288/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 април 1996 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ

а) членовите 1 и 2 од Одлуката за поништување на Одлуката за утврдување на општ интерес и определување на локација за изградба на бензиска пумпа на патот Струмица-Штип, бр.02-160/1, донесена од Собранието на Општина Струмица на 15 јуни 1995 година, и

б) Одлуката за определување на локација за изградба на безиска пумпа во Струмица бр.02-169/1, донесена од Собранието на Општина Струмица на 15 јуни 1995 година.

2, СЕ УКИНУВА Решението У.бр.257/95 и У.бр.288/95 за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на одлуките означени во точката 1 од оваа одлука, донесено од Уставниот суд на Република Македонија на 13 септември 1995 година.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Душко Лазаревски од Струмица, со решенијата У.бр.257/95 и У.бр.288/95 од 13 септември 1995 година и од 6 март 1996 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуките означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија и со член 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.

Воедно, со Решение од 13 септември 1995 година Судот го уважи барањето за изрекување на времена мерка и ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на актите означени во точката 1 од оваа одлука.

5. На седницата Судот утврди дека со Одлуката за утврдување на општ интерес и определување на локација за изградба на бензиска пумпа на патот Струмица-Штип, бр.02-455/1, донесена од Собранието на Општина Струмица на 15 октомври 1993 година, било утврдено дека е од општ интерес изградба на бензиска пумпа на наведениот пат и се определува локација за таа намена (КП бр.6396/1 и КП бр.6396/2), при што за инвеститор се определува Приватното претпријатие “Пирин” од Струмица.

Понатаму, со одлуката означена во точката 1 под а) од оваа одлука се поништува напред наведената одлука (член 1), при што се определува дека таа влегува во сила со денот на донесувањето (член 2), а со одлуката означена во точкат 1 под б) од оваа одлука се определува на истата локација (КП бр.6396/2) да се гради ист објект (бензиска пумпа), со тоа што за инвеститор се определува Приватното претпријатие “Национал” од Струмица.

6. Со член 54 став 1 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85,118/89, 38/90 и 62/93), кој важел во време на донесувањето на оспорените одлуки, се определува дека за места кои се надвор од населените места и за кои не е донесен урбанистички план, локација за изградба на стопански објекти, може да се издаде врз основа на општ акт на собранието на општината за објекти од општинско значење.

Согласно член 25 став 1 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96), кој е во сила од 1 февруари 1996 година, изградбата во населено место кое нема урбанистичка документација за населено место во општина, може да се врши, до нејзино донесување, под услови и на начин што со општ акт ќе ги утврди општината.

Од изнесените законски одредби произлегува дека општината има овластување да донесува општ акт со кој определува локација и други услови и начин на изградба на објекти, ако за локацијата нема план.

Со оглед на тоа што со член 1 од одлуката означена во точката 1 под а) и со одлуката означена во точката 1 под б) од оваа одлука се определува локација на место кое е урбанистички уредено за иста намена со Одлуката од 15 октомври 1993 година, Судот оцени дека тие не се во согласност со наведените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Според член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија прописите се објавуваат пред да влезат во сила.

Со оглед на тоа што со член 2 од одлуката означена во точката 1 под а) од оваа одлука се предвидува Одлуката да влезе во сила со денот на донесувањето односно пред да се објави, а не со или после објавувањето, Судот оцени дека таа оредба не е во согласност со означената уставна одрдба, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Со оглед на тоа што донесе конечан одлука, Судот согласно член 27 од Деловникот на Судот, одлучи да ја укине времената мерка.

9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

10. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талески и д-р Тодор Џунов. (У.бр.257/95 и 288/95).