53/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 јуни 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за привремено уредување на располагање на средствата за локални патишта, донесена од Собранието на Општина Кавадарци на 19 јануари 1996 година.

2. Оваа Одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македониија”

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Општинска самоуправна интересна заедница за патишта – Кавадарци, со Решение У.бр.53/96 од 13 март 1996 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината соглансост со членот 56 став 1 и 3 од Уставот, со член 17 точка 6 од Законот за локалната самоуправа и член 103 од Законот за патишта “Службен весник на СРМ” бр.15/80, 26/80, 18/82, 13/86, 28/88, 27/89, 10/90, 11/91 и “Службен весник ан Република Македонија” бр.62/93) за време на неговото важење.

4. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука привремено се уредувааат овластувањата за начинот и постапката на располагање и користење на средствата наменети за одржување и изградба на локалните патишта во Општина Кавадарци за 1996 година и односите со постојната СИЗ за патишта со Собранието на Општината до донесувањето на новиот Закон за патишта, изворите на средствата, дека со средствата наменети за изградба, реконструкција, одржување на локалните патишта располага Собранието на Општина Кавадарци и дека тие средства стануваат приходи на Буџетот на Општината.

Понатаму со Одлуката е предвидено дека дејноста, работите на одржување и изградба на локални патишта ќе ги вршат вработените во постојната Општинска СИЗ за патишта – Кавадарци (член 4) дека правата, обврските и одговорноста, опремата, инвентарот, архивата, документацијата, средствата за работа, просториите и преземањето на работниците ќе се вршат со завршен делбен биланс помеѓу Општинската СИЗ за патишта и во име на Собранието на Општина Кавадарци, нивната организациона форма со функција локални патишта, врз основа на попис со состојба на 31 декември 1995 година од заеднички формирана комисија (член 7) и дека со нејзиното влегување во сила престанува да важи, односно дека се поништува досегашната жиро-сметка на Општинската СИЗ за патишта со сите нејзини потсметки, а салдото на овие сметки се пренесува на новоотворената потсметка на Буџетот на Општина Кавадарци (член 8). И на крајот, со член 9 од Одлуката е предвидено дека таа влегува во сила со денот на донесувањето и ќе важи до конституирањето на Јавното претпријатие со функција локални патишта, согласно новиот Закон за јавни патишта и дека ќе се објави во “Службен гласник на Општина Кавадарци.

5. Според членот 56 став 1 од Уставот на Република Македонија сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Со ставот 3 од овој член е предвидено дека со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење. Правниот режим на патиштата како добра од општ интерес на Република поради што уживаат посебна заштита, е утврден со Законот за патиштата (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/93).

Според член 125 општинските самоуправни интересни заедници за патишта престануваат со работа со конситуирањето на Фондот од член 20 став 4 на овој закон, а најдоцна во рок од шест месеци од влегувањето во сила на овој закон. Според ставот 2 на овој член, правата, обврските, средствата, опремата и работниците, документацијата и другиот имот на општинските самоуправни заедници за патишта ги презема општината.

Со оглед на тоа што со оспоредната одлука, пред донесување на Законот за јавни патишта и пред протекот на на роковите утврдени со овој закон за престанок на работата на општинските самоуправни заедници за патишта, се преземаат надлежности на Самоуправната интересна заедница за патиштата – Кавадарци, Судот оцени дека не е во согласност со член 56 став 1 и 3 од Уставот и со член 125 од Законот.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.53/96)