43/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставиот на
Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република
Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/92) на седницата
одржана на 7 јуни 2000 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 16 став 2 алинеја 4 од Правилникот за пронаоѓање и
уништување на неексплодирани убојни средства (“Службен весник на Република
Македонија” бр.74/92).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во
“Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена
иницијатива од Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.43/2000 од 19 април
2000 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на член 16
став 2 алинеја 4 од правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што
тој не бил во согласност со член 13 став 1 и член 14 став 1 од Уставот на
Република Македонија и со член 106 став 5 и 6 од Кривичниот законик.

4. Судот на седницата утврди дека оспорениот правилник е донесен врз
основа на член 39 од Уредбата за организирање, подготвување и извршување на
активностите и задачите на цивилната заштита во воена состојба и за формирање и
подготвување на единиците и штабовите на цивилна заштита (“Службен весник на
РМ” бр.51/92).

Според овој член од Уредбата пронаоѓањето и уништувањето на
неексплодирани убојни средства се уредува со правилник што го донесува
министерот.

Со овој правилник се пропишува пронаоѓањето и уништувањето на
неексплодирани убојни средства, кое опфаќа: пребарување на теренот, пронаоѓање,
собирање, транспорт, складирање, чување и уништување на неексплодирани убојни
средства во мир и војна како и здравствената и физичката способност и стручната
подготвеност на лицата кои ги вршат работите на заштита од неексплодирани
убојни средства.

Понатаму во правилникот се утврдени условите што кандидатите треба да
ги исполнуваат за извршување на работите на заштита од неексплодирани убојни
средства и тие да се здравствено и физички способни за извршување на работите
од оваа област, да не се помлади од 20 односно постари од 60 години, да имаат
завршено најмалку средно образование и школо или курс за пронаоѓање и
уништување на неексплодирани убојни средства (школа за цивилна заштита,
соодветно воено училиште за уништување на сите видови убојни средства или
специјалистички курс во траење од 30 дена.

Според член 16 од Правилникот одобрението за пронаоѓање и уништување
на неексплодирани убојни средства го дава Министерството за одбрана врз основа
на писмено барање, лично поднесено од кандидатот.

Во член 16 став 2 алинеја 4 од правилникот е предвидено дека во
прилог на барањето кандидтот покрај другото треба да поднесе и уверение дека
канидатот не е под истрага или осудуван.

5. Според член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија лицето
обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде
утврдена со правосилна судска одлука.

Според член 14 став 1, пак, никој не може да биде казнет за дело кое
пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво
дело и за кое не била предвидена казна.

Во член 106 став 5 од Кривичниот законик е предвидено дека никој нема
право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или
неосудуваност.

Според став 6 на овој член на граѓаните по нивно барање, може да им се
дадат податоци за нивната осудуваност или неосудуваност само ако овие податоци
им се потребни заради остварување на нивните права во странство.

6. Од содржината на одредбата 13 и 14 од Уставот на Република
Македонија произлегува дека со нив се утврдени два принципа на казнено правниот
однос, а тоа се прво дека за извршеното казниво дело на сторителот може да му
се изрече казна што како таква е утврдена со закон или со друг пропис и дека
казната може да се изрече само со судска одлука. Според тоа казнено правниот
однос се исцрпува во релација казниво дело и судски изречена казна и дека
натамошните последици од неговто извршување односно осуда за тоа не се
допуштени.

Со оглед на изнесеното, Судот смета дека во конкретниов случај со
оспорената одредба од правилникот се врши ограничување на правата на граѓаните
како последица од осуда, или како последица на водење на истрага, поради што
оцени дека тој не е во согласност со Уставот и со законот.

7. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа
одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р
Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски,
д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Милан Недков.

У.бр.43/2000
7 јуни 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов