195/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110, член 112 став 2 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 јуни 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 18 од Одлуката за критериумите, мерилата, начинот и постапката за остварување на правото на надоместок до висина на социјално заштитното ниво, донесена од Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.6/95) во делот кој гласи “а ќе се применува од 1-ви јануари 1995 година”.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весниик на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Гоце Симоновски од Битола, поведе постапка за оценување уставноста на членот 18 од одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека со оспорената одредба од член 18 од Одлуката се предвидува таа да влезе во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а да се применува од 1 јануари 1995 година.
Согласно член 52 став 1 и став 4 од Уставот, прописите се објавуваат пред да влезат во сила и не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните.
Во овој случај, Судот утврди дека Одлуката е објавена и влегува во сила наредниот ден од објавувањето, односно дека не е повредена обврската за објавувањето и влегувањето во сила на прописите.
Меѓутоа, Судот, исто така, утврди дека според истата оваа одредба, Одлуката ќе се применува наназад односно 30 дена пред нејзиното донесување и објавување, односно влегување во сила.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека во оспорената одлука е запазен принципот за објавување на прописите и општите акти пред нивно влегување во сила, меѓутоа, утврди дека со предвидувањето одлуката да се применува наназад, пред нејзиното објавување односно влегување во сила, кога решенијата содржани во неа не се поповолни за граѓаните, (правото на социјален надоместок се определува според вкупните примања на сите членови на семејното домаќинство, а не според примањата по член на домаќинство) се повредува начелото за забрана на повратното дејство на прописите, поради што одлучи како во точката 1 на оваа одлука.
5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.195/95).