. Во училиштето „Тодор Ангелевски“ во учебната 2016/2017 година, поднесени биле 23 барања за упис од други реони од кои 22 биле Македонци и една Ромка: во учебната 2017/2018 година поднесени биле 15 барања за упис од други реони од кои сите биле Македонци; во учебната 2018/2019 година, поднесени биле 20 барања за упис на ученици од други реони од кои 18 Македонци и 2 Роми. Училиштето информира дека сите барања за упис на ученици од други реони што биле поднесени биле прифатени, независно од етничката припадност на подносителите. Ниту едно барање за упис на дете во ООУ „Тодор Ангеловски“ не било одбиено.

При ваква фактичка состојба (во која самите подносители на барањето наведуваат дека не поднеле писмено барање до училиштето туку само разговарале со одредени лица чиј идентитет не е наведен што Судот не може да го смета за доказ во конкретниот случај) што е поткрепена со официјални податоци што ги достави училиштето ООУ „Тодор Ангелевски“ се постави прашањето дали воопшто може во конкретниот случај да се утврди различен третман на подносителите на барањето за заштита на слободите и правата во однос на оние родители/ученици Македонци чиишто барања за упис во ООУ „Тодор Ангелевски“ биле прифатени, ако ниту еден од подносителите не поднел писмено барање за упис во истото училиште.

Оттука, при состојба во која до Судот не се доставени докази од кои со сигурност може да се утврди дека конкретните подносители на барањето биле изложени на различен третман од страна на училиштата и дека им било скратено правото на образование преку одбивање на упис во училиштето, Судот оцени дека во конкретниот случај не се исполнети процесните претпоставки од членот 52 од Деловникот на Уставниот суд за впуштање во мериторно одлучување по барањето за заштита на слободите и правата, односно дека истото треба да се отфрли.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.132/2018
18 септември 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски

Издвоено мислење по предметот У.бр.132/2018