61/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 22 јануари 2003 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 26 од Законот за вршење на земјоделска дејност (” Службен весник на Република Македонија” бр.11/02).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, поведе постапка за оценување уставноста на одредбата од членот 26 од законот означен во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека согласно членот 26 од Законот, индивидуалниот земјоделец не води деловни книги, а неговите дано?ни обврски се утврдуваат паушално, со посебен пропис на Управата за јавни приходи.
5. Согласно член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.
Согласно член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки.
Од содржината на оваа одредба, произлегува дека Уставот со императивна норма го задолжува секого да плаќа данок и други јавни давачки, при што упатува начинот на нивното плаќање да се уреди со закон.
Во таа смисла Законот за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/02) предвидува при водењето на сметководството, трговските книги и годишните сметки за трговец поединец и други физички лица ко и вршат самостојна дејност, да се применуваат одредбите од Законот за пресоналниот данок на доход.
Согласно членот 19 став 1 од овој закон (Закон за персоналниот данок), кој спаѓа во главата “Приходи од земјоделска дејност” обврзник на данокот од доход кој остварува приходи од земјоделство и шумарство е физичко лице кое како сопственик или корисник на земјиштето се води во катастарските книги со состојба на 31 декември во годината што и претходи на годината за која се утврдува данокот.
Согласно членот 20 од овој закон, основа на данокот од доход за приходите од земјоделска дејност е катастарскиот приход од земјоделското земјиште и шумите што е утврден со прописите за утврдување на катастарскиот приход.
Ставот 2 на овој член од Законот предвидува ако обврзникот пред почетокот на годината се определи за оданочување според вистинскиот приход од земјоделство и шумарство, основа претставува доходот.
Имајќи ги предвид наведените одредби од Законот за пресоналниот данок од доход, Судот оцени дека законодавецот го уредил прашањето за дано?ните обврски на индивидуалните земјоделци, односно дека Управата за јавни приходи не е овластена да донесува пропис со кој ќе ги утврдува нивните даночни обврски.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д -р Јосиф Талевски

У.бр.61/2002
22 јануари 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов