98/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 декември 2003 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 48 став 1 точка 4 и 6 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/1995, 55/1997, 38/2002 и 33/2003).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Петре Илиевски – адвокат од Скопје со решение У.бр.98/2003 од 8 и 9 октомври 2003 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 48 став 1 точка 4 и 6 од Законот за внатрешни работи.
Постапката беше поведена затоа што основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека во членот 48 став 1 точка 4 од Законот за внатрешни работи е предвидено дека “Работен однос во Министерството може да заснова лице кое покрај општите услови го исполнува и посебниот услов: да биде достојно за работа во Министерството, односно да ужива углед и со досегашниот начин на живот, однесување и работа да гарантира дека совесно и чесно ќе ги извршува доверените работи и задачи, да не биде поврзано со активности околу извршувањето на кривични дела или прекршоци со елементи на насилство или други казниви дела што го прават н едостоен за работа во Министерството”.
5. Според член 8 алинеја 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, покрај другите, темелни вредности на Уставот на Република Македонија се: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото.
Во член 25 од Уставот е утврдено дека на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот.
Според став 2 на овој член секој е должен да го почитува Уставот и законите.
Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Според член 8 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основни слободи секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон, и ако претставува мерка која е во интерес на државата и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштита на здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.
Според член 17 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права никој не може да биде изложен на самоволно и незаконско мешање во неговиот приватен живот, семејство, стан или преписки, ниту на противзаконити напади на неговата чест и углед.
Секој има право на законска заштита против таквото мешање или напад.
Според член 1 од Универзалната декларација за правата на човекот сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви во достоинството и правата.
Во членот 12 од наведената декларација, пак, е предвидено дека никој нема да биде изложен на произволно вмешување во приватниот живот, семејството, домот и преписката, ниту пак на напади врз неговата чест и углед.
Секој има право на правна заштита од таквото вмешување или напади.
Од наведените уставни одредби, а посебно член 25 од Уставот на Република Македонија, како и наведените меѓународни конвенции, произлегува дека на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста.
Почитувањето на личниот живот на граѓанинот е основа за забрана кој и да е да се меша во личното однесување на човекот и во неговото определување, односно личниот живот е приватна работа на човекот во која никој не може да се меша, освен во случаи кога изразувањето на личноста и однесувањето на личноста ги доведува во прашање општоприфатените норми во општеството. Слични карактеристики има и приватноста на семејниот живот, а тоа значи дека никој нема право да се меша во односите во семејството, меѓу брачните другари меѓу родителите и децата, начинот на живеење, семејниот ред и друго.
Почитувањето на достоинството и угледот на граѓанинот во себе не ја содржи само обврската луѓето во меѓусебните односи да се почитуваат, туку ја инкорпорира и улогата на државата која треба да гарантира заштита на приватноста поаѓајќи од фактот што со самото тоа што се работи за човечко суштество со него треба да се постапува со уважување на неговото достоинство и углед.
Поаѓајќи од фактот дека принципот на владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, под што треба да се подразбере доминација на објективизирана правна норма, Судот оцени дека нужно мора да се утврдат објективни факти поврзани со остварување на некое право односно правото на работа. Имено, Судот оцени дека оспорената одредба не содржи објективизирани мерила кој е, а кој не е достоен да работи во Министерството за внатрешни работи, кое поведение го прави човекот недостоен, кои се критериумите кои треба да бидат определени дека едно лице цел живот ќе се однесува така како што се однесувал дотогаш, како и тоа што ги прави овие критериуми сигурни.
Според тоа, а тргнувајќи од анализата на содржината на наведените уставни одредби, одредбите од меѓународните конвенции кои се во правниот поредок на Република Македонија, а имајќи ја предвид содржината на член 48 став 1, според која за засновање на работен однос во Министерството за внатрешни работи се утврдени посебни околности како што се достоинството (честа и угледот), совесноста и чесноста, Судот оцени дека таквата одредба е нејасна, недоволно дефинирана и определива, така што во отсуство на прецизни и јасни критериуми таа создава простор за арбитрерност што го дове дува во прашање начелото на владеење на правото.
Со оглед на наведеното, Судот оцени дека со предвидените околности се задира во приватноста на личноста и заштитата, односно правните средства за заштита на приватноста.
5. Заштитата на приватноста и почитување на честа и угледот доаѓаат до израз и во случај кога едно лице било осудено за кривично дело, а ја издржало казната, мерката на безбедност и правните последици од осудата односно кога лицето било рехабилитирано.
Од друга страна, пак, имајќи го предвид изнесеното, Судот смета дека со законската формулација од член 48 став 1 точка 4 во делот “да не биде поврзано со активности околу извршување на кривични дела што го прават недостоен за работа во Министерството” се доведува во прашање принципот на презумпција на невиност.
Имено, според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, содржината на член 48 став 1 точка 4 во наведениот дел, Судот оцени дека самите активности околу извршувањето на кривично дело или прекршок со елементи на насилство не може да претставува основ тоа однесување да биде однапред санкционирано без правосилна судска пресуда и тоа однесување да биде пречка за засновање на работен однос.
Според мислењето на Судот, наведената законска формулација создава основ за правна несигурност како елемент на принципот на владеењето на правото и нарушување на уставното начело на презумпција на невиност, принципот на законитост во казнувањето, а со тоа се ограничува и правото на работа, поради што таа не е во согласност со Уставот.
6. Исто така Судот утврди дека во член 48 став 1 точка 6 покрај другите, посебни услови за засновање на работен однос во Министерството за внатрешни работи е предвидено лицето од машки пол да ја има регулирано воената обврска ако заснова работен однос како работник со посебни должности и овластувања.
Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјално потекло, политичко и верско уверување, имотната и општествена положба, а според став 2 на овој член граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.
Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место, а според став 5 на овој член остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот меѓу другите основни социјално економски права го утврдил и правото на работа, при што определувањето на содржината на ова право е оставено на уредување со закон и колективен договор.
Тоа значи дека законодавецот има широк простор за уредување на бројни релевантни прашања и односи кои се од значење за остварување на наведеното право, при што автономијата на уредување на сите прашања единствено е ограничена со обврската за почитување на уставните принципи и начела, а пред се на начелото на еднаквост.
Врз основа на уставното овластување за поблиско уредување и остварување на правата на вработените и нивната положба во Министерството за внатрешни работи, законодавецот со Законот за внатрешни работи, покрај другите го утврдил и условот лицето од машки пол да ја има регулирано воената обврска ако заснова работен однос како работник со посебни должности и овластувања. При тоа, Судот оцени дека со предвидениот услов кандидатот при засновање на работен однос да ја има регулирано воената обврска се доведува во прашање остварувањето на уставното право на работа и начелото на еднаквост, односно Судот смета дека остварувањето на едно уставно загарантирано право, а тоа е правото на работа не може да биде условено со правото и должноста на граѓанинот да ја има регулирано воената обврска.
Според тоа, Судот смета дека исполнувањето на обврската на едно лице кое се наоѓа во определен статус не може да биде пречка за остварување на право од друг статус, поради што Судот оцени дека членот 48 став 1 точка 6 од Законот не е во согласност со начелото на еднаквост и начелото на достапност на секое работно место под еднакви услови.
7. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.98/2003
17 декември 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова