154/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 февруари 1999 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за определување на услови за градба на објектот Средно медицинско училиште “Никола Штејн”, што треба да се гради во општината Тетово, донесена на 25 мај 1998 година од Владата на Република Македонија, а објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.25/98.

2. СЕ УКИНУВА Решението У.бр.154/98 од 23 декември 1998 година со кое се запрени од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на актот од точката 1 на оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Адили Муамет од Тетово со Решение У.бр.154/98 од 23 декември 1998 година поведе постапка за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 на оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96 и 28/97).

Истовремено, Судот ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземани врз основа на актот означен во точката 1 на оваа одлука до донесување на конечната одлука, заради спречување на настанување материјална штета и други тешко отстранливи штетни последици што би можеле да настанат со неговото извршување.

5. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија оспорената одлука ја донела врз основа на член 34 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96 и 28/97) и дека со неа се определуваат услови за градба на објектот Средно медицинско училиште “Никола Штејн” што ќе се гради во општина Тетово КО ” Тетово”, м.в. “Касарна” на дел од КП.бр.2020 и дел од КП.бр.2022, катастарска култура неплодно земјиште сопственост на Република Македонија – сегашен корисник РО за стопанисување со градски стадиони и други спортски објекти, а инвеститор е Министерството за образование и физичка култура на Република Македонија, како и се определува земјиште кое му припаѓа на објектот за неговата редовна употреба.

Составен дел на одлуката е графичкиот прилог – ситуација во М1: 500, кој не се објавува, а се наоѓа во Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина.

Судот, исто така, утврди дека за просторот на кој се однесува оспорената одлука не постои детален урбанистички план, но во важност е само Основниот урбанистички план (по сегашна терминологија – генерален урбанистички план) донесен со Одлука на Собранието на општината Тетово бр.08-3307 од 14.09.1990 год. во кој се дефинирани зони со заштитно зеленило, спорт и рекреација, градско јавно зеленило. Конкретната локација на училиштето се наоѓа во рамките на овие зони, а поконкретно во дел од зоната за спорт и рекреација – како зеленило, а не како објекти кои треба да се градат.

Судот, исто така, утврди дека локација за градба на средно медицинско училиште е предвидена и со Деталниот урбанистички план за ВИ станбена заедница Тетово, која што се наоѓа во непосредна близина на Медицинскиот центар Тетово. Имено, оваа локација е утврдена со Одлука за делумно усвојување на Деталниот урбанистички план за ВИ станбена заедница Тетово бр.08-283/4 од 28.05.1996 година донесена од Собрани- ето на општина Тетово, на седницата одржана на 27.05.1996 година. На истата седница, а под бр.08-283/3, Собранието на општината Тетово донело и Одлука за измени и дополнувања на Генералниот урбанистички план на град Тетово во делот од ВИ станбена заедница.

Меѓутоа, по повод иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за измени и дополнувања на Генералниот урбанистички план на град Тетово во делот од ВИ станбена заедница, Уставниот суд утврди дека на оваа одлука не е дадена согласност од Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, поради што согласно член 22 став 7 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање планот се смета дека не е донесен.

Од наведената фактичка состојба на работите по предметот произлегува дека за изградба на средното медицинско училиште во Тетово моментално се предвидени две локации и тоа едната со Деталниот урбанистички план за ВИ станбена заедница, а другата – со оспорената одлука на Владата на Република Македонија во В станбена заедница и дека помеѓу Деталниот и Генералниот урбанистички план за ВИ станбена заедница постои неусогласеност, со оглед дека со Деталниот урбанистички план за овој дел од градот Тетово е предвидена локација за изградба на училишна зграда на Средното медицинско училиште “Никола Штејн” – Тетово, а додека со Генералниот урбанистички план е предвидена содржина од отворени спортски објекти.

6. Во членот 2 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, простор- ното и урбанистичкото планирање е дефинирано како континуиран процес кој се обезбе- дува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички плано- ви кои меѓусебно се усогласуваат.

Со член 4 од истиот закон е предвидено дека со просторното и урбанистичкото планирање се обезбедува порамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот, условите за хумано живеење и работење на граѓаните, како и се предвидуваат мерки за заштита и унапредување на животната средина и природата, заштита од воени разурнувања, од природни и технолошки непогоди.

Понатаму, според член 10 став 2 од Законот, генералниот урбанистички план содржи особено: намена на земјиштето и функционална организација на подрачјето опфатено со планот, со граници на опфатот на урбаното подрачје, решенија за генерални водови и објекти на сообраќајна и друга инфраструктура, основни услови за изградба на станбени, стопански, јавни, спортско-рекреативни и други објекти, градежни и регулаци- они линии и т.н., а додека според член 51 став 1, кој спаѓа во групата на преодни одредби од овој закон, основните урбанистички планови донесени пред влегувањето во сила на овој закон, се применуваат како генерални урбанистички планови, до нивното усогласување со овој закон.

Согласно член 17 од Законот, плановите се изработуваат во две фази: нацрт на план и предлог на план, при што по нацартот на планот задолжително се организира стручна расправа со учество на претставници на органите и организациите од подрачјето опфатено со планот, а додека по нацртот на деталниот урбанистички план на населеното место во општината се спроведува јавна анкета. Исто така, и изменувањата и дополнувањата на урбанистичките планови согласно член 20 став 1 се вршат по иста постапка за нивно донесување, а според членот 19 од Законот по нацртите на плановите се врши и стручна ревизија од страна на стручно научна институција или комисија што ги определува министерот надлежен за работите на урбанизмот.

Од изнесените одредби на Законот произлегува дека просторните и урбанистичките планови се документ од посебно значење за уредувањето и користењето на просторот и за животот и работата на граѓаните, поради што Законот пропишува и посебен режим односно посебна постапка и услови за нивно донесување, како и за нивно изменување и дополнување.

Во член 34 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање се утврдува дека “по исклучок за простори вон населено место за кое е донесен просторен план или во населено место за кое е донесен генерален урбанистички план, а не е донесен детален урбанистички план, услови за градба на објект од јавен интерес утврден со закон и за стопански објекти од значење за Републиката можат да се определат со акт на Владата на Република Македонија”.

Од означената законска одредба произлегува дека овластувањето од член 34 од Законот, Владата може да го користи само ако е донесен просторен или генерален урбанистички план, а не е донесен детален урбанистички план, и ако се работи за објект од јавен интерес или за стопански објект од значење за Републиката.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај за просторот што го опфаќа оспорената одлука не е донесен детален урбанистички план, а е донесен генерален урбанистички план со кој овој простор е предвидено да се користи за зеленило, спорт и рекреација, а не за изградба на училишна зграда, Судот го оценуваше прашањето дали Владата може да го применува член 34 од Законот и да утврдува услови за градба на објекти независно од решенијата содржани во генералните урбанистички планови, и утврди дека тоа не произлегува ниту од суштината на членот 34 ниту од концепцијата на самиот закон со кој е утврден системот на просторното и урбанистичкото планирање. Исто така, оцени дека членот 34 треба да се толкува поврзано со другите законски одредби, кои ја изразуваат целта и суштината на урбанистичкото планирање.

Имено, и од суштината, а и од самата формулација на членот 34 произлегува дека актот на Владата донесен во случаите предвидени во овој член треба да биде во согласност со генералниот урбанистички план затоа што и во самиот член 34 донесувањето на овој акт е условено со постоење на генерален урбанистички план, а овој услов, според мислењето на Судот, има смисла доколку ја обврзува Владата ова свое овластување да го реализира во рамките на овој плански документ.

Од друга страна, ако се имаат предвид особено членовите 2, 4, 5 став 1 алинеја 15 и членовите 7, 10, 11, 31 и 35 произлегува дека целите и функциите на просторното и урбанистичкото планирање е обезбедување на порамномерен просторен развој и рационално уредување и користење на просторот, како и обезбедување услови за хумано живеење и услови за работа на граѓаните, дека овие цели и функции се обезбедуваат првенствено преку изработување, донесување и спроведување на сите видови просторни и урбанистички планови предвидени во член 7 од овој закон, чија што содржина односно елементи, децидно се утврдени од членовите 8 до 12 на истиот закон, и дека за обезбедување на овие цели и функции неминовно е просторните и урбанистичките планови меѓусебно да се усогласени, на што посебно обврзува член 2 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање.

Оттука, одлуката на Владата, која е на ниво на детално планирање, со оглед дека таа се донесува за населено место односно за дел од населено место за кое е донесен генерален урбанистички план, а не е донесен детален урбанистички план, не може содржински да го дезавуира генералниот урбанистички план, во ниту една негова одредба, туку само може и треба да ги утврди односно замени оние елементи односно услови за градба што треба да ги содржи деталниот урбанистички план, кој за населеното место односно дел од населеното место на кое во даден момент постои потреба од изградба на објект од јавен интерес не е донесен во регуларна постапка. Значи актот на Владата, кој во случаите од членот 34 го заменува односно надоместува деталниот урбанистички план, во секој случај треба да произлегува од генералниот урбанистички план и со него не може да се менува содржината на тој план, затоа што се работи за ист простор кој со овие два плана е разработен на различни нивоа. Имено, генералниот урбанистички план просторот го третира во поголеми размери, односно тој обезбедува хармонизација на односите на пошиороко подрачје и тој е оној што го штити општиот интерес и утврдува основни услови, односно насоки за користење на тој простор, а додека деталниот урбанистички план ги дефинира елементите на генералниот урбанистички план во онаа размера што овој план не можел да ги дефинира со оглед на размерот на планирањето, така што сите елементи односно услови за градба се дефинираат во деталните урбанистички планови, без кои практично неможат да функционираат односно да се реализираат генералните урбанистички планови. Ова со други зборови значи дека овластувањето на Владата од член 34 може да се реализира само како допрецизирање и доразработување на рамковните претпоставки кои се дадени за намената на просторот со генералниот урбанистички план.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека оспорената одлука на Владата не е донесена во функција на определување услови за изградба на објект, туку значи предвидување изградба на објект надвор од Генералниот урбанистички план на град Тетово во делот од В станбена заедница со што се врши изменување на тој план надвор од постапката пропишана со Законот за просторното и урбанистичко планирање.

Со оспорената одлука, според мислењето на Судот, исто така, се доведува во прашање и спроведувањето на самиот Генерален урбанистички план и тоа во однос на неговата определба просторот што го опфаќа оваа одлука да се користи за зеленило, спорт и рекреација, а не за изградба на училишна зграда, на кој начин се негираат и целите и функциите за кои е донесен овој план, во што сигурно не се состои суштината на овластувањето на Владата утврдено во членот 34 од Законот за просторното и урбанистичко планирање.

7. Со оглед на тоа што донесе конечна одлука по оспорената одлука, Судот одлучи да го укине решението со кое беа запрени од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на таа одлука.

8. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

9. Ова одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.154/98
10 февруари 1999 година
С к о п ј е
ат.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков