169/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 19 ноември 1997 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Буџетот на град Скопје за 1997 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.5/97).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Виктор Алексов од Скопје, со решение У.бр.169/97 од 8 октомври 1997 година, поведе постапка за оценување законитоста на постапката за донесување на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со член 32 став 6 од Законот за локалната самоуправа.

4. Судот на седницата утврди дека според записникот од третата седница на Советот на град Скопје одржана на 21 март 1997 година, на седницата присуствувале 24 непосредно избрани членови на Советот.

На седницата биле присутни и членови на одделни совети на општините делегирани во Советот на град Скопје кои од страна на претседавачот биле известени дека можат да присуствуваат на седницата но дека немаат право да гласаат бидејќи сеуште не им бил верифициран мандатот во Советот на град Скопје.

При утврдувањето на дневниот ред било предложено да се дополни дневниот ред со нова точка – Верификација на мандатите на делегираните советници од општините на подрачјето на град Скопје, со образложение дека освен Општината Кисела Вода сите други општини ги делегирале своите советници и дека било крајно време нивните мандати да бидат верифицирани за да можеле рамноправно да се вклучат во работата на Советот на град Скопје.

Исто така било предложено да не се расправа за Буџетот на град Скопје меѓу другото и заради тоа да не се дојде повторно во ситуација да биде донесен акт за чие донесување било потребно мнозинство од вкупниот број на советници односно 20 советници.

Двата предлози не биле прифатени и тоа со 11 гласови “за” и 13 гласови “против”.

По утврдувањето на дневниот ред седницата ја напуштиле советничките групи на Социјалдемократскиот сојуз, на Социјалистичката партија, членот на Советот од ВМРО-Демократска партија и членот на Советот на ПДП-НДП со образложение дека несакале да сносат одговорност со учествување во одржувањето на една нелегитимна состојба која можела да има негативни консеквенци. Како причина е наведен фактот дека Општината Кисела Вода иако го конституирала Советот, сеуште немала делегирано двајца членови во Советот на град Скопје што претставувало индикатор дека немало волја тоа да се направи а со цел да се одржува состојба спротивна на закон.

Бидејќи на седницата останале да присуствуваат 13 членови на Советот што претставувало мнозинство од 25-те непосредно избрани членови, Советот продолжил со работа.

По претресот и по гласањето Буџетот на град Скопје бил донесен едногласно со 13 гласови “за” од 13 присутни членови на Советот.

5. Според член 32 став 6 од Законот за локалната самоуправа, статутот, буџетот и завршната сметка на буџетот на единиците на локалната самоуправа и деловникот на советот се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот.

Согласно член 12 од Законот за градот Скопје, доколку со одредбите на членовите 13 и 14 од овој закон поинаку не е определено, на организацијата и работата на органите на градот Скопје, соодветно се применуваат одредбите од член 24 до 53 од Законот за локалната самоуправа.

Според членот 13 од овој закон, советот на градот Скопје го сочинуваат 39 членови од кои 25 членови се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање во градот Скопје и по двајца членови од советите на општините од подрачјето на градот Скопје избрани од самите совети и со мандат од четири години.

Имајќи ги предвид наведените законски одредби произлегува дека буџетот на градот Скопје се смета дека е донесен ако за него гласале мнозинството од вкупниот број членови на советот односно дека гласале најмалку 20 членови на советот од вкупно 39 членови на советот на градот Скопје.

Со оглед на тоа што за оспорениот Буџет на град Скопје за 1997 година гласале само 13 членови на Советот, а согласно законските одредби е потребно да гласаат најмалку 20 членови на Советот, Судот оцени дека Буџетот не е донесен во согласност со Законот за локална самоуправа, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.169/97)