У.бр.100/2022


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.100/2022
Скопје, 21.02.2024 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 21 февруари 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 35 став 1 во деловите „во рок од десет години” и „шест години” и став 2 од Законот за експропријација („Службен весник на Република Македонија” број 95/2012, 131/2012, 24/2013, 27/2014, 104/2015, 192/2015, 23/2016, 178/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 122/2021 и 111/2023).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна македонија”.

Образложение

I

Славко Лазовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 35 став 1 во деловите „во рок од десет години” и „шест години” и став 2 од Законот за експропријација.

Според наводите од иницијативата, оспорените рокови содржани во член 35 став 1, како и оспорениот став 2 од Законот за експропријација, се спротивни на член 8 алинеи 3 и 6, член 9 став 2 и член 30 ставови 1 и 3 на Уставот на Република Северна Македонија, бидејќи според подносителот, тие создаваат продолжено ограничување на сопственоста, иако јавниот интерес, односно општествената оправданост за одземањето и ограничувањето на сопственоста и на правата коишто произлегуваат од неа, престанал.

Според подносителот, поништувањето на правосилното решение за експропријација не треба да биде по барање на поранешниот сопственик, туку по службена должност, за што законодавецот во Законот треба да вгради одредби за донесување решенија за деескпропријација по службена должност по престанување на јавниот интерес, бидејќи степенот на правичност во експропријацијата не може да зависи исклучиво од проактивноста на страната која ги трпи последиците од експропријацијата.

Подносителот смета дека оспорените делови содржани во член 35 став 1 и став 2 од Законот, се спротивни и на член 9 став 2 од Уставот, според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, бидејќи ја нарушуваат еднаквоста на физичките и правните лица, како и странските лица во однос на сопственоста на државата или сопственоста на единиците на локалната самоуправа. Според подносителот, Законот за експропријација не може да има одредби со кои се фаворизира сопственоста на државата и на единиците на локалната самоуправа, бидејќи мора да постои еднаков третман на сопственоста без разлика кој е субјектот, односно кој е носителот на правото на сопственост.

Од изнесените причини, подносителот бара поведување постапка за оценување на уставноста на член 35 став 1 во деловите „во рок од десет години” и „шест години” и став 2 од Законот за експропријација, и нивно укинување.

II

На седницата Судот утврди дека според член 35 став 1 од Законот за експропријација по барање на поранешниот сопственик ќе се поништи правосилното решение за експропријација во целост или делумно, ако во рок од десет години не е реализирана целта заради која е извршена експропријација за градење објекти, односно изведување на работи од значење за Република Северна Македонија, односно шест години за градење на објекти или изведување на работи од локално значење, а според став 2 на истиот член од Законот, барањето за поништување на решението за експропријација може да се поднесе по истекот на роковите од ставот 1 на овој член, но најдоцна до 15 години од денот на правосилноста на решението за експропријација.

III

Според член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а според став 3 на наведениот член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 1 од Законот за експропријација („Службен весник на Република Македонија” број 95/2012, 131/2012, 24/2013, 27/2014, 104/2015, 192/2015, 23/2016, 178/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 122/2021 и 111/2023), со овој закон се уредува одземањето и ограничувањето на правото на сопственост и на имотните права на недвижности заради реализација на јавен интерес утврден со закон, а заради градење на објекти и изведување на други работи (во натамошниот текст: експропријација), утврдувањето на јавниот интерес, постапката за експропријација и постапката за определување на пазарниот надоместок.

Тргнувајќи од предметот на уредување на овој закон, дефиниран во член 1 од Законот, произлегува дека експропријацијата како начин на стекнување на правото на сопственост претставува престанок на правото на сопственост на физичките и правните лица (приватна сопственост), со што се стекнува правото на сопственост на државата (државна сопственост), по сила на закон и тоа заради остварување на јавен интерес.

Со член 4 од Законот за експропријација е определено дека јавен интрес утврден со овој закон е уредувањето, рационалното користење и хуманизацијата на просторот, заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата со градење на објекти и изведување на работи од значење за Републиката и единиците на локалната самоуправа, предвидени со актите за планирање на просторот.

Според член 5 став 1 алинеи 1 и 2 од Законот за експропријација, јавен интерес се утврдува за градење на објекти и изведување работи од значење за Република Северна Македонија и градење на објекти и изведување на работи од локално значење, а според став 2 на наведениот член, јавен интерес се утврдува и за одземање на градежно земјиште на кое право на користење имаат физички лица, а кое според актите за планирање на просторот со кои се дефинира градежна парцела е надвор од дефинираната градежна парцела, а кое не може да биде предмет на приватизација, согласно со Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.

Законот за експропријација, покрај тоа што ги уредува прашањата во врска со експропријацијата на сопственоста и правата коишто произлегуваат од неа, како и определувањето на праведниот надомест за експроприраните недвижности заради изградба на објекти и изведување други работи од јавен интерес, го уредува и прашањето за враќање на недвижноста на поранешниот сопственик по донесено правосилно решение за експропријација, преку институтот деекспропријација во роковите предвидени во член 35 став 1 од Законот, коишто се предмет на оспорување со иницијативата, како и предвидените рокови од оспорениот став 2 на член 35 од Законот, којшто е во врска со став 1 на овој член.

Имено, член 35 став 1 од Законот, предвидува дека по барање на поранешниот сопственик ќе се поништи правосилното решение за експропријација во целост или делумно, ако во рок од десет години не е реализирана целта заради која е извршена експропријација за градење објекти, односно изведување на работи од значење за Република Северна Македонија, односно шест години за градење на објекти или изведување на работи од локално значење, а според став 2 на член 35 од Законот, барањето за поништување на решението за експропријација може да се поднесе по истекот на роковите од ставот 1 на овој член, но најдоцна до 15 години од денот на правосилноста на решението за експропријација. Рокот од 10, односно 6 години претставува релативен преклузивен рок, додека апсолутниот рок, согласно овие одредби, изнесува 15 години од правосилноста на решението за експропријација.

Органот за експропријација што го донел решението за експропријација, одлучува и за барањето за поништување на решението за експропријација, при што постапката за поништување на решението и определувањето на надоместокот којшто треба да се врати при поништувањето на решението за експропријација, е идентична со постапката за експропријација (расправа за спогодување, донесување решение, доставување на предметот до вонпарничниот суд, ако не се постигне спогодба за враќање на надоместокот).

Во конкретниот случај, член 35 од Законот за експропријација, не уредува прашање за ограничување на правото на сопственост и правата коишто произлегуваат од неа, туку напротив уредува прашање за враќање на недвижноста на поранешниот сопственик по донесено правосилно решение за експропријација согласно роковите предвидени во став 1 и став 2 на членот од Законот, па оттука, според Судот, неосновано е тврдењето во иницијативата дека со оспорените делови „во рок од десет години” и „шест години“ содржани во член 35 став 1, вклучително и став 2 на членот од Законот, се врши ограничување на сопственоста.

Во однос на наводите дека со оспорените законски содржини е нарушена еднаквоста на физичките и правните лица, како и странските лица во однос на сопственоста на државата или сопственоста на единиците на локалната самоуправа, односно дека Законот за експропријација ја фаворизира нивната сопственост, наспрема сопственоста на физичките и правните лица, истите не се јасни, пред сè ако се има предвид дека по заснованото право на сопственост на експроприраната недвижност на Република Северна Македонија, титулар на сопственоста е државата, а одредбите од член 35 од Законот, регулираат прашање за враќање на недвижноста на поранешниот сопственик, од кои причини и нејасно е оспорувањето на законските содржини во однос на член 9 став 2 од Уставот според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Од изнесените причини, пред Судот, не се постави прашањето за согласноста на член 35 став 1 во деловите „во рок од десет години” и „шест години” и став 2 од Законот за експропријација, со одредбите од член 8 алинеи 3 и 6, член 9 став 2 и член 30 ставови 1 и 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска

Издвоено мислење по предметот У.бр.100/2022