16/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 и член 112 од Уставот на Република Македониоја и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 мај 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВААТ Правилата на работодавецот за работните односи, донесени од Советот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија на 20 октомври 1994 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по поднесена иницијатива од Стево Димовски од Скопје поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со член 32 став 5 од Уставот и одредбите на Законот за работните односи.
4. Судот на седницата утврди дека со оспорените правила се уредуваат прашањата од работниот однос на вработените во Стручната служба на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија, а кои се однесуваат на: засновање на работен однос, распоредување на работното место, работно време, годишен одмор, отсуство од работа, работа ноќе, наплата на штета, надомест на штета на работникот, престанок на работниот однос, заштита на правата на работниците, привремени и повремени работи, работна дисциплина, материјална одговорност, заштита при работа, информирање на работниците, деловна тајна и органи кои одлучуваат за работните односи.
5. Според член 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Со член 1 став 1 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93) е утврдено дека со овој закон се уредува остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работниот однос, а под работен однос, согласно ставот 2 од овој чле, се подразбира договорен однос меѓу работникот и работодавецот, заради вршење на определени работи и остварување на правата и обврските од тој однос.
Според член 2 од Законот, работниот однос се уредува со овој или со друг закон и колективен договор, според член 3 став 1, работникот заснова работен однос добороволно на начин и под услови утврдени со закон и колективен договор, а според ставот 2 на овој член, работниот однос може да престане само на начин и под услови утврдени со закон.
Понатаму, со член 84 став 1 од Законот е утврдено дека со колективен договор се доуредуваат во согласност со закон и со други прописи, правата, обврските и одговорностите на работниците и на работодавецот од работедн однос, како и обемот и начинот на остварување на правата и обврските и другите одредби за прашања од интерес за работниците и работодавецот, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови. Колективниот договор, согласно став 2 од овој член на Законот, се применува непосредно и е задолжителен за организацијата на работниците и на работодавците кои го склучиле и за сите работници и работодавци во чие име договорот е склучен.
Колективниот договор, согласно член 87 од Законот, се склучува на ниво на Република, гранка, односно работодавец.
Според член 90 од Законот, на ниво на работодавец колективен договор склучуваат управниот одбор или друг соодветен орган на управување утврден со закон, односно со статутот на работодавецот, односно работодавецот и синдикатот.
Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби јасно произлегува, дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба, па според тоа и уредувањето и доуредувањето на остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работен однос, се предмет на уредување на закон и колективен договор.
При заземањето на ваков став, Судот ценеше дека правата и обврските на работодавецот конкретно се утврдени со Законот за работните односи, така што, од содржината на неговите одредби нема можност ниту се утврдува обврска да донесува посебен општ акт за уредување на работните односи, како што е оспорениот акт. Притоа, основот што е искористен за донесување на оспорените Правила, а тоа е членот 5 од Законот за работните односи, според кој правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземат или ограничат со акти и дејствија на работодавецот, не може да биде основ за донесување на наведените Правила, ниту пак, тие можат да бидат замена за колективниот договор што се склучува на ниво на работодавец, поради што Судот утврди дека тие не се во согласност со член 32 став 5 од Уставот и одредбите на Законот за работните односи.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7.Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.16/95).