44/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 јули 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 89 од Законот за надворешно-трговско работење (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/93, 41/93, 78/93).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, оценувајќи ја уставноста на одделни одредби од Законот за судовите по сопствена иницијатива, со Решение У.бр.44/96 од 6 март 1996 година, поведе постапка за оценујвање уставноста на член 89 од законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека со Законот за надворешно-трговско работење се уредува надворешно-трговското работење кое ги опфаќа надворешно-трговскиот промет и вршење на стопанска дејност во странство.

Во членовите 84 и 86 се утврдени стопанските престапи и прекршоците и казните за нив.

Како основна е предвидена паричната казна, а предвидена е и заштитна мерка одземање на предмети.

Во член 89 од Законот за надворешно-трговското работење прекршочната постапка по прекршоците од член 86 став 1 точка 1 и 2 и точките 4 и 8 на овој закон во прв степен ја води девизната инспекција, а во втор степен Министерството за финансии, а за прекршоците од член 86 став 1 точка 3 и од член 87 на овој закон во прв степен ја води царинарницата, а во втор степен решава царинската управа.

5. Со Уставот на Република Македонија е извршена поделба на власта на законодавна, извршна и судска што претставува една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со Уставот се точно и прецизно дефинирани и утврдени носителите на законодавната, извршната и судската власт и јасно е направена разлика во поделбата на власта, при што со Уставот не е допуштено мешање на една во друга власт, туку власта е поставена како структура на самостојни релативно поделени власти чии статус надлежности и односи се утврдени и гарантирани со Уставот.

Судската власт е посебна и самостојна власт. судската власт според член 98 од Уставот, ја вршат судовите кои се самостојни и независни кои се востановуваат само со закон и е забрането формирање на вонредни судови. Судството е поставено како единствен систем во кој треба да се обезбеди остварување на владеењето на правото и правната држава, а како услов за остварување на овие темелни вредности на уставниот поредок е прецизно одвоена и независна судска власт.

За разлика од Уставот на СР Македонија од 1974 година кој казнивите дела ги степенуваше според нивната опасност, односно предвидуваше кривични дела и други казниви дела, Уставот на Република Македонија, не содржи формална дефиниција за тоа што се смета за казниво дело, односно не ги утврдува видовите на казниви дела.

Единствено разграничување меѓу кривични дела и други казниви дела е направено во член 106 став 1 од Уставот во кој е предвидено дека јавното обвинителство ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела.

Според тоа, Уставот не ги разликува казнивите дела според степенот на општествената опасност и затоа принципите на казнените постапки се однесуваат на казнивите дела воопшто. Материјалното дефинирање на прекршоците (член 8 од Законот за прекршоците) нив ги определува како повреда на јавниот поредок утврден со закон или со друг пропис, за кој е предвидена прекршочна санкција и ги определува прекршочните санкции, од што може да се извлече заклучок дека по својата суштина прекршоците се казниви дела односно тие претставуваат општествена опасност што се создава со нивното сторување, а казнувањето е начин за спречување на таа опасност.

Со Уставот исто така прецизно се дефинирани правата и слободите на човекот и граѓанинот со цел да се оневозможи нивно различно толкување.

Во рамките на граѓанските и политички слободи и права Уставот покрај другото го определува и начинот на остварување на слободата на човекот и неговата одговорност за сторени казниви дела, при што во член 13 став 1 се гарантира дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Со член 14 став 1 од Уставот е утврдено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна, а според став 2, никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека вината за оддредено казниво дело мора да биде утврдена со судска одлука, што значи дека за сите казниви дела, според Уставот, можат да одлучуваат само судовите.

Со член 88 од Уставот на Република Македонија е дефинирана како носител на извршната власт што претставува соодветна конкретизација на поделбата на власта.

Владата е самостојна и независна во утврдувањето на политиката на извршувањето на законите и во донесувањето на прописи за извршување на законите. единствена ограда во остварување на правата и должностите на Владата се Уставот и законите.

Владата на Република Македонија, според член 91 алинеја 6 од Уставот, покрај тоа што лутврдува начела за внатрешна организацвија и за работа на министерствата и другите органи на управата, ја насочува и врши надзор над нивната работа.

Во рамките на тој надзор Владата со закон е овластена да презема одредени мерки во врска со работата на органите на управата и функционерите кои раководат со тие органи, како и да презема одредени мерки за извршување односно неизвршување на законите. Меѓутоа Судот оцени дека Владата не е овластена да води постапка за утврдување на вина и за изрекување на одредени санкции за извршени казниви дела односно за прекршоците како еден вид казниви дела.

Органите на државната управа, пак, според член 96 од Уставот, работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според Законот за органите на управата, органите на управата, покрај другото ги извршуваат законите со непосредно применување на тие закони, вршат управен надзор и во врска со тоа преземаат мерки за кои се овластени со закон.

Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека органите на државната управа во кои спаѓаат и министерствата, се надлежни непосредно да ги извршуваат и применуваат законите и заради нивно доследно спроведување се надлежни и да вршат управен надзор над законитоста на работата на другите субјекти на кои се однесуваат одделни закони. Во рамките на надзорот, органите на државната управа можат да преземаат и соодветни привремени мерки за отстранување на незаконитоста до завршување на судската постапка.

Меѓутоа, Судот оцени дека органите на државната управа во рамките на своите овластувања непосредно да ги извршуваат иприменуваат законите и да вршат управен надзор, не се овластени да водат одредена казнена постапка против граѓаните и да изрекуваат санкции за сторените казниви дела.

Со оглед на тоа што во оспорените одредби од Законот е предвидено за одделни видови прекршоци да одлучуваат други видови органи, а не судовите судот оцени дека тие не се во согласност со наведените уставни одредби.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.44/96)