143/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 декември 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за паркиралиштата бр.08-4072/1, донесена од Собранието на град Скопје на 29 декември 1993 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.15/93 и 1/94).

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на град Скопје”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Акционерското друштво тутунски комбинат “Благоја Деспотовски-Шовељ” од Скопје, со Решение У.бр.143/94 од 19 октомври 1994 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето дали градот Скопје има уставен и законски основ да уредува прашања во врска со користењето на паркиралиштата во градот кои како такви се добра во општа употреба.

4. Собранието на град Скопје, во одговор на наводите од решението за поведување постапка, наведе дека паркиралиштата во населените места не претставуваат добра во општа употреба од надлежност на Републиката, туку се сообраќајни површини од чие користење и надзор градот Скопје остварува приход, поради што градот требало да ги уредува односите во врска со паркиралиштата.

5. На седницата Судот утврди дека со Одлуката се уредуваат условите, начинот и постапката за давањето и користењето на паркиралиштата во градот.

Врз основа на Одлуката, распишан е оглас на 16 јуни 1994 година и прибрани се писмени понуди за стопанисување со 22 паркиралишта во Скопје, кои потоа се распределени на определени правни лица, иако тие паркиралишта имале свои корисници и кои што стопанисуваат со нив, а покрај тоа дел од тие паркиралишта се наменети за користење од соодветни објекти.

6. Во член 56 став 1 од Уставот на Република Македонија се определува дека добрата во општа употреба се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита, а во ставот 3 од истиот член на Уставот се утврдува дека со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Во член 1 став 1 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 18/89 и 21/91) се пропишува дека со овој закон се уредуваат условите и постапката за користење на градежното земјиште, при што под користење, според ставот 2, се подразбира уредување и употреба, а под градежно земјиште, според член 2 став 1, се подразбира изградено и неизградено земјиште во градовите и во населбите од градски карактер. Со член 4 од Законот се утврдува дека работите на уредувањето и употребата на градежното земјиште се дејност од јавен интерес, а во член 9 став 1 од Законот се определува дека градежното земјиште е на Републиката.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека добрата во општа употреба претставуваат добра од општ интерес за Републиката и како такви уживаат посебна заштита, па со закон се уредуваат начинот и условите под кои тие можат да се даваат на користење. Од изнесените законски одредби произлегува, исто така, дека земјиштето во градовите и населбите од градски карактер, и изграденото и неизграденото, е на Републиката, како и тоа дека работите на уредувањето и употребата на тоа земјиште се дејност од јавен интерес и најпосле дека условите и постапката на користењето на градежното земјиште се определуваат со закон.

Со оглед на тоа што со оспорената одлука се уредуваат прашања во врска со користењето на паркиралиштата, кои како добра во општа употреба се дел од изграденото градежно земјиште кое е на Републиката и чие користење се уредува со закон, Судот оцени дека Одлуката не е во согласност со означените уставни и законски одредби.

7. При одлучувањето за видот на Одлуката што Судот ја донесе, Судот утврди дека се исполнети условите предвидени во член 73 од Деловникот на Судот за донесување на одлука за поништување на Одлуката за паркиралиштата.

8. Што се однесува до наводите во одговорот на доносителот на оспорената одлука дека комуналната такса за паркирање е приход на Градот, дека користењето на паркиралиштата е дејност од интерес на Градот и дека Градот врши надзор над користењето на паркиралиштата, Судот смета дека тие овластувања за Градот не значат дека Градот може да уредува односи во врска со користењето на тие објекти, од причини изнесени понапред.

9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.