92/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 јануари 1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за промена на топонимот на Липково во Ликово, број 17/02 од 15 февруари 1997 година, донесена од Советот на Општина Липково.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Владата на Република Македонија, со решение У.бр.92/97 од 5 ноември 1997 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и Законот за територијална поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорената одлука името на населеното место Липково за македонскиот јазик и неговото кирилско писмо ќе се вика Липково, а на албански јазик ќе се викало и пишувало “Ликово”.

Судот, исто така, утврди дека со оспорената одлука Советот на Општина Липково уредува прашање за употреба на јазикот на припадниците на националностите.

5. Според член 116 од Уставот на Република Македонија територијалната поделба на Републиката и подрачјата на општините се утврдуваат со закон.

Со Законот за територијалната поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/96) се врши територијална поделба на Република Македонија, се определуваат подрачјата на единиците на локалната самоуправа (општините) и на Градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа, се утврдуваат имињата, седиштата и границите на општините, имињата на населени места и други прашања сврзани со територијалната поделба

Во членот 5 од Законот е предвидено дека имињата на општините и населените места се утврдуваат со овој закон, а според ставот 2 на овој член, имињата на општините и градовите можат да се изменат само со закон.

Според член 8 став 1 точка 54 од овој закон Липково со населениете места што влегуваат во нејзин состав, е утврдено како Општина Липково.

Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека имињата на населените места како и промената на имињата на населените места исклучиво се уредува со закон.

Според мислењето на Судот прашањето за пишување на имињата на населените места и на јазикот и писмото на одредена националност според особеностите на тој јазик или во форма како традиционално се употребуваат имињата на населени места на одредени подрачја во единиците на локалната самоуправа, не е идентично со прашањето на правото на промена на имињата на населените места. Во конкретниот случај не е во прашање јазично изразување на топонимот кој традиционално се употребува во јазикот на албанската националност, туку се работи за промена на топонимот на Липково во Ликово од причини што Липково и традиционално се викало Липково.

Со оглед на тоа што промената на имињата на општините и градовите можат да се изменат само со закон-што е во исклучива надлежност на Републиката, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со член 116 од Уставот и со член 1, член 5 и член 8 точка 54 од Законот територијалната поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.92/97)