34/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 јуни 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 36 став 4 од Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2006 и 22/2007).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.34/2007 од 18 април 2007 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот 36 став 4 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 36 став 4 од Законот за медијација, во рок од еден месец од формирањето на Комората на медијатори Комората, со согласност на министерот за правда, ќе донесе Тарифник за награда и надоместок по кој медијаторите ќе ја наплатуваат својата награда за извршените дејствија.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Репу-блика Македонија владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Законот за медијација, содржи 36 членови систематизирани во шест глави. Оспорениот член 36 став 4, според поставеноста во Законот се наоѓа во Главата VI со насов: „Преодни и завршни одредби“. Притоа во членот 36 од Законот се содржани повеќе законски рокови што се однесуваат, меѓу другото, на периодот во кој треба да се донесат повеќе разновидни акти (Програма за обука на медијатори, Кодекс за етичко однесување на медијаторот и Тарифник за награда и надоместок по кој медијаторите ќе ја наплатуваат својата награда за извршените дејствија). Законодавецот, во зависност од тоа за каков акт станува збор или пак кој е овластен за преземање на дејствијата (министерот за правда или пак Комората) во членот 36 од Законот определил рок од еден, два или пет месеци што течат од различни моменти.

Во конкретниот случај за донесување на Тарифник за награда и надоместок по кој медијаторите ќе ја наплатуваат својата награда за извршените дејствија, во оспорениот член 36 став 4 е предвиден рок од еден месец кој се смета од формирањето на Комората за медијатори, која пак го донесува Тарифникот со согла-сност на министерот за правда.

Вака определениот рок е поврзан со сега непостоечки основ, односно укинатио т член 24 став 5 од Законот, (Одлука на Уставниот суд У.бр.117/2006 од 1 ноември 2006 година), што ја прави оспорената одредба беспредметна, бидејќи престанала да постои одредбата на која овој рок се однесувал. Воедно, со вака настанатата состојба, според Судот, оспорената одредба го изменила својот карактер од преодна во материјална одредба и постои опасност истата да послужи како законски основ за донесување на Тарифник и покрај состојбата што во Законот не се содржани општи критериуми и параметри за определување на висината на трошоците за преземените дејствија на медијаторот во постапката за медијација.

Поради сето наведено, Судот оцени дека оспорената одредба не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7 . Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.34/2007
6 јуни 2007 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи