40/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 септември 2006 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за поставување мебел и опрема за вршење комецијални услуги на изградени и инфраструктурни објекти на подрачјето на општина Аеродром, донесена од Советот на општина Аеродром број 07-190/1 од 20 декември 2005 година („Службен гласник на Град Скопје“ број 1 од 31 јануари 2006 година).

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на актот означен во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Кирил Тодоровски, градоначалник на општина Аеродром, со Решение У.број 40/2006 поведе постапка за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, и го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на актот.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената Одлука со Законот за градот Скопје.

5. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Аеродром на седница од 12 декември 2005 година ја донел оспорената Одлука за поставува­ње мебел и опрема за вршење комерцијални услуги на изградени и инфраструктурни објекти на подрачјето на општина Аеродром.

Со одредбите на оваа одлука се уредува начинот на пос­тавување и користење на мебел и опрема на изградени инфраструк­турни објекти на подрачјето на општина Аеродром за давање на угостителски и на трговски услуги (комерцијални услуги) од страна на физички и на правни лица, постапката за добивање одобрение, содр­жината на барањето и на одобрението како и инспекцискиот надзор. Воедно, според одредбите од членот 14 и членот 16 од оваа одлука е утврдено дека физичките и правните лица можат да поднесуваат ба­рања до комисијата за урбанизам и комунални дејности за добива­ње одобрение за комерцијална употреба на јавната пешачка повр­ши­на, наведено е што треба да содржи барањето, како и дека оваа комисија ги разгледува барањата, врши увид и проверка на доставените податоци на лице место и одлучува по барањата.

6. Судот, исто така утврди дека според членот 117 став 1 од Уставот на Република Македонија, градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа чија организација се уредува со закон.

Според точка 2 на Амандман XVII со кој се заменува став 2 на членот 117 од Уставот, во градот Скопје граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од значење за градот Скопје, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локал­ниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејнос­ти, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образовани­ето, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Според членот 117 став 4 од Уставот, градот Скопје е само­стоен во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на неговата работа ја врши Републиката.

Со Законот за градот Скопје (“Службен весник на Репуб­лика Македонија” бр.55/2004) се уредува организацијата на градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа, надлежно­сти­те и финансирањето на градот Скопје и на општините во градот Скопје, употребата на јазиците на заедниците во градот Скопје и во општините во градот Скопје, соработката меѓу градот Скопје и општи­ните во градот Скопје, како и други прашања од значење за градот Скопје.

Во членот 10 од наведениот закон се утврдени надлеж­но­стите, односно работите од јавен интерес од локално значење за градот Скопје.

Според ставот 1 точка 1 алинеја 5 од овој член е уредено дека во рамките на планирањето и уредувањето на просторот градот ги утврдува стандардите и дава согласност за поставување на времени објекти, мебел и урбана опрема на подрачјето на градот Скопје.

Согласно членот 11 од овој закон, градот Скопје во вршењето на работите од својата надлежност донесува и обезбедува примена на единствената регулатива, се грижи за исто ниво на услуги и подеднаква достапност на граѓаните со примена на исти стандарди.

Во членот 15 од Законот, се утврдени надлежностите на општините во градот Скопје, односно работите од јавен интерес од локално значење на општините во градот Скопје и во рамките на овие надлежности, а кои се однесуваат на планирање и уредување на просторот во единицата на локалната самоуправа, единицата на локалната самоуправа издава одобрение за поставување времени објекти, мебел и урбана опрема.

Според членот 17 од наведениот закон општините во градот Скопје, во рамките на законот, во согласност со начелото на супсидијарност, имаат право на подрачјето на општината да ги вршат работите од јавен интерес од значење за општината што не се исклу­чени од нивната надлежност, што не се во надлежност на органите на државната власт или што не се во надлежност на органите на градот Скопје.

Според Судот, имајќи ја предвид уставната поставеност на градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа, чија организација се уредува со закон, како и утврдените надлежности согласно Законот за градот Скопје, произлегува дека во рамките на надлежностите, при планирање и уредување на просторот, градот Скопје утврдува стандарди и дава согласност за поставување на времени објекти, мебел и урбана опрема на подрачјето на градот Скопје. Утврдувањето на стан­дардите од страна на градот Скопје е со цел за обезбедување на единс­твена примена на исти стандарди од страна на единиците на локал­ната самоуправа кои го сочинуваат градот Скопје, а за издавањето на одобрението за поставување на времени објекти одлучува единицата на локалната самоуправа на чие подрачје се врши дејноста.

Судот, исто така утврди дека Советот на градот Скопје на седницата одржана на 15 март 2006 година донел Одлука за стандарди за поставување на времени објекти, мебел и урбана опрема на подрачјето на град Скопје бр.07-842/1 (“Службен гласник на град Скопје” бр.4/2006).

Со оваа одлука се уредуваат стандардите за поставување на времени објекти, мебел и урбана опрема на јавни пешачки повр­шини на подрачјето на град Скопје, постапката за давање согласност за поставување како и други прашања од значење за поставувањето на урбаната опрема.

Поради погореизнесеното, а не од причините наведени во иницијативата, Судот утврди дека општината Аеродром со донесувањето на оспорената одлука ги пречекорила законските овластувања и презела надлежност да уредува прашања кои согласно Законот за градот Скопје се во надлежност на градот Скопје, па поради тоа Судот оцени дека оспорениот акт не е во согласност со Законот за градот Скопје.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.40/2006
13 септември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи