180/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од
Уставот на Република Македонија и членот 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на
Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија”
бр.70/92), на седницата одржана на 19 март 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА:

– член 124 став 2 алинеја 2 од Статутот на Општина Охрид (Службен
гласник бр.3/96);

– член 121 став 2 од Статутот на Општина Битола (Службен гласник бр.
2/96);

– член 120 став 2 од Статутот на Општина Ресен (Службен гласник бр.
2/96) и

– член 127 став 2 од Статутот на Општина Струга (Службен гласник бр.
3/96) донесен на 15 мај 1996 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во
“Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена
иницијатива на Републичкиот одбор на месните заедници на Република Македонија,
со решение У.бр.180/96 од 18 декември 1996 година, поведе постапка за оценување
законитоста на одредбите од статутите наведени во точката 1 од оваа одлука,
затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Законот за
локалната самоуправа.

4. На седницата Судот утврди дека во член 124 став 2 од Статутот на
Општина Охрид, член 121 став 2 од Статутот на Општина Битола, член 120 став 2
од статутот на Општина Ресен и член 127 став 2 од статутот на Општина Струга е
предвидено дека контрола над финансиското работење на облиците на месна
самоуправа врши надзорниот одбор на советот на општината.

Во член 82 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на
Република Македонија” бр.52/95) е предвидено дека работите од член 81 на овој
закон се финансираат од: -средствата кои што единицата на локалната самоуправа
ќе им ги отстапи на месните заедници и другите облици на месна самоуправа
согласно со плановите и програмите за нивниот развој, – средства што граѓаните
непосредно ги здружуваат, – средства што ќе ги издвојат заинтересираните правни
и физички лица, – средства од надоместок за услуги и подароци и други
средства.

Тргнувајќи од наведената одредба со која се регулира прашањето за
финансирање на работата на месната самоуправа, единицата на локалната
самоуправа може да врши финансиска контрола на работата на месната самоуправа
меѓутоа таа контрола треба да се сведе на оние средства и за оние средства кои
се обезбедени од единицата на локалната самоуправа, а не и за другите средства
кои месната самоуправа ги обезбедила на друг начин.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај со оспорените одредби се
овозможува финансиска контрола од страна на единицата на локалната самоуправа
над сето финансиско работење на месната самоуправа а не само на контрола за
оние средства што и се отстапени од единицата на локалната самоуправа, Судот
смета дека на тој начин се задира во самостојноста на месната самоуправа,
поради што оцени дека оспорените одредби не се во согласност со наведените
законски одредби.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова
решение.

6. Ова решение, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-
р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р
Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талески и д-р
Тодор Џунов. (У.бр.180/96)