14/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 16 јуни 2004 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 14 став 1 алинеја 2 во делот “при што приоритет имаат наставници кои живеат во град, а работат подолго на село” од Колективниот договор за основно образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.65/1995).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Ристо Иванов од Стојаково со Решение У.бр.14/2004 од 7 април 2004 година поведе постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 110 став 1 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во членот 32 став 2 од Уставот на Република Македонија е утврдено дека секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место. Во ставот 5 од истиот член е предвидено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно член 51 став 1 од Уставот на Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно уставните одредби остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во членовите 66 и 67 од Законот за основно образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/1995) се утврдени условите за вршење на воспитно-образовната дејност во основното образование и тоа за учители и наставници по одделенска и предметна настава.

Согласно член 27 став 2 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 53/1997, 59/1997, 21/1998, 25/2000, 34/2000, 3/2001, 50/2001, 25/2003 и 40/2003), во случаи утврдени со колективен договор работникот може да биде распореден на секое работно место кое одговара на неговиот степен на стручна подготовка.

Според членот 84 од Законот за работните односи со колективниот договор во согласност со закон и со други прописи, се доуредуваат правата, обврските и одговорностите на работниците и на работодавецот од работен однос, како и обемот и начинот на остварување на правата и обврските и другите одредби за прашања од интерес за работниците и работодавецот, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови.

Според член 86 од овој закон, колективен договор не може да содржи одредби со кои на работниците им се утврдуваат помали права или понеповолни услови за работа од правата и условите утврдени со закон, а ако содржи такви одредби се применуваат соодветните одредби од законот.

Во оспорениот член 14 став 1 точка 2 од Колективниот договор за основно образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.65/1995) работникот во текот на траењето на работниот однос, според потребите на процесот на работа може да биде распореден на друго работно место во дејноста кое одговара на неговиот степен на стручна подготовка, квалификација, односно способност, меѓу другото и ако работното место на кое се распоредува работникот е слободно, односно упразнето (при што приоритет имаат наставници кои живеат во град, а работат подолго на село).

Тргнувајќи од посебното уставно значење и карактер на воспитно-образовната дејност, постои уставна можност со посебен закон да се пропишат условите под кои може да се изведува воспитно-образовната дејност во основното образование, а во тие рамки да се утврдат и одредени критериуми за определување на приоритети, меѓу другото, и при распоредување на работник.

Меѓутоа, разгледувајќи ја оспорената одредба од Колективниот договор, фактот дека приоритет им се дава само на една категорија на работници, а тоа се наставниците, а не и на другите професии како што се стручни работници и воспитувачи, Судот утврди дека со неа одредена категорија на работници се доведува во нееднаква положба што е спротивно на член 9 став 2 и член 32 став 2 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.14/2004
16 јуни 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова