Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 19 ноември 1997 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВААТ
а) член 9 алинеја 1, член 15, 16 и член 17 од Правилникот за постапката, начинот и условите за приклучување на водоводна и канализациона мрежа, донесен од Работничкиот совет на Јавното претпријатие “Солидарност” од Виница, на 26.03.1990 година, и
б) Одлуката за надоместок на издадена водоприклучна согласност и согласност за приклучок на канализација донесена од Работничкиот совет на Јавното претпријатие “Солидарност” од Виница на 9.08.1994 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.58/97 од 24.09.1997 година поведе постапка за оценување законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Законот за комунални дејности и со Законот за облигационите односи.
4. На седницата Судот утврди дека со Правилникот се уредуваат односите помеѓу водостопанското Јавно претпријатие и корисниците во поглед на приклучување на нови корисници на водоводната и канализационата мрежа, условите и критериумите за користење на мрежата во согласност со нејзините квалитативни својства и капацитет, како и критериуми за определување на надоместокот за приклучување на нови корисници.
Во член 9 алинеја 1 од Правилникот надоместокот се утврдува како составен дел на Решението за водоприклучна согласност, кое, покрај тоа содржи и услови за приклучување, податоци за објектот и намена на потрошувачката на вода. Во членовите 15, 16 и 17, како делови на посебна глава “критериуми за надоместок за приклучок” се утврдени елементите според кои се определува висината на надоместокот: намена на објектот, големина на објектот, висина на инвестиционите вложувања за изградба на водоводната и канализационата мрежа, висина на инвестиционите вложувања за објектот и се утврдува овластување работничкиот совет да ја определи висината според овие елементи.
Во член 1 од оспорената одлука е определено дека висината на надоместокот се утврдува процентуално во зависност од висината на потребните инвестиции за изградба на јавниот водовод и канализација, за да во член 8 надоместокот се определи во зависност од големината на станот почнувајќи од гарсониера до четирисобен стан во распон од 180 до 300 ГМ.
5. Според член 11 од Законот за комунални дејности (“Службен весник на Република Македонија” бр.45/97) сопственикот на градежен објект, изграден согласно со законските прописи, должен е објектот да го приклучи на комуналната инфраструктура. Нејзината изградба и одржување, согласно член 13 од Законот, се финансира од учеството на инвеститорот во уредувањето на градежното земјиште, од цената на комуналната услуга, од надоместокот за употреба на градежното земјиште, буџетот на основачот, донаторство, наменски средства на давателите и корисниците на услугите и др. Средствата за вршење на комуналните услуги, според член 26 од Законот, исто така се обезбедуваат од цената на комуналните услуги, рентата и буџетот на општината.
Во член 15 од Законот за облигационите односи е утврдено начелото на еднаквата вредност на давањата во двостраните договори.
Од изнесената фактичка и правна состојба произлегува дека оспорениот надоместок за водоприклучна согласност не претставува дозволен извор на финансирање на изградбата, одржувањето или користењето на комуналната инфраструктура, ниту е предвиден како еквивалент на трошоците што може да ги предизвика една административна постапка за давање водоприклучна дозвола или фактичкото приклучување на објект на водоводната мрежа. Со оглед на тоа што со оспорените одредби од Правилникот и со Одлуката се воведува надоместок за водоприклучна согласност како давачка за граѓаните за финансирање на работата на јавното претпријатие што не е предвидена со законот, Судот утврди дека тие не се во согласност со означените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.58/97)