Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 15 септември 1999 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВААТ
а) член 10 став 4 од Законот за употребата на македонскиот јазик (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/98) и
б) член 14 став 6 од Правилникот за полагање лекторски испит (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/98 и 45/98);
II
Р Е Ш Е Н И Е
2. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на Деловникот за работа на Советот за македонски јазик, донесен на 12 февруари 1999 година.
3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Нада Галевска и други од Скопје со решение У.бр.33/99 од 28 април 1999 година, поведе постапка за оценување уставноста на член 10 став 4 од Законот за употребата на македонскиот јазик (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/98) и на член 14 став 6 од Правилникот за полагање лекторски испит (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/98 и 45/98) затоа што се постави прашањето за нивната согласност со член 9 став 2 и член 32 став 2 од Уставот. Судот исто така поведе постапка за оценување уставноста на Деловникот за работа на Советот за македонски јазик, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со член 52 од Уставот.
5. На седницата Судот утврди дека според член 7 став 2 од Законот лекторирањето може да го врши лице со завршени студии на Филолошкиот факултет – група македонски јазик и положен испит за лектор, како и лице со високо образование за македонски јазик со програма соодветна по обем и содржина на Програмата за групата македонски јазик и положен испит за лектор согласно со овој закон.
Во став 3 на член 7 од Законот е предвидено дека лекторирање без полагање испит за лектор може да врши и лице со научно звање доктор на науки во областа на македонистиката.
Според оспорениот член 10 став 4 од Законот, по исклучок од член 7 став 2 од овој закон, лекторирање и без полагање испит за лектор можат да вршат и поединци со особен придонес во областа на македонскиот јазик, што го определува Советот за македонски јазик. Инаку, Советот за македонски јазик е основан со овој закон и е составен од претседател и осум членови од редот на истакнати поединци од областа на културата, науката и образованието.
Судот исто така утврди дека според член 14 став 6 од Правилникот на лицата кои согласно член 10 став 4 од Законот за употреба на македонскиот јазик можат да вршат лекторирање без положен лекторски испит, на нивно барање им се издава уверение за признавање на лекторскиот испит, на образец бр. 3, кој е составен дел на овој правилник, најдоцна во рок од 30 дена од денот на поднесеното барање.
6. Според член 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 32 став 2 од Уставот секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.
Разгледувајќи го оспорениот член 10 став 4 од Законот и со него поврзаниот член 14 став 6 од Правилникот во контекст на означените уставни одредби, Судот оцени дека со член 10 став 4 од Законот едно стручно и општествено признание, кое неспорно може да се воспостави, се утврдува како услов за остварување на право на вработување на определено работно место, односно за вршење на определена професија, без притоа во законот да бидат утврдени условите за негово стекнување. Судот смета дека стекнувањето на општествено-стручни признанија не мора да биде условено со законски критериуми, туку со критериуми што ги утврдуваат стручни и општествени тела, но кога тие признанија се, како во случајов, услов за остварување на определени права утврдени со закон односно услов за достапноста на определени работни места, што се докажува со уверение, тие критериуми треба да бидат определени со закон. Отсуството на такви критериуми во член 10 став 4 од Законот ја прават таа одредба неопределена и затоа без критериум за еднаквоста на граѓаните во поглед на исполнувањето на условот “поединец со особен придонес во областа на македонскиот јазик”. Пренесувањето на тоа овластување на Советот за македонски јазик, без оглед на карактерот на тоа тело, всушност е пренесување на законската надлежност. Врз основа на изнесеното, Судот смета дека член 10 став 4 од Законот и член 14 став 6 од Правилникот не се во согласност со член 9 став 2 и член 32 став 2 од Уставот.
7. На седницата Судот утврди дека со Одлука за изменување и дополнување на Деловникот за работа на Советот за македонски јазик, донесена од Советот на 31.05.1999 година се укинати оспорените членови 11, 12 и 13 од Деловникот со што тој го губи карактерот на пропис, поради што Судот одлучи да ја запре постапката за оценување неговата уставност.
8. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во диспозитивот на одлуката и решението.
9. Оваа одлука и решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр. 33/99
15 септември 1999 година
С к о п ј е
ли.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков