62/2003-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 31 март 2004 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ член 88 став 2, поднасловот “Дисциплински мерки”, член 89, поднасловот “1.Јавна опомена”, член 90, поднасловот “2. Парична казна” и членовите 91 и 92 од Колективниот договор за шумарството и дрвната индустрија на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.46/1994).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје со решение У.бр.62/2003 од 18 февруари 2004 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Колективниот договор означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и со Законот за работните односи.

4. Судот на седницата утврди дека во Колективниот договор за шумарството и дрвната индустрија, оспорените поднас-лови и членови се утврдени во рамките на делот ИЏ насловен како “Општи обврски на работниците”.

Поднасловот “Одговорност за повреда на работните обврски” го опфаќа членот 88 во чиј став 1 е утврдено дека неодго-ворното однесување повлекува и одговорност на работникот за сторе-ната повреда на работните обврски утврдени со закон, колективен договор и колективен договор на ниво на работодавец. Во ставот 2 на овој член е утврдено дека дисциплинската одговорност на работникот се утврдува со овој колективен договор и колективниот договор на ниво на работодавец.

Поднасловот “Дисциплински мерки” ги опфаќа членовите 89, 90, 91 и 92. Во членот 89 е предвидено дека за повреда на работните и други обврски на работникот може да му се изрече една од следните дисциплински мерки: јавна опомена, парична казна и престанок на работен однос. Мерките од став 1 на овој член може да му се изречат на секој работник без оглед на посебните овластувања или одговорности што ги има тој работник, освен за генералниот директор.

Во членот 91 кој се однесува на јавната опомена, како една од можните дисциплински мерки предвидени во членот 89, е утврдено дека оваа мерка може да се изрече за лесни повреди на работните обврски утврдени со колективниот договор на ниво на претпријатие. Заклучок за објавување на конечната одлука донесува органот кој ја изрекол мерката јавна опомена.

Според членот 91, паричната казна може да се изрече за секоја повреда на работните обврски. Според членот 92 став 1 паричната казна може да се изрече најмногу во висина од 15% од аконтацијата на месечната плата на работникот во траење од еден до шест месеци. Според ставот 2 на овој член аконтацијата на платата на работникот остварена во месецот во кој е изречена одлуката се зема како основа за утврдување на висината на паричната казна.

5. Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е утврдено начелото – владеење на правото.

Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на работниците и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно изречното уставно овластување содржано во наведениот член од Уставот, со Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 80/1993, 14/1995, 53/1997, 21/1998, 25/2000, 3/2001, 50/2001, 25/2003 и 40/2003), на општ начин е уредено остварувањето на правата, обврските и одговорно-стите на работникот и работодавецот од работен однос.

Според членот 4 од овој закон работникот е должен да ги исполнува обврските што произ-легуваат од работниот однос, а за повреда на работните обврски и причинетата штета работникот одговара лично според одредбите на закон и колективен договор.

Во членовите од 106 до 133 од Законот се утврдуваат основите и условите за престанок на работниот однос, меѓу кои е утврден и престанок на работниот однос со отказ од страна на работодавецот. Така, според членот 111 од Законот, работниот однос на работникот со отказ од страна на работодавецот престанува ако работникот е неспособен да ги извршува работните задачи утврдени со закон, колективен договор и договор за работа или ако ја крши работната дисциплина и работниот ред.

Притоа, во Законот за работните односи не се содржани посебни одредби за тоа кој орган во име на работодавецот и во која постапка ќе ја утврди неспособ-носта, односно неисполнувањето на работните обврски на работникот и кршењето на работната дисциплина и работниот ред, какви што се на пример, во член 99, за утврдувањето на штетата што работникот по своја вина ја направил на работодвецот, за која е утврдена материјална одговорност.

Во оваа смисла, Законот за работните односи единствено содржи решение дека одлуката за престанок на работниот однос на раководни работници со отказ, на предлог на работоводниот орган донесува органот на управување, односно работодавецот (член 118) и дека за престанок на работниот однос со отказ на работник со над 25 години работен стаж или со најмалку 20 години непрекината работа кај ист работодавец одлучува органот на управување.

За разлика од Законот, Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/1994 и 87/2001) содржи поконкретни одредби за наведените прашања. Имено, според членот 61 став 1 од овој колективен договор, работниот однос на работникот може да му престане со отказ поради кршење на работната дисциплина или поради неисполнување на обврските од работата доколку кршењето на работната дисциплина или неисполнувањето на обврските од работа е утврдено од страна на работодавецот, односно работо-водниот орган или од него определено лице. Според ставот 2 на овој член, на работникот му се овозможува да се изјасни за наводите изнесени како причина за престанок на работниот однос. Освен тоа, во членовите 63 и 64 од овој колективен договор, се утврдени и роковите во кои работодавецот може да ја донесе одлуката за престанок на работниот однос, што, исто така, не е уредено со Законот за работните односи.

Од сето напред наведено, меѓу другото, може да се констатира дека одговорноста на работникот за повреда на работните обврски што произлегуваат од работниот однос начелно е утврдена во членот 4 од Законот за работните односи, а во другите одредби се утврдува дека поради неисполнување на овие обврски на работникот може да му престане работниот однос со отказ од страна на работодавецот под условите утврдени со закон и колективен договор. Случаите на кршење на работните обврски, како и кршењето на работната дисциплина и работниот ред, поради кои на работникот може да му престане работниот однос со отказ на работодавецот, освен оние што се утврдени во Законот за работните односи, согла-сно овој закон може да се утврдуваат и со друг закон и со колективен договор.

Разгледувајќи го членот 88 став 2 од Колективниот договор во контекст на изнесеното, Судот оцени дека тој не е во согласност со Уставот и со Законот за работните односи и формално и суштински. Формално, затоа што во Законот за работните односи личната одговорност на работникот за повреда на работните обврски не е утврдена, односно дефинирана како “дисциплинска”, а суштински, затоа што во овој став на член 88 се упатува дека оваа одговорност на работникот се утврдува со овој колективен договор и колективниот договор на ниво на работодавецот, а не и со закон и колективен договор на ниво на Републиката, како што произлегува од Уставот и Законот за работните односи во кој е разработена уставната определба за колективните договори.

Во однос на членовите 89 до 92 од Колективниот договор во кои се утврдуваат дисциплинските мерки јавна опомена, парична казна и престанок на работниот однос, кои што можат да му се изречат на работникот за повреда на работните и други обврски, Судот утврди дека истите не се во функција на доуредување на прашањето за одговорноста на работниците согласно Законот за работните односи, кој што, за разлика од претходниот Закон за работните односи, не познава систем на дисциплински мерки за повреда на работната дисциплина. Имено, според концепцијата на Законот за работните односи, одговорноста на работникот за кршење на работ-ната дисциплина или за неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор и договор за работа се “санкционира” само со престанок на работниот однос со отказ од страна на работода-вецот (кој согласно член 116 од Законот отказот може да го замени со парична казна), а не и со изрекување на дисциплински мерки, како што се утврдува во овие членови од Колективниот договор.

Од тие причини Судот оцени дека членовите 89, 90, 91 и 92, како и поднасловите “Дисциплински мерки”, “1. Јавна опомена” и “2. Парична казна” од овој колективен договор не се во согласност со Уставот и Законот за работните односи.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски,Махмут Јусуфи,Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.62/2003
31 март 2004 год.
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова