Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонијиа” бр.70/92), на седницата одржана на 6 март 1996 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА Одлуката за измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план на град Гостивар, донесена од Собранието на Општина Гостивар, на 14 јуни 1994 година, во делот што се однесува за постојниот објект на ул.”Кочо Зози” бр.93, сопственост на Ѓуровски Стојан.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива од Ѓуровски Љупчо и Ѓуровски Токи од Гостивар, со Решение У.бр.171/95 од 17 јануари 1995 година, поведе постапка за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за согласноста со член 32 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.
4. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се вршат измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за град Гостивар 08-1042/1 од 27 мај 1988 година. Измените и дополнувањата се прикажани во текстуалниот и графичкиот прилог, што е составен дел на оспорената одлука и се однесуваат на централното градско подрачје (станбени единици V и VI). Во постапката за донесување на планот од Собранието на Општина Гостивар е донесена Одлука за пристапување кон измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за град Гостивар, како и Одлука за ставање на јавна расправа на ревизијата на дел од Деталниот урбанистички план за централното градско подрачје, во фаза на нацрт на планот. По спроведената јавна расправа надлежниот орган – подрачната единица на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина за Гостивар составило извештај за прифатени и неприфатени забелешки и предлози на Нацрт на планот.
Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, со акт број 20-3710 од 10 јуни 1994 година дало согласност на Прдлог-планот за измена и дополнуивање на Деталниот урбанистички план на град Гостивар – централно градско подрачје (дел V и VI станбена единица), со забелешки кои требало да се вградат во планот при неговото донесување. Меѓудругото, под реден број 12 од забелешките е и забелешката дека на постојниот објект на ул.”Кочо Зози” бр.93, сопственост на Ѓуровски Стојан, во целост да се задржи постојниот објект и дворното место, а новопредвидената улица што преминува преку истата да се укине и остане само слепа сообраќајница до западната граница на дворното место. Истовремено на постојниот објект на северна страна да се предвиди доградба до границата на дворното место која ќе се спои со доградбатаа на северниот сосед.
Судот, исто така, утврди дека при донесувањето на Планот не е постапено по оваа забелешка на Планот.
5. Со член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85, 18/89 и 38/90) е предвидено дека нацртот на урбанистичкиот план задолжително се става на јавна расправа, која се организира од органот на управата надлежен за работите на урбанизмот, така што планот се изложува во месната заедница, а потоа, во рок од 15 дена се примаат забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти изразени во писмена форма. Во член 32 од Законот е определено дека урбанистичкиот план, пред донесувањето, задолжително се доставува на согласност до републичкиот орган надлежен за работите на урбанизмот. Според член 39 став 2 од истиот закон е пропишано дека измените и дополнувањата на урбанистичките планови се вршат на ист начин и постапка како и при донесувањето на тие планови.
Со оглед на тоа што надлежниот орган при давањето на согласноста на Планот ја дал согласноста со забелешки, меѓу кои и со забелешка која при донесувањето на Планот не е вградена, според мислењето на Судот, за овој дел на Планот нема согласност, поради што оцени дека овој дел од Планот не во согласност со член 32 од Законот.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.171/95)